!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев, Рама, Марковиќ и Звиздиќ ќе учествуваат на „Самит 100“


Скопје, 13 октомври, 2017 - 10:32 (META) 

Премиерот Зоран Заев ќе учествува на регионалниот настан „Самит 100“  за бизнис-лидери од Југоисточна Европа, кој на 16 и 17 октомври ќе се одржи во Скопје.

Заев е поканет да учествува со свое излагање на премиерската пленарна панел-дебата под наслов „Нов договор за новото време или дали регионот е подготвен за натпревар на глобалната сцена?“, на која ќе се дебатираат и темите за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

Учество на оваа пленарна дебата, која ќе се одржи на 17 октомври, потврдија и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Посебно обраќање на овој исклучително значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

„Самит 100“ на бизнис-лидерите на Југоисточна Европа се одржува по шести пат. Централната тема оваа година е „Поврзаност“, која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и низ панел-дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилност на луѓе и на идеи, енергија и дигитализација.


Национален форум „Време на предизвици“ во Струга


Струга, 16 ноември, 2016 - 9:30 (META) 

Невладината организација „Цивика мобилитас“ денеска во Струга организира национален форум под наслов „Време на предизвици“.

Форумот има цел да ја подобри интеракцијата и да придонесе во соработката меѓу граѓанските организации, другите актери на граѓанското општество и нивните конституенти, овозможувајќи простор за артикулирање на идеи, но и за заедничко планирање и за подготовка на акции.

Темата на носечката панел-дискусија на форумот е „Улогата на граѓанското општество во промоцијата на демократијата во Македонија“.

Ќе бидат презентирани платформите за човекови права, за граѓанска превенција и за здрав спорт за здраво општество, како и мрежата за миграции.

Исто така, ќе бидат проектирани повеќе документарни филмови посветени на важни општествени прашања, како што е тоа за миграциите, за жените и другите маргинализирани групи. Ќе бидат презентирани публикации и истражувања, но и организации и нивните активности.

 


Вечерва почнува тетовскиот филмски фестивал „Ода 2015“


Тетово, 22 септември, 2015 - 16:08 (META) 

Со проекција на играниот филм „Три прозорци и едно бесење“ во режија на Иса Ќосја од Косово, денеска во Центарот за култура „Ило Антески Смок“ во Тетово почнува четвртиот Тетовски интернационален филмски фестивал „Ода 2015“. На фестивалот, кој ќе трае до сабота, ќе бидат прикажани 45 краткометражни филмови, неколку краткометражни филмови и работилници на различни теми.

– Отворањето на фестивалот е закажано за денеска во 20 часот. Следната проекција на долгометражен филм е закажана за четврток, кога премиерно во Тетово, во соработка со Агенцијата за филм на Македонија, ќе биде прикажан филмот „Децата на Сонцето“ од Антонио Митриќески, додека петок е предвиден за филмот „Свет од Албанија“ во режија на Ирис Елези и на Томас Логореци – изјави претседателот на фестивалот, Сабедин Селмани.

Во рамки на фестивалот, ќе има главна натпреварувачка програма на документарни филмови. Најавените работилници ќе бидат на тема сценарио, фотографија, режија, менаџирање и организација на филмска продукција. Влезот за сите пет фестивалски дена е слободен.


Летни археолошки школи и работилници во Стоби


Скопје, 3 јули, 2015 - 13:33 (META) 

Во организација на Националната установа „Стоби“, а во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Стара Загора, Бугарија, во текот на јуни и на јули на археолошкиот локалитет Стоби се одржуваат четири меѓународни летни работилници и школи.

Овој месец, заклучно со 28 јули, во Стоби се реализираат меѓународната летна школа за археологија и првата работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и на археолошки наоди.

Тринаесет студенти и волонтери, претежно од САД, учествуваат на школата за археологија во чии рамки се вршат ископувања на Теодосијанската палата. Целта на овие истражувања е откривање и документирање на археолошките појави во јужниот дел на палатата.

Годинава првпат се реализира и работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и на археолошки наоди. Во рамките на оваа работилница, која ја предводи проф. д-р Џорџ Беван од Универзитетот во Квинс, Торонто, учествуваат единаесет студенти од САД, Канада и од Австралија.

Организирањето и реализацијата на школите и на работилниците се од особено значење за промоцијата и за презентацијата на богатото културно наследство на археолошкиот локалитет Стоби во светски рамки.