!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Костова: Македонија е претпоследна земја во Европа според резултатите во здравството


Скопје, 7 април, 2017 - 10:58 (META) 

Македонија е претпоследна земја во Европа според резултатите во здравството, а економската ситуација ги турка граѓаните во депресија.

Ова произлезе како заклучок од синоќешната дебата посветена на 7 април, Светскиот ден на здравјето, организирана од комисијата за здравство на СДСМ и од форумот на жени на општинската организација на СДСМ од Кисела Вода.

Членката на комисијата за здравство на СДСМ, Елена Костова, посочи низа системски пропусти во здравството и во општеството што доведуваат до лоши резултати во здравството.

„Според Европскиот здравствен потрошувачки индекс, Македонија во 2016 година е на 34. место според здравствените резултати, од вкупно рангирани 35 европски земји. Македонија е прва во Европа по тоа што не може да се справи од мозочни удари, Македонија е втора во Европа по смртност на новороденчиња, а трета во Европа по најлоша стапка на преживување на болните од рак. Македонија е меѓу земјите со најголем процент на граѓани што страдаат од депресија“, изјави Костова.


СДСМ: Македонија е трета во Европа по најлоши резултати на преживување од рак


Скопје, 16 февруари, 2017 - 12:54 (META) 

Европскиот здравствен индекс (ЕХЦИ), едно од најрелевантните истражувања за Европската комисија, за 2016 година покажа дека Македонија е трета во Европа по најлоши резултати на преживување на болни од малигни заболувања, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека, „10 години граѓаните болни од рак немаат достапни современи терапии.“

– За Никола Тодоров и за Никола Груевски беа поважни гипс картоните од 630 милиони евра за „Скопје 2014“, грамадното здание за нивното партиско седиште ВМРО-ДПМНЕ, тешко, според некои проценки до 30 милиони евра. Па и милионските тендери за наводна медицинска опрема од коишто корист има само во џебовите на криминалната власт – се додава во соопштението.

Од СДСМ велат дека новите лекови кои се промовираа се стари и повеќе од 10 години.

-Лекот „сорафениб“ за карционом на црн дроб е во употреба веќе 10 години, „оксалиплатин“ е 21 година во употреба, „бевацизумаб“ е лек со лиценца од пред 11 години. Да мислеа тие на граѓаните болни од рак, ќе им ги донесеа лековите на луѓето пред 10 години – велат од СДСМ и препорачуваат да престанат манипулациите со оваа ранлива категорија на граѓани.

 


Стаменковска: Нови лекови против малигни заболувања на Клиниката за онкологија


Скопје, 15 февруари, 2017 - 15:27 (META) 

Од вчера е овозможена нова терапија нa шест типа на малигни заболувања која ќе може бесплатно да се добива на Клиниката за радиотерапија и онкологија, изјави Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Таа потенцираше дека се работи за лекови против малигни заболувања на дојка, на бубрег и на кожа.

– Овие терапии во минатото чинеа од 3.000 до 8.000 евра. Сега пациентите ќе ги добиваат бесплатно во самите клиники. Дополнително, со мерката за намалување на цените на лековите, досега опфативме над 4.800 медикаменти – додаде Стаменковска.


4.200 лица минатата година заболеле од рак


Скопје, 4 февруари, 2016 - 16:47 (META) 

Минатата година, според Универзитетската клиника за радиотерапија, нови 4.200 лица заболеле од рак во Македонија. Оваа болест е втора причина за смрт во Македонија, односно во 19 проценти од смртните случаи причината е канцерогено заболување. Прва причина за смрт во државата се болестите на циркуларниот систем.

Најзастапен вид на рак кај мажите бил ракот на бели дробови и на простата, а кај жените, пак, најчесто се јавувал ракот на дојка.

Во светот 8,2 милиони луѓе секоја година умираат од рак, а половината од нив се на возраст помеѓу 30 и 69 години.

Според истражувањата, Македонија е помеѓу ретките земји во Европа каде стапката на смртност од рак во периодот од 2000 до 2012 година е во пораст и тоа за 9 проценти. Во Германија, стапката на смртност е опадната за 15 отсто, во Грција за 14 отсто, а во Словенија за 7 отсто.

Во Македонија има благо намалување на смртноста од рак на дојка и на матка.


Светскиот ден за борба против ракот се одбележува и во Македонија


Скопје, 4 февруари, 2016 - 10:08 (META) 

Во Македонија денеска се одбележува Светскиот ден за борба против ракот, кој годинава се спроведува под слоганот „Ние можеме, јас можам“ и повикува на активно вклучување на поединците, заедницата и на надлежните институции за превенција и за намалување на последиците од појавата на карциномите.

Кампањата се фокусира на информирање и на едукација за зголемена свесност за превенција од карцином, обезбедување соодветен пристап до здравствените услуги, обезбедување здрава животна средина и унапредување на политиките во однос на ова прашање.

Една од областите во кампањата за 2015 година е обезбедување пристап до здравствените услуги, а клучна улога во борбата против карциномот претставуваат превентивните здравствени услуги.

 


Почина Дејвид Боуви


Лондон, 11 јануари, 2016 - 9:32 (META) 

Легендарниот пејач Дејвид Боуви ја изгуби битката со ракот, потврди неговиот портпарол за „Холивуд репортер“.

Шеесет и деветгодишниот пејач по 18 месечната борба со ракот починал мирно, опкружен од семејството.

Дејвид Биуви, роден како Дејвид Роберт Џонс е британски рок музичар, композитор, актер, продуцент и аранжер.

На музичката сцена беше активен цели пет децении, беше склон кон менување на музичкиот стил и имиџ, а неговата работа и иновации стануваат посебно специфични од 1970 година.

Боуви се појави и на филмското платно како актер, режисер и виртуелен уметник.


Тодоров: Во Македонија ќе се легализира канабисот за медицински цели


Скопје, 16 декември, 2015 - 14:16 (META) 

Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска соопшти дека Mинистерството за здравство, по опсежните јавни дебати, ќе поднесе предлог-закон за употреба на канабисот за медицински цели.

– По изнесување на различни искуства и воочување на добивките и ризиците од употребата на канабис во медицински цели, денеска сакам да информирам дека Министерството за здравство во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства подготви предлог-закон за изменување и за дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Република Македонија – изјави Тодоров.

Тој информираше дека во однос на овој закон ќе следуваат уште јавни дебати, а следната ќе биде в недела.

Според предлог-законот, канабисот ќе може да се произведува и да се користи само во Македонија и ќе може да го произведуваат само правни лица.

Физичко лице не смее да произведува коноп за медицински цели, а тоа дело ќе биде казниво според закон.

Предвидено е конопот да се користи за лица што имаат ХИВ, онколошки заболувања, болки и слично и сето тоа ќе биде само по препорака на доктор.

Проекциите се законот да биде готов за околу два месеци, со тоа што во моментов е сè уште на јавна дебата, потоа треба да биде на владина седница и да биде изгласан во Собранието.

 


Во Србија почна примената на кубанската вакцина против рак на белите дробови


Белград, 10 декември, 2015 - 13:23 (META) 

Два пациента кои ги исполнија критериумите ја примија кубанската вакцина против рак на белите дробови, со што денеска почна примената на овој лек во Србија, соопшти српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.
– За луѓето кои денеска ја примија вакцината, ова е сериозна надеж, а останува да ја следиме нивната состојба – рече министерот.

Лончар додаде дека има уште седум пациенти на подготвителна терапија во Белград и оти засега има голем интерес за лекот.

– Не тргнавме со голем број пациенти за да видиме како ќе се одвива состојбата – додаде министерот.

Лончар истакна дека Србија е единствена земја во регионот што го има тој лек и оти веќе е најдено решение за оние од регионот кои сакаат да видат дали се кандидати за вакцината.

– Ние ќе продолжиме и со разговорите за оние кои не се здравствени осигуреници за да ја добијат вакцината – рече српскиот министер.


Нов метод за лекување рак со вируси „ловци“


Вашингтон, 5 ноември, 2015 - 18:04 (META) 

Здравствените власти на Соединетите Американски Држави (САД) го одобриле новиот, како што велат, револуционерен метод за лекување рак, преку вбризгување на вирус на херпес со двојно дејство, кој ги напаѓа клетките зафатени од тумор, а ги поштедува здравите, поттикнувајќи го имунолошкиот систем да се бори против туморот, пренесува хрватскиот јавен сервис ХРТ.

Новата терапија, како што се наведува, треба да ги поштеди болните од нус-појавите што ги предизвикуваат постојните методи, како хемотерапијата и зрачењето.

Како што пренесува ХРТ, терапијата Т-ВЕК (T-VEC) ќе се продава под комерцијалното име „Имлигик“ (Imlygic), a e развиена од фирмата за биотехнологија „Бивекс“ од Масачусетс.

Инаку, посебно модифицираниот вирус на херпес се вбризгува директно во туморот, а веќе е одобрен за лекување рак на кожата.

За разлика од хемотерапијата и од радиотерапијата, кои ги убиваат клетките на ракот, но истовремено ги оштетуваат и другите делови од телото, модифицираните вируси ги напаѓаат само клетките зафатени до тумор, а како нус-појава пациентот може да има треска еден или два дена.


СДСМ: Имаме конкретни мерки за здрава средина и за здрав живот


Велес, 1 ноември, 2015 - 17:23 (META) 

Според извештајот „Зелен пораст“ на Светска банка за 2014 година, Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички. Дополнително, Светка банка наведува дека Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од честичките ПМ10, соопштија од СДСМ.

„Сознанијата на Светска банка упатуваат на тоа дека цврстите честички се најголемата причина за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно во Македонија, поради предизвикување на различни болести на дишните патишта, па дури и рак. Власта во заминување е директен виновник за состојбата со животната средина во Македонија. Проблемите со загаденоста на животната средина се крајно загрижувачки и го земаат најскапиот данок – човечкиот живот. СДСМ знае како да ги промени состојбите со огромната загаденост на воздухот и на животната средина. СДСМ, во платформата, има конкретни мерки за тоа како Македонија да има здрава средина за здрав живот на граѓаните“, реагираат од опозицијата.

Од партијата велат дека за подобрување на квалитетот на воздухот ќе воведат систем на мерки што ќе вклучува континуиран надзор на индустриските капацитети, финансиска поддршка при воведување ефикасно користење енергија и системи за намалување емисии во воздухот.

Вечерва, со почеток во 19 часот, во големата сала на Советот на Општина Велес, ќе се одржи дебата од проектот „Визијата за Македонија“, на тема „Чиста животна средина“.