!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Министерски состанок за „Агрокор“ утре во Белград


Белград, 18 април, 2017 - 15:14 (META) 

Во Белград за утре е закажан состанок на министрите за трговија и за економија на Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и на Црна Гора, на кој ќе се разговара за случајот со хрватскиот концерн „Агрокор“.

На состанокот, на кој не се поканети претставници од Хрватска, се очекува да се стане збор за тоа како да се задржат работните места во фирмите што се во состав на „Агрокор“, да се заштитат интересите на набавувачите и како да се спречи одлив на пари од фирмите на „Агрокор“ во регионот во матичната компанија.

Во состав на „Агрокор“, чие седиште е во Загреб, има повеќе од 60 фирми од земјите од регионот, кои вработуваат околу 60.000 луѓе.

„Агрокор“ во Србија е сопственик на фирмите „Меркатор С“, „Дијамант“, „Фриком“, „МГ Мивела“, „Кикиндски млин“ и „Нова слога“, кои вработуваат околу 11.000 работници.

Хрватскиот гигант „Агрокор“, кон крајот на минатиот месец потпиша предстечаен договор со банките и со другите кредитори, на кои им должи околу 10 милијарди евра, за да се направи напор да се задржи ликвидноста на компанијата. Сметките на „Агрокор“ се блокирани поради долг за даноци од околу 10 милиони евра.


СДСМ ќе потроши милиони евра, но за нови работни места, порача Заев од Делчево


Делчево, 29 ноември, 2016 - 23:29 (META) 

„Ако Груевски потроши 700 милиони евра за споменици и за фонтани, и јас ќе потрошам 700 милиони евра, но за нови работни места“, порача лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа на партијата во изборната единица 4, Зоран Заев, на митингот кој Коалицијата за живот во Македонија вечерва го одржа во Делчево.

Тој истакна дека Делчево ќе го оправда аманетот на Гоце Делчев, револуционерот по кого градот го носи своето име, дека ослободувањето на еден народ е пред сè негово сопствено дело.

– Ах, да стане Делчев и да види какви неранимајковци го носат светото име ВМРО и да види на какво дереџе ја донесоа Македонија… Денеска знаеме сè, вистината е обелоденета до крај, никој не може однадвор да дојде и да ни ја спаси Македонија. Затоа Делчев зборуваше дека ослободувањето на еден народ е пред сè негово сопствено дело. Во наши раце е пенкалото, да се ослободиме од крпениот живот и да обезбедиме живот како во модерните Италија, Хрватска, Словенија – рече Заев.

Тој истакна дека сите ресурси на државата ќе бидат насочени кон отворање нови работни места, просечната плата ќе биде 30.000 денари, а минималната, која ќе изнесува до 16.000 денари, ќе биде еднаква за сите работници независно од кој сектор доаѓаат.

Лидерот на СДСМ рече дека нема да дозволи промена на Уставот, кој, како што истакна, напротив, ќе се почитува и ќе се спроведува.

– Се збунил Груевски, вели ќе има федерализаицја и кантонизација, но не, ќе има конфискација, фамилијата на власт ќе врати сè што им одзеде на стотици фамилии – рече Заев.

Пред делчевци вечерва се обрати и носителот на кандидатската листа на СДСМ во третата изборна единица, Љупчо Николовски, кој меѓу другото порача дека ќе има праведна распределба на државното земјиште.

– Земјата ќе биде во рацете на вистинските земјоделци. Тие ќе имаат поевтина нафта, поевтини трошоци, бенефициран стаж и сигурен откуп на земјоделските производи – рече Николовски.

Денеска СДСМ имаше и митинг во Македонска Каменица, каде лидерот на опозициската партија истакна дека СДСМ ќе го врати стариот закон за пензионирање на рударите.

– Не може бенефициран стаж да има секој, а рударите да се мачат – истакна Заев.


СДСМ: 10.000 затворени домашни фирми, секоја трета со блокирана сметка


Скопје, 28 ноември, 2016 - 10:21 (META) 

„10.000 затворени домашни фирми се резултатот на Никола Груевски во економијта. Секоја трета фирма е со блокирана сметкa. Малите и средни претпријатија со години беа потценувани со државна помош од само две евра годишно по фирма“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека 10.000 семејства кои егизистираа од тие фирми останаа на улица без работа и основна егзисетнција.

Од СДСМ велат дека планираат 140 милиони евра директна поддршка за домашните фирми, за да се развиваат и да отвораат нови работни места.

 


Судирите на Блискиот Исток ја уништуваат економијата, смета Лагард


Њујорк, 16 септември, 2016 - 18:15 (META) 

Економијата на Блискиот Исток се уништува со воените судири и бегалската криза, оцени денеска првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард.

– Во тој регион повеќе од 30 милиони луѓе станаа бегалци или се привремено раселени. Основните средства за производство во воените зони се уништени. Загубите, кога станува збор за богатство и приходи, се огромни има недостаток на образован човечки капитал како и работни места – изјави Лагард.

ММФ денеска објави извештај за последиците од судирите на Блискиот Исток и ефектите врз економијата.

Лагард наведува дека и повеќе од 11 милијарди долари помош ветени за Сирија и тој регион до 2020 година нема да бидат доволни имајќи ја предвид големината на кризата.


Виси на конец судбината на повеќе од 1.800 вработени во грчките телевизии


Атина, 4 септември, 2016 - 12:30 (META) 

Повеќе од 1.800 новинари, техничари и вработени во грчките телевизии може да останат на улица поради новите измени во грчкиот телевизиски простор. Судбината на телевизиите што не успеаја да обезбедат национални телевизиски концесии, виси во воздух и илјадници новинари не знаат што ќе се случува со нив откако ќе поминат трите месеци неопходни за да се спроведат промените по завршувањето на владината аукција за концесии.

По жестоки реакции од новинарите за индиферентноста на грчкото Здружение за новинари кон целиот процес, од Здружението вчера најавија потенцијални 24-часовни штрајкови и прекини на работата на медиумите во знак на протест против владината одлука за ваков тип регулација на медиумскиот простор и принудно затворање телевизии.

Оттаму предупредуваат дека неизвесна е и иднината на новинарите во телевизиите кои обезбедија концесија, бидејќи поради високите суми платени за концесијата, можно е да дојде до нови отпуштања или намалување на платите.

Здружението на новинари бара од владата да не се дозволи да се затворат телевизиите без концесии и да се загарантираат работните места на новинарите и на другите вработени, како и да се гарантира слободата на размена на идеи и слободното медиумско информирање на граѓаните.

За потсетување, грчката влада на аукција додели само четири концесии, и тоа две на постоечки телевизиски куќи, „Скај“ и „Антена“, и две на нови медиумски куќи кои ќе се формираат и ќе почнат да работат во следните три месеци. Другите телевизии, како „Мега“, „Алфа“, „Стар“ и „Епсилон“, не успеаја да обезбедат концесија и, според најавите, по три месеци ќе треба да го згаснат својот сигнал. Во државната каса од аукцијата за ТВ-концесии влегоа дополнителни 246 милиони евра, пари кои грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека ќе се искористат за помош за ранливите групи во државата.


6.687 слободни работни места во вториот квартал од годината


Скопје, 2 септември, 2016 - 15:09 (META) 

Во вториот квартал годинава во Македонија се регистрирани 6.687 слободни работни места, објави Државниот завод за статистика. Најголем број слободни работни места, односно 2.398, има за работници во услужни дејности и во продажба.

Најмала е стапката на слободни работни места во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што изнесува 0,1 отсто.

Деловните субјекти кои имаат од 10 до 49 вработени имаат највисока стапка на слободни работни места, 1,88 отсто.

Со највисока стапка на слободни работни места, 2,3 проценти, е Југоисточниот Регион.

 


Новиот рудник за гранит ја вжешти политичката сцена во Битола


Битола, 2 јули, 2016 - 15:39 (META) 

Дебатата за новиот рудник за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил kамен, ја вжешти политичката сцена во Битола.

Рудникот кој е оддалечен околу два и пол километри од централното градско подрачје и околу 800 метри од првото населено место, ги спротивстави власта и опозицијата во еден од најзагадените градови во земјава.

Главното прашање, дали рудникот ќе има штетни последици по здравјето на битолчани, денеска го постави потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.

– Дали е направена соодветна студија за оправданост на експлоатацијата, а доколку има студија зошто таа не е доставена на увид на советниците во Советот на Општина Битола? Дали сообраќајното решение е соодветно со оглед дека рудникот излегува на магистрален пат, кој во иднина е планиран за експресен пат? Знаејќи дека Општина Битола поради РЕК-Битола е еден од најзагадените градови, овие дилеми на граѓаните се повеќе од оправдани – рече Кирацовски.

Со новиот рудник стопанисуваат лица блиски до бизнис-елитата на партијата на власт во Битола, велат опозиционерите.

– Бидејќи сите овие прашања се отворени, а знаејќи на кој начин се добиваат дозволи за работа и концесии кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, бараме од компанијата „Стентон градба“ и друштвото за производство, трговија и услуги „Стентон увоз-извоз“, како и од Општина Битола, во најскоро време да приложат соодветна документација и испитувања со кои ќе се потврди влијанието на рудникот врз неговата околина – рече Кирацовски.

Портпарлот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Валентина Марковска, пак, вели дека иако насекаде во светот искористувањето на рудните богатства во функција на економски развој е приоритет, за СДСМ тоа е само тема за собирање политички поени.

– Оваа инвестиција нуди и нови работни места, кои за СДСМ изгледа и не значат ништо. За нив најдобро би било кога работите би останале исто како во нивно време, да не се менуваат, бидејки нивната цел е манипулација на јавноста и ширење паника – рече Марковска.

На прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, со писмено соопштение се огласија од „Стентон градба“, од каде што тврдат дека рудникот за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил камен нема штетно влијание врз здравјето на граѓаните, за што, како што велат, имаат потврда од соодветни испитувања, и ја повикуваат јавноста да се увери во тоа.

– Договорот за концесија на минерална суровина гранит од локалитетот Билбил камен од Министерството за економија е доделен преку соодветна документација, запазувајќи ја целосната законска процедура – велат од „Стентон градба“.

Концесијата за стопанисување со овој рудник е издадена на 30 години.

 


Драги: Потребна е подобра координација на централните банки во светот


Синтра, 28 јуни, 2016 - 15:33 (META) 

Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, денеска апелираше на подобра координација меѓу водечките централни банки во светот за подобро соочување со предизвиците на денешната глобална економија.

Ова Драги го истакнал на специјалниот форум во организација на ЕЦБ во лускузното одморалиште Синтра во Португалија.

Претседателот на Европската централна банка ги повикал светските лидери да се усогласат околу тоа кои се ризиците што ја загрозуваат глобалната економија и да преземат конкретни акции за промовирање на економскиот пораст и за отворање нови работни места.


ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на Дамјан Манчевски


Скопје, 14 јуни, 2016 - 18:53 (META) 

Срамната изјава на Дамјан Манчевски е показател дека на СДСМ не само што му пречи успешна Македонија, туку му пречат и луѓето кои се едни од најважните членови на тимот што постигнува врвни економски резултати во време на економски и политички кризи, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на Манчевски.

„Ставрески беше дел од економскиот тим кој ја намали невработеноста од 38 на 24,5 отсто. Менторите на Дамјан Манчевски од СДСМ беа дел од тимот што ја спроведе срамната приватизација и ја раскрчми државата. Ставрески беше дел од економскиот тим што во Македонија донесе повеќе од 50 директни странски инвестиции, кои резултираа со илјадници работни места. Менторите на Дамјан Манчевски беа дел од економскиот тим на СДСМ што избрка 200.000 луѓе на улица, ја уништи економијата и судбините на стотици илјади Македонци. Ставрески може да се пофали со придонес кон отворање на повеќе од 150.000 нови работни места. Манчевски може да се пофали со одржување на срамна прес-конференција на која оставката од здравствени причини на досегашниот вицепремиер и министер за финансии ја искористи за презентација на нечовечноста и на ароганцијата која е потпис на СДСМ“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.


„Џонсон контролс“ ќе гради фабрика и во Струмица


Струмица, 19 мај, 2016 - 12:30 (META) 

Американската компанија за производство на навлаки за автомобилски седишта „Џонсон контролс“ денеска ќе почне да гради нова фабрика во технолошко-индустриската зона во Струмица.

Инвестицијата ќе чини 20 милиони долари, а се очекува да бидат отворени 1.500 работни места.

Погон за производство „Џонсон Контролс“ има и во Штип.