„Метаморфозис“ организира работилница за слободата на изразување онлајн и офлајн


Скопје, 5 април, 2018 - 14:09 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ организира работилница „Разбирање на слободата на изразување онлајн и офлајн“, која ќе се одржи на 12 април во Клубот на новинари во Скопје.

На работилницата ќе бидат претставени основните концепти во сферата на слободата на изразување, како и актуелните и релевантните стандарди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на изразување на и вон интернет.

Основа за работилницата е публикацијата „Први чекори во разбирањето на слободата на изразување онлајн и офлајн“ чија подготовка е поддржана од страна на Американска адвокатска комора (АБА РОЛИ) и Стејт департментот како дел од Проектот за Интернет слобода во Источна Европа и Евроазија.

Публикацијата е достапна на македонски и албански јазик, кои ќе бидат работни јазици на работилницата, со обезбеден симултан превод.

Пријавувањето трае до вторник, 10 април, до 17 часот преку пополнување на формуларот за регистрација, по е-пошта на contact@metamorphosis.org.mk, или на телефон на 02/3109-325 (лице за контакт Горан Ризаов).


Манчевски: Работиме на нова законска рамка за поголема сајбер безбедноста


Скопје, 2 април, 2018 - 11:59 (META) 

Работиме на нова законска рамка што ќе овозможи поголема безбедност на интернет мрежите, информираше денеска министерот за информатичко општество и технологија, Дамјан Манчевски на отворањето на работилницата за „Национална рамка и стратегија за сајбер безбедност и функционирање на национален CERT/CSIRT“.

Тој додаде дека сајбер-нападите претставуваат заедничка закана за сите за потрошувачите, државите, бизнисите, економиите, занаетите, граѓаните, и тн.

– Како што и порано, за време на војна се склучувале сојузи за борба против непријателот, така и ние мора да се здружиме заедно – рече Манчевски.

Во рамките на посебната соработка договорена помеѓу МИОА, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, а со поддршка на Светска банка, беше направена проценка на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во државата од страна на експерти од Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичката безбедност на универзитетот Оксфорд.

На Дигиталниот саем кој ќе се одржи на 18 и 19 април, ќе биде презентирани извештајот од проценката, кој ќе овозможи објективно разбирање за областите кои треба да се подобрат и активностите кои треба да се преземат во таа насока.


Манчевски: Нема реформа на јавна администрација преку ноќ, тоа е процес кој трае


Скопје, 21 март, 2018 - 10:38 (META) 

Министерот на информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски најави промени во законските рамки поврзани со класифицирањето на документацијата, со цел што повеќе документи да бидат јавно достапни.

На денешната работилница „Предизвици во реформите во јавната администрација“ која се одржува во хотелот „Мериот“, во организација на СИГМА, тој додаде дека реформата на јавна администрација не само што нема да заврши преку ноќ, туку е процес на реорганизација на институциите во јавниот сектор и унапредување на нивниот капацитет.

– Тоа е и еден од клучните приоритети во процесот на европска интеграција на Македонија, како главен фокус во новата Стратегија за реформа во јавната администрација и Акцискиот план, усвоени во февруари годинава.  Бизнис-секторот врз база на отворените податоци ќе создава нови вредности, нови бизниси. Ќе воведеме веб-стандарди за онлајн присуство на институциите вклучително и пристапност за луѓето со посебни потреби. Ќе се реконструира системот за електронски услуги преку нов национален портал, кој ќе започне со нудење услуги од 17 институции и континуирано ќе се проширува – рече Манчевски.

Министерот за финансии Драган Тевдовски кој исто така учествува во работилницата, изјави дека во декември била донесена реформа за управување со јавните финансии на среден рок за остварување на стандардите и најдобрите практики на ЕУ.

Тој најави детално објавување на трошењето на парите од буџетот.

– Јавните финансии се клучни Македонија да се движи во добра насока. Не е лошо да бидеме искритикувани и да ни бидат дадени сугестии оти македонските граѓани заслужуваат подобри услуги – додаде Тевдовски.


Хуманитарен базар на ракотворби изработени од бегалци во Сули-ан


Скопје, 19 јуни, 2017 - 10:09 (META) 

По повод Светскиот ден на бегалците, 19 јуни, денеска во 18 часот, во дворот на Сули-ан во Старата скопска чаршија, ќе се одржи хуманитарен базар на повеќе од 100 ракотворби (накит, цртежи и слики) изработени од бегалци, под мотото „Создади надеж“.

Во февруари и во март оваа година се одржаа 15 работилници за терапија со уметност со 139 учесници, бегалци и мигранти, за да им се помогне во справувањето со траумите што ги преживеале во текот на нивното патување кон подобар живот и во подобрувањето на нивната емоционална, духовна, когнитивна и физичка благосостојба.

„Овие работилници ми беа безбедно место за дружење. Но, ми беа и повеќе од тоа, тие ми помогнаа да ги изразам своите чувства преку моите уметнички дела и ми ја дадоа потребната самодоверба да извршувам и други активности. Исто така, ми помогнаа да ги развијам вештините што ми се потребни за да станам вистински уметник“, изјави 17-годишно момче кое четири месеци престојува во Транзитен центер – Табановце, а учествуваше на работилниците.

Работилниците за терапија со уметност се организираа во рамки на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и на мигрантите, спроведуван од Македонското здружение на млади правници во соработка со „Отворена порта – Ла Страда“.

Собраните средства ќе бидат искористени за потребите на бегалците и на мигрантите што транзитираат или престојуваат во Македонија.


Со првата работилница во Охрид, почнуваат обуките за граѓански активизам


Охрид, 12 мај, 2017 - 10:47 (META) 

Со дводневната работилница во Охрид, од денеска почнуваат обуките за граѓански активизам.

– Целта е да се зголеми граѓанската свест и да не се наседнува на пласирањето лажни вести – вели Синиша Пекевски, национален координатор на проектот „Зајакнување на граѓанскиот активизам преку медиумска писменост“.

Работилниците отвораат можност за развој на локални иницијативи и акции, кои се од интерес за целата заедница.

– Обуката ќе биде бесплатна. Првиот ден ќе се говори за тоа што е вест, а што пропаганда, како да се препознае лажна вест. Вториот ден, пак, ќе се говори на теми за локални предизвици. Мораме да напоменеме дека нема да се разработуваат политички теми, со оглед на актуелната ситуација, туку ќе опфатиме теми што се однесуваат на реалните проблеми на локално ниво – објаснува Пекевски.

Работилницата ќе продолжи во Струга и низ други градови во земјата.


Изложба во Охрид за историјатот на украсувањето велигденски јајца во Русија


Охрид, 7 април, 2017 - 12:12 (META) 

Изложба насловена „Историјат на украсување и на бојадисување велигденски јајца во Русија од древноста до колекцијата ’Фаберже’“, денеска ќе биде отворена во НУБ „Григор Прличев“ во Охрид.

Изложбата е посветена на празникот Велигден, а посетителите ќе имаат можност да слушнат и предавање за историјата и за современите тенденци на уметноста на украсување јајца.

Исто така, публиката ќе може да учествува во работилницата за уметничко украсување велигденски јајца.


Усеин: Земјите аспиранти за ЕУ да ги прилагодат буџетите за интеграција на Ромите


Скопје, 21 март, 2017 - 16:56 (META) 

Јавното финансирање и распределбата на буџетот за ромското население во земјите од Западен Балкан беше тема на дводневен собир во Скопје, во организација на Регионалниот совет за соработка, меѓувладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

„Сите земји кои тежнеат кон Европската Унија имаат заедничка одоговорност кон Ромите и треба да преземат конкретни чекори за нивна интграција и еднаквост, а владите тоа го обезбедуваат токму низ своите буџети“ – рече раководителот на проектот „Интеграција на Ромите 2020“, Орхан Усеин, на крајот од дводневната работилница, која се одржа на 20 и на 21 март.

Тој додаде дека е од особена важност тоа што интеграцијата на Ромите е и понатаму еден од клучните приоритети во процесот за проширување, како што е тоа повторено и во најновата проценка на Европската комисија за интеграцијата на Ромите од 2016 година.

„Интеграција на Ромите 2020“ е продолжување на проектот „Декада на Ромите“. Проектот кој беше претставен лани во Брисел, е поддржан од Европската Унија и од Фондацијата „Отворено општество“, а Европската комисија ова прашање го третира како дел од претпристапните услови на земјите кандидати за ЕУ.


Свилановиќ: Интеграцијата на Ромите е услов за проширување на ЕУ


Виена, 13 декември, 2016 - 11:21 (META) 

Прашањето за позицијата и за интеграцијата на Ромите во државите од Западен Балкан и во Турција е услов на Европската Унија за проширувањето и е важно прашање за сите земји од регионот, изјави генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ, во Виена.

Зборувајќи на отворањето на дводневниот регионален собир на претставници на националните контакт-центри за Ромите и на различни министерства од владите на земјите на Југоисточна Европа (ЈИЕ), меѓу кои и од Македонија, Свилановиќ укажа дека Ромите сочинуваат 5,5 отсто од населението во регионот и дека токму неизвесноста на нивната позиција било причина ЕУ да го постави ова прашање високо на својата агенда.

„Европските институции, земјите членки на ЕУ како и земјите кои тежнеат кон приклучување во ЕУ имаат заедничка одговорност да го унапредат животот на своите сограѓани Роми. За да се следи напредокот и остварувањето на целите на интеграцијата на Ромите до 2020 година, потребни се точни и ажурирани информации“, изјави Свилановиќ.

На собирот, кој е всушност работилница за претставниците на владите на земјите членки од ЈИЕ кои тежнеат кон приклучување во ЕУ, се претставува начинот и технологијата која треба да ја применува секоја земја одделно, а која е многу слична со образецот што се применуваше при реализација на Декадата на Ромите 2005-2015 година.

Целта на проектот за интеграција на Ромите до 2020 (IR 2020), е националните влади да интегрираат посебни мерки поврзани со Ромите во главните социо-економски политики, како и во процесот на планирање на националните буџети и постапките за давање услуги во оваа област, соопшти РСС.

Проектот е почнат во јуни 2016 година од Европската комисија, Фондацијата „Отворено општество“ и Регионалниот совет за соработка, меѓувладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ (SEECP), чиј основач и полноправна членка е и Република Македонија.


Работилница за зајакнување на довербата меѓу новинарите и полицијата во Охрид


Охрид, 22 октомври, 2016 - 9:57 (META) 

Денеска во Охрид ќе се одржи еднодневна работилница на тема „Полицијата и медиумите – зајакнување на заемната доверба и патнерство“. На собирот ќе бидат презентирани неколку теми, односно запознавање со одредбите на новинарскиот и на полицискиот кодекс и етика, улогата на полицијата и на новинарите во демократското општество и слично.

На работилницата ќе се разговара и за тоа колку новинарите го познаваат полициското работење и процедури, а колку полицијата ја познава работата на новинарите.

Во рамките на работилницата, предвидени се и неколку интерактивни вежбовни сценарија и работа на учесниците во групи.

– Целта на оваа работилница е да се направи обид за поблиско заемно запознавање на полициската и на новинарската работа, почитување на одредбите од новинарскиот и од полицискиот кодекс и етика, зајакнување на меѓусебното разбирање, заемната доверба и партнерство и детерминирање на нивната меѓусебна зависност и социјална одговорност кон граѓаните – информираше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Работилницата е помогната од мисијата на ОБСЕ во земјава.


„Научна и уметничка визита“ на МАНУ од денеска во Охрид


Охрид, 11 јули, 2016 - 11:36 (META) 

Од денеска до 27 јули, во Охрид, се одржува традиционалната манифестација „Научна и уметничка визита“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Во Куќата на Уранија, местото каде и е формирана МАНУ, денеска и утре ќе се одржи лингвистичката работилница, со предавање на професор Јан Соколовски од Полска кој е член на МАНУ надвор од работниот состав.

За 13 јули. закажана е филигранската изложба на Мирјана Николовска.

На 16 јули предавање ќе има академик Милан Ѓурчинов на тема „Поетика и етика – Владо Малески и неговите книжевно-критички аманети“.

На 20 јули ќе се одржи дебата „МАНУ и македонската наука и уметност“.

На 23 јули предавање ќе има академик Цветан Грозданов на тема „Фрескоживописот на „Света Софија Охридска“ во светлината на најновите проучувања во светот“.

Последниот настан од оваа визита е на 27 јули. Предавање тогаш ќе има академик Иван Катарџиев на тема „Сталин, културната автономија на Пиринска Македонија и патот на студентите од Пирин до Скопје“.