!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Тодоров: ВМРО-ДПМНЕ и протестите на народот ја заштитија унитарна Македонија


Скопје, 17 мај, 2017 - 15:31 (META) 

„Зоран Заев е првиот мандатар што потпишува гаранции дека нема да ги наруши највисоките државни и национални интереси. Тоа не било побарано ниту од Бранко Црвенковски, ниту од Хари Костов, ниту од Владо Бучковски. Тоа доволно говори за сериозноста на информациите што предупредуваа на ризикот со кој се соочува Македонија“, рече Никола Тодоров на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ откако претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот на претседателот на СДСМ.

Тодоров предавањето на гаранциите од Зоран Заев за заштита на територијалната целина, унитарноста и мултиетничноста на Македонија го оквалификува како „победа издејствувана од политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ и од 80-дневните најдолги и најмасовни протести на стотици илјади граѓани низ целата држава“.

– Реализацијата на елементите од тиранската платформа, за кои, како што изјавуваше Зоран Заев, имал позитивен став, значеше директно загрозување на мултиетничкото општество какво што го градевме и претворање на државата во бинационална. Таа опасност беше реална и затоа народот остро реагираше – рече Тодоров.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и Заев за политичката криза, затоа што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ понудила поддршка за влада што ќе ја отфрли платформата на албанските партии, а СДСМ тоа го отфрлила, па потоа дошло до „политичко насилство насилство при обидот да го изберат Талат Џафери за претседател на Собранието“.

– Доколку Зоран Заев собереше храброст и порано се оградеше од тиранската платформа, Република Македонија не мораше да ги минува и овие месеци во политичка криза. Доколку Зоран Заев порано ги дадеше гаранциите што ги побара претседателот Ѓорге Иванов, досега ќе беа деблокирани сите процеси и ќе имавме локални избори. Денешното добивање на мандатот е само затруен плод на затруеното дрво – рече Тодоров.

Нагласувајќи дека на гаранцијата од Заев не се потпишани лидерите на албанските партии од мнозинството, рече дека „ВМРО-ДПМНЕ знае колку тежи зборот на Зоран Заев“, па затоа будно ќе го следи.

Тој, на крајот, во име на партијата им честиташе на граѓаните „што беа истрајни во своите барања да се обезбедат гаранции за интегритетот и за суверенитетот на Република Македонија“.
Тодоров порача дека поддршката на коалицијата „За подобра Македонија“ се зголемува и повторно го кажа барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.


Навални повика на антикорупциски протести во 147 градови во Русија


Москва, 12 мај, 2017 - 15:00 (META) 

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални се врати во земјата по операцијата во Шпанија која, како што вели, му го вратила видот на повреденото око и повика на протести.

„Се вратив“, напиша Навални на „Твитер“, барајќи поддршка за антикорупциските протести.

Тие би требало да се одржат идниот месец во 147 градови во Русија.

Навални вели дека претседателскиот декрет, кој беше издаден додека активистот беше на лекување во Шпанија, за построги правила при одржување протести, нема да го спречи во намерата да организира.


„Спас за Валандово“ најави протести доколку Општината не одговори на барањето за референдум


Валандово, 11 мај, 2017 - 19:17 (META) 

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ најави дека ќе организира протести и блокади на патишта доколку општинските власти продолжат да ја игнорираат иницијативата за одржување референдум во општината против отворањето на рудникот во областа Казандол.

Претседателот на Советот на Општина Валандово, како што соопштија денеска од „Спас за Валандово“, не доставил официјален одговор во законскиот рок од три дена, на предлог-иницијативата за собирање потписи за референдум, со што, според член 76 од Законот за референдуми, смета дека предлогот е неуреден.

„Во исто време закажана е седница на Советот на Општината за утре, во 20.30 часот, на која како точка на дневен ред се наоѓа предлогот на иницијативата „Спас За Валандово“. Ги охрабруваме советниците на утрешната седница да донесат одлука во интерес на граѓаните на Општина Валандово. Нагласуваме дека ако уште еднаш се обидат да ја заобиколат волјата на граѓаните, ќе пристапиме кон радикални чекори со организирање протести, блокади на патишта и други демократски инструменти кои ни се на располагање во моментот“, се вели во соопштението на граѓанската иницијатива.

Граѓанската иницијатива во понеделникот оваа недела, собра и до Советот на Општината достави 256, односно повеќе од потребните 100 потписи на граѓани за поведување иницијатива за распишување референдум за рудникот во Казандол.


Шилегов: Обвинителството да не соучествува, туку да го расчисти насилството во Собранието


Скопје, 9 мај, 2017 - 15:04 (META) 

Јавното обвинителство мора целосно да го расчисти насилството во Собранието, каде се случи загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, беше направен обид за убиство на пратеници, беа нападнати новинари и вработени во Собранието. Ова денеска на прес-конференција го истакна пратеникот и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој нагласи дека кривичните дела сторени во Собранието мора да се решаваат брзо и ефикасно и дека тоа го очекува целата македонска, но и меѓународната јавност.

– Секое несоодветно постапување од Јавното обвинителството и од надлежните обвинители го прави овој државен орган, и нив поединечно, соучесници и помагачи на извршеното насилство кон највисокиот законодавен дом на Република Македонија. Ваквото непостапување на Јавното обвинителство, дополнително ги охрабрува демонстрантите, па вчера резултираше со дополнителни закани и со насилничка реторика на учесниците на протестите – рече Шилегов.

Млаката реакција на обвинителството, според Шилегов, ги мотивира учесниците и организаторите на протестите да повикуваат на насилство, а пример за ова, како што рече, се заканите по животот упатени кон високи функционери на СДСМ, за време на вчерашните протести.

– Го повикуваме обвинителството да работи сериозно, да ги утврди сите кривични дела што претставуваат уривање на законодавниот дом и правилно, правно да ги квалификува истрагите и обвиненијата. Да бидат опфатени сите лица што го нарачале, помогнале и го извршиле нападот врз Собранието, пратениците, полицијата, вработените и новинарите во Собранието – рече Шилегов.


Гневни демонстранти му го загорчија доаѓањето на Трамп во родниот Њујорк


Њујорк, 5 мај, 2017 - 11:56 (META) 

Со свирежи, гневни скандирања „Не е мој претседател“ и со транспаренти „Исфрлете го Трамп“ (Dump Trump) и „Америка повторно да се замисли“, стотици демонстранти во Њујорк вчера се собраа на Вест Сајд во Менхетен, протестирајќи против претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој дојде на неговата прва посета на неговиот роден град откако го почна мандатот.

Се слушаа многу свирежи, се удираше во дајриња и во тапани и се протестираше против речиси сите политики на Белата куќа, од имиграцијата до здравствената заштита. Демонстрантите сакаа да му упатат порака дека и покрај тоа што пораснал во Њујорк и неговото име го има на неколку згради, Доналд Трамп не е добредојден. Многумина го нарекуваа „нелегитимен претседател“.

– Како њујорчанка што цел живот живее тука, сметам дека е особено одвратно тоа што Трамп доаѓа од оваа средина и сепак во ништо не ги претставува њујорчаните. Њујорк е имигрантски град. Њујорк е голема печка за претопување, а политиките што тој ги застапува не ги претставуваат њујорчаните. Мислам оти треба да знае дека не го сакаме и повеќе не е добредојден тука – вели Лорин Ротман, 31-годишна гастрономска критичарка од Бруклин.

Стотици демонстранти се наредија долж булеварот Вест Сајд да ја исвиркаат поворката на претседателот. Конвојот возила помина бргу покрај демонстрантите околу 19 часот и се упати кон реката Хадсон, односно бродот „УСС Интрепид“, носач на авиони кој сега е музеј, каде Трамп требаше да одржи говор. Подоцна таму се сретна и со австралискиот премиер Малколм Турнбул.

Потоа демонстрантите собрани во неколку групи демонстрираа во близина на „Интрепид“, а некои од автомобилите што поминуваа трубеа во знак на поддршка. Една голем група протестираше кај „Трамп тауер“, зградата на Трамп во која е неговиот дом и центарот на неговата бизнис-империја.

Се разбира, имаше и контрадемонстранти. Мала група поддржувачи на Трамп беа собрани на булеварот Вест Сајд држејќи транспаренти „Фала му на Бога за Трамп“ и „Депортирање на илегалните имигранти“.


Полицијата го испразни Собранието, граѓани останаа да кампуваат


Скопје, 28 април, 2017 - 1:16 (META) 

Специјални полициски единици со употреба на шок-бомби и на други средства за растерување толпа го испразнија Собранието и ги евакуираа пратениците и новинарските екипи откако во него вечерва се случуваше вистинска драма со насилства во кои беа повредени неколку десетици лица.

Поголем број полицајци пристигнаа во Собранието неколку часа откако толпата успеа да влезе внатре и физички да нападне пратеници, новинари и полицајци. Меѓу повредените пратеници се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, неговите колеги Дамјан Манчевски и Максим Димитриевски, Радмила Шекеринска и пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој поради сериозноста на повредите заврши во болница.

Насилното влегување почна по изборот на Талат Џафери за нов спикер од новото парламентарно мнозинство, кога голем дел од демонстрантите пред Собранието влегоа од главниот влез на законодавниот дом.

Во еден период влезовите на Собранието беа блокирани од групи демонстранти, кои не дозволуваа полицијата да ги изнесе пратениците.

Насилствата остро ги осудија ЕУ, САД, ОБСЕ, Германија и други високи претставници на меѓународната заедница.

Претседателот Ѓорге Иванов во вонредното обраќање до граѓаните повика на смирување на тензиите и предложи лидерска средба која би се одржала во неговиот кабинет.

Пред Собранието останаа поголем број граѓани, а почнаа да се поставуваат шатори и да се дотура храна и вода.


Груевски: Нови избори се решение – ако СДСМ победи, нека направи влада


Скопје, 25 април, 2017 - 15:22 (META) 

Најдобар излез од оваа ситуација е да се оди веднаш на брзи предвремени избори, заедно со редовните планирани локални избори, кои, патем, заради чекорите на СДСМ се одложија, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање за време на неговата посета на Општината Ѓорче Петров.

Тој го повика СДСМ да прифати нови избори и, како што рече, „ако го добије мнозинството, да направи влада“.

– Нека излезат тие со она што го нудат, со она што го прифатиле, со тиранската палтформа, со сè што сакаат. Ако граѓаните тоа им го одобрат, ако добијат мнозинство гласови, нека направат влада и нека го исполнат тоа што го наумиле и тоа што некаде го ветиле – рече Груевски.

Тој истакна дека и граѓаните кои секој ден протестираат на улиците ги преформулирале своите барања и сега бараат одржување на нови предвремени парламентарни избори.

– Како што видовме пред некој ден, граѓаните веќе ги преформулираа своите барања. Тие сфаќаат дека Заев не може да се откаже од тиранската платформа, дека ја има преземено, дека има дадено цврсти ветувања, практично дека можеби е уценет или на некој начин нема излез. И затоа, претпоставувам, се преформулира нивното барање во барање за предвремени избори… Меѓу 100.000 и 200.000 граѓани секој ден маршираат низ улиците во околу 30 градови во Македонија. Тоа е нешто за што опозицијата, односно СДСМ и партиите со неа треба да се замислат и треба да излезат во пресрет на народот, во пресрет на граѓаните, бидејќи, на крајот на краиштата, тие се тие што не само во декември, туку и во иднина треба да гласаат во Македонија и да даваат поддршка на една или на друга партија – изјави Груевски.


Кнут Флекенштајн и Дејвид Мекалистер слетаа во Тирана на нова посредничка мисија


Тирана, 25 април, 2017 - 14:49 (META) 

Европратениците Дејвид Мекалистер и Кнут Флекенштајн, кој е специјален известувач на Европскиот парламент за Албанија, денеска слетаа во Тирана за нови средби со власта и со опозицијата, во обид да посредуваат во пронаоѓање излез од политичката криза.

Според планот, првин се предвидени средби со претставниците на власта, а потоа со претставници на опозицијата. Лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша, рече дека ќе се сретне со европратениците за да разговара, но нема да отстапи од барањата.

Средбите ќе се одвиваат само еден ден откако опозицијата ги блокираше патиштата за влез во Тирана.


Протести во Будимпешта – повеќе од илјада демонстранти се собраа близу руската амбасада


Будимпешта, 25 април, 2017 - 11:14 (META) 

Повеќе од илјада луѓе се собраа вчера близу амбасадата на Русија во Будимпешта, продолжувајќи ги протестите против, како што велат, засиленото руско влијание врз Унгарија во последните неколку години и против авторитарната политика на премиерот Виктор Орбан, известуваат унгарски медиуми.

Намерата на демонстрантите беше протестот да се одржи пред руската амбасада, но полицијата го забрани тоа.

Писателот и филозоф Андраш Лањи, говорејќи на протестот, рече дека владата постепено се движи кон диктатура, во која противниците се затвораат или се убиваат, наведувајќи ги како примери Русија, Азербејџан и Иран.

– 21 век стана опасен период, во кој се зголемува растојанието помеѓу Истокот и Западот – рече Лањи.

Хенриета Николета Антал, активистка од иницијативата што се противи на преобразувањето на градскиот парк, ги повика демонстрантите да се приближуваат кон западните вредности и животен стил.

На протестот се извикуваа пароли „Европа! Европа!“ и „Да ја запреме Москва“, како одговор на владината кампања „Да го запреме Брисел“.

Унгарската влада во последните години е остар критичар на бриселските политики, кои ги нарекува реформи со кои се сака да се одземе сувереноста на членките на ЕУ.


Дроновите (не)законски влетаа во политиката


Скопје, 24 април, 2017 - 11:31 (META) 

Дроновите станаа политички алатки пар екселанс во Македонија и на Балканот.

Првиот случај на користење дрон во политички цели беше регистриран на средината на октомвври 2014 година на мечот меѓу репрезентациите на Србија и на Албанија во Белград, кога среде натпревар, на стадинот на ФК „Партизан“, се појави дрон на кој беше закачено знаме со мапа на „голема Албанија“. Настанот тогаш ги зовре емоциите меѓу двете држави и неколку недели беше главна тема во медиумите.

Дрон со ист таков плакат на „голема Албанија“ вчера се појавил на стадионот во Чаир во Скопје, на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на „Шкупи“ и „Вардар“, што беше повод ВМРО-ДПМНЕ вината за овој случај да ја префрли на СДСМ, кого го обвини дека е поттикнувач на ваквите случувања.

Во изминатиов период, протестите што се одржуваат во Скопје пред Владата и пред Собранието редовно се снимаат од воздух со беспилотни летала (дронови).

Владата на почетокот на 2015 година донесе Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор.

Во членот 12, став 5 од уредбата стои дека „воздухоплов без екипаж не може да лета во радиус од 500 метри од објектите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, објектите на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, резиденцијата на Претседателот на државата, дипломатските претставништва, високо ризични натпревари и голем собир на луѓе (протести)“.

„Операциите на воздухоплов без екипаж од став 5 на овој член може да се реализираат само со претходно одобрение од Агенцијата за цивилно воздухопловство, Министреството за внатрешни работи и Министерство за одбрана“, се наведува во став 6 од членот 12 на истата уредба.

Инаку, протестите се снимаат со дрон за потребите на информативната програма на „Телевизија Нова“. Оттаму за „Мета“ велат дека за користењето на дронот ги имаат обезбедено сите дозволи, а секое летање во близина на државните објекти претходно се пријавува во полиција.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство не сакаа да одговорат на прашањето дали од нив била побарана и дали е издадена дозвола за користење на дроновите на протестите.

Истото прашање го испративме и до МВР, но оттаму нè препратија во Агенцијата за цивилно воздухопловство, бидејќи, како што ни рекоа, таа е надлежна за издавање на одобренијата за летање.

Во уредбата на АЦВ, сепак, не се предвидени казни за тие што ќе ги прекршат условите за користење дронови.

Казни треба да има во правилникот за користење на дроновите кој, како што информираа од Агенцијата за цивилно воздухопловство во ноември минатата година, е веќе готов, но го чека новото Собрание да профункционира за да биде донесен.

Инаку, полицијата во декември 2015 година приведе момче кое со дрон го снимаше студентскиот протест во Скопје. Момчето по „информативниот разговор“ беше пуштено, а снимките и дронот беа задржани од полицијата.