Македонија на седум чекори до столчето во НАТО


Скопје, 8 јануари, 2019 - 13:33 (META) 

Формално седум чекори, од кои два суштински, ја делат Македонија од полноправно членство во НАТО. Процесот, според најавите, би требало да заврши до крајот на годинава.

Првиот чекор е усвојување на уставните измени, односно формално спроведување на Преспанскиот договор. Целосното спроведување на договорот „меѓу Скопје и Атина“ е и формален услов во поканата што НАТО и ја упати на Македонија во јуни лани, на самитот во Брисел. Условот се темели на член 10 од Вашингтонскиот договор, со кој е основан НАТО, според кој нови членки се примаат само со едногласна одлука на сите членки. Во македонскиот случај, Преспанскиот договор е услов за грчката согласност.

Втор чекор е Грција да го ратификува Преспанскиот договор, за целосно да се исполни условот од Бриселскиот самит на НАТО. По ова, процедурата се сели во Северноатлантскиот сојуз.

Како трет чекор, НАТО подготвува Протокол на Вашингтонскиот договор за пристапување на новата членка. Тоа е всушност амандман на оригиналниот договор за Северноатлантски сојуз, склучен во 1949 година.

Веднаш потоа почнува четвртиот чекор, процесот на ратификација на протоколот, во кој секоја од 29-те членки на НАТО треба да го ратификува протоколот според националните процедури. Процесот трае различно во секоја земја. На пример на САД им треба двотретинско мнозинство гласови во Сенатот за да го ратификува протоколот. Во Британија, пак, не е потребно формално гласање во парламентот. Се очекува процесот да заврши до крајот на годинава, а Грција најави дека прва ќе го ратификува протоколот.

Додека трае ратификација, Македонија до одредено ниво учествува во процесите во Алијансата. На пример, може да учествува на сите форуми и средби, но без право на глас. Или, како што најавуваат македонските функционери, „ќе добие столче во НАТО“.

Петтиот чекор е поканата за пристапување, која до Македонија ќе ја упати генералниот секретар на НАТО кога сите членки ќе ги известат САД; депонентот на договорот, дека го ратификувале пристапниот протокол.

Македонија во шестиот чекор ќе треба и самата формално да го прифати пристапувањето во НАТО – со референдум или со гласање во Собранието. Потоа одлуката за пристап му ја доставува на Стејт департментот на САД, „чуварот“ на Вашингтонскиот договор, и формално станува членка на НАТО.


И Скопје и Атина демантираат дека во ООН се подготвува анекс на Договорот од Преспа


Скопје, 6 декември, 2018 - 20:03 (META) 

И во Скопје и во Атина и официјално се демнатира дека, како што шпекулираа грчките медиуми, „грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор во смисла дека ќе дава многу ограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата“.

Според портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, станува збор за „лажна вест на грчките медиуми“, која во меѓувреме ја демантирала и владата во Атина.

Бошњаковски вели дека во тоа што го тврдат грчките медиуми нема вистина, односно дека не е точно дека сега „Грција се обидува да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН“.

Пишувањата на грчките медиуми доаѓаат по изјавите на премиерот Зоран Заев во Собранието за учењето на македонскиот јазик во Грција, за неговата употреба, и за „Егејска Македонија“.

Како што пишуваше атинска „ИЕфимерида“ сега, кога веќе владата во Атина станала свесна дека терминот „македонски јазик“ останува во употреба кај северниот сосед, се обидува да најде начин како да одговори и да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос веќе побара од Генералниот секретар на НАТО да се спротивстави на интерпретациите на Преспанскиот договор во Македонија за да се оневозможи признавање „македонски народ“ и да се потенцира дека јазикот во грчката северна сосетка е словенски.

Според медиумите, Грција ги информирала и САД дека Преспанскиот договор нема да биде ратификуван во грчкиот парламент без такви гаранции.


Потпишан протокол за побрз проток на жива стока на Табановце и Богородица


Скопје, 14 мај, 2018 - 14:06 (META) 

Директорите на Царинската управа и на Бирото за јавна безбедност, Ѓоко Танасоски и Лазо Велковски, денеска потпишаа нов Протокол за уредување на постапките за побрз проток на жива стока, стока во жива состојба, опасни материи и стока.

Овој протокол, како што истакна министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски, е од исклучително значење за извозот на македонските земјоделско – прехранбени производи, бидејќи се овозможува 24 часовен слободен коридор за приоритетно движење на жива стока и стока во свежа состојба, за што порано имаше ограничено време.

„На овој начин значително се олеснува и забрзува протокот на стоки, што е важно за македонските земјоделско- прехранбени производи навреме да стигнат на странските пазари“, рече Николовски.

Новиот протокол, кој ќе стапи на сила веднаш, во исто време ќе придонесе и да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на жива стока на овие два гранични премини.


Полициите на Македонија и на Косово ќе гонат криминалци што се кријат во двете држави


Скопје, 4 декември, 2017 - 16:21 (META) 

Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Косово, Оливер Спасовски и Фламур Сефај, денеска во Скопје потпишаа договор за преземање лица со незаконски престој, кој е се однесува на мигрантската криза, како и протокол за прекугранично гонење на лица што учествувале во криминални активности и кои бараат засолниште во двете држави.

Соработката со Косово, Спасовски ја оцени како добра и додаде дека потпишувањето на денешните документи оди во насока на нејзино интензивирање.

– Само преку заедничка соработка можеме да ги држиме регионот и нашите две држави безбедни – истакна Спасовски.

Тој појасни дека со договорот за преземање лица со незаконски престој, се овозможува мигрантите што ќе бидат затекнати во двете држави да бидат вратени во земјите од каде доаѓаат. Протоколот, пак, треба да ги спречи лицата вмешани во криминал да се кријат во Косово и во Македонија.

Прашан за потерницата по двајцата обвинети во случајот „Монструм“ – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, Спасовски рече дека потпишувањето на протоколот се однесува на сите отворени барања кои ги имаат Македонија и Косово, односно да не можат осомничени за криминал да бараат засолниште во двете држави.

Во врска со истото прашање, Сефај рече дека косовските органи ќе постапат во согласност со законите и со меѓународното право.


Таравари: Ако има неправилности во третманот на починатите бебиња, ќе има законски мерки


Скопје, 24 август, 2017 - 13:03 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари утрово се сретнал со директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Викторија Јовановска која го информирала за протоколот за лекување на трите бебиња кои починаа вчера.

Од ГАК исто така информирале дека, претходно пациентката трипати била хоспитализирана во Клиничка болница во Тетово, поради гинеколошко крварење.

Од Клиниката „одговорно тврдат дека неколку пати разговарале со родителите и им била објаснета состојбата на новороденчињата, третманот како и можните шанси за преживување.“

Таравари во текот на денот ќе се сретне и со родителите на починатите бебиња, како и со целокупниот персонал кој бил задолжен за нивна грижа и нега.

„Напоменуваме дека доколку извештајот од комисиите констатира неправилности во третманот на новороденчињата, веднаш ќе бидат преземени соодветни, законски мерки“, велат од Министерство за здравство.

ГАК демантира дека смртта на трите новороденчиња е поврзана со недостиг од соодветна опрема, односно инкубатори.


Кадровските смени, една од темите на денешната седница на Владата


Скопје, 31 јули, 2017 - 15:36 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи својата 18. седница со почеток во 18 часот.

„На денешната седница Владата ќе разгледа и констатира состојби за напредок на земјата во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на ЕУ-фондовите и статусот на реализација на приоритетите на Република Македонија за влез во НАТО, а ќе ја разгледа и информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор“, се вели во соопштението на Владата.

На седницата ќе се разгледаат и ќе се донесат повеќе одлуки во однос на извештаи од работата на повеќе јавни државни претпријатија и агенции и неколку предлози за кадровски решенија.

На денешниот дневен ред пред министрите ќе се најде и предлог-законот за ратификација на спогодба за соработка помеѓу Владата  и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.

„Ќе биде разгледан и извештајот за завршените преговори за потпишување протокол помеѓу македонската и косовската влада за начинот на изработка на урбанистичко-планска и соодветна техничка документација, поделба на режимски трошоци и заеднички трошоци за одржување на заедничкиот објект, како и вршење на граничната контрола на заедничкиот граничен премин помеѓу двете земји наменет за меѓународен сообраќај Белановце – Станчиќ“, се додава во соопштението од Влада.


МНР: Македонија ќе го потпише дополнителниот протокол против тероризмот


Скопје, 3 ноември, 2015 - 15:38 (META) 

Македонија ќе го потпише Дополнителниот протокол за странски терористички борци во рамки на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција од тероризам усвоена во Варшава на 16 мај 2005 година, соопштија денеска од МНР.

– Република Македонија има интерес да го потпише предметниот протокол со оглед на тоа што како држава од ОН има обврска да обезбеди демократска заштита од меѓународен тероризам. Република Македонија веќе го има усогласено своето внатрешно законодавство со одредбите од предметниот протокол преку усвојување на измените на Кривичниот законик со кои се инкриминира учеството во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, но и организирањето и финансирањето на ова дело и се пропишани соодветни затворски казни – соопштија од МНР, додавајќи дека Македонија ќе го потпише протоколот по финализирањето на законски предвидената постапка.

Дополнителниот акт има цел да помогне во справувањето со „странските терористички борци, но и да овозможува кривично гонење и лицата кои подготвуваат терористички акти, вршат обуки или заминуваат во странство да се борат во редовите на терористичките организации“. Со протоколот, исто така, се предвидуваат и мерки за поттикнување меѓународната соработка и создавање мрежа за размена на податоци поврзани со тероризам.

Протоколот на 22 октомври годинава во Рига беше отворен за потпишување за претставници од државите-членки на Советот на Европа, а досега потписници на истиот се Белгија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Германија, Естонија, Исланд, Италија, Летонија, Луксембург, Норвешка, Полска, Словенија, Турција, Франција, Шпанија, Шведска и Швајцарија.