ААВМУ ја одзеде дозволата на радиото „Слободна Македонија“


Скопје, 17 мај, 2018 - 15:51 (META) 

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на својата денешна седница ја одзеде дозволата за емитување на радиото „Слободна Македонија“.

Одлуката беше донесена едногласно, а по гласањето претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, изрази жалење за вработените, кои како што рече, сигурно веќе подолго време се без работа.

– Сепак, Советот нема друга можност освен да постапи по законите, а медиумот има други можности, по судски пат да се обиде да ја продолжи битката – рече Петрушевски.

Постапката почна уште минатиот месец, откако стручните служби на ААВМУ по извршениот вонреден надзор констатирале дека оваа радиодифузна куќа повеќе не ги исполнува минималните кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и му препорачаа на директорот на ААВМУ да достави предлог до Советот на ААВМУ за покренување постапка за одземање на дозволата за радио емитување.

Постапката за одземање на дозволата почна на 4 мај, кога претседателот на Советот рече дека останува законскиот рок од 15 дена откако радиодифузерот ќе ја добие одлуката, да преземе мерки за да ги исполни условите.

Но, како што рече тогаш директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски уште од 8 февруари годинава, кога се упатени првите предупредувања дека не се исполнува програмскиот концепт за кој е издадена дозволата за емитување, односно најмалку 40 отсто говорна програма, не е преземено речиси ништо, а од тогаш „ролетните во редакцијата се постојано спуштени“.


ААВМУ опомена 24 телевизии и радија


Скопје, 11 мај, 2018 - 10:56 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) вчера изрече опомени за 24 радиодифузери – телевизии и радија – поради непочитување на обврската до 31 март годинава да достават писмен извештај за спроведувањето на обврските утврдени во дозволата за радио и ТВ емитување, како и за недоставување информација за техничките средства преку кои се емитува или реемитува нивниот програмски сервис во земјава или надвор од неа.

Радиодифузерите добија 45 дена рок да ги достават извештаите и информациите.

Меѓу радијата е и Радио Слободна Македонија, за кое на 4 мај беше почната постапката за одземање на дозволата поради неисполнување на условите во поглед на програмата што се емитува.


Почна постапката за гаснење на Радио Слободна Македонија


Скопје, 27 април, 2018 - 16:43 (META) 

Стручните служби на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги (ААВМУ) по извршениот вонреден надзор на Радио Слободна Македонија констатирале дека оваа радиодифузна куќа повеќе не ги исполнува минималните кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и му препорачуваат на директорот на ААВМУ да достави предлог до Советот на ААВМУ за покренување постапка за одземање на дозволата за радио емитување.

Во извештајот објавен денеска на веб-страницата на ААВМУ се вели дека 12 март годинава на барање на агенцијата Радио Слободна Македонија доставило документи за бројот на ангажирани лица, односно еден договор за вработување на неопределено време и девет авторски договори. Бидејќи авторските договори имале важност до 11 април, од ААВМУ било повторно побарано да се достават документи за бројот на ангажирани лица, но тоа не се случило, па ААВМУ му предлага на директорот Зоран Трајчевски да ја почне постапката за одземање на дозволата.


„Сител 3“ ја загуби дозволата поради неплаќање на надоместокот


Скопје, 21 февруари, 2018 - 11:33 (META) 

Телевизијата „Сител 3“ ја загуби дозволата за пренесување на нејзината програма преку кабелските оператори во Република Македонија поради неплаќање на годишниот надомест, според одлуката што вчера ја донесе Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

– Сателитските телевизии што се пренесуваат преку кабелските оператори во Македонија надоместокот за дозволата треба да го платат на почетокот на годината за целата година, а фактура им испративме на 5 јануари, со рок за плаќање од 30 дена. Потоа добија дополнителни 15 дена и повторно не платија, поради што таа фактура ја сторниравме и им издадовме нова фактура само за периодот од почетокот на годината до донесувањето на одлуката за одземање на дозволата – објаснија за „Мета“ од ААВМУ.

Вкупно, за емитување во 2018 година, телевизијата требало да плати 3,45 милиони денари (56.000 евра)

Телевизијата има рок од 8 дена да ја плати новата фактура, но и ако го направат тоа, дозволата издадена на 5 јануари 2015 година нема да биде вратена. Телевизијата има право да се жали на Управен суд, но сеедно, работата е чиста – тие не си ги исполнија обврските, велат од ААВМУ.

Покрај оваа одлука, на вчерашната седница Советот донел одлуки за запирање на постапките за одземање на дозволите на телевизиите „Спектра“ од Лабуништа, „Аниса“ од Пласница, „Здравкин“ од Велес, како и на радијата „Слободна Македонија“, „Ред ФМ“ од Тетово и „Скај“ од Берово.

Радиото „Слободна Македонија“ надоместот од 781.787 денари (12.680 евра) го платила вчера пред седницата на Советот на АВМУ.


АВМУ: МРТ небалансирана, „Нова“ и „Алфа“ известувале навивачки


Скопје, 1 октомври, 2017 - 20:10 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави најновиот извештај од надзорот на медиумското известување, кој го опфаќа периодот пред почетокот на изборната кампања, односно 16 до 24 септември 2017 година. Во него се забележува дека некои телевизии не го спроведувале новинарскиот принцип за известување, туку се однесувале навивачки.

Во извештајот на АВМУ првин се забележува дека поради извештаите за учеството на Генералното собрание на ООН, како и извештаите за отчетите на одделни министерства, во тој период на анализата ја прават македонската влада меѓу најзастапените теми во централните изданија на радио и на телевизиските дневници. Втора по застапеност била парламентарната расправа во врска со предлог-законот за употребата на јазиците.

Потоа се посочуваат проблемите со непристрасното информирање.

„И во овој извештаен период, МРТ 1 не ја следеше одредбата од своите правила за медиумско покривање на локалните избори 2017, според која во вестите до почетокот на изборната кампања треба да обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија“, се вели во најновиот извештај на АВМУ.

Сепак, како најголеми проблеми се посочени ТВ „Нова“ и ТВ „Алфа“, кои биле насочени главно кон информирање за активностите на најголемата опозициска партија, а се одбележува и сериозен прекршок на „Радио Слободна Македонија“.

„ТВ „Нова“ и ТВ „Алфа“, иако со помал обем од претходните извештајни периоди, останаа фокусирани на информациите за активностите, ставовите и за реакциите на најголемата опозициска партија. „Радио Слободна Македонија“ повторно ја репризираше емисијата „Земјо Македонска“, која изобилува со вулгарен и со непристоен речник, односно е во спротивност со професионалното начело за негување и за развој на хуманите и на моралните вредности на човекот и за заштита на приватноста и на достоинството на личноста“, се вели во новиот извештај на АВМУ.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


СДСМ: „Република“, „Курир“ и „Радио Слободна Македонија“ молчат од каде им се милионските приходи


Скопје, 3 јануари, 2016 - 13:32 (META) 

Опозицискиот СДСМ повторно ги повика порталите „Република“, „Курир“ и „Радио Слободна Македонија“ да дадат одговор за начинот на кој се финансираат.

Од партијата наведуваат дека порталот „Република“ остварил приход поголем од 1,1 милион евра, приходот на „Курир“ изнесува 1,3 милиони евра, додека на „Радио Слободна Македонија“ во 2013 година само со еден вработен остварило 242.000 евра приходи.

„Со недели молк, нема одговори за начинот на финансирање на овој провладин медиум. „Република“ и другите медиумски „курири“ на уредникот во заминување Никола Груевски не кажуваат од каде им се милионите на нивните сметки. Зошто и „Република“, како и „Курир“, молчи за милионските приходи? Никола Груевски и фамилијата преку пропаганда на медиумските „курири“ се обидуваат да ги сокријат криминалот и корупцијата во последните 10 години“, стои во соопштението од СДСМ.

Од партијата се наведува дека транспарентноста, непристрасноста и објективноста се клучни професионални и етички новинарски стандарди и оти јавноста очекува одговори за начинот на кој се финансираат овие медиуми, кои за три години оствариле приходи од три милиони евра!

„Според податоците од Централниот регистар, „Радио Слободна Македонија“ во 2013 година само со еден вработен остварило 242.000 евра приходи. Како е можно со само еден вработен да се оствари  приход од 242.000 евра? Заедно со 2014 година, вкупниот приход на „Радио Слободна Македонија“ изнесува повеќе од 617.000 евра. Јавноста знае дека еден од сопствениците на „Радио Слободна Македонија“ е фирмата НВСП. Сопственик на НВСП е Владислав Стајковиќ, близок до братучедот на Груевски, Сашо Мијалков“, стои во соопштението.

Од партијата наведуваат дека НВСП е основач на агенцијата за обезбедување СГС, зад којашто стои лично Мијалков.

Во соопштеното се наведува дека порталот „Курир“ две недели молчи за поврзаноста на фирмата „ЕМ Медиа ДОО Скопје“, сопственик на „Курир“, со Сашо Мијалков, преку фирмата НВСП на Стајковиќ.

„Вистината за Македонија, исто така, откри дека фирмата НВСП на Стајковиќ е дел од провизијата од 540.000 евра што братучедот на Груевски, Мијалков, ја бара за набавување опрема за прислушување од Израел. Од каде им се милионските приходи на медиумите што ги уредува Никола Груевски? Дали пропагандата по нарачка на Никола Груевски, за прикривање на криминалот и на корупцијата во изминатите 10 години, се плаќа со пари на граѓаните?“, стои во соопштението.