Електричен автобус ќе сообраќа шест месеци на линијата „15“ во Скопје


Скопје, 4 мај, 2018 - 12:23 (META) 

Новиот електричен автобус, за кој Град Скопје пред неполни три месеци потпиша договор со израелската компанија „Чериот Моторс“ за пробно користење, од денеска во наредните шест месеци ќе сообраќа на линијата „15“.

– Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот – рече градоначалникот Шилегов на денешната презентација на новиот електричен автобус.

Станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени од ЕВН.

Во Скопје веќе сообраќаат два екоавтобуси на гас, на линијата број 5 и на линијата број 2.

– Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата приоритети на градот. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси  во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари зашто Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. Свесни сме дека ова не го решава во целост проблемот со загадувањето на Скопје во зимскиот период, но затоа работиме на тоа еден по еден да ги елиминираме причинителите за загадувањето, на долг рок – нагласи Шилегов.


Анѓушев: Oсум нови компании влегоа во ТИРЗ со нула денари потрошени за промоција


Скопје, 15 февруари, 2018 - 15:17 (META) 

Во изминатите месеци, осум нови компании влегоа во фаза на реализација на своите проекти во Технолошко-индустриските равојни зони (ТИРЗ), информираше денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

– Вкупно планираните инвестиции се околу 73,5 милиони евра и планирано е отворање на над 1.500 нови работни места во наредните години. А треба да знаеме дека сето тоа е направено со нула денари трошок за промоција и меркетинг. За споредба, во претходните седум години привлечени се 23 инвестиции за кои беа потрошени 225 милиони евра – потенцираше Анѓушев.

Тој додаде дека во многу од зоните пристапната и комуналната инфраструктура не е целосно изградена, и за оваа намена издвоени се над 400 милиони денари оваа година.

Директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски информираше за најновата најавена инвестиција во ТИРЗ Скопје 1.

– Станува збор за компанијата „Саген“ од фармацевската индустрија која е со седиште во Тирана, Албанија. Висината на планираната инвестиција ќе биде во вредност од повеќе од 20 милиони евра и планира да отвори околу 300 нови работни места. Инвестицијата е поделена во три фази, а за нејзините потреби во ТИРЗ Скопје 1 закупена е парцела со површина од околу 28.000 метри квадратни – рече Младеновски.

Министерот за економија Крешник Бектеши го образложи нацрт-текстот на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и појасни дека ќе се овозможи поттик за растот и развојот на приватниот сектор, под транспарентни и предвидливи услови.

На прес-конференцијата на Анѓушев, Бектеши и Младеновски во Влада, реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека „има нула нови странски инвестиции и исто толку отворени работни места“.

– Тоа е билансот од катастрофалните економски политики на деструктивното и расипничко владеење на неспособниот економски тим на СДСМ. Се друго е лага и фалење со резултатите постигнати во време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Спасовски ги промовираше позорникарите во Куманово, а ги најави и во Битола и во Штип


Куманово, 1 февруари, 2018 - 14:17 (META) 

За да имаме безбедни градови, безбедни населени места, безбедни улици мора да имаме полицајци кои ќе бидат во постојан контакт со граѓаните и на кои граѓаните ќе им се обраќаат за сите нивни потреби, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за време на денешната промоција на позорната служба или т.н. маалски полицаец во Куманово.

Спасовски истакна дека позорната служба има исклучително значење во делот на превентивното работење на полицијата и градење на врската полицаец – граѓанин.

– Граѓаните ќе има на кого да му се обраќаат за сите негативни појави кои се случуваат во нивното опкружување. Денеска ја промовираме позорната служба во Куманово, а почнуваме и на подрачјето на СВР Штип и СВР Битола, за понатаму да продолжиме во сите градови – рече Спасовски.

Тој соопшти дека на подрачјето на Куманово има 17 позорни региони кои ќе ги покриваат 70 маалски полицајци.

Денеска во Куманово беше промовирана и новата зграда, односо новите простории, во кои ќе работата неколку единици на СВР Куманово – секторот за управни служби, секторот за странци, секторот за оружје и секторот за прекршоци.

– Овие сектори работеа во многу лоши услови. Сега во поранешниот Дом на АРМ, кој што беше реконструиран и со средства на МВР за овие шест месеци целосно опремен, ќе има нормални услови за работа. На површина од 800 метри квадратни граѓаните ќе можат да ги завршуваат своите обврски, меѓутоа и да се зголеми мотивираноста кај вработените во овие сектори – рече Спасовски.


Тимоние: И новинарите и дипломатите мора да се борат за слободата на изразување


Скопје, 19 декември, 2017 - 16:09 (META) 

И новинарите, но и дипломатите имаат одговорност за демократијата и за борбата за слободата на изразување и во таа борба не смее да се молчи, порача амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние на денешната промоција на публикацијата „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“ од д-р Мирјана Лазарова – Трајковска, која се одржа во Клубот на новинари во Скопје.

– Од многу тажниот ден 24 декември 2012 година поминавме тежок, но успешен пат и искуствата може да служат како материјал за размислување за еволуцијата и барањето демократија. Книгата на д-р Мирјана Лазарова – Трајковска претставува потсетување на огромната одговорност што вие како новинари ја носите и потсетува на храброста на некои новинари, но и на недостиг на храброст на други. Истовремено, ни служи и како лекција нам дипломатите да не молчиме кога станува збор за прекршување на законите и фундаменталните права и јасно и гласно да кажеме дека нешто e неприфатливо – порача Тимоние.

Во книгата посебен акцент се става на случајот „Селмани и другите против Република Македонија“ во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), како прв случај од Република Македонија за оневозможена слобода на изразување во врска со насилното изнесување на новинарите од Собранието на Република Македонија на 24 декември 2012 година.

Како што рече авторката, д-р Лазарова – Трајковска, овој случај е важен сегмент од практиката на ЕСЧП.

– Многу сум горда на таа пресуда на ЕСЧП, а мора да се напомене дека таа пресуда не е против Република Македонија, туку е ЗА Република Македонија – рече авторката.

Државата мора да биде чувар на слободата на изразување, како основно право, но мора да биде и чувар во поглед на говорот на омраза, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар, порачувајќи дека очекува книгата на Лазарова – Трајковска да не биде читана само од новинарите, туку и од судиите и другите чинители во правосудството, но и од политичарите, пратениците, претставниците на граѓанските организации, како битен учебник за слободата на изразување, но и за борбата против говорот на омраза.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Заев најави стандардизација на македонскиот јазик и бесплатен пристап до Правописот и Толковникот


Скопје, 15 ноември, 2017 - 14:18 (META) 

Премиерот Зоран Заев на Меѓународната научна конференција „Минатото на јазичниот свет денес и утре“ по повод отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, рече дека Владата искрено и силно е посветена да го негува и унапреди македонскиот јазик.

Заев информираше дека во соработка со истакнати македонисти и експерти во областа, Владата веќе усвоила повеќе предлог-мерки што се насочени кон унапредување на состојбата со македонскиот јазик, за чијашто реализација е задолжено Министерството за култура.

Една од мерките е едноставен и слободен пристап, без надомест, до капиталните дела „Правопис на македонскиот јазик“ и „Толковен речник на македонскиот јазик“, а Заев потенцираше дека работата за достапноста на Правописот е во завршна фаза.

Помеѓу предложените мерки е и формирање на одбор за стандардизација на македонскиот јазик, во којшто би членувале експерти од катедрите за македонски јазик, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од МАНУ, како и истакнати писатели, новинари, лектори.

Заев рече дека во програмата на владата предвидено е и да се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста (медиуми, телекомуникациски оператори, државни органи и институции) со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмладата популација во почетниот образовен процес.

– Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации – додаде Заев.


Полски новинари ја промовираат Македонија како туристичка дестинација


Скопје, 31 јули, 2017 - 11:37 (META) 

Петмина новинари од Полска ја посетија Македонија за да ги откријат убавините на земјата и да ја промовираат како туристичка дестинација помеѓу полските туристи.

Новинарите, кои во Македонија престојуваа од 17 до 22 јули на покана и во органазија на „ТАВ Македонија“, ги посетиле Скопскиот и Битолскиот Регион, како и Охрид.

– Имплементирајќи ја неодамнешната успешна маркетинг-активност со турските блогери за промоција на Македонија помеѓу турските граѓани, презедовме многу слична маркетинг-иницијатива, за да ја промовираме Македонија како интересна туристичка дестинација меѓу туристичките агенции и тур-оператори од Полска, како и самите патници од оваа земја – изјави генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.


Заев до ракометарите: Вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот


Скопје, 7 јуни, 2017 - 15:29 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на „Вардар“ кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и со претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Тој, од името на Владата, им врачи плакета за благодарност.

„Вашиот успех е амбасадорска промоција на Македонија, не само во Европа, туку и во светот. Исто така, вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот“, рече во обраќањето до ракометарите премиерот Заев.

Тој најави можности за практично инвестирање во спортот, преку ваучери што ќе ги издава Министерството за финансии на спортските клубови, законска поддршка на спортот како професија, со што ќе се овозможи пензиско и здравствено осигурување на спортистите и посветеност на новата Влада да го обезбеди заслуженото достоинство на спортот во Македонија.

На средбата биле отворени некои проблеми со кои се соочуваат спортските клубови, во делот на финансирањето и на условите за работа и беше разговарано за начините за нивно решавање.

Ракометарите, сопственикот на ракометниот клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на Заев му подариле еден од шампионските златни медали добиени од Лигата на шампиони, како и дрес на „Вардар“ на кој е испишано името на премиерот.


Охрид е на листата на градови што годинава треба да се посетат, според „Лонли планет“


Охрид, 25 февруари, 2017 - 17:22 (META) 

Една од најголемите туристички компании „Лонли планет“ (Lonely Planet) објави листа на 10 градови во светот, кои треба да се посетат оваа година, а меѓу нив, на петто место е и Охрид.

Според оваа листа, Бордо во Франција е прогласен за најдобар град на светот за патување за оваа година, на второто место е Кејптаун, додека третата позиција е за Лос Анџелес.

Во пресрет на туристичката сезона, Охрид се промовира на бројни саеми за туризам низ Европа, а постојано од странските интернет-агенции се објавуваат и промотивни текстови, во кои се опишуваат убавините и културните богатства на градот.

Оваа листа ја објави и британскиот медиум „Индепендент“.


Офицерите и подофицерите на АРМ со нови униформи


Скопје, 24 февруари, 2017 - 17:55 (META) 

Со церемонија во Домот на АРМ во Скопје, денеска Министерството за одбрана ги промовираше новите службени униформи за офицерите и за подофицерите на АРМ, кои од денеска ќе бидат во употреба.

Униформите ги претстави министерот за одбрана, Зоран Јолевски, кој посочи дека службените униформи се македонски производ – производството на ткаенината и шиењето е извршено во Македонија. Набавката е реализирана во 2015 година, во 2016 се вршело шиењето, а како што рече Јолевски, од 20 елементи за секоја униформа, 19 се веќе предадени на АРМ и се во нејзините магацини.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Јолевски посочи дека се планира и набавка на нови 7.000 парчиња од воено-теренската униформа.


СДСМ: Македонија е трета во Европа по најлоши резултати на преживување од рак


Скопје, 16 февруари, 2017 - 12:54 (META) 

Европскиот здравствен индекс (ЕХЦИ), едно од најрелевантните истражувања за Европската комисија, за 2016 година покажа дека Македонија е трета во Европа по најлоши резултати на преживување на болни од малигни заболувања, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека, „10 години граѓаните болни од рак немаат достапни современи терапии.“

– За Никола Тодоров и за Никола Груевски беа поважни гипс картоните од 630 милиони евра за „Скопје 2014“, грамадното здание за нивното партиско седиште ВМРО-ДПМНЕ, тешко, според некои проценки до 30 милиони евра. Па и милионските тендери за наводна медицинска опрема од коишто корист има само во џебовите на криминалната власт – се додава во соопштението.

Од СДСМ велат дека новите лекови кои се промовираа се стари и повеќе од 10 години.

-Лекот „сорафениб“ за карционом на црн дроб е во употреба веќе 10 години, „оксалиплатин“ е 21 година во употреба, „бевацизумаб“ е лек со лиценца од пред 11 години. Да мислеа тие на граѓаните болни од рак, ќе им ги донесеа лековите на луѓето пред 10 години – велат од СДСМ и препорачуваат да престанат манипулациите со оваа ранлива категорија на граѓани.