Oсомничен со големо досие фрлил бомба кон полицајците, па бил убиен


Тетово, 4 јуни, 2018 - 13:29 (META) 

При полициска акција за апсење, утрово во тетовското село Ларце бил убиен Ј.Р. (38) од селото Ларце. Тој пред да биде застрелан фрлил бомба кон полициските специјалци, соопшти МВР.

Според полицијата, против сега убиениот во периодот од 2000 до 2016 година биле поднесени шест кривични пријави за вкупно 16 тешки форми на кривични дела. Бил пријавен за убиство и убиство во обид, за киднапирање, за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и за тешки кражби и нанесување телесни повреди.

Пред денешната акција имало четири обиди да биде уапсен, меѓутоа тој пружал отпор и тие акции биле безуспешни.

Акцијата почнала утрово во неговата куќа, при што при апсењето фрлил рачна бомба кон полицајците а потоа се дал во бегство, облечен во панцирен елек, вооружен со автоматска пушка со три рамки со куршуми за автоматска пушка, со карабин, како и пиштол марка ТТ 7.62 со рамка куршуми и четири рачни бомби.

Полицајците тргнале по него и при повторниот обид да биде уапсен на 200 метри од неговата куќа, почнал да пука и повторно се обидел да фрли рачна бомба, но бил застрелан.


Малолетници пронашле рачна бомба на улица во Гази Баба


Скопје, 22 октомври, 2017 - 15:03 (META) 

Малолетници вчера попладне пронашле рачна бомба на улицата Ордан Чопела во скопската населба Гази Баба, информира МВР. Случајот бил пријавен околу 14 часот, во Едницата за информации и команда Скопје од страна на граѓанин.

На местото излегла екипа на Одделот за антитероризам на МВР, која ја подигнала рачната бомба.

Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Косово: Фрлена рачна бомба пред салата во која треба да говори српскиот премиер


Приштина, 3 април, 2016 - 10:20 (META) 

Ноќеска околу 3 часот по полноќ била фрлена рачна бомба во дворот од новата спортска сала во Зубин Поток на северот на Косово, потврдиле за балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“ од косовската полиција. Како што информирале оттаму, во експлозијата на бомбата нема жртви и повредени лица, а било оштетено едно приватно возило.

Во новата сала во Зубин Поток беше најавено обраќањето на српскиот премиер Александар Вучиќ, кој денеска е во посета на Северно Косово. Неговата посета ја обезбедува полицијата на Косово.

Заменикот на регионалниот директор на косовската полиција, Бесим Хоти за балканскиот сервис на „РСЕ“ изјавил дека нивото на безбедност е подигнато на највисоко ниво и посетата на Вучиќ продолжува според предвидената агенда.

Вучиќ посетата ја почна во Лепосавиќ, каде ги посетил погоните на „Трепча“, а во текот на денот, како што е предвидено, ќе ја посети Бањска, Здравствениот центар во Северна Митровица и општината Зубин Поток.


При чистење визба, пронајдени рачна бомба и 16 куршуми


Битола, 18 јули, 2015 - 12:25 (META) 

Вчера, околу 19.15 часот, Л.М. од селото Бистрица, Битолско, пријавила дека при чистење визба, пронашла една рачна бомба и 16 парчиња куршуми, калибар 9 милиметри, со потекло од Втората светска војна.

Истите се подигнати и се предадени за понатамошна постапка.