Човечко тело во распаѓање пронајдено во канализациска шахта во Сопиште


Скопје, 7 ноември, 2017 - 13:08 (META) 

Вчера, околу пладне, во полициската станица во Кисела Вода, било пријавено дека при изведување градежни работи на локацијата „Сончев град“ во селото Сопиште, во канализациска шахта било откриено човечко тело во напредна фаза на распраѓање, информираат денеска од МВР.

Екипа на СВР Скопје извршила увид на местото, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.

Од МВР велат дека се работи на идентификација на телото и на целосно расчистување на случајот.


Стефановиќ: ДНК-траги од најмалку три лица на оружјето најдено кај домот на Вучиќ


Белград, 31 октомври, 2016 - 13:39 (META) 

Со вештачење на оружјето и на муницијата пронајдени во близи на семејната куќа на српскиот премиер Александар Вучиќ, идентификувани биле парцијални траги од ДНК од најмалку три лица, соопшти денеска министерот на внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ.

Сепак, изјави Стефановиќ, дел од трагите биле едни преку други и тешко било да се изолира еден примерок на ДНК, кој би можел да се користи за споредување.

Во близина на семејната куќа на премиерот Александар Вучиќ во Јајинци, кај Белград во саботата беа откриени сандаци полни со оружје, односно ракетни фрлачи „зољи“, четири рачни бомби, 100 парчиња муниција со калибар 7,62 милиметри, 4-5 куршуми за автоматско оружје и 15 куршуми од непознат калибар.

Стефановиќ денеска изјави дека не може да зборува за истрагата, но дека е „малку веројатно дека некој го донел оружјето во шумата само за да го остави таму“.


Пронајдено тело на 12-годишно дете, а се трага по исчезнато 16-месечно девојче


Скопје, 9 август, 2016 - 10:18 (META) 

Расте бројот на загинати лица во големото невреме што во саботата доцна вечерта го погоди Скопје и околината. Вчеравечер, како што информираат од МВР за „Мета“, во населбата Ченто било пронајдено телото на 12-годишно момче, кое настрадало додека со неговиот дедо се движеле со трактор по обиколницата. Од МВР велат дека се трага и по 16-месечно девојче, кое вчера било пријавено за исчезнато.

Детето за исчезнато вчера околу 17 часот го пријавил таткото му. Според пријавата, момчето и неговиот дедо, кои се од селото Стајковци, во саботата околу 22 часот со трактор се движеле по обиколницата, кога на нив наишол голем воден бран, кој го превртел тракторот и го однел детето.

Неговиот дедо, успеал да се спаси, а мртвото тело на момченцето вчера околу 20.40 часот го нашол неговиот татко, во населбата Ченто, во близина на автобуската станица, последна 65-ка.

Вчера, околу 18 часот 18-годишниот Џ.Ф. пријавил дека во саботата вечерта додека со возило се движеле по обиколницата, што го управувал сега загинатиот Фуркан Фејзулаху, на нив наишол воден бран. Во возилото со нив била и 16-месечната ќерка на загинатиот Фејзулаху, на која и се губи секаква трага и надлежните трагаат по неа.

Како што информираат од МВР, по идентификувањето на 12-годишното дете, неговото тело по наредба на јавен обвинител било дадено на семејството за погреб. Обдукцијата на телото, според информациите, не била извршена.

Со последната регистрирана жртва досега бројот на загинати во невремето изнесува 22 лица, а по едно сè уште се трага.


Жената најдена во Калиманци починала од давење во вода, имала повреди по телото


Делчево, 4 август, 2016 - 11:23 (META) 

Триесет и едногодишната Тања Стоилкова, чие мртво тело вчера беше пронајдено во езерото кај браната Калиманци, починала од давање во вода, покажала обдукцијата на телото, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи.

Сепак, како што информираат оттаму, на телото на Стоилкова биле констатирани и повреди на главата, на десната надлактица и на долниот дел од грбот.

Оттаму велат дека во тек е истрага која треба да ги утврди околностите за смртта на жената. Полицијата сè уште го бара нејзиниот сопруг Д.С. (41) и возилото со кое тие вчера се превезувале, пред да биде пронајдено телото на Стоилкова во акумилацијата Калиманци.

Според информациите што ги добивме од МВР, вчера, околу 12.10 часот, мајката на Стоилкова во полиција пријавила дека ќерка ѝ заедно со нејзиниот сопруг, со кого имале брачни проблеми, со возило се упатиле кон Делчево. Таа се јавила во полиција бидејќи, како што рекла, при комуникација со нејзината ќерка слушнала вресок и се посомневала дека нешто се случило.

Околу 17.45 часот, полициска екипа забележала тело на жена како плута во водите на Калиманци, а подоцна било утврдено дека ѝ припаѓа на 31-годишната Тања Стоилкова.

Во близина на езерото, како што информираат од МВР, биле забележани траги од возило кои воделе до езерото.

Обдукцијата на телото била извршена во Делчево, од страна на патолог од штипската болница.

Од јавното обвинителство соопштуваат дека надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Делчево и понатаму врши увид на локацијата кај вештачката акумулација Калиманци.

„Телото е идентификувано како 31-годишната Т.С. од село Дулица. Во близина на акумулацијата се пронајдени траги на автомобил, но сè уште не се пронајдени ниту автомобилот, ниту друго лице во водите на езерото. Надлежниот јавен обвинител интензивно работи на расветлување на причините за смртта“, стои во соопштението од Обвинителството.


Кумановец со прострелна рана во главата пронајден во бунар во село Доброшане


Куманово, 30 јуни, 2016 - 12:49 (META) 

Безживотно тело на маж, со прострелна рана на десната слепоочница, е најдено во бунар во близина на црквата „Света Мина“, во село Добрешане, Кумановско, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Тим нуркачи на Министерството за внатрешни работи го извадиле телото од бунарот, а надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово извршил увид на местото.

За случајот е осомничено едно лице кое било задржано во полициска станица, а Обвинителството издало наредба за претрес на неговиот дом.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на место во близина на црквата „Света Мина“ во село Добрашане, каде во бунар кој се наоѓа во борова шума е пронајдено безживотно тело. Во координација со Министерството за внатрешни работи, нуркачи го извадиле телото на кое што била видлива прострелна рана на десната слепоочница. На местото се пронајдени траги од крв и една чаура“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека лицето било идентификувано, а се водело како исчезнато неколку дена.

„Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и наредба за вештачење на материјалните траги пронајдени на местото на настанот“, се вели во соопштението.

Од Обвинителството информираат дека до судија на претходна постапка бил доставен предлог за одредување притвор на осомничениот, како и наредба за психијатриско вештачење.


Детето што беше пријавено за исчезнато во Прилеп, пронајдено удавено во канал за вода


Прилеп, 4 февруари, 2016 - 18:26 (META) 

Двегодишното момче што вчера беше пријавено за исчезнато во полициската станица во Прилеп, утрово било пронајдено мртво во канал за вода во населбата Тризла во градот.

– Вчера, околу 15.30 часот, родителите на двегодишниот Омер Н. пријавиле дека детето исчезнало. Потрагата по него траеше до утринските часови. Неговото безживотно тело е пронајдено околу 6.30 часот од членови на семејството, во каналот за вода што се протега од Марковите кули кон населбата Тризла. Било удавено и со лицето кон водата во каналот – изјави јавната обвинителка од прилепското Основно јавно обвинителство, Лидија Салатоска-Илиоска.

Телото на детето по наредба на обвинителството е дадено за обдукција за да се утврдат причините за смртта.


26-годишно момче пронајдено мртво во куќа во Радовиш


Радовиш, 6 ноември, 2015 - 12:06 (META) 

Вчера, доцна попладне, во куќа во Радовиш било пронајдено безживотно тело на 26-годишно момче.

Полицијата го потврди случајот и првично информира дека станува збор за Ј.Р. (26) од Радовиш.

Според информациите, мртвото тело го пронашол сопственикот на куќата, во која момчето живеело како потстанар.

Причините за смртта засега се непознати. Надлежните ги чекаат резулатите од обдукцијата на телото, која треба да утврди дали Ј.Р. починал од насилна или од природна смрт.


Пронајдено телото на шестгодишното девојче од Шипковица


Тетово, 10 август, 2015 - 12:22 (META) 

Жителите на Шипковица, во соработка со војската, денеска го пронајдоа безживотното тело на шестгодишната Дрита Амети, исчезната уште од првиот ден од поплавите, јавува телевизијата „Алсат-М“.

Нејзиното тело е пронајдено под урнатините од куќата на нејзиниот братучед, неколку куќи подалеку од нејзиниот дом.


Женски леш пронајден во скопско Волково


Скопје, 23 ноември, 2014 - 13:47 (META) 

Безживотно тело на жена вчера претпладне било пронајдено од жител на скопското село Волково, информираат од полицијата.

Тој го забележал телото како лежи во вода, во близина на неговиот двор и веднаш пријавил во полиција. Екипа на итната медицинска помош констатирала смрт, а полициски екипи, по консултација со јавен обвинител, извршиле увид на местото.

Според личната карта, која што полицијата ја пронашла во близина на телото на жената, било утврдено дека станува збор за С.Д. (42) од Скопје.

По наредба на јавен обвинител, телото е дадено за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.