Руска амбасада: Намерно или не, Заев е погрешно информиран


Скопје, 16 април, 2018 - 14:03 (META) 

Од Руската амбасада во Скопје на нивниот „Твитер“ профил реагираат на изјавата на премиерот Зоран Заев во интервјуто за „Телевизија 24“, каде вели дека „протераниот руски дипломат недозволиво се однесувал во Македонија, дека бил предупредуван неколку пати, но и натаму вршел активности за кои не бил акредитиран и оти доказите и биле презентирани на амбасадата на Русија“.

Од амбасадата велат дека Заев е погрешно информиран и дека протерувањето на нивниот дипломат било изненадување.

„Намерно или не, Зоран Заев е погрешно информиран. Протерувањето на нашиот дипломат беше изненадување. Никогаш не сме добиле никакви предупредувања ниту „докази“ за кои зборува премиерот. И понатаму сметаме дека овој чин е неоснован и нанесува штета на руско-македонските односи“ напишаа од Руската амбасада во Скопје.

Македонското министерство за надворешни работи го протера рускиот дипломат на 26 март, а министерот Никола Димитров рече дека протерувањето се направило во координација со западните сојузници и како чин на солидарност со Велика Британија.


Шчербак: Русија е разочарана од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за протерувањето, ќе почека со контра мерки


Скопје, 29 март, 2018 - 13:29 (META) 

Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски е израз на недоследната политика на дел од раководството на таа политичка партија, и како резултат на таквата политика, ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите. Но истовремено, јас знам дека не мал број членови на една од најголемите партии се искрено определени за развој на конструктивна соработка и взаемни односи со Руската Федерација. Ова го изјави амбасадорот Олег Шчербак одговарајќи на прашањето од „Мета“ дали вчерашната изјава на Александар Николоски во емисијата „200“ на „Алсат-М“ дека потегот на владата да протера еден руски дипломат е в ред, е разочарување за Русија, со оглед на интензивната соработка на двете земји во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Рускиот амбасадор на денешната прес-конференција рече дека потегот за протерување на рускиот дипломат од Македонија, како прв ваков чекор во билатералните односи, е непромислен чекор, кој Македонија очигледно го донела под притисок од надвор, но и дека тоа нема да остане без соодветен одговор од Русија.

– Македонската страна не ни достави докази или не сака да достави докази или на некој начин да ни потврди дека протераниот дипломат се занимавал со одредени дејности што излегуваат од дипломатскиот статус. Одлуката на власта во Македонија предизвикува кај нас длабоко жалење. Оваа одлука е неоснована и е без преседан во севкупните односи на Република Македонија и Руската Федерација. Претставниците на власта во Скопје решија да преземат непријателски чекор под влијание од надвор, но тоа не ја ослободува македонската страна од одговорност – рече Шчербак.

Но, според рускиот амбасадор, реакцијата од руската страна ќе дојде по обемно промислување и нема да биде донесена избрзано и веднаш, туку ќе треба да се почека.

– Истакнуваме дека оваа избрзана и кусогледа антируска акција е во спротивност со повеќепати декларираните ставови на врвот на власта во Република Македонија за развој на обостраните односи. Руската Федерација е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и одговорен член на меѓународната заедница и така се однесува во билатералните односи. Руската дипломатија има долга и длабока традиција, и ние немаме практика да брзаме со важните чекори. Протерувањето на диипломат претставува сериозен чекор на непријателство. Во свое време ќе дадеме наш одговор и тој ќе биде адекватен и добро промислен – рече Шчербак.

Допрашан дали ќе стане збор за одредени економски мерки, Шчербак рече дека за руската реакција сепак ќе треба да се почека.

Тој рече дека за разлика од другите негови колеги во Македонија никогаш не се мешал во внатрешните работи на земјата и рече дека ниту бил пред ниту во Собранието на 27 април 2017 година, „за разлика од некои други“. Категорично тврди дека ниту еден друг вработен во руската амбасада не бил пред или во Собранието при насилствата.

Во сличен манир одговори и на новинарското прашање за став за донесувањето на Законот за јазиците.

-Руската федерација има долга традиција на соживот на многу народи, а нашата допломатска практика не се врзува со мешање во внатрешните работи и јас не би се мешал. Се разбира дека меѓуетничките односи се чувствителна тема и најдобро е во такви услови да се воздржам од коментар – рече рускиот амбасадор Олег Шчербак.


Николоски: Наш партнер не е Москва, одлуката на владата за протерувањето е во ред


Скопје, 28 март, 2018 - 16:34 (META) 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервјуто за емисијата „200“ на телевизија „Алсат“ рече дека потегот на Владата да протера еден руски дипломат е во ред и дека „наш партнер не е Москва, наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон“.

– И министерот за надворешни работи и Владата прават грешка што ја исклучуваат опозицијата од овој процес на споделување информации и консултации со опозицијата. Ние го осудуваме актот што се случи во Велика Британија, сметаме дека е тоа директен атак врз земјата, кон која имаме сериозни симпатии. Наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон. Местото на Македонија е во ЕУ и НАТО. И затоа сметаме дека е во ред ова што го направи Владата – рече Николоски.

На прашањето како го коментира ставот на претседателот Ѓорге Иванов кој рече дека владата избрзала со овој потег, Николоски рече дека и тој не се консултира со опозицијата.

– И Иванов не се консултира со опозицијата за неговиот чекор. И претседателот и Владата продолжуваат да носат одлуки без да се консултираат со ВМРО-ДПМНЕ, што мислам дека е голема грешка. Македонија мора да биде членка на ЕУ и НАТО. Наш партнер не е Москва, наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон. Се разбира, сето ова под услов да се точни информациите со кои располагаме само од медиумите, имајќи предвид дека ние немаме дополнителна информација за едно вакво сериозно прашање – рече Николоски.

На ова реагираше Руската амбасада во Скопје која на својот „Твитер“ профил го сподели ставот на Николоски и под него напиша „забележителен став“.


Иванов не бил информиран, смета дека протерувањето на рускиот дипломат е избрзана одлука


Скопје, 27 март, 2018 - 15:04 (META) 

Претседателот на државата Ѓорге Иванов смета дека одлуката на македонското МНР да протера еден руски дипломат е избрзана, информираат од претседателскиот кабинет.

„Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија, ја следи политиката на ЕУ и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ. Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји-членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки, претседателот на РМ смета дека одлуката на македонското МНР е избрзана“, се наведува во соопштението.

Иванов повикува на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика, за како што се посочува, да се спречи можното нанесување на штета во остварување на стратешките цели на Македонија.

Се додава дека претседателот, согласно позитивната законска регулатива, очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста, поврзани со овој случај.


Димитров: Протераниот дипломат излегол од својот мандат


Скопје, 27 март, 2018 - 11:50 (META) 

Одлуката за протерување на рускиот дипломат од Македонија ја донесовме по внимателно размислување и анализа. Одлуката се заснова на два елемента, едниот е меѓународен, односно настанот што се случи – труење со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побараа нашите сојузници, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на прес-конференцијата со својата австриска колешка Карин Кнајсл.

Според него, има и домашна основа за чекорот на Министерството за надворешни работи. Како што кажа Димитров, станува збор за лице што излегло од својот дипломатски мандат.

– Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа – рече Димитров.

Оцени дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.

Австриската министерка Кнајсл од своја страна истакна дека Австрија се изјаснила за солидарност со Велика Британија, а кога станува збор за протерување на дипломати тоа е билатерално прашање за проценка.

– Во тешки времиња особено е важно да ги оставиме отворени каналите за комуникација. Австрија има политика на неутралност, политика што гради мостови. Тоа е традицијата на австриската дипломатија – додаде Кнајсл на прашањето дека Австрија нема протерано руски дипломат.

Македонското Министерството за надворешни работи синоќа соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал. Одлуката на македонското МНР е донесена по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.


Рускиот дипломат бил дел од обидите за инсталирање агенти во власта во Македонија?


Скопје, 27 март, 2018 - 11:11 (META) 

Протерувањето на рускиот дипломат не е само последица на солидарност за случајот „Скрипал“ туку тој бил вмешан и во активности на руското разузнавање за инсталирање на руски агенти во високите ешалони на дел од извршната власт, објави „Телевизија 24“,  повикувајќи се на „високи извори во македонската полиција“.

Македонското МНР вчера одлучи да протера руски дипломат како чин на солидарност за случајот Скрипал во координирана акција со 14 земји партнери.

„Денес ги известивме руските власти за нашата одлука да протераме еден руски дипломат, во тесна консултација со нашите партнери и сојузници, во целосна солидарност со Велика Британија, како и за да ги заштитиме сопствените безбедносни интереси на Македонија“, напиша вчера на „Твитер“ македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

На ова реагираше руската амбасада и на „Твитер“ профилот објави дека македонската страна ќе ги носи последиците од протерувањето на рускиот дипломат.

„Владата донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“, објави руската амбасада.


Македонија протера руски дипломат, за Москва потегот е непријателски и неоправдан


Скопје, 26 март, 2018 - 22:12 (META) 

Министерството за надворешни работи објави дека одлучило да протера еден дипломат на Руската Федерација во Македонија заради случајот Скрипал.

„МНР во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година“, се вели во кусото соопштение во кое се додава и дека „користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“.

На ова реагираше руската амбасада во земјава на твитер велејќи дека “одговорноста за последиците на одлуката за протерување на рускиот дипломат од Македонија целосно ќе биде на македонска страна“.

Руската амбасада смета дека протерувањето е „исклучително непријателски и неоправдан потег, без преседан во руско-македонските односи“.

САД, Канада и 14 земји од ЕУ денеска истовремено одлучија да протераат руски дипломати од нивните земји заради труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија.


САД протеруваат 15 кубански дипломати


Вашингтон, 3 октомври, 2017 - 19:49 (META) 

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп нареди протерување на 15 дипломати од кубанската амбасада во Вашингтон, откако САД минатата недела повлекоа половина од своите дипломати од Хавана, соопшти американскиот Стејт департмент.

Одлуката на американските власи доаѓа откако кубанските власти не успеаја да го заштитат американскиот персонал на Куба, кој бил изложен на мистериозни „напади“ кои им го оштетиле нивното здравје, соопшти претставник на американската администрација, кој побара да остане анонимен.

Кубанските дипломати имаат рок од седум дена да ги напуштат САД.


Путин побара 755 американски дипломати да ја напуштат Русија


Москва, 31 јули, 2017 - 11:26 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа во интервју за „Вести ТВ“ соопшти дека 755 американски дипломати мора да ја напуштат Русија и оти Москва би можела да разгледа и дополнителни мерки како одговор на најновите санкции на Вашингтон.

Путин рече дека САД имаат рок за намалување на дипломатскиот и на техничкиот персонал до 1 септември.

– Повеќе од 1.000 луѓе работеа и сè уште работат во американската амбасада и во конзулатите – рече Путин и додаде дека 755 американски дипломати мора да ја прекинат својата активност во Русија.

Москва во петокот им соопшти на САД да повлечат стотина дипломати и службеници и рече дека ќе заплени два дипломатски имоти на САД, откако Претставничкиот дом на САД и Сенатот ги одобрија новите санкции за Русија. Белата куќа во петокот соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го потпише пакетот санкции.

САД изразија жалење поради одлуката на Русија да го намали бројот на американски дипломати, наведувајќи дека сè уште не е донесена одлука за таа мерка, соопшти доцна синоќа Стејт департментот.

„Тоа е жална и неоправдана одлука. Го проценуваме влијанието на тоа ограничување и начинот на кој ќе одговориме на таа мерка“, стои во соопштението од американското Министерство за надворешни работи.


Русија може да го „урамнотежи“ бројот на Американците во Москва


Москва, 14 јули, 2017 - 11:56 (META) 

Официјала Москва е подготвена значително да го намали бројот на соработниците на американската амбасада во Русија, што би претставувало одговор на блокадата на рускиот дипломатски имот во САД, соопшти на брифинг портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

– Ако работите не се мрднат од мртва точка, ќе мораме да одговориме. Има со што да се одговори – персоналот на американската амбасада во Москва е значително поголем од бројот на нашите службеници во амбасадата во Вашингтон. Една од опциите, освен симетричното протерување Американци, е и урамнотежување на персоналот – рече Захарова.

Таа нагласи дека САД одбива да им издаде виза за дипломатите кои треба да ги заменат 35 службеници кои беа протерани кон крајот на декември.

– Одземените објекти не се вратени. Вашингтон не само што не ја укина одлуката за протерување на нашите службеници, туку одбива и им да издаде визи на тие што треба да заменат – рече Захарова.