Вардар меѓу најдобрите осум екипи во Европа


Скопје, 19 април, 2015 - 17:21 (META) 

Вардар не успеа да се пласира во финалната четворка во Келн, откако загуби од Киелце и во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите со 33-31. Нијанси беа во прашање и на вториот натпревар меѓу двете екипи, македонскиот тим постојано им дишеше во врат на Полјаците, на мечот дури 11 пати беше нерешено, но онаа ситница која треба за завршниот исчекор – ја немаше, пренесе „Спортмедиа“ (спортмедиа.мк).

Второто полувреме беше подобро за „вардарци“, тогаш дадоа сѐ од себе за да го стигнат минималното, но константно водство на Киелце. Имаше шест-седум напади за да поведе, но секогаш нешто се случуваше, или техничка грешка или одбрана на Славомир Шмал за топката да не влезе во мрежа.

По 16-14 за Полјаците на паузата, почнаа поубедливо и дојдоа до 19-16 по неколку минути игра, но вистинската борба почна по 40. минута, кога Вардар изедначи на 22-22. Оттогаш се играше гол за гол, важен беше секој милиметар и секоја секунда, но среќата не го посака македонскиот тим, дури ни во ситуација кога Киелце имаше еден, па и двајца исклучени играчи. Беше 29-29 во 56. минута и 30-30 во 58., но Киелце и овојпат ги запре нападите за водство за да го трасира патот за Келн.

Во првиот дел Вардар имаше кратко водство, со 4-3 и 5-4 до 10. минута, но направи премногу технички грешки во продолжението (вкупно осум во првото полувреме) и му дозволи на Киелце да поведе, а потоа да дојде и до три разлика, со 10-7 и 11-8, сепак на паузата негативата беше два гола (14-16).

Алекс Душебаев беше најефикасен на мечот со девет гола, Игор Карачиќ постигна осум, колку и Карол Бјелецки, првиот стрелец на Киелце. Вардаровите голмани имаа по шест интервенции, а Славомир Шмал, кој бранеше само во вториот дел, одбрани шест удари, од кои два пенали.

Киелце ќе учествува во полуфиналето во Келн, на 31 мај и на 1 јуни, заедно со Барселона и со победниците од мечевите Веспрем – ПСЖ и Кил – Пик Сегед.


Вардар изгуби од Киелце


Скопје, 11 април, 2015 - 22:56 (META) 

Ракометарите на Вардар не успеаја да остварат победа на првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ загубија од полскиот шампион Киелце со 22:20. Киелце оваа сезона во Лигата на шампионите на седум натпревари на гости постигна седум победи.

Првиот дел мина во изедначена игра. Ракометарите на Вардар неколкупати имаа два гола предност, а гостите од Полска успеаја од негативата 8:6 да дојдат до водство од 9:8. На полувремето беше 11:11.

Реванш-натпреварот се игра на 19 април во Полска.


Металург со втора победа во плеј-офот


Скопје, 9 април, 2015 - 10:50 (META) 

Екипите на Металург и Тинекс Пролет забележаа победи на двата одиграни натпревари во рамките на 2. коло од разигрувањето за титулата во Супер ракометната лига на Македонија, пишува „Екипа

„Металурзите“ стигнаа и до втората победа, овојпат славејќи на гостувањето против Прилеп со 18-24, додека Пролет Тинекс беше подобар од Радовиш совладувајќи го со 29-25.

Натпреварот меѓу Вардар и Зомимак М е одложен поради настапот на македонскиот вицешампион во четвртфиналето од Лигата на шампионите в сабота против Киелце во Скопје.


Одредени групите за четвртфиналната рунда во националниот ракометен куп


Скопје, 7 април, 2015 - 20:55 (META) 

Во просториите на Ракометната федерација на Македонија, денеска со  ждреб беа одредени групите за четвртфиналната рунда во националниот ракометен Куп на Македонија.

Домаќин на групата 1 ќе биде Вардар, а негов противник ќе биде Бореа. Во вториот меч ќе играат Прилеп – Охрид.

И останатите три групи ќе се играат во Скопје.

Група 2: Лозари – Металург 2, Пролет – Работнички (домаќин Пролет)

Група 3: Вардар јуниор – Зомимак, Преспа – Пелистер (домаќин Вардар јуниор)

Група 4: Металург – Феникс, Текстилец – Радовиш (домаќин Металург)

Натпреварите од четвртфиналето ќе се играат на 18 и на 19 април, додека победниците во групите ќе обезбедат пласман во финалната четворка, односно на завршниот турнир кој ќе се игра на 16 и на 17 мај.


Македонија на 17. место на најновата ранг-листа на ЕХФ


Виена, 19 февруари, 2015 - 19:35 (META) 

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ја објави најновата ранг-листа на селекции, на која Македонија го зазеде 17. место.

При рангирањето, односно правењето на листата, предвид се земени резултатите на сениорските, јуниорските и на кадетските селекции, во машка и во женска конкуреција.

Во машка конкуреција, каде се бодуваа резултатите од сениорското ЕП во Данска, јуниорското ЕП во Австрија и кадетското во Полска, Македонија е на 15. место со 130 бодови.

Најдобри во оваа конкуреција се Франција со 296 бодови, Данска 280 и Шпанија со 272 бодови.

Кај жените, Македонија со 58 бодови е пласирана на 19. место, а на првите три места на листата се селекциите на Норвешка (242), Данска (232) и на Романија (220).

Според вкупните бодови во двете конкуреции, Македонија со 188 бодови е на 17. место, а најдобри се селекциите на Данска (512), Франција (500) и на Шпанија (462).


Кире Лазаров останува во Барселона до 2017 година


Барселона, 12 февруари, 2015 - 20:01 (META) 

Капитенот на македонската машка ракометна репрезентација, Кире Лазаров, останува да ги брани боите на Барселона, откако денеска потпишал нов двогодишен договор со каталонскиот клуб.

Добрите игри и клучната улога во тимот, на Лазаров му донесоа понуда за продолжување на договорот со најуспешниот клуб во Шпанија и еден од најдобрите во Европа, каде настапува од 2013 година.

Кире Лазаров во Шпанија игра од 2010 година. Пред да премине во Браселона, беше дел од тимовите на Атлетико Мадрид и на Суидад реал. Претходно тој има настапувано за Загреб, Веспрем и за Пелистер.


Ракометарката Мечевска сè уште во критична состојба


Скопје, 12 февруари, 2015 - 12:22 (META) 

Македонската репрезентативка Робертина Мечевска, која доби тешки повреди при пад од петтиот кат од зграда во скопски Аеродром, и понатаму дише со помош на апарати, јавува „Здравство24“.

Од КАРИЛ велат дека добра околност е што нема дополнително влошување на состојбата.

– Правиме напори таа да закрепне, но поради повредите на белите дробови, не може сама да дише и е приклучена на машина за дишење – изјавија од КАРИЛ.

Од КАРИЛ додаваат дека за вакви пациенти не може предвреме да се прогнозира исходот од лекувањето, но дека не очекуваат наскоро драстична промена во здравствената состојба на Мечевска.


Македонскиот репрезентативец Вугринец заминува во Катар


Скопје, 11 февруари, 2015 - 20:48 (META) 

Македонскиот репрезентативец Ренато Вугринец нема да остане до крајот на сезоната во редовите на шампионот Металург, туку ќе замине за Катар, каде ќе ги брани боите на Лахвија, пишува „Спортмедиа“.

Десниот бек претходно потврди дека постои можност тој да остане во Автокоманда, но по финалните разговори со управата, тој сфатил дека клубот има нов план.

– Сакав да останам во Металург и да помогнам, но клубот има друг план. Во тој нивен план јас не се пронајдов. Затоа и решив да заминам за Катар, во екипата на Лахвија. Ќе бидам таму до крајот на сезоната, а што понатаму, ќе видиме – изјави Вугринец.

За искусниот 40-годишен десен бек, екипата на Лахвија е деветта дестинација во кариерата. Претходно, покрај Металург, тој ги бранеше боите на Драва, Целје, Магдебург, Сан Антонио, Ал-Сад, Хамбург и на Марибор.


Вардар ја совлада Војводина во СЕХА-лигата


Скопје, 9 февруари, 2015 - 21:03 (META) 

Ракометарите на Вардар го победија тимот на Војводина со 30:26 во дуелот од 18. коло на регионалната лига СЕХА, кој се одигра во салата „Јане Сандански“.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Стефан Терзиќ, кој постигна пет гола, а Сергеј Горбок и Немања Шрибак постигнаа по четири погодоци. Кај Војводина, Милан Јовановиќ постигна шест гола.

Следен натпревар за Вардар ќе биде гостувањето кај Татран Прешов на 28 февруари.

Покрај овој натпревар, попладнево се одигра и мечот меѓу Вестпрем и Борац, кој заврши со победа на унгарскиот шампион со 32:18. На табелата прв е Вестпрем со 45 бода, а по него се Вардар со 36 и Загреб со 27 поени.


Хрватска ја победи Германија и се пласираше на Летните олимписки игри


Доха, 30 јануари, 2015 - 18:08 (META) 

Хрватската ракометна репрезентација ја совлада Германија на Светското првенство во Катар, во разигрувањето од 5 до 8 место со резултат 28:23.

Најефикасни стрелци беа Мануел Штрлек со осум и Иван Чупиќ со пет голови, додека за Германците, Уве Генсхајмер погоди седум.

Со тоа ракометарите на Хрватска обезбедија пласман на наредните Летни олимписки игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.