Жена и 17-годишно момче загинале во пожар во Битола


Битола, 29 јануари, 2018 - 14:23 (META) 

Во семејна куќа во Битола рано утрово избувнал пожар во кој, според првичните информации настрадале жена и 17-годишно момче, соопшти Јавното обвинителството.

Оттаму информираат дека надлежен обвинител од ОЈО Битола врши увид на местото, заедно со екипа од Министерството за внатрешни работи и Противпожарната служба.

„Надлежниот јавен обвинител издаде наредби за фотографирање и обезбедување на местото на настанот, како и за вршење на сите потребни вештачења во насока на откривање на причините за пожарот. Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот“, стои во соопштението.

За помалку од еден недела, ова е втора ваква трагедија. На 25 јануари во пожар во куќа на улицата Гоце Делчев во Тетово животите ги загубија 38-годишна жена и нејзините четири деца.


Жена и дете загинаа во пожар во бегалски камп на Лезбос


Атина, 25 ноември, 2016 - 9:57 (META) 

Жена и малолетно дете изгореа живи во пожар што синоќа избувна во бегалскиот камп Морија на островот Лезбос. Починатите бегалци се 60-годишна жена и нејзиниот 5-годишен внук, двајцата Курди од Ирак, кои биле во Морија четири месеци.

Трагедијата се случила ноќта, околу 23 часот, кога, според очевидци, експлодирала плинската боца на која жената готвела во нејзиниот шатор, а нејзиното внуче спиело внатре со неа. Пожарот се проширил низ голем дел од кампот, уништувајќи повеќе шатори. Во болница во Атина, со сериозни изгореници веднаш биле пренесени мајката на починатото дете и нејзиното второ четиригодишно дете со уште две лица, а со помали повреди и со респираторни проблеми во болница на Лезбос се лекуваат уште десетина лица.

Покрај пожарот, во кампот почнале и демонстрации, во кои дополнително биле уништени шатори на бегалците.

Противпожарните служби успеале да го изгаснат силниот пожар во кампот околу 3 часот утринава, а поради големата штета голем дел од бегалците ноќта ја поминале под ведро небо.

Според официјалните бројки на грчката влада, на Лезбос има повеќе од 6.000 бегалци, иако бегалскиот камп на островот има капацитет за 3.500 луѓе. Лезбос е остров со најголем број бегалци и мигранти кои се заглавени со месеци и според договорот меѓу Европската Унија и Турција, доколку не добијат азил, ќе мора да бидат вратени во Турција. Во Морија често има проблематични демонстрации, главно поради гневот на бегалците кои со месеци се заглавени без некаква перспектива и надеж дека наскоро ќе може да заминат на саканата дестинација.

Во цела Грција има повеќе од 62.000 бегалци.