!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Непознат напаѓач застрелал маж во Аеродром


Скопје, 3 ноември, 2017 - 19:09 (META) 

Во тежок инцидент што се случил денеска околу 17.40 часот пред угостителскиот објект „Ред кафе“ на улицата Владимир Комаров во скопската населба Аеродром, со огнено оружје бил тешко ранет М.Ј., соопштија од МВР за „Мета“.

Идентитетот на напаѓачот засега е непознат, тој е во бегство, а повредениот бил префрлен во Градската општа болница, велат од МВР.

Според извештаите на некои медиуми, биле испукани четири куршуми во ранетиот, кој е поранешен фудбалер.


Починал носителот на независна листа што беше застрелан во Кичево


Скопје, 5 октомври, 2017 - 11:02 (META) 

Носителот на независна листа на советници во Кичево, 40-годишниот Алит Абази, кој на 27 септември во центарот на Кичево беше застрелан, утрово починал на КАРИЛ во скопскиот Клинички центар.

Абази од ранувањето беше во критична состојба на интензивна нега, поради сериозни повреди на абдоминалните органи и на ’рбетот.

Врз Алит Абази, како и Дестан Абдиу, шеф на неговиот изборен штаб, и Шабан Далипи, случаен минувач, пукаше 58-годишниот Абдула Абдули. Убиецот беше набргу приведен, а судија на претходна постапка му одреди притвор од 30 дена.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференција го повтори тврдењето на полицијата дека нападот не е поврзан со изборната кампања.

Премиерот Зоран Заев синоќа на митингот во Општина Ѓорче Петров, осуди какво било насилство во изборниот процес и повика на воздржaност од активности кои би оставиле дамка на овие избори.


Само половина кампања, а цела серија инциденти, крв, насилства…


Скопје, 3 октомври, 2017 - 13:28 (META) 

Предизборната кампања за локалните избори е веќе на половина, а е силно обележана со насилство, крв, солзи, палки, куршуми и со демолирање изборни штабови.

Во најновиот случај, Елвис Бајрам, актуелниот градоначалник на општина Шуто Оризари, и Аднан Мемет, шеф на неговиот изборен штаб, вчера изеле ќотек во населбата Шуто Оризари. Според тоа што го кажаа, четири непознати лица физички го нападнале прво Мемет, а потоа и Бајрам. Насилниците побегнале, а екипа на брзата помош констатирала тешки повреди кај Бајрам. Веднаш бил однесен во скопската градска болница „8 Септември“, каде поради сериозноста на повредите бил хоспитализиран. Пратеникот Амди Бајрам тврди дека напаѓачите што го истепале син му Елвис се поврзани со кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ, Курто Дудуш.

Од другата страна, пак, сосема поинаква верзија – Курто Дудуш ги обвини Елвис Барјам и приврзаниците. Пратеникот од редовите на СДСМ вели дека тепачката, како што му пренеле, ја предизвикале Елвис Бајрам и неговите телохранители. Според него, Елвис и неговите придружници дошле и ги кинеле плакатите на Курто Дудуш залепени на штабот на СДСМ, сместен во дуќан на партиски симпатизер.

МВР вети дека ќе го истражи овој случај, како и претходните, но засега нема завршница за ниту еден.

Подолу е визуелизацијата на сите досегашни инциденти и подетално нивно објаснување.

  • Вчерашната тепачка беше продолжение на серијата инциденти од почетокот на изборната кампања, од кои сè уште најтежок е оној со тројцата ранети во Кичево на 27 септември. Носителот на независна листа на советници во Кичево, Алит Абази, бил застрелан во слабината, а Дестан Абдиу, кој учествувал во неговата кампања како шеф на изборниот штаб, и Шабан Далипи, кој било заедно со нив, се ранети во бутот, односно во потколеницата. Иако беше отфрлено мислењето дека станува збор за политички мотивиран инцидент, сепак останува фактот дека станува збор за учесници во кампањата.
  • Таа, пак, почна со многу оштетени штабови на политички партии, но и со излог на штаб измачкан со измет. На првиот ден од кампањата, 25 септември, бил искршен излог на штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, додека во Аеродром излог на изборен штаб на СДСМ, како што информираат од партијата, бил измачкан со измет.
  • Еден ден подоцна, односно ноќта меѓу 26 и 27 септември, непознати сторители насилно влегле во штабот на Демократската партија на Србите во Македонија на булеварот Кочо Рацин во Скопје. Откако претходно ги искршиле катанците со кои била обезбедена влезната врата, влегле и претурале низ канцеларијата. Иван Стоиљковиќ, претседателот на партијата, вели дека се работи за обид за политички притисок и за застрашување на членството.
  • Речиси во истото време, во населбата Расадник во општина Бутел, бил искршен месниот штаб на СДСМ Бутел. Непознати сторители ги искршиле прозорците и влезната врата на штабот, ги искинале постерите и ја оштетиле светлечката реклама.
  • Во петокот, на 29 септември, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Македонска Каменица, Дарко Митевски, го обвини противкандидатот од СДСМ и од коалицијата за искинати плакати во селата, кои потоа биле фрлени пред неговиот дом. Исто така, во петокот било пријавено дека е искршен излог на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ на улицата Моша Пијаде во Кавадарци.
  • Ноќта меѓу саботата и неделата, на 1 октомври, биле искршени две стакла на излогот на изборниот штаб на Беса на улицата Тале Христов, во скопската населба Скопје Север и биле искинати шест плакати.
  • Вчера, пак, на 2 октомври, ВМРО-ДПМНЕ информираше дека е искршен партискиот изборен штаб во Битола. Според нив, искршениот штаб е доказ за нервозата на СДСМ од поразот на претстојните локални избори.
  • Вчера, засега непознат сторител ги скршил стаклото од излогот и стаклото од влезната врата на изборен штаб на СДСМ во скопското село Инџиково. Според полицијата, се работи на откривање на сторителите.
  • Утрово избувнал и пожар во пекарницата „Кендо“ во населбата Ѓорче Петров. Допрва ќе се утврдуваат причините за пожарот. Тоа што е интересно е дека пекарницата и куќата во која е таа се на Владо Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и врски и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Ѓорче Петров.

Две лица ранети во Сарај


Скопје, 18 септември, 2017 - 14:56 (META) 

МВР соопшти дека во два инцидента во селото Сарај вчера биле ранети две лица.

Еден од ранетите е сопственик на менувачница, а добил куршуми во двете нозе при грабеж на менувачницата во трговскиот центар „Сарај“. Еден од разбојниците носел автоматска пушка, а другиот пиштол кога влегле во менувачницата во 20.20 часот вчера.

Сопственикот на менувачницата поради повредите е однесен во Ургентен центар.

Во вториот случај, станува збор за музичар кој свирел на свадба. Тој побарал лекарска помош во Градската општа болница „8 Септември“ поради рана во десната потколеница. Кажал дека бил погоден од заталкано зрно.

Полицијата вели дека работи на целосно расчистување на двата случаја.


Маж тешко ранет во ресторан во скопско Батинци


Скопје, 9 септември, 2017 - 14:16 (META) 

Крвава пресметка се случила вчера во скопското село Батинци, при што еден жител на селото е тешко ранет, а полицијата трага по неговите напаѓачи.

Како што соопшти полицијата, рано попладнето дошло до тепачка во ресторан во селото, по што противниците излегле надвор и таму продолжиле да се пресметуваат. Во еден момент било стрелани кон 35-годишниот Р.А. од Батинци, при што добил прострелни рани во нозете. Потоа напаѓачите избегале со автомобил „ауди А8“.

Ранетиот бил префрлен во Градска општа болница „8 Септември“, каде му била направена операција.
По добиената информација, тим од единицата „Алфа“ го пронашол возилото на кое биле забележани оштетувања од огнено оружје. На местото на настанот било пронајдено и патничко возило „пежо“, сопственост на С.А. од селото Батинци.

СВР Скопје известува дека се работи на пронаоѓање на сторителот и на целосно расчистување на случајот.


Координаторот на републиканците во Конгресот на САД ранет во вооружен напад


Вашингтон, 14 јуни, 2017 - 15:53 (META) 

Висок претставник на републиканците во Конгресот на САД, денеска бил ранет во вооружен напад за време на бејзбол-тренинг во Вирџинија, јавуваат американските медиуми.

Полицијата од Александрија, предградие на Вашингтон, соопштила дека во тек е истрага поврзана со „повеќекратни пукотници“ и дека осомничениот е уапсен и се наоѓа во притвор.

Конгресменот од Алабама, Мо Брукс, за „Си-ен-ен“ изјавил дека во нападот бил ранет координаторот на републиканците во Конгресот, Стив Селис.

Нападот се случил додека конгресмените се подготвувале за годишниот бејзбол-натпревар помеѓу демократите и републиканците, кој треба да се одржи утре на стадионот на бејзбол-клубот „Вашингтон нешнлс“.

Засега не е познат идентитетот на напаѓачот, ниту мотивите за пукањето.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, по нападот изјави дека тој и неговата администрација се длабоко погодени од оваа трагедија.

Според конгресменот Мо Брукс, по првите пукотници дошло до престрелка помеѓу напаѓачот и обезбедувањето на конгресменот Селис и дека на местото на настанот биле испукани помеѓу 50 до 100 куршуми.

Републиканскиот сенатор од Јута, Мајк Ли, за „Фокс њуз“ изјавил дека Селис бил ранет во колкот, но дека е надвор од животна опасност.


Еден полицаец е убиен, а друг ранет во престрелка во центарот на Париз


Париз, 20 април, 2017 - 22:23 (META) 

Еден полицаец е убиен, а друг е ранет во вооружен напад што вечерва се случил во центарот на Париз, соопштила француската полиција, пренесува „Би-би-си“.

Според информациите на дел од француските медиуми, напаѓачот кој отворил оган кон полицајците бил застрелан и убиен. Престрелката се случила на авенијата Шанзелизе, која е целосно блокирана и каде во тек е операција на француските безбедносни сили.

В недела во Франција се одржува првиот круг од претседателските избори, а џихадизмот е главната тема на изборите по нападите што беа извршени од Исламска држава.

Причините за нападот засега се непознати, а како што пренесува „Би-би-си“, засега нема индиции ниту дека станува збор за терористички напад.


Насилници кај Сарај раниле еден маж и претепале друг


Сарај, 4 април, 2017 - 16:48 (META) 

Во два напада што се случиле на исто место близу Сарај вчеравечер, и веројатно се предизвикани од исти лица, еден маж е ранет, а друг бил претепан.

Како што извести СВР Скопје, вчера 25 минути пред полноќ Ш.А. пријавил дека на патот од Сарај кон село Љубин, лице од село Грчец заедно со други лица со три патнички возила, пукале кон него и кон К.А., при што К.А. добил со прострелна рана во ногата. Напаѓачите потоа избегале кон Грчец.

Во исто време вчера во полиција Б.Љ. пријавил дека на истата локација физички бил нападнат од страна на неколку непознати лица при што се здобил со видливи повреди и истиот е пренесен во Специјалната хируршка болница „Св.Наум Охридски“. Полицијата вели дека работи на расчистување на случајот.


Српскиот бизнисмен Пецони e ранет во центарот на Белград


Белград, 22 март, 2017 - 22:30 (META) 

Српскиот бизнисмен Предраг Ранковиќ – Пeцони вечерва е ранет во вооружена престрелка во хотелот „Праг“, во центарот на Белград, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Тој бил префрлен во клинички центар, но не е во животна опасност.

Според неофицијалните информации, Ранковиќ седел во ресторанот на хотелот „Праг“ со група луѓе. Кон нивната маса пришол маж, кој почнал расправија и потоа посегнал по пиштол.

Луѓето кои седеле со Пецони почнале врз него да фрлаат столови, но напаѓачот успеал да го погоди Пецони во нога.

Полицијата работи на расветлување на случајот.

Ранковиќ е познат српски бизнисмен во чијашто сопственост е и телевизијата „Хепи“.


Tинејџер ранет во Брњарци, полицијата вели – од залутан куршум


Скопје, 12 март, 2017 - 13:03 (META) 

Тинејџер ноќеска во селото Брњарци добил куршум во десната натколеница, соопшти СВР Скопје, велејќи дека станува збор за заталкан куршум.

Инцидентот се случил во 1.15 часот, кога 17-годишен малолетник од Стајковци бил во Брњарци, по што бил ранет. Потоа е пренесен во Хируршката болница „Свети Наум Охридски“, каде е утврдена огнострелна рана, односно тешка телесна повреда, и е задржан на лекување.

Полицијата вели дека се работи на расчистување на случајот.