Радијата ја повлекуваат кампањата „пре-еманципирани жени“ по реакцијата на ААВМУ


Скопје, 2 ноември, 2017 - 19:56 (META) 

„Сити радио“, „Клуб ФМ“ и „Метрополис радио-мрежа“ ја повлекуваат кампањата наречена „пре-еманципирани жени“, која неколку дена беше емитувана на овие три радио-станици.

Повлекувањето на аудиопораките од кампањата следува откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) констатираше дека преку нив се шири мизогинија и сексизам.

Од радио-станиците велат дека воопшто немале намера да го навредат интегритетот на жената, ниту пак некого да дискриминираат.

„Напротив, целта на овој, за нашата публика нов, медиумски наратив, беше сите кои претеруваат, со посебен акцент на оние кои газат сè пред себе (за кои впрочем е и наменета кампањата), да се потсетат што е етичко, што сакаат, колку можат и колку треба. Овие медиуми имаат огромна публика која ја разбира, ја поддржува и се забавува со нестандардната реторика на овие џинглови, но, почитувајќи ја и останатата публика, која јасно се спротивстави на кампањата, медиумите одлучија да одговорат со извинување до сите кои се почувствувале посочени и навредени. За таа цел, овие три радија ја повлекуваат кампањата од етер“, стои во известувањето на трите радио-страници објавено на „Фејсбук“.


ААВМУ констатирала мизогинија и сексизам на програмите на три радио-станици


Скопје, 2 ноември, 2017 - 17:36 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) констатирала ширење на мизогинија и сексизам во аудиопораки од заедничката кампања, во сопствена продукција на „Сити радио“, „Клуб ФМ“ и „Метрополис радио-мрежа“, која, како што се вели во нив, е наменета за „сите пре-еманципирани жени“, а која деновиве се емитува на трите радио-станици.

Според Агенцијата, кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам што е флагрантно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Трите радиодифузери што ја продуцирале оваа кампања, стои во соопштението на ААВМУ, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно спротивен на професионално однесување.

„Имено, во кампањата, еманципацијата на жените и на мажите се поставуваат како два процеси кои меѓусебно се исклучуваат, еманципацијата и стремежот на жените да го достигнат максимумот во своите кариери се претставува како негативна појава, успешните жени се подложуваат на потсмев и на омраза, а на децата и младите од обата пола им се испраќа порака дека не се еднакви и дека не треба да се стремат кон еднаквост“, велат од ААВМУ.

Од Агенцијата информираат дека до трите радио-станици се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот, а извештајот од надзорот ќе биде испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација.

Инаку, мизогинија е омраза или предрасуда кон жени или девојки и може да се манифестира на повеќе начини, вклучувајќи ја и половата дискриминација, оцрнувањето на жените, насилството врз жените, како и третирање на жените единствено како сексуални предмети.

Сексизам или полова дискриминација е предрасуда или дискриминација врз основа на полот на една личност и го вклучува верувањето дека лице од еден пол е суштински супериорно во однос на лице од другиот пол.