Владата ќе расправа за Денот на дрвото и за субвенции за соларни колектори


Скопје, 7 ноември, 2017 - 10:46 (META) 

Владата на Република Македонија на својата 36. седница денеска ќе разгледува повеќе точки, меѓу кои и доделување концесии за геолошки испитувања заради суровини, како и предлог за Ден на дрвото и информација за измена на програмата за субвенционирање соларни колектори и замена на прозорците.

Ќе се расправа и за ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ Скопје, a на иницијатива на „Македонски шуми“, ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година.

Управата за извршување санкции на денешната седница ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија, како и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено-поправната установа „Идризово“.

Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата ќе ја презентира информацијата за напредокот во спроведување на ЕУ-ИПА проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води Прилеп“.


Украдени 24 монитори од училиште во гостиварски Вруток


Тетово/Гостивар, 19 април, 2017 - 12:38 (META) 

Во основното училиште „Лирија“ во село Вруток, Гостиварско, украдени се 24 компјутерски монитори. Тешката кражба се случила во периодот од 14 до 18 овој месец.

Крадците во училиштето влегле преку необезбедениот сутерен на објектот, а потоа насилно ги отвориле вратите од двете училници на приземјето и одзеле 24 компјутерски монитори, откако ги пресекле сите кабли со кои тие биле поврзани на главниот компјутер.

Според полицијата, со кражбата на мониторите, сторителите стекнале имотна корист која се проценува на околу 40.000 денари, а причинетата материјална штета изнесува 15.000 денари. Полициска екипа извршила увид во училиштето и работи на откривање на сторителите.

Во Тетово, пак, е пријавен случај на оштетување на прозорци во основното училиште „Андреја Савески – Кикиш“. Таму непознати сторители скршиле шест прозорски стакла и предизвикале материјална штета која се проценува на околу 10.000 денари.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за идентификување и за пронаоѓање на сторителите.


Обидите за провокации не можат да ги спречат демократските промени, велат од СДСМ


Скопје, 26 февруари, 2017 - 17:00 (META) 

Обидите за провокации не можат да ги спречат демократските промени што носат живот за сите во Македонија, се вели во соопштението на СДСМ, по повод кршењето прозорци на неколку штабови на партијата низ градовите.

Оттаму велат дека „демократските процеси се почнати, а тие подразбираат праведно и правично општество за сите, во кое што секој што го нарушува мирот на граѓаните ќе мора да понесе одговорност.“

– Пријавени се на надлежните органи инцидентите изминатото деноноќие, во кои на сличен начин, со фрлање камења се искршени надворешни прозорци на неколку штабови на СДСМ во Кланица – Битола, во Ново Лисиче – Скопје, во Сопиште, во Охрид и во Прилеп. Очекуваме надлежните органи да ги расветлат случаите – велат од СДСМ.

Тие додаваат дека „какви било провокации за тесно-патриски цели можат само да стават во неволја недолжни граѓани, а не можат да ја спречат демократската обнова на Македонија“.


Демолиран штабот на СДСМ во Прилеп


Прилеп, 24 февруари, 2017 - 13:29 (META) 

Од општинската организација на СДСМ Прилеп информираат дека денеска, во раните утрински часови, бил демолиран локалниот штаб во населбата Варош.

Според информациите од СДСМ Прилеп, кон штабот било фрлано со камења во раните утрински часови, по полноќ, при што искршени биле надворешните стакла на штабот.

„Случајот е пријавен во полиција. Порачуваме дека ваквите провокации не можат да ги спречат демократските промени што носат живот за сите во Македонија, како што избраа граѓаните. Ќе живееме во праведно и правично општество, каде секој што го нарушува мирот на граѓаните ќе мора да одговара“, велат од СДСМ Прилеп.

Непознати лица ноќеска со камења ги искршиле и надворешните стакла на штабот на СДСМ во скопското село Драчево, соопштија од партијата и апелираа полицијата да го расветли случајот.


Експлозија поради запалена свеќа, уништила половина стан во Битола


Битола, 11 март, 2016 - 15:14 (META) 

Запалена свеќа вчера попладне предзвикала експлозија во која бил уништен дел од станот на битолчанецот И.Т. на улицата Васко Карангелевски, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, вчера, околу 14 часот, од запалена свеќа која била поставена на машина за перење алишта, се запалил држач на кој имало спрејови, дезодоранс, пена за бричење и спреј за астма, поради што дошло до експлозија во бањата. Во експлозијата, според полицијата, биле уништени вратата од бањата, влезната врата и биле искршени сите прозорци во дневната соба.

Повредени во случајот нема, а увид во станот извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Битола.