Почнаа подготовките за национален план за широкопојасен интернет


Скопје, 5 март, 2018 - 11:56 (META) 

Министерството за информатичко општество и администрација почна со подготовка на Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Македонија, за што се формирани четири работни групи.

Групата за утврдување слободни капацитети и нивно идно користење кај постојни електронски комуникациски мрежи и средства, со која претседава министерот Манчевски, ќе се зафати со мапирање на сите државни електронски комуникациски мрежи. Тоа се прави поради потребата да се искористат нивните слободни капацитети за понатамошен развој на електронските комуникациски мрежи и услуги на државните институции како и за потребите на приватниот сектор.

Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ да се усогласи со бродбенд таргетите на Дигиталната агенда на ЕУ и новата стратегија за единствен дигитален пазар.

Другите три работни групи се за утврдување мерки и активности потребни за воведување на 5G мобилна технологија, за обезбедување подобра координација на процесот на мапирање на територијата на Македонија со постоечки и планирани идни широкопојасни електронски комуникациски мрежи и за утврдување предлог мерки за поттикнување и зголемување на интересот на граѓаните за поврзување преку широкопојасни мрежи.


ВМРО-ДПМНЕ повикува да се формираат работни групи за законот за јазиците


Скопје, 23 јануари, 2018 - 19:57 (META) 

Најмалку што парламентарното мнозинство сега може да го направи е да го повлече предлог-законот за јазиците и да се направат работни групи од сите политички партии, со вклученост на експерти по уставно право и експерти-јазичари, како и МАНУ, за да се види се дојде до решение на оваа ситуација, рече Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и в.д. координатор на пратеничката група на партијата.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција тој порача оти ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува владиното мнозинство уште еднаш да направи чекор назад за да се види што ќе се прави со законот, откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, не го потпиша указот за стапување на сила на законот за јазиците што парламентарното мнозинство го усвои минатата седмица.

– Имаме закон кој што секојдневно на дневна основа, дури и експерти кои и до вчера но и денес се блиски до СДСМ, го критикуваат тој закон. Се работи за закон кој што засега голем број на луѓе во Република Македонија, го засега и целото општество – рече Ѓорчев.


Димитров: Македонија и Грција ќе формираат работни групи за преговори за името


Скопје, 12 јануари, 2018 - 17:22 (META) 

Македонија и Грција се согласија да формираат работни групи предводени од министрите за надворешни работи, кои ќе водат преговори за решавање на 25-годишниот спор за името, изјавил министерот за надворешни работи, Никола Димитров за агенцијата „Ројтерс“.

Тој очекува првата средба на новите групи да се одржи во февруари, при што директно ќе се преговара за можни решенија за спорот.

– Се разделивме убедени во тоа дека има волја на двете страни да се оди напред – вели шефот на македонската дипломатија за вчерашната средба во Солун со неговиот грчки колега Никос Коѕиас.

Димитров во интервјуто вели оти е јасно дека идентитетот е многу важен за македонската страна и мора да се најде начин да се убедат грчките колеги дека постои јасна раздвоеност на Македонија од регионот во северна Грција.


Работните групи ќе ги усогласуваат законот за внатрешни работи, за влада и за медиуми


Скопје, 25 јули, 2016 - 11:48 (META) 

Четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино, денеска ќе се сретнат за да ги усогласат законските измени што претходно ги договорија со последниот анекс на Договорот од Пржино.

Работните групи на партиите ќе треба да ги усогласат измените во законите за влада, за медиуми, како и во законот за министерството за внатрешни работи.

Потоа овие законски измени ќе треба да бидат изгласани во Собранието. Се очекува работните групи да се сретнат попладнево.


Работните групи утре ќе ги договараат законите


Скопје, 24 јули, 2016 - 13:35 (META) 

Претставниците на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино утре ќе се сретнат за да ги договорат законите и законските измени што во наредниот период треба  да бидат одобрени во Собранието.

Последниот договор што го постигнаа четирите партии се однесува на законски измени поврзани со медиумите, ингеренциите и мандатот на опозициските министри  во преодната влада, како и на законот за МВР.


Партиските преговори продолжуваат денеска во 12.30 часот во Клуб на пратеници


Скопје, 20 јули, 2016 - 10:24 (META) 

Политичките партии потписнички на Договорот од Пржино ќе ги продолжат партиските преговори во 12.30 часот во Клуб на пратеници, потврдија за „Мета“ извори од работните групи.

По двочасовни преговори, вчера партиите не успеаја да постигнат договор. Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, по завршувањето на преговорите рече дека и покрај конструктивните дискусии, партиите не успеале да постигнат договор и дека преговорите ќе продолжат денеска.

Пред почетокот на преговорите, Артан Груби од ДУИ беше оптимист и рече дека разликите се минимални и дека наскоро може да се очекува решение. Според него, единствена можна дата за избори годинава е 11 декември.

Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ пред вчерашната средба обвини дека СДСМ постојано одбива предлози и посочи дека неговата партија е конструктивна и постојано дава нови предлози за да се постигне конечно решение.

– Генерално, се разговара за две работи. Првата е по завршување на изборите да заврши владата од Пржино и, втората, да не може да се прави злоупотреба и масовна партиска чистка во МВР – изјави Тодоров.

Радмила Шекеринска од СДСМ, пак, ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека бегаат од Договорот од Пржино и од регуларни избори кои час поскоро ѝ се потребни на Македонија.


Преговорите завршија, партиите не постигнаа договор


Скопје, 14 јули, 2016 - 2:03 (META) 

Завршија маратонските преговори на претставниците на политичките партии во резиденцијата на Европската Унија во Пржино, но договор ниту денеска не е постигнат, јави „Нова ТВ“.

Како што изјави амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, договор не е постигнат само поради едно прашање, но ниту по инсистирањето на новинарите, тој не откри за кое прашање станува збор.

Неофицијално, партиите не можат да се договорат околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи.

Орав во изјава по средбата рече дека направена е значајна работа, постигнат бил договор околу сите прашања освен за едно и изрази надеж дека преговорите за тоа прашање ќе продолжат што е можно поскоро.

Од преговарачките тимови се дознава дека ВМРО-ДПМНЕ е за формирање преодна влада 60 дена пред изборите, додека СДСМ бара доколку изборите се одржат годинава, владата да се формира 100 дена пред изборите. Ако, пак, се одржат заедно со локалните избори во 2017 година, СДСМ предлага извршното тело да функционира шест месеци пред денот на гласањето.

Четирите партии засега се согласни да нема трет избирачки список, туку 40.000 спорни гласачи да се проверуваат прво теренски, а потоа самите да се пријават во Државната изборна комисија. Ако не се пријават до одреден временски период, тие ќе бидат избришани.


Формирањето преодна влада до изборите, главна тема во Пржино


Скопје, 13 јули, 2016 - 14:13 (META) 

Формирањето преодна влада до избори е главна тема на денешните разговори на работните групи на политичките партии во Пржино, дознава „Мета“ од извори во преговарачките тимови.

Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Имер Алиу од ДПА и Артан Груби од ДУИ ќе разговараат и за избирачкиот список и за реформите во медиумите.

Како што дознаваме, сите четири политички партии се договориле да нема трет избирачки список за спорните 40.000 гласачи, туку тие да се проверат прво со теренска проверка, а потоа и со самопријавување во Државната изборна комисија.

„Мета“ дознава дека отфрлена е идејата за ад хок група која требаше да се формира пред избори за регулација на медиумите, што, според изворите, и понатаму е најгорливото прашање на преговорите.

На разговорите, покрај претставниците на политичките партии, присуствуваат амбасадорот на САД, Џес Бејли, и евроамбасадорот Аиво Орав.


Почнаа преговорите на работните групи во Пржино


Скопје, 12 јули, 2016 - 14:45 (META) 

Почна средбата на работните групи на четирите политички партии за решавање на политичката криза. Претставници на партиите се Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

Посредници на средбата се евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на САД, Џес Бејли.

Претставниците на политичките партии денеска треба да направат нов обид за доближување на ставовите околу реформите во медиумите и прочистување на избирачкиот список.

По вчерашните неколкучасовни преговори, „Мета“ дознава дека можно решение се избори во ноември, но со претходна проверка дали се исполнети условите во август. Во текот на вчерашниот ден постигнат бил благ напредок околу избирачкиот список и реформите во медиумите.

На преговарачка маса е и предлог за формирање специјалното судско одделение и специјален оддел во МВР за потребите на Специјалното јавно обвинителство.


Медиумите се на денешната преговарачка агенда на работните групи


Скопје, 7 јули, 2016 - 10:06 (META) 

Работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА, денеска во 11.30 часот, во резиденцијата на Европската Унија во Пржино, ќе разговараат за реформи во медиумите.

Средбата доаѓа по вчерашната посета на германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл. Тој се сретна со лидерите на СДСМ, ДУИ и на ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, и со партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓупартиските преговори беа прекинати кон средината на јуни поради дијаметрално спротивни ставови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за регулацијата на медиумите и за начинот на прочистување на избирачкиот список.  Двете партии за прекинувањето на преговорите вината си ја префрлаа една на друга.