Седумнаесет застрелани во напад на средно училиште на Флорида


Паркленд, 15 февруари, 2018 - 10:33 (META) 

Најмалку 17 лица се убиени, а голем број се ранети во средно училиште во американската сојузна држава Флорида, при вооружен напад што се случи вчера пред крајот на наставата во во училиштето „Марџори Стоунмен Даглас“ во Паркленд, седумнаесет километри северно од Мајами.

Полицијата соопшти дека напаѓачот е уапсен и дека станува збор за 19-годишниот Николас Круз, поранешен ученик во училиштето, кој се наоѓа во притвор.

Двајца американски сенатори од Флорида, по разговорот со полицијата, пренесоа дека напаѓачот носел гас-маска кога влегол во училиштето носејќи автоматска пушка, кутии со муниција и димни гранати, а потоа го активирал противпожарниот аларм, што довело тоа учениците и персоналот да излезат од училниците во ходниците, пренесуваат светските агенции.

„Таму се случи масакр“, изјави сенаторот Бил Нелсон за „Си-ен-ен“.

Како средношколец, Круз учествувал во воено спонзорирана тренинг програма на американската војска во училиштето, изјавила 19-годишната Џулијан Дејвис, која неодамна дипломирала во истата програма.

Во разговор со „Ројтерс“ Дејвис се присетила на „чудните приказни за ножеви и пушки“ на Круз, додавајќи дека „никој никогаш не го сфаќал сериозно“.

Дванаесет лица се убиени внатре во училишната зграда, две надвор, едно лице на улица, а две подлегнале на повредите во болница, изјави шерифот на округот.

Напаѓачот се предал на полицијата, појасни шерифот, кој на прес-конференција кажа дека ранетите се префрлени во околните болници.

„Ова е страшен ден…ова е катастрофално“, изјави шерифот.

Објавена е снимка направена од локален репортер, на која се гледа како полицијата го приведува напаѓачот, облечен во црвена маичка.

Средното училиште веднаш по нападот е затворено, а учениците се криеле кај стигнале – под работните маси, плакари или ги забарикадирале вратите, додека не дошла полицијата да ги спаси.

Многумина од нив мислеле дека станува збор за вежба, бидејќи кратко пред пукањето го слушнале противпожарниот аларм.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази сочувство по повод нападот на Флорида, додавајќи дека „ниту едно дете, професор, ниту било кој друг не смее да се чувствува небезбедно во американските училишта“.

Белата куќа ја откажа редовната прес-конфренција по извештаите за нападот. Претседателот Трамп разговарал со гувернерот на Флорида, Рик Скот и напиша дека Белата куќа соработува со полицијата „околу ужасниот напад“.

Сенаторот на Флорида, Марко Рубио на „Твитер“ порача дека нападот е „осмислен и изведен за да страдаат што повеќе лица“.


Најмалку шест лица се ранети во пукотници од автомобил во Мачерата


Мачерата, 3 февруари, 2018 - 17:36 (META) 

Најмалку шест лица се ранети во пукотници од возило во движење во центарот на италијанскиот град Мачерата, јавуваат светските медиуми. Едно лице е уапсено, а на мета биле мигрантите.

Градоначалникот, Романо Каранчини ги повикал жителите на градот да не излегуваат од своите домови додека трае истрагата.

Во Мачерати неделава беше убиена една млада девојка, а нејзиното распарчено тело било пронајдено во два куфери. Главен осомничен за тоа убиство е имигрант од Нигерија.


На Токсикологија завршиле 27 лица, најмладиот имал 16 години


Скопје, 1 јануари, 2018 - 13:11 (META) 

На Клиниката за токсикологија во Клиничкиот центар во Скопје ноќеска и утрово помош им била пружена на вкупно 27 лица, од кои најмладиот имал 16 години, известија од клиниката. Како што вели директорот на клиниката, Нико Беќаровски, годинава првпат по подолго време немало 15-годишници или помлади затруени од алкохол, а немало ниту предозирани со психоактивни супстанци.

Лекарите од ургентниот центар во болницата „8 Септември“ интервенирале кај 38 лица, од кои четиримина биле со полесни повреди задобиени во тепачки. Четири лица биле повредени од изгореници на рацете со петарди, а биле извршени и интервенции на две лица со површни рани на вратот од огнено оружје од заталкани куршуми.

Во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во текот на изминатите 24 часа лекарска помош побарале 65 пациенти од кои петмина се хоспитализирани, а четири се оперирани. Ниту еден од нив немал повреди задобиени на дочекот на новата година.


Еден полицаец е убиен, а четворица се ранети во пукање во Колорадо


Денвер, 31 декември, 2017 - 20:39 (META) 

Еден полицаец е убиен, а четворица се ранети во пукање во американската сојузна држава Колорадо, пренесуваат медиумите во САД. Полицајците настрадале додека интервенирале по пријава за семејно насилство.

Локалните власти потврдија дека во вооружениот инцидент се ранети и двајца цивили. Осомничениот за нападот е убиен.

Пукањето се случило во комплекс апартмани во Хајлендс ранч, јужно од Денвер.

Повеќе патишта во околината биле затворени додека траела интервенцијата на специјалните полициските единици, а на местото пристигнал и бомбашки одред.

Помош на локалните власти им понудило и Федералното истражно биро (ФБИ).

Засега не е позната тежината на повредите на шестмината ранети во инцидентот, но, локалните медиуми пренесуваат дека од една од болниците каде биле хоспитализирани тројца повредени соопштиле дека тие се надвор од животна опасност.

Инаку, во Колорадо се забележани едни од најкрвавите масовни престрелки во историјата на САД, меѓу кои и пукањето во средното училиште „Колумбајн“ во 1999 година кога 13 лица, од кои 12 ученици беа убиени.


Убиецот од Лас Вегас имал 23 парчиња оружје во хотелската соба


Лас Вегас, 3 октомври, 2017 - 10:51 (META) 

Напаѓачот Стивен Педок, кој уби повеќе од 50 лица на концерт во Лас Вегас, во хотелската соба од која стрелал, имал 23 парчиња оружје и две направи за забрзување на оружениот оган, јавуваат светските медиуми.

Станува збор за уреди кои кога ќе се монтираат на полуавтоматско огнено оружје, тоа станува и работи како целосно автоматско.

Ваквите направи, кои се понова технологија, изминативе години го привлекоа вниманието на властите бидејќи со нивна помош полуавтоматска пушка се претвора во оружје кое може да истрела од 400 до 800 куршуми за една минута.

Полуавтоматското оружја бара едно притискање на орозот за истрелување на секој куршум, додека за автоматското огнено оружје е доволно едно притискање на орозот за оружјето да пука непрекинато сè додека има муниција.

Ваквите уреди во суштина се додатоци на дршката на пиштолот или на кундакот на пушката и можат да се постават така што се потпираат на орозот и непрекинато го повлекуваат користејќи го повратниот удар при истерлувањето на куршумите.

Педок, кој е поранешен пожарникар, во својата куќа во Мескит, Невада, имал уште 19 парчиња огнено оружје.

Тој, во неделата во Лас Вегас, уби 59 лица и рани уште неколку стотини, за време на фестивал во близина на хотелот. Полицијата упадна во неговата хотелска соба на 32. кат, по што соопшти дека Педок се самоубил откако го изврши најсмртоносното масовно стрелање во современата историја на САД.


Тројца ранети во инцидент во Кичево, меѓу кои и носител на советничка листа


Кичево, 27 септември, 2017 - 23:52 (META) 

Во вооружен инцидент што вечерва се случил во Кичево ранети се три лица, меѓу кои и носителот на независна листа за советници во општината, Алит Абази, пренесува „Телма“.

Напаѓачот, кратко по инцидентот бил приведен од полицијата, а како што потврдиле од МВР за телевизијата, било обезбедно и оружјето од кое било стрелано.

Четириесетгодишниот Абази бил застрелан во слабината, додека Дестан Абдиу, кој учествувал во неговата кампања како шеф на изборниот штаб, и Шабан Далипи, кој било заедно со нив, се ранети во бутот, односно во потколеницата. Абази и Абдиу биле пренесни на скопските клиники, а Далипи бил префрлен во кичевската болница.

Инцидентот се случил на булеварот Ослободување во Кичево, околу 18.50 часот. Полициски екипи вршат увид на местото и ги истражуваат мотивите за нападот.

Според првичните информации, се претпоставува дека нападот врз кандидатот за советник и врз другите две лица не е со политичка заднина, туку дека Абази и напаѓачот имале недоразбирања од претходно и воделе судска постапка.


Најмалку 14 лица се убиени, а осум се ранети во напад во Мексико


Мексико Сити, 27 септември, 2017 - 11:09 (META) 

Најмалку 14 лица се убиени, а осум се ранети во напад на вооружена група на центар за рехабилитација на северот на Мексико, соопшти полицијата.

Вооружената група синоќа упаднала во центарот за лекување наркозависници „Обединети семејства“ и почнала да пука на луѓето, каде што во тој момент биле 25 лица.

Во последната деценија, најмалку шест напади се извршени врз рехабилитациски центри, а за најголем дел од нив се одговорни членовите на банди кои сакаат да се пресметаат со нивните ривали што се кријат во тие центри.


Две лица ранети во Сарај


Скопје, 18 септември, 2017 - 14:56 (META) 

МВР соопшти дека во два инцидента во селото Сарај вчера биле ранети две лица.

Еден од ранетите е сопственик на менувачница, а добил куршуми во двете нозе при грабеж на менувачницата во трговскиот центар „Сарај“. Еден од разбојниците носел автоматска пушка, а другиот пиштол кога влегле во менувачницата во 20.20 часот вчера.

Сопственикот на менувачницата поради повредите е однесен во Ургентен центар.

Во вториот случај, станува збор за музичар кој свирел на свадба. Тој побарал лекарска помош во Градската општа болница „8 Септември“ поради рана во десната потколеница. Кажал дека бил погоден од заталкано зрно.

Полицијата вели дека работи на целосно расчистување на двата случаја.


Најмалку 18 убиени во напад на ресторан во Буркина Фасо


Уагадугу, 14 август, 2017 - 10:11 (META) 

Најмалку 18 луѓе се убиени, а осум ранети во терористички напад во ресторан во Буркина Фасо, кога вооружени лица синоќа отвориле оган кон гостите кои седеле пред објектот, во главниот град на земјата, Уагадугу, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на владини извори.

„Ова е терористички напад“, изјавил министерот за комуникации на Буркина Фасо, Реми Данџини на прес-конференција, додавајќи дека бројот на жртвите е прелиминарен, бидејќи операцијата на безбедносните сили сè уште трае.

Најмалку двајца од осомничените милитанти биле убиени во интервенцијата на безбедносните сили на Буркина Фасо.

Буркина Фасо, како и останатите земји од Западна Африка, повремено е цел на напади од страна на милитантни групи. Најголем дел од нападите се случуваат во северниот регион, на границата со Мали, земја која е мета на исламистичките екстремисти повеќе од 10 години.

Како што пренесува „Би-би-си“, се стравува дека последниот напад е дело на еден од разграноците на Ал каеда, кои се активни во регионот Сахел.

Во напад на милитанти во кафуле во Уагадугу во јануари, минатата година, загинаа 30 лица.


Најмалку 15 повредени при напад со нож во метро во Техеран


Техеран, 15 јули, 2017 - 11:54 (META) 

Најмалку 15 луѓе се повредени откако маж почнал да напаѓа со нож во метро на станицата Реј во предградие на Техеран, јавија иранските медиуми.

Еден од повредените бил муслимански свештеник, а според извештаите, нападот почнал по кавга меѓу имамот и напаѓачот, за кого се вели дека бил психички нестабилен.

По нападот, патниците се судриле со напаѓачот, а полицијата била принудена да ги отвори вратите за да го уапси напаѓачот. Притоа било пукано во него и тој бил ранет, а потоа починал од повредите, вели заменик гувернерот на јужен Техеран.