Ќе се расчистуваат дивите депонии на националниот парк Галичица


Охрид, 4 септември, 2018 - 14:11 (META) 

Директорот на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски, најави проект во соработка со националниот парк „Галичица“, за расчистување на бројните диви депонии на потегот околу селото Рамне како и на патот за селото Велестово.

„Во преговори сме со раководството на националниот парк „Галичица“ да изработиме еден заеднички проект за расчистување околу селото Ремне како и на патот за селото Велестово, бидејќи и до нас стигнуваат голем број реакции. Но, ние како јавно претпријатие не можеме без налог на Националниот парк или без заедничка соработка да ја извршиме таа услуга“, вели Љупчо Грданоски в.д. директор на ЈП „Охридски комуналец“.

Бројот на дивите депонии е во пораст и во самото градско подрачје. Жителите на улицата „Јордан Мијалков“ со години мака мачат со депонијата од градежен шут. Грданоски објасни дека забраната за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер дополнително ја усложнило ситуацијата, а смета дека интензивирањето на активностите на инспекциските служби е она што може да биде решение на овој долгогодишен проблем.

„Овој проблем станува се поголем откако е донесена одлука за забрана за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер, без да се даде соодветна алтернатива на граѓаните каде истиот би го депонирале, затоа што градот и граѓаните секојдневно создаваат секаков вид на отпад“, додаде Грданоски.

Тој објасни дека само пред неколку месеци од истата локација биле подигнати речиси 150 метри кубни градежен шут, но тоа било само времено решение. Од јавното претпријатие највуваат дека до крајот на годината ќе продолжат со акциите за подигање на кабаст и зелен отпад и тоа секоја сабота, но исклучиво со дојава.


„Комунална хигиена“ ќе го преземе чистењето на Клинички центар


Скопје, 13 јули, 2018 - 12:59 (META) 

Екипи на јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ утрово спроведоа чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а како што велат од Град Скопје, планирано е ова претпријатие да го преземе чистењето на болничкиот комплекс. Но за тоа да се случи ќе треба да „ги решиме правните аспекти на набавката“, велат од Град Скопје, апелирајќи граѓаните повеќе да внимаат на тоа како фрлаат отпадоци.

„Повеќедецениската негрижа за хигиената во Клинички центар досега резултираше со неколку акции за расчистување на отпадот. Град Скопје цени што граѓаните волонтираат во чистењето на Клинички центар во овој преоден период и придонесуваат да се ублажи настанатиот проблем“, порачаа од градската управа, заблагодарувајќи се на волонтерите што утрово се појавија на акцијата за расчистување.


Ветерот го исфрли сметот од Охридско Езеро на кејот


Охрид, 7 март, 2018 - 9:59 (META) 

Силниот јужен ветер го исфрли сметот од Охридско Езеро на кејот и на пристаништето.

Екипи на „Охридски комуналец“ од рано утрово работат на расчистување на отпадот и трската што ги фрлаат езерските бранови.

Од Општина Охрид информираат дека ваквата активност најверојатно ќе се реализира и наредниве денови по најавите на метеролозите дека ќе дува јужен ветер со посилен интензитет.

 


Почна расчистувањето на насипите во Вардар кај галиите


Скопје, 7 февруари, 2018 - 15:31 (META) 

Град Скопје денеска почна со расчистување на насипите и градежниот материјал во коритото на реката Вардар во центарот на Скопје, односно меѓу мостот Гоце Делчев и Камениот мост.

Активностите се со цел да се намали опасноста од излевање на реката Вардар при поголеми врнежи од дожд.

– Насипите и градежниот шут во Вардар ја намалуваат проточноста на водата, а со тоа сериозно се зголемува ризикот од поплави. Од тие причини, овие неколку дена екипи на ЈП „Улици и патишта“ ќе работат на расчистување на теренот, а истовремено му е наложено на градежното претпријатие „Бетон“, како изведувач на објектот „Панорамско тркало“, да го среди своето градилиште и да овозможи максимална проточност на коритото во делот на тој пешачки мост. Дождовите ја открија опасноста по безбедноста на граѓаните, нивните имоти и објектите околу Вардар која е предизвикана од проектот „Скопје 2014“. Акцијата ќе трае се до целосно расчистување на коритото – рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов.


Тетовци истурија отпад пред Општината и побараа оставка од Арифи


Тетово, 20 август, 2017 - 16:16 (META) 

Протестот на тетовци за чист воздух помина мирно, а граѓаните побaраа оставка од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Тие истурија отпад пред зградата на Општината и извикуваа „Сакаме да дишеме“ и „Еве ви го отпадот“.

Граѓаните најпрво се собраа на плоштадот, а од таму се упатија кон зградата на Општината.

Тие денеска се жалеа на неподнослива миризба која се чувствуваше во градот, откако синоќа беше изгаснат пожарот на депонијата.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, најави дека расчистувањето на тетовската депонија ќе почне утре.


Македонските акцијаши и волонтери на собрание и на работа во Охрид


Охрид, 13 мај, 2017 - 14:44 (META) 

Сојузот на акцијаши и на волонтери на Македонија, денеска во Охрид го оддржува првото годишно собрание. Акцијашите и волонтери го  разгледуваат извештајот за едногодишната активност. Ќе се разговара и за подготовките за меѓународен волонтерски камп – „Охрид 2017“.

По состанокот, македонските акцијаши и волонтери, организирани од охридските колеги, ќе изведат акција за расчистување на зелениот простор од Билјанини извори до хотел „Белведере“, во соработка со ЈП „Охридски комуналец“.

– Тоа се истите наши другари и пријатели од целата земја кои, заедно со своите пријатели, возрасни и млади членови од Балканот, први со својата хуманост, солидарност и акција, се вклучија и помогнаа на несреќните од поплавите во Скопје – вели за „Мета“ Зоран Стевоски, од акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид.


Отстранета импровизираната експлозивна направа од Собранието


Скопје, 3 мај, 2017 - 13:28 (META) 

Одделот за антитероризам при МВР ја подигнал импровизираната експлозивна направа од Собранието за понатамошна постапка, информираат од МВР.

Оттаму додадваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Вчера, во 17.28 часот, во Единицата за информирање и команда (ЕИК) Скопје, началникот на обезбедувањето на Собранието пријавил дека во ходникот на првиот кат е пронајдена импровизирана експлозивна направа, петарда со фитиљ кој бил залепен со леплива лента на плинска боца за полнење запалки.


Град Скопје: Утрово фрлени 50 тони сол на улиците и на булеварите


Скопје, 16 јануари, 2017 - 10:06 (META) 

Од почетокот на снежните врнежи утрово, екипите на зимската служба на Град Скопје фрлиле 50 тони сол на градските улици и булевари, соопштија од Град Скопје.

Оттаму велат дека паралално со коловозите, екипи од јавните претпријатија на Градот Скопје работат на расчистување на снегот и на мразот од тротоарите и од јавните површини.

„Во расчистувањето на тротоарите и јавните површини ангажирани се 100 работници и механизација од ЈП „Комунална хигиена“, работници и механизација од ЈП „Паркови и зеленило“, како и работници од ЈП „Водовод и канализација“ кои работат на чистење на сливниците“, стои во соопштението.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

„Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти. JП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област заради непрекинато собирање на комуналниот смет“, стои во соопштението од Град Скопје.


Битолско Мариово три дена завеано во снег


Битола, 9 јануари, 2017 - 11:47 (META) 

Битолскиот дел на Мариово веќе неколку дена е отсечен од цивилизацијата со наноси од снег и по еден метар. Селото Гермијан, каде има околу стотина жители, веќе трет ден нема комуникација со градот, а иста е состојбата во уште дваесетина села во општина Новаци.

Отсечени се селата Гермијан, Бач, Живојно, Брод, Скочивир, Добровени, и од другата страна Градешница, Старавина и Зовиќ.

– Патот е исчистен само до селото Кременица до фармите на ЗК „Пелагонија“, а сите други села во Мариово се завеани со метар до метар и половина снег. Седиме дома, месиме леб и јадеме тоа што имаме во фрижидерите, чекаме расчистување на патот, бидејќи поради снегот не се знае каде е асфалтот, а каде се ендеците – вели во телефонски разговор жител на селото Гермијан.

И од Општина Новаци потврдуваат дека снегот и мразот направиле проблеми во комуникацијата со битилскиот дел на Мариово.

Градоначалникот на Општина Новаци, Лазе Котевски, вели дека битолскиот дел на Мариово е со големи наноси од снег. Според него, во најголем дел од селата има по пет-шест жители  и дека од утрово е ангажирана механизација за расчистување на патиштата.


Блокирани патишта и отсечени села во источна Македонија поради големи снежни наноси


Штип, 6 јануари, 2017 - 11:38 (META) 

Со интервенција на полицијата повремено се пропуштаат возила од двете страни на патот Штип – Кочани, каде сообраќајот неколку часа беше во целосен прекин поради големите снежни наноси. Силниот ветер што дуваше цела ноќ, а продолжи и утрово, создаде наноси високи и до два метри кај селото Крупиште, поради што привремено беше затворен патот Штип – Кочани.

На барање на Јавното претпријатие „Македонија пат“, полицијата целосно го стопираше сообраќајот кај селото Долни Балван за да може механизацијата да ги расчисти наносите.

– Ќе треба уште минимум еден час за да се расчистат наносите кај Крупиште и целосно да се оспособи делницата. Проблем се и возилата, кои се неподготвени за зимските услови и без зимска опрема дополнително го попречуваат работењето на екипите на „Македонија пат“ – изјави техничкиот директор на подружницата на „Македонија пат“ во Штип, Киро Коцев.

Дополнително отежнување се паркираните шлепери и друг вид на тешки товарни возила поради забраните за нивно движење речиси на сите патишта во источна Македонија. Забраната стапи на сила синоќа во 23 часот, до кога екипите на „Македонија пат“ го одржуваа патот кон границата со Бугарија, со цел да поминат поголемиот дел од тешките возила кои транспортираат стока кон и од Бугарија.

Доцна синоќа извлечен е и автобусот на „Берово транс“, кој беше заглавен кај планинскиот превој Обозна, а патниците апелираа за помош.

Обилните врнежи од снег создадоа проблеми и во Овчеполието. Силниот ветер создаде наноси кај Сарамзалино, каде утринава екипите на „Македонија пат“ го разчистувале овој дел од патот. На патот Велес – Штип се вози забавено, со повремени, мали застои и во зимски услови.

Селата што гравитираат кон Врсаково и Долани се целосно отсечени. Општина Штип соопшти дека четири екипи работат на деблокирање на селата.

Во Кочани се расчистени улиците, но останува да се пробие патот кон Пониква, кој од синоќа е целосно затворен за сообраќај и се очекува да биде расчистен во текот на денот.

Од „Македонија пат“ соопштуваат дека е клучно денеска да бидат расчистени патините правци, бидејќи ако се остварат најавите на метереолозите за температури и до минус 20 Целзиусови степени, ќе има проблеми во расчистувањето, бидејќи солта не дејствува на температури под минус 7 Целзиусови степени.