!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонска алијанса бара безусловно ослободување на Темелко


Тирана, 27 септември, 2017 - 10:37 (META) 

Македонската партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) порача дека најостро го осудува притворањето на Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец, под обвинение за изборни нерегуларности за локалните избори во Република Македонија во 2013 година.

Од партијата велат дека Темелко не се криел од никого и редовно се јавувал во суд, според тоа што му било наложено. Велат дека немало забрана тој да ја напушта Македонија.

„МАЕИ потврдува дека Едмонд Темелко секојдневно ги извршуваше работните обврски градоначалник на општина Пустец во Република Албанија чиешто државјанство и пасош, исто така, ги поседува, но никогаш не се криел, ниту се дал во бегство, туку редовно се јавувал секоја среда, прво во Основниот суд Скопје 1, а потоа во Основниот суд Ресен, во согласност со претходно утврдените мерки на претпазливост при што му беше одземен само македонскиот пасош. МАЕИ укажува дека иако Специјалното јавно обвинителство и Основниот суд Скопје 1 знаеја дека Едмонд Темелко е државјанин и на Република Албанија, никогаш не му беше изречена мерка на претпазливост со којашто му се забранува да ја напушта територијата на Република Македонија!“, се вели во партиското соопштение.

МАЕИ смета дека приведувањето на Едмонд Темелко претставува навреда за сите Македонци во Република Албанија и „е дел од оркестрираната асимилација од албанската држава и бугарската пропаганда!“.

Партијата бара претседателот на Република Македонија веднаш да го помилува Едмонд Темелко, имајќи ја предвид и неговата нарушена здравствена состојба.


Едмонд Темелко е во полициска станица во Скопје


Скопје, 26 септември, 2017 - 18:23 (META) 

Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности во 2013 година, е во полициска станица, велат од МВР, не појаснувајќи дали сам се пријавил или бил приведен од полицијата.

По распитот во полициска станица, Темелко, според решението на судот, треба да биде спроведен во 30-дневен притвор во истражниот затвор во Шутка. Мерката притвор беше определена откако СЈО утврдило дека обвинетиот Темелко не ги почитувал мерките за редовно јавување во судот, па била побарана построга мерка.

Според некои информации во медиумите, Темелко, иако бил под забрана да излегува од Македонија, неколкупати ја минал границата со албанска лична карта.


Македонците од Албанија го славеа делото на светите браќа Кирил и Методиј


Пустец, 26 мај, 2017 - 12:27 (META) 

Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, со повеќе манифестации, повеќе денови и во неколку населени места, го одбележаа и етничките Македонци во Албанија.

Во општина Пустец, единствената како таква што преживеа со новата територијална кројка во Албанија, во селото Долна Горица, настанот беше одбележан како Ден на писменоста и просветата.

Од овој крај, потекнува учителот Никола Беровски, авторот на првиот буквар на македонски јазик во Албанија.

Пред младите беше одржан историски час и беа рецитирани ученички песнички за светите солунски браќа, рамноапостолите Кирил и Методиј.

Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, а за ликот и делото на македонските и сесловенските просветители светите солунски браќа Кирил и Методиј Македонците, зборуваше писателот Спасе Мазенковски.

Песни за Светите Кирил и Методиј, рецитираа ученици од основните училишта во седумте села на општината, како и од гимназијата во Пустец.


Пустец ги отфрли амандманите за постоење Бугари во Албанија


Пустец, 28 февруари, 2017 - 21:12 (META) 

Советот на општина Пустец, во Мала Преспа, Република Албанија, на денешната седница едногласно донесе одлука за отфрлање на делот од извештајот напредокот за интеграција на Албанија во Европска Унија.

Во извештајот се споменува и се бара признавање на „бугарско“ малцинство и во региони во кои живеат етнички Македонци во Албанија.

Меѓу другото, во одлуката од Советот на општина Пустец, се укажува и на резултатите на последниот попис од 2011 година одржан во Албанија, каде во општина Пустец се декларирале околу 3.500 резидентни жители како Македонци и ниту еден како Бугарин.


ДИК ќе проверува колку лица од Албанија склучиле брак во Македонија


Скопје, 4 мај, 2016 - 10:05 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) синоќа едногласно го усвои заклучокот да се задолжат Управата за водење матична евиденција и МВР да утврдат колку лица од Албанија имаат склучено брак во Македонија и на која основа стекнале државјанство.

Проверките ќе се вршат таму каде што е утврдено дека на иста адреса живеалиште пријавиле повеќе од 10 лица од Албанија.

Според последниот извештај од МВР, регистрирани се 9.395 лица од Албанија со македонско државјанство, 3.743 се со статус дијаспора, а 341 лице се иселени.


Денеска јавна седница на ДИК за конечните бројки


Скопје, 15 април, 2016 - 10:47 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница треба да ги гласа извештаите за конечните бројки на спорни гласачи од теренската и од административната проверка.

Денеска се очекува надлежните органи, односно Министерството за внатрешни работи (МВР) и Управата за евиденција на матични книги (УЕМК), да ги достават сите информации што се бараат со дополнителните проверки.

Во нив спаѓаат информациите за повеќе од 107.000 гласачи за кои се претпоставува дека се иселени или се на привремена работа во странство, 40.000 гласачи кои не биле пронајдени дома при теренската проверка и за гласачите од Пустец.

 


ДИК денеска расправа за гласачите од Пустец


Скопје, 13 април, 2016 - 17:42 (META) 

Државната изборна комисија денеска има седница на која членовите ќе разговараат за жителите од Пустец кои имаат право на гласправо на глас во Македонија.

Како што пишува во соопштението на ДИК, за прва точка на дневен ред на денешната седница стои: „Расправа по предлогот да се обратиме до Министерството за внатрешни работи да ни достават список на лица, државјани на Македонија родени во Мала Преспа – Пустец, Република Албанија, а кои имаат избирачко право на глас во Македонија“.

На последната седница на ДИК, донесен беше заклучок МВР да провери  40.000 гласачи кои не биле пронајдени во своите домови при теренската проверка, како и повеќе од 120.000 лица кои се појавија како неконзистентни, но не беа проверени.


ДИК побара од МВР повторно да провери повеќе од 160.000 гласачи


Скопје, 13 април, 2016 - 13:55 (META) 

Државната изборна комисија им наложи на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на Управата за водење матични книги (УВМ) да проверат повеќе од 40.000 гласачи кои не биле дома за време на теренската проверка. Исто така, тие треба да ги проверат и околу 124.000 граѓани кои првично системот на ДИК ги исфрли како неконзистентни, но подоцна членовите одлучија да не ги проверуваат затоа што се работи на лица кои се иселени или се на привремена работа во странство. Од овие лица МВР досега проверило само 16.000, кои на избирачкиот список ќе бидат означени со „Д“ или „И“ (дијаспора или иселени).

Од ДИК има најави дека денеска ќе се одржи нова јавна седница, но досега нема официјална потврда за тоа.

Несoгласувањето помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во ДИК се виде и на вчерашната седница преку различното толкување на претставените бројки.

За членот од СДСМ, Игор Милев, бројката од повеќе од 53.000 гласачи кои за МВР имаат основано живеалиште и со тоа можат да бидат гласачи, е спорна.

– Извештајот прво е спорен поради тоа што не е потпишан од техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, туку од дополнителникот заменик-министер Митко Чавков. Понатаму, во извештајот никаде не пишува дека тие гласачи имаат валиден документ за потврда на живеалиштата, туку МВР нè известува дека такви лица во системот постојат – изјави Милев.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, му реплицираше на Милев и објасни дека Комисијата на некоја наредна седница ќе ги разгледува и овие податоци добиени од МВР.

Потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, предложи комисијата да разговара и за гласачите од Пустец, како и за повеќе од 124.000 лица кои се водат за неконзинстентни поради тоа што не се знае дали живеат во странство или се на привремена работа во друга држава.

За членот на ДПА во ДИК, Бенредин Ибраими, по овие две основи има најмалку спорни гласачи.

– Жителите од Пустец имаат лична карта и тие треба да постојат во избирачкиот список. Тука нема ништо спорно. Исто така, не треба да се прави фама и од тие повеќе од 120.000 гласачи затоа што тоа се луѓе кои се државјани на Македонија, но моментално живеат и работат во странство. Да не се пумпаат работите и потоа во јавноста да излегуваат информации кои се невистинити – рече Ибраими.


Еди Рама се фали со изгледот на Пустец


Тирана, 23 февруари, 2016 - 14:20 (META) 

Албанскиот премиер Еди Рама, за да покаже како се подобруваат статусот и условите за живот на Македонците во Албанија, на својот фејсбук-профил, напиша:

„Општина Пустец, каде што живее македонско малцинство, се менува драматично благодарение на Националната програма за урбанизација со која ќе се зголеми привлекувањето на посетителите на оваа област со извонредна природна убавина“.

Кусиот текст е илустриран со десетина одбрани фотографии од центарот на селото Пустец, седиштето на единствената општина на етничките Македонци во Албанија.

Доминира црквата во селото, изградена како донација од Македонци од целиот свет, додека проектот бесплатно го изработи и градбата ја координираше познатиот архитект од Охрид, Тодор Паскали.


Според пописот на Илија Димовски, Македонија има 2,4 милиони државјани


Скопје, 18 февруари, 2016 - 13:55 (META) 

Македонија има 2,4 милиони жители, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во колумна за „Дневник“ насловена „Факти за Mакедонците од Пустец“. Тој својата теза ја поткрепува со податокот дека избирачкиот список се подготвува врз база на регистарот на државјани на Република Македонија, кој го води Министерството за внатрешни работи (МВР), а во него бројот на државјани на нашата држава е поголем од 2,4 милиони.

„Во овој список се внесени сите државјани на Република Македонија кои живеат во Република Македонија, но и оние што не живеат овде или имаат формално жителство во некој град, сепак живеат надвор од Република Македонија (Австралија, САД, Kанада, повеќе европски држави, па и Албанија). Да повторам, бројот на државјани на Република Македонија е над 2,4 милиона“, стои во колумната на Димовски

Оваа колумна веднаш предизвика полемика, пред сè, на социјалните мрежи, каде се тврди дека Димовски повторно ја манипулира македонската јавност и за бројот на државјани на Македонија и за големината на избирачкиот список . Тој не пропушти да им одговори на прозивките:

„Поради јавашлук во трите изборни единици во дијаспората, во избирачките списоци стојат само некои 20.000 избирачи – бројка кој никој жив не може да ја потврди поради потполна политичка поклопеност. Ако ги извадиме тие 20.000 од 1,8 милиони во избирачкиот список – пак остануваат 1,8 милиони гласачи врзани со 6-те изборни единици во Македонија. И, пак, 1,8 милиони во списокот се неверојатно голема измама во однос на постоечките 1,6 милиони, особено ако знаеме дека некои 400.000 од тие се малолетни.“

Извор  Број на жители Година 
Попис 2.022.547 2002
Државен завод за статистика 2.067.471 2014
Преглед на светската популација 2.078.000 2015
Википедија 2.069.162 2014
Кантриметар.инфо 2.127.234 2016
ЦИА 2.096.015 2015
Евростат 2.065.800 2014

 

Последниот официјален податок за тоа колку жители има Македонија (не државјани) е од пописот во 2002 година, според кој Република Македонија има 2.022.547 жители, што е за 3,9 проценти повеќе во однос на пописот од 1994 година.

Според последниот ажуриран податок од Државниот завод за статистика (состојба од 30 јуни 2014 година), во Република Македонија има 2.067.471 жители, а според студијата „Преглед на светската популација“ (World Population Prospects) во Македонија во 2015 година имало 2.078.000 жители.

Светската енциклопедиска мрежа „Википедија“ во моментов ја има бројката од 2.069.162 жители, последен пат ажурирана во 2014 година.

Светската мрежа „Кантриметар.инфо“ која во реално време ги брои жителите во речиси сите земји во светот, денеска (18 февруари 2016) изброја 2.127.234 жители во Македонија.

Според Централната разузнавачката агенција на САД, ЦИА, во Македонија има 2.096.015 жители, а бројката последен пат била ажурирана во јули 2015 година.

Eвропската канцеларија за статистика (Евростат), на 1 јануари 2014 година објави статистика за бројот на популација во земјите во Европа. Во овој документ Република Македонија има 2.065.800 милиони жители.

Ова се поголемите институции низ светот и Македонија кои прават некаква статистика за бројот на жители во земјите во Европа или во светот. Сепак, мора да се напомене дека најдобар начин да се преброи населените во една држава е пописот. Во Македонија имаше попис во 2002 година и имаше обид за уште еден попис во 2011 година, кој пред крајот беше прекинат и прогласен за неуспешен.

И еден куриозитет. Според проценката на Обединетите нации, во 2050 година бројот на населението во Македонија ќе биде помало за 141.000 жители или за 6,8 проценти помалку од 2015 година. Според нив, во 2050 година ќе има 1,9 милиони жители, а на крајот од векот ќе има само 1,48 милиони.