!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тевдовски: Целта на ребалансот на буџетот е да се намалат непотребните трошоци


Скопје, 17 јули, 2017 - 13:20 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешната расправа за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека основнa цел на ребалансот e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

– Ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет. Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања. Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, за кои, ако се раскинат, државата ќе треба да плаќа пенали – изјави Тевдовски.

Тој додаде дека кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.

Вкупните приходи на буџетот се ревидирани за 1,5 процент надолу, односно за 2,87 милијарди денари.

– Ова ревидирање на проекциите кај приходната страна на буџетот е резултат на намалување на приходите на основниот буџет во согласност со реализацијата во изминатите шест месеци и со очекувањата до крајот на годината. На расходната страна на буџетот, сериозно намалување е направено на расходите наменети за стоки и за услуги, кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот. Од оваа ставка се направени кратења на сите непродуктивни трошоци на владата и на институциите наменети за патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирања – појасни Тевдовски.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година. Во согласност со тоа, потребата за финансирање изнесува 36,92 милијарди денари.

Тевдовски рече дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбедат преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и од депозитот пренесен од минатата година.

Инаку, денеска на Комисијата за финансирање и буџет почна расправата за ребалансот на буџетот. До Комисијата пристигнале 840 амандмани, од кои најмногу, 706, поднела ВМРО-ДПМНЕ, а другите 134 амандмани се од партии од албанскиот политички блок.


Грција со суфицит од 4,4 милијарди евра во минатогодишниот буџет


Атина, 17 јануари, 2017 - 12:23 (META) 

Грција ја заврши 2016 година со суфицит од 4,4 милијарди евра според првичните информации од грчкото министерство за финансии.

Суфицитот во грчкиот буџет, според податоците на министерството, е за 2,4 милијарди поголем од предвидениот за изминатата година. Според првичните пресметки, трошоците од владиниот буџет од јануари до декември 2016 година биле 55,153 милиони евра иако за расходи биле предвидени за 817 милиони евра.

Владата, сепак, трошела повеќе од претходната 2015 година, и тоа најмногу за финансиска помош за пензионерите, ранливите социјални групи и за многудетните семејства. Грчката влада издвоила 81 милион евра за справување со бегалската криза и за помош на илјадниците бегалци низ центрите во земјата.

Во 2015 година, Грција оствари буџетски суфицит од 2,27 милијарди евра, а целта договорена со кредиторите беше да има суфицит од 1,9 милијарди евра.


Општина Гостивар ќе има буџет околу 18 милиони евра во 2017 година


Гостивар, 27 декември, 2016 - 16:00 (META) 

Oпштинската каса на Гостивар за наредната година ќе тежи 1.098.684.000 денари или околу 18 милиони евра. Советот на Општината го усвои буџетот на денешната седница со мнозинство гласови и без многу расправа.

Според објаснувањето што го дадоа од секторот за финансии, буџетот најмногу ќе се полни од трансфери и од дотации, кои во вкупните приходи учествуваат со 64 проценти. По нив следуваат средствата од даноци со 20,9 проценти, во кои влегуваат данокот на имот, данокот на доход и други.

– Што се однесува до расходите, 52,3 проценти отпаѓаат на плати и на надоместоци, додека за капитални инвестици се предвидени 23,5 проценти од вкупните расходи. Во буџетот се предвидени и пари за трошоци наменети за локалните избори што ќе се одржат наредната година и тоа во висина од 5,7 милиони денари. Во капиталните расходи, 30 милиони денари се наменети за првата фаза од изградбата на новиот градски плоштад во Гостивар – изјава Фиторе Алигега од секторот за финансии на Општина Гостивар.

Споредено со 2016 година, буџетот на Општина Гостивар за наредната година е зголемен за повеќе од 5 милиони денари.

Годинешниот буџет, според анализите на секторот за финасии, има реализирација од 91 процент. На дневен ред на денешната седница се најдоа и општинските програми за образование, спорт, култура, социјала, како и програмите за работа на јавните претпријатија за наредната година.


Собранието на Србија го донесе буџетот за 2017 година


Белград, 10 декември, 2016 - 13:52 (META) 

Пратениците на Собранието на Србија денеска го изгласаа буџетот за 2017 година, со кој се предвидува дефицит од 1,7 проценти од домашниот бруто-производ за кој владата тврди дека е најнизок во современата историја на Србија, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Буџетот е проектиран така што домашниот бруто-производ ќе биде три проценти, а инфлацијата ќе изнесува 2,4 проценти.

Со предложениот буџет, предвидени се приходи од 1.092,9 милијарди динари (околу 8,8 милијарди евра) и расходи од 1.162 милијарди динари (околу 9,4 милијарди евра), со што дефицитот изнесува 69,1 милијарди динари (околу 562 милиони евра).

За време на расправата во парламентот, премиерот Александар Вучиќ изјавил дека буџетот предвидува цврсто и стабилно финансирање и дека станува збор за најреален буџет.

Претставниците на опозицијата за време на расправата изнеле низа критики, забележувајќи, меѓу другото, дека на пратениците им биле оставени само 48 часа да го проучат предлог-буџетот, документ кој имал 1.300 страници.

Според економистот Милан Ковачевиќ, главна мана на предложениот буџет за 2017 година е тоа што премногу пари се земаат од народот за државната каса.


Владата на Србија им даде 48 часа на пратениците да го проучат предлог-буџетот од 1.300 страници


Белград, 4 декември, 2016 - 16:21 (META) 

Српското собрание денеска попладне ја почна седницата на чиј дневен ред е предлог-буџетот за 2017 година, кој, според тврдењата на владата, предвидува најнизок дифицит „во современата историја на земјата“.

Со предложениот буџет, предвидени се приходи од 1.092,9 милијарди динари (околу 8,8 милијарди евра) и расходи од 1.162 милијарди динари (околу 9,4 милијарди евра), со што дефицитот изнесува 69,1 милијарди динари (околу 562 милиони евра). Проектираната инфалција за 2017 година изнесува 2,4 отсто.

Претставниците на опозицијата на седницата изнесоа низа критики забележувајќи, меѓу другото, дека на пратениците им се оставени само 48 часа да го проучат предлог-буџетот, кој е на речиси 1.300 страници.

Министерот за финансии, Душан Вујовиќ, на ова одговори дека владата не можела да го достави предлог-буџетот во законскиот рок во собранието поради аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

На комисијата за финансии, Вујовиќ истакна дека јавните финансии се унапредени во претходните две години и дека за 2017 година е планиран економски пораст од 3 отсто. Тој оцени дека Србија е на добар пат на дојде до одржливо ниво на јавниот долг и на дефицитот и дека понатамошното штедење би било контрапродуктивно за економскиот пораст.

Претседателот на фискалниот совет, Павле Петровиќ, предупреди дека делот во предлог-буџетот кој се однесува на субвенциите за странските инвеститори не е доволно транспарентен.

Според економистот Милан Ковачевиќ, главна мана на предложениот буџет за 2017 година е тоа што премногу пари се земаат од народот за државната каса.


ВМРО-ДПМНЕ потрошила 6 пати повеќе пари во кампањата од пријавените приходи


Скопје, 2 декември, 2016 - 11:55 (META) 

Државната изборна комисија ги објави финансиските извештаи на политичките партии од почетокот на изборната кампања до 30 ноември, кои партиите, според предвидениот рок, вчера ги доставија до ДИК, Државниот ревизор и до Државната комисија за спречување на корпуција (ДКСК).

Од извештатите на политичките партии, најинтересен е финансискиот извештај на владејчката ВМРО-ДПМНЕ, кој е за периодот од 21 до 30 ноември 2016 година и според кој, оваа партија има далеку поголеми трошоци од приходите што ги пријавила. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, уште четири други партии имаат негативни салда, односно непокриени расходи.

Според извештајот, ВМРО-ДПМНЕ пријавила вкупни приходи од 7.431.579 денари, додека вкупните расходи ѝ се шестпати поголеми и изнесуваат вкупно 43.961.384 денари, односно владејчката партија има непокриени расходи од вкупно 36.626.805 денари. Тоа е разликата од пријавените приходи и пријавените расходи.

Владејачката партија, според извештајот, пријавила дека сите приходи ѝ се од донации, а сумата на приходи од други извори изесува нула денари.

Најмногу пари од донации, кои се и единствените приходи што ги пријавила ВМРО-ДПМНЕ, партијата потрошила за реклами и за пропаганда – 28.381.279 денари, за транспортни услуги – 3.382.500 денари, за сметководствени услуги – 30.750 денари, за услуги за копирање, печатење и за издавање предизборни материјали – 7.219.759 денари, за изнајмување простор и опрема – 3.043.576 денари и за други услуги – 1.903.520 денари.

Најголемата опозициска партија СДСМ со коалиционите партии пријавила вкупни приходи од 32.922.717 денари. Од нив 9.581.017 денари биле од донации, а 23.341.700 од други извори на финансирање, односно од членарина.

Вкупните расходи, според извештајот на СДСМ, изнесуваат 19.683.894 денари. Сите пари од донации, односно 9.581.017 денари, според СДСМ, отишле за реклама и за пропаганда, додека од приходите од членарина опозициската партија потрошила вкупно 10.102.877 денари. Од нив најмногу биле потрошени за реклама и за пропаганда – 8.195.252 денари, за изнајмување простор и опрема – 1.712.475 денари, за провизија за платниот промет – 10.763 денари, за судски и правни услуги – 600 денари и 1.180 денари за други услуги.

Според извештајот, СДСМ е во позитива од 13.238.823 денари, односно опозициската партија потрошила помалку пари од тие што ги собрала како приходи од донации и од други извори на финансирање.

Од партиите од албанскиот блок, Демократската партија на Албанците (ДПА) од донации пријавила вкупно 602.000 денари, а од други извори не пријавила приходи. Од нив, за реклама и за пропаганда партијата потрошила 362.266 денари, за изнајмување простор и опрема – 70.800 денари, за провизија за платниот промет – 774 денари, односно вкупните расходи на ДПА, според нивниот извештај, изнесуваат 433.840 денари, а разликата во приходите и во расходите изнесува позитивни 168.161 денари.

Владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ), пак, во извештајот навела дека има вкупен приход од донации во износ од 6.880.750 денари и 1 милион денари останати приходи. За реклами и за пропаганда партијата на Али Ахмети потрошила 4.715.050, за интелектуални услуги – 618.000 денари, за провизија за платен промет – 1.045 денари.

Вкупните расходи на ДУИ изнесуваат 5.336.095, односно партијата има позитивна разлика меѓу приходите и расходите од 2.544.655 денари.

Инаку, Демократската бошњачка партија во финансискиот извештај нема доставено висина на приходи и на расходи.

Коалиција за промени и правда – Трет блок пријавила вкупни приходи од 1.448.300 денари, а вкупни расходи од 1.559.635 денари, односно оваа коалиција има непокриени расходи од 111.335 денари.

Партија за демократски просперитет (ПДП) не пријавила приходи, но пријавила расходи во износ од 262.761 денари, кои ѝ се непокриени.

Либералната партија имала вкупни приходи од 436.000 денари, а вкупни расходи од 477.811 денари, што значи дека партијата има непокриени расходи од 41.811 денари.

Беса пријавила вкупни приходи од 4.153.750 денари, а имала расходи од 4.725.217 денари, што е негативно салдо од 571.467 денари.


Тачи вети рамноправна распределба на буџетот за сите граѓани


Охрид, 28 ноември, 2016 - 20:58 (META) 

Лидерот на ДПА Мендух Тачи на вечерашниот митинг во Охрид ги повика Албанците да гласаат за промена на власта бидејќи владејачката албанска партија ДУИ не постигнала резултати.

– Преку нашата партиска платформа се залагаме за рамноправна распределба на буџетот, сметаме дека Албанците добиваат само два до три отсто од него. Тоа не значи дека парите ќе се трошат за пушки против Македонците, туку за еднакви услови за живот за сите во земјата – рече лидерот на ДПА.

Тачи вети дека ДПА ќе се залага за намирување на дел од долговите на граѓаните кон државата, преку намалување на луксузните расходи на функционерите.

– Кратењето на репрезентациите на владејачките функционери ќе остави доволно пари за да се намират долговите на граѓаните, притоа мислам на личните долгови, а не манипулативните – рече Тачи.


Минатата година 21,5 отсто од граѓаните биле сиромашни


Скопје, 28 октомври, 2016 - 15:38 (META) 

Стапката на сиромашни лица во Македонија во 2015 година изнесувала 21,5 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 22,8 отсто.

Стапката на сиромашни вработени лица е 9 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 7,2 проценти.

Коефициентот „џини“ (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 33,8 проценти.

Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.

Државниот завод за статистика го пресметува индексот врз основа на податоците од анкетата за приходи и услови за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија.


Миноски: Со буџетот за 2017 година предвидувме економски пораст од 3,4 отсто


Скопје, 17 октомври, 2016 - 13:50 (META) 

Со предлог-буџетот за 2017 година, проектиравме умерено забрзан економски пораст од 3,4 проценти. Спроведувањето на парламентарните избори и решавањето на политичката крза ќе имаат позитивно влијание врз домашните компании, зголемување на инвестициите, потрошувачката, но ќе бидат и позитивен сигнал за странските инвеститори.

Ова го истакна министерот за финансии, Кирил Миноски, образложувајќи го предлог-буџетот пред пратениците.

– Економскиот пораст очекуваме да биде придвижен и од извозот на стоки и на услуги, за кој проектираме 6 проценти. Порастот на извозот придонесува понатамошно подобрување на структурата и зголемување на извозот на производи и на услуги со висока додадена вредност – додаде Миноски.

Со овој буџет, според Миноски, се гарантираат навремено исплаќање на плати и на пензии, социјална помош, како и редовно сервисирање на обврските на државата.

За следната година, 51,2 милијарди денари се наменети за исплата на пензии и во тие средства е пресметано предвиденото зголемување на пензиите за пет проценти. Социјалните трансфери се проектирани на 92,7 милијарди денари, почнувајќи од ноемвриската пензија, која ќе се исплати во декември 2016 година.

Увозот, ќе се зголеми за 4,7 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да остварат реален пораст од 4,5 проценти.

Капиталните инвестиции се планирани во износ од 26,95 милијарди денари, што се за 27 проценти или за 4,62 милијарди денари повисоки од лани.


Почна собраниската расправа за предлог-буџетот за 2017 година


Скопје, 17 октомври, 2016 - 13:24 (META) 

Почна расправата за предлог-буџетот за 2017 година, кој изнесува 3,35 милијарди евра. На седницата се присутни и пратениците на опозицијата.

Предлог-буџетот пред пратениците го образложува министерот за финансии, Кирил Миноски.

Со овој буџет, вкупните приходи се планирани на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година. Вкупните расходи се на ниво од 206,22 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од домашниот бруто-производ, односно 18,6 милијарди денари.

Според опозицијата, овој буџет е неразвоен и проектира нов дефицит и долгови од 305 милиони евра.

По комисиската расправа, која траеше десет дена, поднесени се 422 амандмани, од кои 250 поднесе ДПА, а 172 амандмани се поднесени од СДСМ.