Недостигот од работна сила го ограничува производството на компаниите


Скопје, 17 септември, 2018 - 15:33 (META) 

Македонија се соочува со сериозен недостиг од квалификувана работна сила, а најдобар показател за тежината на овој е проблем е најновата анкета на Државниот завод за статистика за тенденциите во преработувачката индустрија.

Во неа, менаџерите на компаниите одговориле дека најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството има недостигот од квалификувана работна сила со 23,3 проценти, недоволната домашна побарувачка со 17,2 проценти, недоволната странска побарувачка со 17,1 проценти и неизвесното економско опкружување со 11,1 проценти.

Ваквите податоци треба да бидат аларм за носителите на економските политики со оглед на тоа што е извесно дека доколку на претстојниот референдум се изгласа зачленување во ЕУ и НАТО, македонскиот пазар на труд ќе доживее силен удар манифестиран преку бран иселувања пред се на млади лица кои ќе можат легално да работат во некоја од европските земји со македонски  пасош.

Доказ за тоа се трендовите во земји како Бугарија и Романија каде што откако беа отворени вратите на европскиот пазар на труд стотици илјади граѓани заминаа на работа во некоја од земјите од ЕУ.


ЕУ и НАТО ќе го стресат пазарот на труд, но се голема шанса за работниците


Скопје, 12 септември, 2018 - 10:14 (META) 

Македонија се соочува со хроничен дефицит од одредени профили стручно квалификувани работници, а на тоа подолг период укажуваат стопанските комори во земјава. Најсвеж пример за тоа се транспортерите и стопанствениците од текстилната индустрија кои изминативе денови јавно се пожалија дека имаат недостиг од кадар и дека се потешко се наоѓаат работници од одредени струки. Извесно е дека овој проблем во иднина ќе се зголемува, а главна причина за тоа стратегиската определба на нашата земја за членство во Европската Унија за што на 30 септември ќе има изјаснување на граѓаните на референдум.

Доколку дојде до отварање на процесот на преговори и зачленување на Македонија во Европската Унија, тоа ќе значи и отворање на европскиот пазар на труд за работниците од нашата земја, што според регионалните искуства ќе придонесе за драстичен бран на иселувања на работници во некоја од европските земји.

EUmobile

Според податоците на „Еуростат“ во 2017 година повеќе од половина милион Бугари на возраст од 20 до 64 години живееле во некоја од земјите на ЕУ, а 70 отсто од нив работеле во државата каде што живеат. Официјалните податоци на Бугарскиот завод за статистика, покажуваат дека минатата година популацијата во Бугарија на возраст од 20-64 години изнесувала 4,5 милиони.

Од „Еуростат“ пресметале дека 12 отсто од лицата на оваа возраст се резиденти на некоја друга земја од ЕУ, што значи дека околу 550.000 Бугари живееле и работеле надвор од татковината. Во 2007 година само 5 отсто од Бугарите на оваа возраст живееле во ЕУ односно 220.000 лица. Податоците на „Еуростат“ откриваат дека убедлив рекордер во однос на иселувањата во земји од ЕУ е Романија, каде дури 19,7 отсто од населението на возраст од 20 до 64 години живее и работи во некоја од земјите од ЕУ.

Во Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, која со децении работи на спојување на домашниот и странскиот пазар на труд велат дека во Македонија, посебно кај младите лица и сега постои огромен интерес за работа во странство.

Slobodnimesta

„Ние нудиме различни програми за сезонска и постојана работа насекаде во светот. Постои огромен интерес, а најдобар показател за тоа е што во моментов имаме над 1.000 студенти на работа во странство. Доколку дојде до отварање на европскиот пазар на труд за лица со македонски пасош очекуваме огромен бран иселувања бидејќи и досега многу наши сограѓани правеа сè што можат за да дојдат до бугарски пасош кој е своевидна виза за работа во ЕУ“, велат од „Коузон“.


Во Прилеп има дефицит на бравари, конфекционери, општи работници


Прилеп, 7 септември, 2018 - 15:08 (META) 

Дефицитот на работна сила, сериозниот недостиг на средно-квалификуван кадар од разни области, а најмногу конфекционери, бравари и угостители е проблем на којшто посочуваат прилепските стопанственици.

Овој проблем е присутен последниве неколку години, но годинава станува алармантен. Меѓу бројните компании кои што посочуваат на недостигот на работна сила е конфекцијата „Комфи-ангел“, формирана со мешовит македонско-англиски капитал.

– Што се однесува до „Комфи-ангел“, порано за една апликација за вработување се пријавувале по 140, а  сега едвај десетина работници. Една од клучните точки во овие моменти е недостигот на работна сила. Пред извесен период разговаравме за недостиг од едуцирана работна сила, но сега станува збор за недостиг од работна сила, воопшто. Мора да најдеме начин и на локално, национално и регионално ниво како да го амортизираме овој проблем,за да не предизвикаме економски негативни ефекти во стопанството и на капиталот во Прилеп и во државата – вели Ирена Јакимоска, сопственичка на конфекцијата и претседателка на Управниот одбор на регионалната канцеларија на Стопанската комора –Прилеп.

Таа додаде дека менаџерите на секторите за човекови ресурси од повеќе фирми во градот заедно работат на изнаоѓање решенија за регулирање и ублажување на проблемот. Според неа, најдобро е да се подготви Стратегија за да може компаниите да „увезуваат“ работна сила.

– Работнички и може да се најдат, но многу тешко ќе најдете работници во Прилеп. Недостигот на работници,значи и намален број на потрошувачи,а тоа рефлектира со намален приход во државната каса, само по основ на ДДВ – оценува Јакимоска.

Стопанствениците забележуваат дека дел вработени не го почитуваат законот, во случаи кога одлучуваат да го прекинат договорот за работа. Едноставно без најава, заминуваат од една во друга фирма. Бизнисмените бараат рамноправна положба на домашните со странските компании, кои што имаат свои капацитети во ТИР зоните.  Сметаат дека државните субвенции придонесуваат тие компании да им понудат повисоки плати на вработените, а тоа е една од причините за одлив на работната сила од компаниите каде што работеле досега.

– „Витаминка“ поддржува и активно партиципира во насока да се изнајдат начини и мерки за ублажување на проблемот со недостиг на технички кадар на пазарот на трудот, со којшто се соочуваме во последно време. Ни недостигаат пред сè кадри со средно образование. Со цел да ги направиме нашите компании поатрактивни на пазарот на трудот, треба да се преземат мерки домашните компании да бидат поконкурентни во однос на компаниите што работат во индустриските зони, коишто вработуваат многу поголем број работници – вели Орде Ѓорѓиоски, директор на сектор за правни и општи работи во ПИ „Витаминка“.

За овие проблеми стопанствените ќе побараат поддршка и од Стопанската комора во Скопје, и од државата.

Од друга страна пак многу работници порачуваат дека единствено решение за да останат на работа, е зголемување на платите, почитување на законската регулатива за работно време и исплата на сите надоместоци согласно со законот и колективните договори.

– Доколку добиеме плата соодветна на трудот што го вложуваме, сигурно дека нема да заминеме од една во друга фирма. Се разбира дека нам ни е многу подобро да работиме во ‘Гентерм’,отколку во која било конфекција или фирма, каде што за огромен труд, добиваме 100 евра помалку. Прилепчани заминаа во странство, се иселија, нема веќе кој да им работи. Ако сакаат и нас да не задржат, а и новите генерации да останат овде, нека повелат нека ни ја зголемат платата –  коментираат многу работници и на социјалните мрежи.


Квиз: Проверете ги вашите знаења за половата застапеност на пазарот на труд


Скопје, 25 април, 2018 - 12:30 (META) 

Анализата на податоците од Анкетата за работната сила на Државниот завод за статистика покажува дека во Македонија постои нерамномерна полова распределба на работните места и на платите. Проверете ги вашите знаења во однос на половата застапеност на пазарот на трудот во Македонија преку овој интерактивен квиз.

Објавените визуелизации се дел од проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability имплементиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владaта на САД.


Недостигот од квалификувана работна сила, го ограничува производството


Скопје, 20 јули, 2015 - 14:54 (META) 

Според оцената на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јуни 2015 година е за 1,7 процентен поен зголемен во однос на претходниот месец, а во однос на јуни 2014 година е зголемен за 6,6 процентни поени.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јуни 2015 година, во однос на мај 2015 година, е поповолна, како и очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци, додека резервите на готови производи сe зголемени.

Економската состојба на деловните субјекти е оценета како поповолна во однос на претходниот месец, а како поповолна и во однос на јуни 2014 година. Истото се однесува и на оцената за бројот на вработени.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јуни 2015 година изнесува 64,1 отсто од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на прозводството имаат недостигот од квалификувана работна сила со 25,2 проценти, недоволната странска побарувачка со 24,5 проценти, недоволната домашна побарувачка со 24,2 проценти и финансиските проблеми со 6 проценти.