Македонскиот и грчкиот народ ги зближуваат невработеноста и сиромаштијата (инфографик)


Скопје, 30 јануари, 2019 - 12:11 (META) 

Со ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент се отвора ново поглавје во политичките односи меѓу Македонија и Грција, а уште поважно се создава можност за поголема економска соработка меѓу двете земји која досега беше обременета со несогласувањата околу спорот за името.

Главните економски параметри покажуваат дека нашата држава е економско џуџе во споредба со Грција, но и дека заедничка мака за граѓаните на двете земји се невработеноста и високата стапка на сиромаштија.

Според податоците на Светска банка, бруто домашниот производ по жител во Грција на крајот на 2017 година изнесувал 18.613 американски долари што е три пати повеќе отколку македонскиот кој изнесува 5.414 долари.

Според последните статистички податоци стапката на невработеност во Грција изнесува 18,6 отсто, а во Македонија 20,8 отсто, што ги става двете земји на врвот на листата во Европа по процентот на невработени лица.

Двете држави се уште поблиску по процентот на сиромашни лица, кој во Грција изнесува 20,2, а во Македонија 22,2 отсто од вкупната популација.

Во Грција просечната плата е позиционирана на 1.166 евра, а во Македонија на 399 евра. Сепак, статистичките податоци по сектори откриваат дека поголем број од работниците од двете држави може само да сонуваат за просечна плата. Најголем број од работниците кај нас земаат плата до 350 евра, а во Грција до 800 евра.

Инаку, економските придобивки од затоплувањето на односите меѓу двете земји дојдоа  само неколку дена по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Каматите на 10-годишните обврзници на Грција се намалија за 1,5 отсто на 4.07 отсто, што е најниско ниво од септември, минатата година. Подобрување имаше и кај македонските обврзници. Приносите на обврзницата која достигнува во 2025 година се намалија на 2,51 отсто, што најниско ниво во изминатава година.

Ваквото движење на меѓународните финансиски пазари значи дека инвеститорите гледаат позитивни сигнали во имплементацијата на Преспанскиот договор што резултира со намалување на трошоците за задолжување на двете земји.


Просечната плата во јуни 24.203 денари


Скопје, 21 август, 2018 - 13:18 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија во јуни 2018, изнесува 24.203 денари и бележи пораст во однос на јуни лани од 6,1 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен за 20,4 отсто, информации и комуникации за 16,7 отсто и преработувачка индустрија за 14,7 отсто.

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите финансиски дејности и дејности на осигурување за 14 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна 11,3 отсто и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за три отсто.

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во јуни 2018 изнесува 35.530 денари.


ВМРО-ДПМНЕ: Криминалниот картел на врхушката го притиска бизнисот


Скопје, 2 мај, 2018 - 10:09 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта, не само што не ги исполнила ветувањата за подобар живот за сите граѓани, туку и лажела дека ќе обезбеди просечна плата од 30.000 денари. Наспроти тоа, како што велат од партијата, „животот во Македонија дојде само за криминалниот картел составен од Заеви, Анѓушев и врхушката на власт“.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека одраз на тоа е и „притисокот“ кон стопанствениците да исплаќаат повисоки плати.

„Криминалниот картел наместо да се посвети на создавање на подобра бизнис клима во која што компаниите ќе бидат попродуктивни и ќе може да исплаќаат поголеми плати, се посвети на полнење со пари на личните и семејните фирми. Затоа сега одлучија да го применат нивниот добро познат метод на притисок, уцени и закани кон приватните стопанственици да ги зголемат платите дури и да нема економска логика, односно да се предизвика дополнителна штета од ваквиот чекор. Новата мерка веројатно ќе помогне само да се подобрат платите во фирмите на Заеви и Анѓушев. Заев и Анѓушев треба да одговорат колку работници има во нивните фирми кои земаат нето плата до 18.000 денари, односно ги исполнуваат условите од мерката со која што 30% од покачувањето на платите, фирмите би го покриле од државата“, порача ВМРО-ДПМНЕ.


Просечната нето-плата во октомври изнесувала 23.356 денари


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:48 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2017, изнесува 23.356 денари и е зголемена за четири проценти во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика.

Просечната месечна исплатена бруто-плата во октомври пак, е 34.266 денари и е зголемена за 3,8 проценти во однос на октомври лани.

Ваквото зголемување се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите уметност, забава и рекреација (29,3 отсто), рударство и вадење на камен (10,5 отсто) и преработувачка индустрија (7,9 отсто). Во октомври, 1,6 отсто од вработените, не зеле плата.


ВМРО-ДПМНЕ: Власта на СДСМ го окупираше синдикатот


Скопје, 16 август, 2017 - 9:56 (META) 

СДСМ стави рака врз синдикатот кој треба да ги штити интересите на вработените. Додека граѓаните чекаат просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари, СДСМ наместо да го испорача ветувањето, го презема синдикатот за да се осигура дека ќе биде задушен секој револт од катастрофалните економски политики, обвини ВМРО-ДПМНЕ претпладнево.

„Партиската полиција на Оливер Спасовски, даде асистенција за влез во просториите на ССМ на лице блиско до СДС. Скандалот да биде поголем, тоа е сторено врз основа на решение со кое се одбива неговото барање за упис во Централниот регистар како овластено лице на синдикатот. МВР на Спасовски постапи надвор од процедура, дозволувајќи партиските наредби да бидат над законот и со закон пропишаните норми. СДСМ брза пред најавените покачувања на даноците и придонесите да ги стави синдикатот и работниците под своја контрола, како би си обезбедиле молк за погрешните економски политики кои ги влечат“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата порачува дека дека синдикалното организирање е загарантирано со Устав и истото не смее да биде загрозувано од ниедна власт како и дека ќе мора некој да сноси одговорност за незаконскиот упад во синдикатот.


Заев смета дека државата има скриен долг од околу една милијарда евра


Скопје, 6 јуни, 2017 - 22:18 (META) 

Просечната плата од 500 евра веројатно ќе стане реалност во 2019 година, изјави вечерва премиерот Зоран Заев, додавајќи дека тоа е две и пол години од почетокот на мандатот на новата влада.

Тој, во интервјуто на националниот сервис со уредници од телевизиите, рече дека потребни се консултации за да се види каде треба да се направат промени за да се зголеми економскиот пораст кој ќе придонесе за зголемување на просечната плата. Во однос на минималната плата, рече дека таа, исто така, постепено ќе се менува за да не се нанесе штета на компаниите, односно да не доведе до отпуштање на вработени и до затворање на фирми.

Во однос на изборот на Рамиз Мерко за вицепремиер за странски инвестиции, премиерот истакна дека поранешниот градоначалник има добра комуникација со албанската дијаспора и оти негова задача ќе биде да ги убеди да инвестираат во Македонија.

На прашање дали веќе знаат кој ќе биде новиот директор на Управата за јавни приходи, Заев рече дека сè уште не се знае и дека тоа ќе се одлучи во следните 10 до 15 дена. Тој истакна дека економската ситуација во земјата не е сјајна, односно дека во буџетот нема 130 милиони евра, туку само шест милиони евра. Во однос на јавниот долг, истакна дека тој ја надминал ликвидноста на буџетот, односно дека изнесува повеќе од 50 отсто од домашниот бруто-производ. Премиерот истакна дека веќе има доспеани неевидентирани обврски, за кои треба да се информира јавноста и оти веројатно има скриен долг од околу една милијарда евра.


Просечната нето-плата изнесува 22.213 денари


Скопје, 28 декември, 2015 - 13:50 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври годинава, изнесува 22.213 денари, објави Државниот завод за статистика. Просечната месечна бруто-плата, пак, изнесува 32.597 денари.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите уметност, забава и рекреација (34,2 проценти), административни и помошни услужни дејности (9,3 проценти) и други услужни дејности (8,3 проценти).

Во октомври 2015 година, 1,2 отсто од вработените во Македонија не примиле плата.