Филипче најави нов закон за абортус


Скопје, 7 јуни, 2018 - 14:25 (META) 

Во тек е подготовка на нов закон за прекин на бременоста со кој на жената и се дава можност за слободен избор за абортус до 12-та недела, во консултација со матичниот гинеколог. Слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оценка на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник.

Ова денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво.

– По наполнување на 22 гестациска недела, ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи проценка за одобрување прекин на бременост. Таа комисија, освен гинеколози и акушери, ќе биде составена и од специјалист од детска хирургија, детска кардиологија, кардиохирургија, неврохирургија, анестезиологија и социјален работник. Во случај на вродена аномалија кај плодот жената има право да ја прекине бременоста врз основа на мислење од овие специјалисти – рече Филипче и додаде дека одлуката за прекин на бременоста е право на жената и оти тоа никој не може да и го одземе.

Министерот за здравство изјави дека направиле неколку измени во законот, усогласени се со Министерството за труд и социјална политика и во постојана комуникација се со работната група составена од гинеколози и други експерти кои имаат стручна улога во процесот на абортус.

– Тоа што е ново, што го немаше во досегашниот закон, е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период. Драфт верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство, МТСП и невладините организации – додаде Филипче.


Филипче: Промени во Законот за абортус за да нема ризик по здравјето на жените


Скопје, 8 март, 2018 - 16:03 (META) 

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната средба со претставничките на женските организации, најави промени во Законот за абортус.

Според Филипче, со промените кои беа направени пред неколку години, процедурата за абортус многу се усложнила, се вовеле многу административни процедури и додаде дека дел од нив траат толку долго што може и да го загрозат здравјето на жената.

– Сакаме да го објасниме нашиот став, да го слушнеме нивниот глас и заеднички да утврдиме која е најдобрата опција, како да им се излезе во пресрет на жените кои сакаат да го спроведат абортусот без никаков ризик по нивното здравје – рече Филипче пред средбата организирана во Министерството по повод одбележување на 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека ќе се укинат дел од комисиите, односно ќе се најде најдобрата административна форма тоа да се спроведе во најкраток можен рок без при тоа да се загрози здравјето на жената. Додаде дека планираат да го укинат задолжителното советување на бремените жени кои сакаат да ја прекинат бременоста.

Во врска изградбата на Клиничкиот центар тој рече дека во текот на изминатите неколку денови имале состаноци со повеќе здруженија на архитекти и дека утре поконкретно ќе информира и ќе ја образложи одлуката.


Заев: Реконструкција за поголема пратеничка група и поради оние кои не знаат и не се трудат


Скопје, 25 февруари, 2018 - 13:54 (META) 

При денешната посета на општината Конче премиерот Зоран Заев повтори дека со истекот на 10 месеци од мандатот ќе направи реконструкција на владата.

– Да, прво ќе има реконструкција затоа што пред сè ќе расте бројот на пратеници во пратеничката група. Разговараме со дополнителни пратеници. Мислам дека треба да овозможиме стабилизирање на парламентот, од повеќе аспекти, јас се надевам дека и опозицијата ќе се врати брзо во парламентот, но и вкупниот број на пратеници од парламентарното мнозинство би требало да биде посоодветен, за да може да нема вакви прекини на седниците, паузи, собирање на пратениците или слично. Верувам дека ќе успееме со тоа, а поради тоа ќе се случи секако и реконструкција – рече Заев

Според премиерот тоа ќе биде и во пониските и во повисоките ешалони.

– Очекуваме секако да се случуваат и реконструкции и промени во соодветни временски периоди кога се прават рекапитулари од секој можен аспект. Огромен е бројот на луѓе во Владата кои и знаат и се трудат. Исто така голем е бројот на луѓе во Владата кои што многу се трудат а незнаат, но се трудат и да научат. Има еден дел кои што ниту знаат ниту се трудат. Јас апелирам до сите. Ние сме сервис на граѓаните, поради тоа сме поставени, да се посветиме максимално на потребите на граѓаните. Ова кое што го имаме добиено од нив е чест и одговорност, која што нема секој можност да ја добие – рече Заев.


ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува и дополнува Статутот на партијата


Скопје, 28 декември, 2017 - 13:51 (META) 

Статутарната комисија почнува постапка за измена и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, информираат од партијата.

Од таму велат дека оваа постапка е „согласно заложбите на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски за зацврстување на партиските органи, нивната независност и дополнителна демократизација на партијата“.

„Врз основа на фактот што внатрепартиската иницијатива за реформи во текот на месец јуни 2017 година има доставено до Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, предлог- декларација за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и предлог-измени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, ги повикуваме со свои претставници да земат учество во работата на Статутарната комисија, со цел усогласување на ставовите за предметните измени. Истовремено ги повикуваме сите тела на партијата, како и членови кои што сакаат да учествуваат во процесот на демократизација на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ со свои предлози да се обратат до Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека „целта на ваквата постапка е постигнување на поголема ефикасност на делувањето на органите на партијата, зајакнување на партиските органи, и поголема независност во донесувањето на одлуките од страна на истите“.

„Секоја промена ќе биде направена низ процес на отворен внатрепартиски дијалог и консултација, како и користење на позитивните искуства на демократските десничарски сестрински партии од Европа“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.


Заев со видеопорака ги повика граѓаните на нова акција со пенкало в недела


Скопје, 12 октомври, 2017 - 13:16 (META) 

Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Зоран, преку видео-обраќање ги повика граѓаните на локланите избори в недела да ги заокружат промените и на локално ниво и да потврдат дека Македонија оди напред, кон пораст и развој.

– Бидете горди и сигурни – Македонија e слободна и слободно живее! И сега, мораме да продолжиме! Промената мора да биде целосна, затоа што на Македонија ѝ треба целосна слобода, економија, правичност и живот во секоја општина.
Вашите барања се јасни и јас ве уверувам дека нашите градоначалници ќе направат сè за да ги исполнат плановите што ги создадоа за вас: децата да бидат згрижени и да учат во топли и пријатни градинки и училишта, граѓаните да се движат по квалитетни и асфалтирани улици и патишта, да има канализација во секоја општина, да има чиста вода за пиење до секој дом, да дишеме чист воздух, затоа што нема слобода и живот без чист воздух, секој да добие навремена услуга во својата општина – вели Заев во видеопораката.

Тој уверува дека сето ова бргу ќе се оствари, дека е дојдено време на „нова политика“, во која „зборот е збор, а гласот на граѓаните е најважен“.

– Новата политика значи дека преку централната власт силно ќе ги поддржиме општините и граѓаните. Парите мора да одат на локално ниво за да направиме општини по ваша мерка, општини кои работат за вас и кои ве поврзуваат. Затоа, почитувани граѓани на Република Македонија, ајде заеднички во нова акција, в недела, на 15 октомври! Знаеме како треба – со пенкало. Сите да излеземе и да го дадеме својот глас за живот во Македонија и во секоја општина. Ајде да гласаме слободно за да ги завршиме промените што заедно ги донесовме. За да живеат селата и градовите во Македонија! За да живеат граѓаните на Македонија! За да живее нашата убава Македонија – порачува Заев.


СДСМ: Големите промени не се лесни и не се случуваат наеднаш


Скопје, 16 април, 2017 - 10:29 (META) 

Празниците како овој голем христијански празник, Христовото воскресение – Велигден, се поттик да се потсетиме на нашите должности како граѓани, се вели во денешното соопштение од СДСМ.

„Тоа значи грижа за себе, но и почит, грижа и разбирање и за луѓето со кои го споделуваме животот. И одлучност за развој на државата во која живееме, во општество каде секој може да биде среќен. Македонија ја има шансата да се придружи на демократскиот свет. Граѓаните на Македонија се пред шансата да го живеат својот живот, по своја сопствена волја, без директиви, уцени, притисоци, спокојно и среќно“, се вели во соопштението,

Од партијата наведуваат дека ниедна голема промена не е лесна и дека не се случува наеднаш.

„Заедно ги почнавме промените што водат до квалитетен живот за сите, правда, слобода, еднаквост и заедно треба да ги овозможиме. Одлучивме да живееме заедно. Избравме живот за сите. Тоа значи дека сме свесни за тоа што ни е потребно. Но, тоа значи и обврска заедно да ги понесеме промените. Промени ќе има. Тие го носат животот што го посакуваме“, велат од СДСМ.


Јанковиќ и Јеремиќ веруваат во промени што можат да ги донесат изборите


Белград, 2 април, 2017 - 12:44 (META) 

Претседателските кандидати и главни политички ривали на Александар Вучиќ, поранешниот омбудсман Саша Јанковиќ и поранешниот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ, се надеваат дека денешните избори во Србија можат да донесат важни промени, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Јанковиќ, кој е поддржан од интелектуалната и граѓански ориентирана елита, посака Србија да има „среќни и успешни демократски избори“ и вети дека на граѓаните ќе им ги врати достоинството и насмевката, а на институциите смислата на постоењето.

„По ова, ништо во Србија нема да биде исто. По долго време ќе ги поставиме работите на вистинското место“, изјави Јанковиќ кој на гласањето беше со сопругата и со синот.

Кандидатот Вук Јеремиќ, кој според предизборните анкети има помеѓу 8 и 12 отсто поддршка, се надева дека денешните избори ќе бидат празник на демократијата и важен чекор кон остварувањето на промени во Србија.

„Се надевам дека луѓето ќе излезат во голем број и ќе гласаат за промени. И додека гласаат, ќе размислуваат и за втор круг и кој е тој што најлесно може да им донесе промени“, изјави Јеремиќ, кој гласаше со сопругата.


СДСМ: Груевски мора да се вразуми и да овозможи мирен трансфер на власта


Скопје, 18 март, 2017 - 12:15 (META) 

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ мора да се вразумат, да прифатат дека се опозиција и да овозможат мирен трансфер на власта, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ нагласуваат дека мнозинството граѓани на 11 декември минатата година, со 700.000 гласови гласале за промени, а против „милионските криминали и злоупотреби и против системското уништување на судството, медиумите, образованието и здравството“.

„Граѓаните гласаа за реформи, гласаа за повеќе пари во секое семејство преку зголемување на минималната и просечната плата, преку поврат на 15 отсто ДДВ, преку укинување на радиодифузната такса и враќање на евтината тарифа на струјата. Граѓаните гласаа за квалитетни јавни услуги, квалитетно образование и здравство. Ова се приоритетите содржани во програмата на новата влада на Република Македонија. Тоа е единствениот реален документ кој ги гарантира промените и животот за сите граѓани еднакво, во унитарна и суверена Република Македонија“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат дека ова може да го види целата домашна и меѓународна јавност, освен Никола Груевски и „криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кои во обид да се спасат од одговорност прават поделби и шират омраза меѓу граѓаните, и за тоа злоупотребуваат дури и деца“.


Путин: Трамп е паметен човек и бргу ќе се прилагоди на новата улога како претседател


Москва, 4 декември, 2016 - 15:13 (META) 

Успесите во бизнисот на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, покажуваат дека тој е паметен човек кој бргу ќе се прилагоди на новата улога, изјавил рускиот претседател Владимир Путин, во интервју за телевизијата НТВ, пренесува „Раша тудеј“.

„И, бидејќи е паметен, тоа значи дека целосно и многу бргу ќе стане свесен за различното ниво на одговорност. Претпоставуваме дека тој ќе се однесува на овој начин“, додал Путин.

Рускиот претседател во врска со актуелната геополитичка ситуација вели дека таа се менува по „неуспехот на обидите за воспоставување на униполарен свет“.

„Верувам дека ова не е некаква тајна, секој може да забележи дека голем број од нашите партнери претпочитаат да се повикуваат на принципите на меѓународното право, бидејќи балансот на моќта во светот постепено почна повторно да се воспоставува… И ова е неизбежно. Обидите за создавање на униполарен свет не успеаја. Русија секогаш се држела до ставот дека додека ги штитиме нашите национални интереси, мораме да ги почитуваме интересите на другите земји. Тоа е начинот на кој воспоставуваме односи со другите земји“, вели рускиот претседател.

Претходно неделава, Путин изјави дека Москва е подготвена да соработува со новата администрација на САД, потенцирајќи дека „ја делат одговорноста за осигурување на меѓународната стабилност и безбедност“.


Шкариќ: Собранието треба да го брани Уставот од желбите на политичарите


Скопје, 17 ноември, 2016 - 19:31 (META) 

Сосема е нормално политичарите да бараат промени на Уставот какви што тие сакаат, но надлежните органи, пред сè, Собранието, се тие кои проценуваат дали тие промени се потребни и оправдани. Ова го истакна универзитетскиот професор по уставно право, Светомир Шакриќ, кој учествуваше на трибината што денеска се одржа во Штип по повод 25-годишнината од донесувањето на Уставот на Република Македонија.

– Политичките лидери можат да бараат, тоа е нивна професија, нивен менталитет. Но, телата надлежни за таа промена, пред сè, Собранието, треба да проценат, особено Уставната комисија. Кај нас тие желби можат полесно да се остваруват бидејќи во Македонија никој не го следи остварувањето на Уставот во практиката. Ние сме меѓу ретките земји во Европа што не водат сметка за својот Устав и во кои се бега од струката и од науката – изјави Шкариќ.

Професорот ги коментираше последните најави за промена на Уставот и прашањата околу двојазичноста во него.

– Уставотворецот во 1991 година, кога го пишувал Уставот, заборавил да го гарантира правото на граѓанинот на својот јазик пред суд и пред државните органи. Тоа е стандард во споредбеното уставно право и тој стандард мора да биде испочитуван и во Македонија. Треба добро да се погледнат тие одредби, да се направи анализа и потоа да се донесуваат заклучоци – рече професорот Шкариќ, според кого, секоја промена треба да се случува само со широки консултации на научната и на експретската јавност.

Уставот на Република Македонија, како највисок правен акт на државата, е донесен од Собранието на 17 ноември 1991 година. Уставот е составен од преамбула и од членови, поделени во девет глави и досега има претрпено 32 амандмански промени.