ААВМУ: Се надминува максималното време за пропаганда за референдумот


Скопје, 14 септември, 2018 - 15:24 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска упати предупредување до радиодифузерите дека не се почитува максимално дозволеното време за јавна пропаганда, а таа се емитува во програмски содржини каде што не е дозволено.

„Не се почитува дозволеното време за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот, вакви реклами се емитуваат и во програми во кои тоа не е дозволено, во случајов во посебни информативни програми, и рекламирањето во врска со референдумот не е означено и не е јасно одвоено од другите реклами на радиодифузерите“, стои во соопштението од ААВМУ.

Агенцијата потсетува дека Упатството за медиумско претставување за време на референдум предвидува најмногу четири и пол минути на секој реален час пропаганда „ЗА“ и исто толку за пропаганда „Против“, односно вкупно девет минути на секој реален час. ААВМУ појаснува и дека редовните рекламни блокови не смее да се користат за пропагандата за референдумот, а пропагандата не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во и околу програми за деца и млади.

Медиумскиот регулатор им порача на радиодифузните куќи дека во наредните денови ќе ги казнува ако забележи некои од наведените прекршувања.


ММА: Кампањите на ЕУ по ниту еден критериум не се јавна пропаганда


Скопје, 5 септември, 2018 - 16:01 (META) 

Членките на Македонската медиумска асоцијација („Алсат -М“, „Алфа“, „Канал 5“, „Сител“ и „Телма“) се „непријатно изненадени“ од соопштението  издадено од Агенцијата за аудио и аудоиовизуелни медиумски услуги на Македонија во кое АВМУ ги потсетува радиодифузерите како треба да се однесуваат со содржините кои се дел од платената јавна пропаганда.

„Членките на ММА се сосема свесни за начинот на кој треба да се емитува јавната пропаганда за претстојниот референдум, и се одлучни во целост да ги почитуваат законските норми. Од друга страна членките на ММА се непријатно изненадени што регулаторот не прави јасна дистинкција меѓу јавна пропаганда за референдумот и комерцијални кампањи, и што сосема различни работи сака да ги подведе под исто. Станува збор за кампањата на ЕУ која е дел од еден постојан континуитет на кампањи на ЕУ. Кампањи со ваква содржина ЕУ имаше и пред кампањата за референдум, а најавени се слични кампањи и откако ќе заврши референдумот“, се вели во реакцијата.

Според нив, „овие информативни кампањи на ЕУ не се, и според ниту еден критериум не можат ниту блиску да бидат подведени под јавна пропаганда.“

„Затоа и овие кампањи на националните телевизии се емитуваат во комерцијални блокови под услови договорени во секоја телевизија одделно уште во 2017 година, временски период пред воопшто да знаеме дека ќе биде распишан референдум, и секогаш биле емитувани, и ќе се емитуваат и натаму во комерцијалните блокови под претходно договорени услови. Како што е познато, содржините од јавната пропаганда се емитуваат во посебен програмски појас по единствена и привилегирана цена која не смее да надминува просечна цена на телевизиите во изминатите три месеци работење, и тие планираме да ги одвоиме со посебен џингл и на секоја од нив да стои нарачател. Бидејќи кампањата на ЕУ не спаѓа во оваа категорија, ниту пак АВМУ понуди било каков аргумент, зошто оваа кампања би требала да биде дел од јавната пропаганда, соопштението на АВМУ во врска со кампањата на ЕУ, ММА го цени како целосно беспредметно“, се додава во соопштението.


АВМУ: Јавната пропаганда за референдумот да се одвои од другите содржини на медиумите


Скопје, 5 септември, 2018 - 10:56 (META) 

Агенцијата за аудио и аудоиовизуелни медиумски услуги на Македонија (АВМУ) порача до медиумите јавната пропаганда за референдумот да се одвои од другите содржини.

„Во последните неколку дена, на повеќе телевизии и радија се емитуваат реклами од кампањата „Замисли иднина заедно“ на Делегацијата на ЕУ во пресрет на референдумот. Рекламните спотови не се јасно одвоени од другите содржини на медиумите, не се означени како платена јавна пропаганда, а во нив учествуваат и малолетници“, се вели во соопштението на АВМУ.

Во него се додава дека платената јавна пропаганда согласно Упатството за медиумското претставување за време на референдумот од 17 август 2018 треба да се емитува во дополнителните девет минути на реален час, кои се исклучиво наменети за платена јавна пропаганда за референдумот, а не во редовното време за емитување реклами од 12 минути.

Од АВМУ апелираат дека треба јасно да се одвои од програмите и од другите рекламни пораки на радиодифузерите и видливо да се означи како платена јавна пропаганда, и да се емитува со јазно означен нарачател за целото времетраење.

„Во платената јавна пропаганда не смеат да учествуваат малолетници и таа не смее да се емитува во текот, непосредно пред и по емисиите чија примарна целна група се деца и/или младинци. Исто така, не смее да се емитува во вести, посебни информативни емисии, како и за време на директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани“, се додава во соопштението.

Агенцијата очекува сите радиодифузери во најкус рок да го усогласат емитувањето на рекламите од оваа кампања со регулативата.


Бошњаковски: Кампањата на социјалните мрежи ќе чини 6,5 илјади евра


Скопје, 23 август, 2018 - 16:26 (META) 

Владата за кампањата за референдумот ќе троши пари од сопствениот буџет и од буџетот на Генералниот секретаријат на Владата, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција. Комуникацијата преку социјалните мрежи ќе се реализира со 400.000 денари (6,5 илијади евра) од тековниот буџет на Генералниот секретаријат, појасни тој.

Владиниот портпарол посочи и дека Владата ќе организира и прес-конференции, интервјуа, дебатни емисии, брифинзи, за што немало да се трошат пари.


ССНМ: Македонија не смее да биде земја во која нема слобода на медиуми


Скопје, 3 мај, 2017 - 9:39 (META) 

„На Денот на слободата на медиумите, за жал, Македонија спаѓа во земјите во кои не постојат слободни медиуми. Тоа го покажува индексот на „Фридом хаус“ за 2017 година, според кој се мерат слободата на изразувањето и слободата на медиумите. И оваа година на скалата на „Репортери без граници“ Македонија е последна во регионот“, се вели во соопштението на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Од синдикатот велат дека само неколку дена пред одбележувањето на Денот на слободата на медиумите, по речиси 20 години опстојување, се затворија неколку весници кои некогаш беа бедем на слободното новинарство.

„Зад таквиот поразувачки резултат, стои долгогодишното создавање атмосфера на страв, закани од отпуштања новинари од работа, затворање на слободните медиуми и нивно прогласување за државни непријатели. Етикетирање, шиканирање, физички напади, а во некои случаи и затвор за новинарите кои критички ги опсервираат политичките, економските и општествените состојби во земјата. Од друга страна, се негуваат и се создаваат пропагандистички машинерии, кои шират лаги и невистини затскривајќи се зад новинарската професија“, велат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека подметнувањето и ширењето на лажните вести, на пропагандата и користењето на медиумите за манипулација е проблем што демократскиот дел од светот почна да го препознава неодамна, но во Македонија новинарите и медиумските работници веќе со години го сведочат.


Мониторинг на ИКС: „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ и „ТВ Нова“ се пропагандистички телевизии


Скопје, 24 март, 2017 - 15:43 (META) 

Надзорот на телевизиските вести спроведен од септември 2016 до февруари 2017 година покажа дека во медиумскиот простор постојат четири комерцијални телевизии кои можат да се наречат пропагандистички, е заклучокот од денешната конференција организирана од страна на Институтот за комуникациски студии (ИКС).

– Станува збор за телевизиите „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ и „ТВ Нова“, чии вести во целиот период на надгледување биле помалку или повеќе фаворизирачки кон партијата ВМРО-ДПМНЕ, а со негативен или често демонизирачки став кон политиките на опозицискиот СДСМ – рече Игор Мицевски, презентирајќи ги заклучоците од надзорот спроведен во рамките на проектот МОДЕМ, поддржан од Холандската амбасада.

Наспроти ова, во вестите на телевизиите „24 Вести“, „Телма“, „Алсат М“ и „ТВ 21“, од кои последните две емитуваат двојазично, надзорот покажал дека постои избалансираност, не заземање страна, почитување на јавниот интерес или дека критичката опсервација кон едната или другата партија биле сеопфатно аргументирани, со изнесување на повеќе страни.

Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Ваутер Пломп, изразувајќи задоволството од проектот, изјави дека јавноста мора да е свесна за големиот импакт на медиумите, вклучувајќи ги и социјалните, особено во ширењето говор на омраза и навредлив говор.

Според Пломп, таквиот тип на говор не е она што се нарекува постоење на плурализам во медиумите и слобода на изразување.

На конференцијата свои излагања имаа и Марина Тунева од Советот за етика во медиумите во Македонија, Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за медиуми, Жан Франсоа Фурнемон, експерт за медиумска политика, како и новинарите Санта Аргирова и Шќељзен Акифи, а дебатата ја водеше, Снежана Трпевска, истражувач од ИКС.


E-печалбарите од Велес што пропагираа за Трамп ги освоија светските медиуми


Велес, 16 ноември, 2016 - 17:10 (META) 

Македонските тинејџери од Велес станаа глобална атракција откако дел од светските медиуми тврдеа дека велешаните, преку нивните пропагандистички веб-страници со лажни вести, влијаеле на тоа републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, да седне во Белата куќа.

Откако во април минатата година „Мета“ пишуваше за петтемина млади велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваат пропагандистички, најчесто лажни вести поврзани со избраниот претседател Доналд Трамп, голем број светски медиуми пишуваа за овој феномен и се обидуваат да стапат во контакт со досетливите велешани.

Неколку дена пред да се одржат претседателските избори во САД, светски влијателната веб-страница „Базфид“ во опширна анализа пишуваше дека најмалку 140 веб-страници на жители од Велес објавувале агресивна пропаганда за Трамп. Според „Базфид“, Велес, град од 45.000 жители, доживеал дигитална треска.

Сопствениците на овие веб-страници со кои контактираше „Мета“, велат дека Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемина млади велешани тогаш посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

Откако Трамп победи на претседателските избори во САД, велешаните станаа светски популарни, па за нив, цитирајќи ја „Мета“, меѓу другите пишуваа и „Јаху њус“, австралиската „Еј-би-си њус“, „Њујорк магазин“, „Интернејшнл бизнис тајмс“ како и шпанскиот „Ел конфиденсијал“.

До „Мета“ се обратија и продуценти на две од трите најголеми телевизиски мрежи од САД, „Си-би-ес“ (CBS) и „Еј-би си“ (ABC), кои сакаат да контактираат со досетливите велешани.

Велешаните добија и неколку минути простор во популарната емисија на „Си-би-ес“, „Лејт најт шоу“ на Стефан Колберт, кој им се обрати со зборовите „Еј, македонски тинејџери! Престанете!“.

Додека Колберт зборуваше за велешаните (од 5.15 минута), на екранот се појави и македонското знаме.

– Може ќе се запрашате како дојдовме тука. Многу луѓе мислат дека Доналд Трамп победил поради „Фејсбук“, најмногу затоа што „Фејсбук“ е полн со лажни стории кои се шират масовно без да бидат проверени дали се точни. Од каде доаѓаат овие стории? Стотици различни веб-страници доаѓаат од тинејџери од мал македонски град кои за да заработат пари преку интернет објавуваат сензационалистички стории со лажна содржина. Еј, македонски тинејџери! Престанете! Зошто не можете да правите нормални тинејџерски работи? – вели Колберт.

По повикувањата на медиумите и на јавноста, со став излезе и основачот на социјалната мрежа „Фејсбук“, Марк Зукерберг, кој ги демантираше медиумските написи дека социјалната мрежа придонела за пораст на популарноста на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.

– Идејата дека лажните новости на „Фејсбук“ влијаеле на исходот е ептен луда идеја. Ако во тоа верувате, мислам дека не сте ја сфатиле пораката што симпатизерите на Трамп се обидоа да ја испратат со овие избори – рече Зукерберг.

По победата на Трамп, „Мета“ повторно стапи во контакт со велешаните, кои изјавија дека не влијаеле на тоа американскиот милијардер да стане 45. претседател на САД. Дел од нивните пропагандистичките веб-страници или не постојат или неколку месеци ништо не објавуваат.

Дел од светските медиуми кои ја објавија сторијата за е-печалбарите од Велес:

International Business Times: Trump supporters duped by fake news generated in Macedonia

ABC.au: The surge of pro-Trump fake news is coming from Macedonia

Complete world news: Trump Propagandists From Macedonia Shy Away From His Victory

New York Magazine: Can Facebook Solve Its Macedonian Fake-News Problem?

El Confidencial: El pueblo de Macedonia que apoya a Donald Trump con noticias falsas ‘online’

Uk news yahoo: Trump supporters duped by fake news generated in Macedonia

Buzzfeed: How Teens In The Balkans Are Duping Trump Supporters With Fake News

Global Voices: Trump Propagandists From Macedonia Shy Away From His Victory

Heise: Fake-Sites zur US-Wahl: Mazedonier verbreiten angeblich Trump-Propaganda

Rue89 nouvelobs: En Macédoine, Trump est une machine à cash pour des sites d’info crapuleux

Disqus: Pro Trump media and supporters made fools by entrepreneurial teens in Macedonia

Gazetaexpress: Të rinjtë maqedonas me ueb-faqet propaganduese për Trump nuk besojnë se kanë ndikuar në zgjedhje

Chizmetv: Mira como Facebook ayudo a la victoria de Donald Trump

AM: Jóvenes macedonios ‘hacen su agosto’ con engaños sobre Trump

Miscareaderezistenta: Mii de dolari zilnic pe Internet, produse de site-uri pro-Trump apărute precum ciupercile într-un oraș din Macedonia!


Велешаните со пропагандните веб-страници за Трамп не веруваат дека влијаеле на изборите


Велес, 10 ноември, 2016 - 9:46 (META) 

Младите велешани кои беа сопственици на стотината веб-страници што пропагираа во корист на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, велат дека не сметаат дека нивните „портали“ имале какво било влијание на крајниот исход од претседателските избори. Дел од нивните пропагандистичките веб-страници или не постојат или неколку месеци ништо не објавуваат.

– Немам никаков коментар за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Не мислам дека имав некакво влијание во победата на републиканскиот кандидат. Со веб-страницата веќе не работам и не знам дали понатаму ќе работам на веб-страници поврзани со политиката во САД – вели еден од младите велешани со кој „Мета“ разговараше и во април годинава.

Со него се согласува и друг велешанец кој вели дека веб-страницата на која тој работел веќе не постои и дека пролетоска последен пат бил објавен напис таму.

„Мета“ во април контактираше со петмина велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваа пропагандистички вести во корист на, тогаш потенцијалниот кандидат на Републиканската партија, а сега – нов претседател на САД, Доналд Трамп.

Тогаш, младите велешани посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

Пред неколку дена и светски влијателниот „Базфид“ користејќи ја „Мета“ како извор имаше опширна анализа за „македонскиот град Велес со популација од 45.000 луѓе, кој доживеа дигитална златна треска кога негови жители отворија најмалку 140 веб-страници што ширеа пропаганда за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп“.


Светски влијателниот „Базфид“ ја користи агенцијата „Мета“ како извор


Њујорк, 4 ноември, 2016 - 10:42 (META) 

Изминатата година, македонскиот град Велес со популација од 45.000 луѓе, доживеа дигитална златна треска кога негови жители отворија најмалку 140 веб-страници што ширеа пропаганда за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, пишува американската веб-страница „Базфид“.

„Базфид“ во својата опширна анализа ја цитира новинска агенција „Мета“ за текстот објавен во април, кога „Мета“ контактираше со петмина велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваат пропагандистички вести во корист на, тогаш потенцијалниот, а сега, кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, Доналд Трамп.

meta buzzfeed

Според сопствениците на овие веб-страници со кои контактираше „Мета“, Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемината млади велешани посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

„Базфид“ во анализата пишува дека овие веб-страници имаат имиња кои звучат американски како WorldPoliticus.com, TrumpVision365.com, USConservativeToday.com, DonaldTrumpNews.co, и USADailyPolitics.com и сите објавуваат агресивна содржина во корист на републиканскиот кандидат, а наменета за поддржувачите на Трамп во САД.

Целиот текст на „Мета“, можете да го прочитате тука.


Зекири: Ако ДУИ победи кај Албанците, СДСМ ќе мора да коалицира со нив во владата


Скопје, 23 октомври, 2016 - 11:09 (META) 

Владиното мнозинство го прават бројките и СДСМ нема да може да оди против волјата на гласачите ако тие повторно дадат доверба на ДУИ, вели членот на централниот одбор на СДСМ, Мухамед Зекири, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“, во одговор на прашањето дали е можна постизборна коалиција СДСМ – ДУИ.

Сепак, тој додава оти не верува дека Албанците по сето ова што се случува и сè што правеле кадрите на ДУИ за време на своето учество во власта, повторно ќе им ја дадат довербата на избори.

„Значи, има прагматични работи. Јас нема да настапам со таков тон како што настапуваа ВМРО-ДПМНЕ, а потоа го прегазија сето тоа што го кажуваа. Владиното мнозинство го прават бројките. СДСМ нема да може да оди против волјата на гласачите, ако тие повторно дадат доверба на ДУИ. Но, јас не верувам и не сакам да верувам дека Албанците по сето ова што се случува, по сето ова што го гледаат на каков начин владееле ДУИ и сè што правеле, повторно ќе се решат да дадат глас за Демократската унија за интеграција. Но, ако гласачите повторно им дадат доверба, тоа не е работа на СДСМ“, вели Зекири.

На прашањето дали Македонија оди кон федерализација, во контекст на изјавите на лидерот на СДСМ за двојазичноста, Зекири вели дека „апсолутно нема“ никаква опасност од федерализација и дека тоа е пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.

„Апсолутно не. Значи ВМРО-ДПМНЕ нема што да им понуди на сопствените гласачи и на граѓаните во Македонија, затоа се занимаваат со такви теми. Работата со двојазичноста е решена уште со Рамковниот договор, тоа е решено во Уставот на Република Македонија. Претседателот на СДСМ не кажа ништо друго освен тоа што е предвидено во Уставот на Република Македонија. Друг е проблемот што ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ, ја користеа таа тема за да подгреваат етнички тензии… И тие сè уште мислат да играат на националистичка карта… Нема никакви опасности од федерализација. Македонија е едно општество и ќе биде едно општество, еднакво за сите граѓани, за тоа се залага СДСМ и со таа опција излегува пред граѓаните на Република Македонија“, нагласува Зекири.

Во врска со подготовките на СДСМ за изборите на 11 декември, тој вели дека во тек се преговори со традиционалните коалициски партнери и дека партијата е отворена за соработка и со помалите опозициски албански партии, но дека е рано да се зборува за конкретен коалиционен партнер од албанските опозициски партии.

„За другите партии, секако имало контакти и ќе има, но сè уште нема конкретен исход од тие разговори, тие течат и во моментот кога ќе има нешто за соопштување, тоа ќе се соопшти“, вели Зекири.