Владата го раскина договорот за „Казандол“


Скопје, 27 март, 2018 - 16:54 (META) 

На денешната 61. седница, Владата донела одлука за едностран раскин на договорот за рудникот „Казандол“, информираше премиерот Зоран Заев на прес-конференција попладнево.

Тој, напоменувајќи дека Владата е посветена на економскиот раст, но посебно на заштита на здравјето на граѓаните од општините Валандово, Богданци и Дојран, рече дека е донесена одлука еднострано да се раскине договорот за концесија со компанијата „Сардич ДООЕЛ увоз-извоз„ Скопје, бидејќи не е исполнет условот во рок од две години од доделувањето на концесијата да се изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да експлоатира најмалку 50 проценти.

Договорот е потпишан од претходната влада, на 22 јули 2015 година.

– Тоа е услов во јавниот повик и тендерската документација. Оваа одлука за раскинување ќе влезе во сила наредниот ден од денот на објавување во „Службен весник“ – рече Заев.

Прашан за најавите за тужба и обештетување од 380 милиони евра, односно за финансиската штета за државата, Заев рече дека одлуката е донесена оти не е исполнет специјалниот услов што е ставен во јавниот повик.

– Ако не постоел тој услов, веројатно можеле да се јават и други концесионери. И тој услов е дел од договорот. Прекршувањето на ваквите посебни услови е апсолутно сериозно прекршување на договорот и Македонија, ако не го раскине договорот, може да биде тужена од секој концесионер што можел да ја добие концесијата. Ние ги разгледавме сите аспекти и Владата и Министерството за економија нема како да постапат поинаку – рече Заев.


EДС на Анѓушев бара спогодбено раскинување на договорот со МЕПСО


Скопје, 5 октомври, 2017 - 12:52 (META) 

Компанијата „Енерџи деливери солушн“ (ЕДС) побара спогодбено раскинување на договорот со МЕПСО за испорака на електрична енергија за покривање на загубите во електропреносниот систем на Македонија потпишан во декември 2016 година.

Во барањето доставено од компанијата до МЕПСО, стои дека причина за барањето е избегнување на секаков можен сомнеж за судир на интерес по назначувањето на сопственикот на компанијата, Кочо Анѓушев, за вицепремиер задолжен за економски прашања.

„Поради перцепцијата во јавноста дека функцијата заменик-претседател на Владата и позицијата доминантен сопственик во компанијата која испорачува, односно продава електрична енергија на акционерско друштво во државна сопственост, како што е МЕПСО, претставува судир на интерес, бараме договорот да биде спогодбено раскинат и ЕДС ДОО Скопје да биде ослободен за испорака на електрична енергија за ноември 2017 година“, стои во барањето на компанијата доставено до МЕПСО.