!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Горат неколку куќи во Злокуќани


Скопје, 29 ноември, 2017 - 14:35 (META) 

Од 13.50 часот денеска, 13 пожарникари на Противпожарната бригада на Град Скопје со пет возила гаснат пожар што зафатил повеќе куќи во Злокуќани, на улицата Скупи бр. 12.

Како што дознава „Мета“, можно е да бидат испратени повеќе противпожарни екипи за да се згасне огнот.

Скопските пожарникари интервенирале и вчера, на пожар на куќа, во селото Мојанци. Пожарот е изгаснат, а во акцијата учествувале осум пожарникари кои пристигнале со три возила. Штетата од огнот се проценува на речиси 3.000 евра.


Инцидент во кабинетот на градоначалникот на Штип


Штип, 26 октомври, 2016 - 18:44 (META) 

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев. денеска во својот кабинет во Општината се скарал со поранешниот заменик-командир на противпожарната единица, Кирчо Патраклиев.

До расправијата дошло зашто Патраклиев се обидел да дознае зошто е укинато неговото работно место, заменик-командир.

Разговорот меѓу градоначалникот и поранешниот заменик-командир се одвивал на висок тон, а во еден момент Патраклиев го фатил градоначалникот Захариев за раме, по што градоначалникот го повикал обезбедувањето.

Кога го побаравме, Патраклиев ни потврди дека е во полиција да даде изјава. Попладнето не беше достапен на мобилниот телефон.

Патраклиев пред неколку месеци беше сменет и од работното место заменик-командир бил распореден како возач. Тој поднел тужба и судот го вратил на старото работно место, според неговото решение – заменик-командир. Меѓутоа, во меѓувреме, била направена систематизација и местото заменик-командир било укинато.


Реката Пена пред излевање, свлечиште го затрупа патот Шипковица – Бродец


Тетово, 8 септември, 2016 - 15:36 (META) 

Водостојот на реката Пена во долниот дел од Тетово постојано се следи откако водата од оваа река се искачи на критично ниво. Обилните врнежи од дожд изминатите неколку дена предизвикаа и свлечишта над патниот правец Шипковица – Бродец.

– Наносите од камења и од земја на патот Шипковица – Бродец, кои ги донесе вчерашното свлечиште, се остранети, но градежна механизација постојано е на терен и работи на остранување на нови помали наноси, предизвикани од ерозивни процеси кои сè уште се активни во овој дел. Главно е тоа што ситуацијата будно се следи и патот е прооден – изјави претседателот на кризниот штаб на Тетово, Хусеин Демири.

Од тетовската противпожарна единица изјавија дека се целосно подготвени во случај да дојде до поголемо излевање на реката Пена.

– Ние наполнивме повеќе вреќи со песок, во случај Пена да почне да се излева. Се надеваме дека нема да ги употребиме – изјави Ука Алити, командир на противпожарната единица од Тетово.

Надлежните најавија врнежи и во наредните неколку дена.


Петгодишно дете, тешко повредено во пожар во Битола


Битола, 26 април, 2016 - 13:41 (META) 

Петгодишно дете било тешко повредено во пожар што вчера, околу 16 часот, од засега непознати причини, избувнал во куќа на улицата Мукос во Битола, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, кај детето биле констатирани тешки телесни повреди на рацете, нозете и лицето и е во животна опасност. Детето по укажната лекарска помош во Клиничката болница во Битола било префрлено во Ургентниот центар во Скопје.

Според полицијата, во пожарот телесни повреди добиле и двегодишно дете и Б.Ј. (32).

Пожарот бил изгаснат од екипа на битолската територијална противпожарна единица.


Во пожар изгореле два автомобили во Штип


Штип, 20 јануари, 2016 - 14:18 (META) 

Утрово, околу 5.10 часот, од засега непознати причини настанал пожар на две возила, паркирани на улицата Никола Карев во Штип, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, во пожарот целосно изгореле автомобил, марка „ауди а4“, соопственост на 26-годишниот П.М. и автомобил „фиат брава“, сопственост на Д.Ј. (36), двајцата од Штип.

Според полицијата, штипската територијална противпожарна единица го локализирала пожарот во 5.35 часот, а увид извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Штип.


Четири бараки и две возила оштетени во пожар во Прилеп


Прилеп, 27 ноември, 2015 - 14:18 (META) 

Ноќеска, околу 3 часот, во прилепската населба Варош избувнал пожар кој зафатил четири социјални бараки и два автомобила, паркирани во непосредна близина.

Според полициските информации, во пожарот нема настрадани и повредени лица. По интервенцијата на екипа на прилепската територијална против-пожарна единица пожарот е изгаснат.

Засега нема информации за причините за избувнувањето на пожарот.