Две лица загинаа, а 13 се ранети при пукотници во Торонто


Торонто, 23 јули, 2018 - 10:20 (META) 

Напаѓачот и една млада жена се убиени, а 13 лица се ранети во пукотници кои се случија во Торонто, пренесуваат светските медиуми.

Престрелките со оружје се случиле на авениите Данфорт и Логан, место каде што се наоѓаат многу познати ресторани, кафулиња и трговски центри.

Една млада девојка е во критична состојба, додека останатите ранети се хоспитализирани.

„Ги истражуваме сите мотиви и не е исклучена ниту една можност“, изјави шефот на полицијата на Торонто, Марк Саундер.

Градоначалникот на Торонто изјави дека градот се соочува со проблемот со вооружување и дека оружјето е лесно достапно.Годинава во Торонто е во пораст вооруженото насилство, а процентот на смртност е зголемен на 56 проценти од 26 проценти лани.


Најмалку шест лица се ранети во пукотници од автомобил во Мачерата


Мачерата, 3 февруари, 2018 - 17:36 (META) 

Најмалку шест лица се ранети во пукотници од возило во движење во центарот на италијанскиот град Мачерата, јавуваат светските медиуми. Едно лице е уапсено, а на мета биле мигрантите.

Градоначалникот, Романо Каранчини ги повикал жителите на градот да не излегуваат од своите домови додека трае истрагата.

Во Мачерати неделава беше убиена една млада девојка, а нејзиното распарчено тело било пронајдено во два куфери. Главен осомничен за тоа убиство е имигрант од Нигерија.


Полицијата во Лондон се повлекува, немало докази за пукање


Лондон, 24 ноември, 2017 - 20:05 (META) 

По големата паника што го зафати Лондон, под сериозни сомнежи за терористички напад со пукање во метро-станицата Оксфорд сиркус, специјалните полициски сили се повлечени, а станицата е повторно отворена. Повторно е отворена и станицата Бонд стрит, која беше затворена за да не се случи огромна маса луѓе во паника да влезе во неа, обидувајќи се да се евакуираат.

Според „Би-би-си“, полицијата не дошла до докази дека имало пукотници, а нема ни осомничени за нападот, па веројатно станува збор за паника која се создала поради гласини. Британската транспортна полиција соопшти дека во паниката една жена добила повреда при бегањето од Оксфорд сиркус. Лондонската полиција, пак, соопшти дека добиле бројни извештаи за пукотници на улицата Оксфорд и во метро-станицата Оксфорд сиркус околу 16.30 часот по локално време. Веднаш на терен се испратени специјални полициски сили, бидејќи во тој момент инцидентот се третирал како терористички напад.

„Полицијците што работеа заедно со нивните колеги од Британската транспортна полиција итно направија пребарување на областа. Полицијата не утврди жртви, докази за пукање ниту, пак, наидовме на осомничени“, соопшти лондонската полиција.

Сепак, поради чувството на сигурност на лондончани, одреден број полицајци ќе останат на улиците во Вест енд.

Кога во метро-станицата се случила паниката, дел од патниците објавуваа на социјалните мрежи дека виделе чад и слушнале истрели. Во рестораните близу станицата имало преплашени луѓе, од кои дел и плачеле.

Евакуацијата и паниката во центарот на Лондон се случи точно во време на најголемиот метеж поради купувачката треска за т.н. „црн петок“. Улицата Оксфорд е една од најголемите улици со продавници на светот.


Тачи: Ослободувањето на Харадинај е добра вест за Косово


Приштина, 27 април, 2017 - 12:11 (META) 

Косовскиот претседател Хашим Тачи оцени дека одлуката на францускиот суд за ослободување на лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај, е добра вест за Косово.

Во рекацијата на својот фејсбук-профил, тој напиша дека оваа одлука е доказ за неправедни обвинувања на Србија спрема припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„Пресудата на судот во Колмар, господинот Харадинај да се врати на Косово, е добра вест за неговото семејство, соработниците и за сите граѓани на Косово. Уште еднаш се докажа дека обвиненијата на Србија против ОВК се неправедни и спротивни на демократските принципи“, напиша Тачи.

Косовските медиуми јавуваат дека во Приштина почнало славење со многу пукотници. Рамуш Харадинај се очекува да пристигне во 19.30 часот.


Нов напад во Кабул, најмалку еден загинат


Кабул, 6 септември, 2016 - 13:04 (META) 

Најмалку еден цивил загинал во вооружен напад на канцелариите на меѓународна хуманитарна организација во центарот на главниот град на Авганистан, Кабул, јавува „Би-би-си“.

Пукањето почнало кога четири вооружени лица влегле во зградата на хуманитарната организација „Кер“ (Care). На престрелката ѝ претходела експлозија на автомобил бомба, во близина на зградата.

Сите напаѓачи, како што пренесува „Би-би-си“, се убиени, а засега никој не ја презел одговорноста за нападот, кој е петти во последните 24 часа во главниот град на Авганистан.

Талибанските милитанти изминатите неколку дена ги засилија нападите на цели во Кабул.

Вчера, во двоен напад во близина на зградата на министерството за одбрана, за кој одговорноста ја презедоа талибанците, загинаа 35 лица, меѓу кои и армиски генерал и четворица полициски старешини, а 103 беа ранети.


Граѓаните и војската на Турција се судрија на улиците во Истанбул и во Анкара


Анкара, 16 јули, 2016 - 1:07 (META) 

Војската во Турција, која се обидува да изврши државен удар, пукала на демонстрантите и на полицијата на мостот на Босфорот во Истанбул и, според агенцијата АП, има и повредени.

Граѓаните кои одговорија на повикот на претседателот Реџеп Таип Ердоган да излезат на улица и да се спротивстават на војската, се судрија со припадниците на безбедносните сили на улиците низ Истанбул и во Анкара.

Според последните информации, околу турскиот парламент се пукало и од тенкови и ситуацијата низ улиците на Истанбул и на Анкара се влошува.

Грузија и Иран ги затвориле границите со Турција, јавуваат медиумите.

Според „Си-ен-ен“, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган наводно бил одбиен за азил во Германија, а сè уште е непознато каде се наоѓа вечерва додека во Турција владее хаотична состојба.


Повеќемина убиени и повеќе од 200 повредени во бомбашки напад во Кабул


Кабул, 19 април, 2016 - 9:58 (META) 

Неколку лица се убиени, а повеќе од 200 се повредени во силна експлозија што утрово одекнала во главниот град на Авганистан, Кабул, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на официјални информации на авганистанските власти.

Министерот за внатрешни работи на Авганистан, Седик Седики, изјавил дека станува збор за самоубиствен бомбашки напад, во кој било детонирано возило со експлозив, предизвикувајќи силна експлозија. Во реонот каде е извршен нападот сè уште се слушале пукотници.

Портпаролот на талибанците соопштил дека нападот е извршен од нивни припадници.

Нападот, како што пренесува британскиот национален сервис, доаѓа една недела откако групата најави „пролетна офанзива“, предупредувајќи за напади со голем итензитет.

Експлозијата одекнала за време на утринскиот метеж во станбен кварт во близина на министерството за одбрана во Кабул.

Според засега непотврдени информации, напаѓачите успеале да ја пробијат одбраната на Националниот директорат за безбедност, односно главната разузнавачка агенција задолжена за заштита на високи службеници на авганистанската влада.


Во пукотница во кафуле во Тел Авив загинале две лица


Тел Авив, 1 јануари, 2016 - 18:01 (META) 

Најмалку две лица загинале, а околу девет се повредени во пукотница што се случила во едно кафуле во центарот на Тел Авив.

Полицијата и брзата помош веднаш пристигнале на местото на настанот, а постои сомневање за терористички напад.

Точниот број на жртви сè уште не е утврден.

Градоначалникот на Тел Авив, Рон Хулдаи, упатил апел до граѓаните да останат мирни за надлежните институции да можат да го расчистат случајот.


Пивоваров од Куманово: Овде како да се води војна, но граѓаните се сплотени


Куманово, 9 мај, 2015 - 13:30 (META) 

Тројца загинати полицајци, жена и дете се последните информации од денешната полициска акција во Куманово, соопштил на прес-конференција кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц, јави „24 Вести“.

Како што рече Дамјановски, овие информации се неофицијални и истите ги добил „од новинари и од мештани“.

Состојбата во Куманово и понатаму е драматична, а полициската акција е сè уште во тек.

Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, кој живее во Куманово, вели дека состојбата во Куманово е како да се води војна.

– Утрово, околу 5 часот, беше страшно. Се слушаа рафали и детонации, а потоа ситуацијата се смири. По извесно време престрелките се интензивираа. Целиот дел над пазарчето што води кон Дива Населба е затворен од полицијата. Таму имаме стари лица, кои не можеме да ги извлечеме – вели Пивоваров.

Пукотниците, додава тој, повторно се интензивирале околу пладне.

– Прво се слушаа истрели на муниција со калибар 7,62 и 7,65 милиметри, но почнаа престрелки со оружје и со муниција со поголем калибар. Хеликоптери, од кои дел, претпоставувам, се и на Армијата и беспилотни летала, постојано го надлетуваат градот – вели Пивоваров.

Престрелките почнале на една локација во населбата, но по некое време се прошириле и на други делови од населбата, и едно време пукотници имало и во близина на пазарчето, но полицијата успеала да ги потисне.

Пивоваров вели дека дополнителна паника меѓу граѓаните во Куманово создало и тоа што „Тинекс“ ги затворил сите продавници во градот.

– Граѓаните на Куманово, обичните граѓани од сите етнички заедници, се огорчени од денешните случувања. Се прашуваат едни со други што се случува. Мислам дека сега се посплотени отколку кога било – вели за „Мета“ професорот Пивоваров.