!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ванхојте: Рокот од 18 месеци во Законот за СЈО го договорија Груевски и Заев без преговори


Скопје, 27 октомври, 2016 - 14:26 (META) 

Странците предлагале да нема рок, СДСМ предлагал рок од околу две години, а Груевски 18 месеци, по што Груевски и Заев се договориле да останат само 18 месеци за истраги и за обвиненија од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Ова за „Вистиномер“ го сведочи тогашниот посредник во преговорите за излез од политичката криза, Питер Ванхауте.

Партиите, пак, иако двапати беа прашани од „Мета“, не одговорија на прашањето како дошло до тој рок.

Еден од најупатените во неколкумесечните преговори меѓу политичките партии, посредникот Ванхауте, за „Вистиномер“ го разјаснува не само тој момент, туку и неколку други поврзани со Специјалното јавно обвинителство.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Суомалаинен: Добри мерки се презедоа за да се осигури веродостојноста на избирачкиот список


Скопје, 9 октомври, 2016 - 11:30 (META) 

„Мислам дека се презедоа добри мерки за да се осигури дека избирачкиот список е веродостоен. Избирачкиот список секогаш треба да ја рефлектира актуелната ситуација, не ситуацијата од пред пет или 10 години, туку кога луѓето навистина живеат. Во многу земји тоа се прави автоматски“, вели шефицата на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Во однос на прашањето за тоа дали се создадени сите услови за изборите да бидат регуларни, таа додава дека во моментов ситуацијата изгледа многу добро и се надева дека ќе продолжат потребните чекори и спроведувањето на Договорот.

За евентуалната одлука на Уставниот суд за прогласување на Специјалното јавно обвинителство за неуставно, која би можела да биде пречка за одржување на изборите, Суомалаинен вели дека доколку Уставниот суд донесе некоја одлука за ова прашање, тогаш политичките партии се обврзани да направат измени на законот ако е потребно.

– Верувам дека таа обврска ќе биде спроведена. Не би сакала да одам во веројатности на некои прашања и се разбира фокусот треба да биде на спроведувањето на Договорот од Пржино и вториот дел од овој договор потпишан летово поврзан со сите овие аспекти – додава Суомалаинен.

 


Бејли: Има интересен предлог на маса и се очекува решение до крајот на неделата


Скопје, 18 јули, 2016 - 22:14 (META) 

Преговорите меѓу политичките партии потписнички на Договорот од Пржино и вечерва завршија без договор. Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, по средбата истакна дека на маса има интересен предлог и дека до крајот на неделата очекува решение на кризата.

На средбата што денеска се одвиваше во резиденцијата на амбасадорот на САД, присуствуваа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

Посредници беа американскиот амбасадор Џес Бејли и заменикот на евроамбасадорот Аиво Орав, кој е на дополнителни консултации во Брисел.

Партиите за време на викендот имаа внатрепартиски консултации за единственото преостанато спорно прашање, односно ингеренциите на министерот за внатрешни работи.


Договор нема, партиите викендов ќе размислуваат за понудените опции


Скопје, 15 јули, 2016 - 17:23 (META) 

Претставниците на политичките партии и денеска не постигнаа договор на преговорите кои во резиденцијата на Европската Унија во Пржино почнаа претпладнево во 11 часот.

По завршувањето на преговорите, американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека имало извесен напредок и затоа со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, ќе остават простор партиите во текот на викендот да размислат во однос на предложените опции, за преговорите да продолжат следната недела.

Амбасадорот Бејли е оптимист дека кај партиите има политичка волја за решавање на отворените прашања, но не одговори на новинарските прашања во врска со тоа кој е проблемот што сè уште го кочи Договорот од Пржино.

Партиските претставници, по завршување на средбата, не сакаа да дадат изјави за медиумите.

На преговорите, СДСМ бара целосни ингеренции за министерот за внатрешни работи, додека ВМРО-ДПМНЕ е за ограничени овластувања.

Според последните информации, договор е постигнат за избирачкиот список, за ад хок телото за контрола на медиумите и за главен и одговорен уредник на јавниот сервис.


За владејачките партии, постигнат е благ напредок во преговорите


Скопје, 7 јули, 2016 - 14:30 (META) 

Политичките партии постигнале благ напредок на денешната средба со амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав во резиденцијата на Европската Унија во Пржино. Како што изјавија претставниците на владејачката коалиција, Никола Тодоров и Артан Груби, се разговарало за прочистувањето на избирачкиот список и за реформите во медиумите.

Артан Груби рече дека е оптимист и се надева дека со конструктивен пристап наскоро ќе има договор. Тој истакна дека околу избирачкиот список за неговата партија е битно да не се бришат гласачите со право на глас само за да се добијат политички поени.

– Гледам доближување на ставовите и предлозите се речиси достапни за сите. Се надевам дека со конструктивен пристап и со мали отстапки од партиите, конечно ќе постигнеме договор – изјави Груби по средбата.

Тодоров рече дека денеска генерално разговарале за две работи – прочистувањето на избирачкиот список и медиумските реформи.

– Сметаме дека е сосема непотребно 170.000 гласачи да се обележат со ѕвездичка како знак дека се од дијаспората, како и тие повеќе од 30.000 што ДИК ги најде за спорни да се избршат ако сами не се пријават на јавниот увид. Сепак, одлучивме да го прифатиме барањето на СДСМ за да докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ изборите ги добива со проектите и со довербата од граѓаните, а не со манипулации во избирачкиот список. Околу медиумите, нашата партија има став дека ниту еден медиум и новинар не треба да биде казнет за напишан текст или прилог. Формирање на некое централно цензорско тело што ќе одлучува дали некој прилог е во ред е сосема непотребно. Не сакаме медиумите да бидат доведени во ситуација да се казнуваат и да пишуваат по порачки. Исто така, бараме сериозно намалување на казните – изјави Тодоров.

Одговорајќи на новинарско прашање, Тодоров рече дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е подготвена за компромис, а околу датумот за избори тој додаде дека нема да дозволат изборите да бидат третпат одложени.

– Треба да се осигураме дека сите услови за избори се исполнети и сите тоа јавно да го кажат, па потоа ќе договараме датум за избори. Во однос на денешната средба, сметам дека има благо добилжување на ставовите – рече Тодоров.

Претставниците на СДСМ и на ДПА, Рената Дескоска и Имер Алиу, како и двајцата амбасадори, Аиво Орав и Џес Бејли, не дадоа изјави за медиумите.

Од партиите најавија дека деновиве ќе се одржи уште една ваква работна средба.


Претставници на партиите во Пржино разговараат за медиумите


Скопје, 7 јули, 2016 - 11:57 (META) 

Почна работната средба на претставниците на политичките партии кои денеска зедно со амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли во Пржино ќе разговараат за реформите во медиумите. На средбата присуствуваат Рената Дескоска од СДСМ, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Имер Алиу од ДПА и Артан Груби од ДУИ.

Средбата доаѓа по вчерашната посета на германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл. Тој се сретна со лидерите на СДСМ, ДУИ и на ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, и со партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓупартиските преговори беа прекинати кон средината на јуни поради дијаметрално спротивни ставови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за регулацијата на медиумите и за начинот на прочистување на избирачкиот список. Двете партии за прекинувањето на преговорите вината си ја префрлаа една на друга.


Хајндл денеска на средби со потписниците на Договорот од Пржино


Скопје, 6 јули, 2016 - 9:28 (META) 

Посредникот за решавање на политичката криза во Македонија, германскиот амбасадор во Австрија, Јоханес Ханјдл, денеска треба да пристигне во Скопје и да се сретне со лидерите на политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино.

„Надоврзувајќи се на неговите претходни посети од минатите недели, амбасадорот Хајндл одново ќе разговара со партиите потписнички на Договорот од Пржино, како и со претставници на меѓународната заедница“, пишува во соопштението од Амбасадата.

Хајндл во Скопје ќе престојува два дена.


Попоски се сретна со Коѕиас во Брисел


Брисел, 20 мај, 2016 - 13:54 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска  на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Брисел се сретна со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

На средбата тие разговарале за мерките за градење дoверба, билатералните односи, но и за политичката ситуација во Македонија.

Коѕиас побарал да биде информиран за политичките случувања во нашата држава и изразил надеж дека ситуацијата за брзо време ќе се нормализира и стабилизира во согласност со европските политички вредности и со демонстрирање на култура за прифаќање компромиси од страна на сите политички сили.

Министрите се фокусирале и на мерките за градење доверба. Зборувале и за резултатите од последната рунда разговори за мерките која се одржа во април за Скопје, но и за подготовките за следната средба закажана за јуни во Атина.

Ова е втора средба на Коѕиас и Попоски во рок од еден месец  – тие разговараа и на 22 април во Солун на маргините на регионалниот состанок за бегалската криза.


Шекеринска: До фер избори со чист избирачки список и реформи во медиумите


Охрид, 1 април, 2016 - 19:35 (META) 

Постојат сериозни индиции за голем криминал кој се случувал и се случува во државата, рече денеска во Охрид заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

– На Македонија и се неопходни чист избирачки список и реформи во медиумите за да имаме фер избори. Се покажува дека власта бега по секоја цена од фер и демократски избори. Вчера станаа достапни документи и дописи од Агенцијата за пошти и Дирекцијата за заштита на личните податоци кои преку ноќ се заинтересираа за заштитата на правата и приватноста на граѓаните. Тие испратија дописи за спречување на понатамошното јавно објавување на сите податоци од избирачкиот список, на кој начин се кршат принципите кои биле договорени во Пржино –  истакна Шекеринска.

Таа вели дека власта бега од фер и демократски избори и се плаши дека било каков јавен пристап до избирачкиот список ќе ги открие дополнително, криминалот коишто бил правен во претходните избори.

– Било каков јавен пристап дополнително ќе ги открие криминалите кое се правеле во текот на изминатите избори. Ни требаат избори час поскоро, но избори кои ќе стават крај на овие погубни политики. Кога постоеше целосен консензус дека избирачкиот список јавно достапен до сите граѓани ќе се прочисти, одеднаш власта го сврте листот и сега бараат ДИК практично да им ги затвори овие информации коишто беа достапни до граѓаните –  порача Шекеринска од Охрид.

Радмила Шекеринска вечерва ќе биде гостин на трибината на СДСМ, која ќе се одржи во Домот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.


Заев: Избори на 24 април не може и нема да има


Скопје, 22 февруари, 2016 - 15:42 (META) 

Во Македонија нема услови за фер и демократски избори, а тоа вчера го потврдија и амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, рече на денешната прес-конференција, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој изјави дека не се спроведени реформите во медиумите и не е прочистен избирачкиот список, а тоа се двата најважни услови за одржување на изборите.

– Никола Груевски вчера избега од објективна оцена и од вистината. Тој направи изборите на 24 април да бидат невозможни. Инсистирањето на избори сега само ќе ја турне Македонија во драматична криза. Ние нема да дозволиме тоа да се случи. Избори на 24 април не може и нема да има – рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за негова реакција на соопштението на владејачката партија во кое стои дека услови за фер и демократски услови има и дека амбасадорите не понудиле никакви аргументи, Заев рече дека постојат бројки и податоци и дека времето за прочистување на избирачкиот список е мерливо.

Тој изјави дека немаат намера да ги алиментираат изборите, но, исто така, нема да бидат неми набљудувачи.

Според него, ако ВМРО-ДПМНЕ сепак одлучи да оди на избори, телата на партијата треба допрва да разговараат за стратегијата.

Исто така, Заев додаде дека ќе ги повлечат своите министри од владата ако не се промени датумот за одржување на изборите.