Комисијата за уставни прашања го усвои предлогот на владата за уставни промени


Скопје, 12 октомври, 2018 - 18:03 (META) 

Со 10 гласа „за“ и 7 „против“ Комисијата за уставни прашања го усвои предлогот на Владата за пристапување кон менување на Уставот според Договорот од Преспа.

Комисијата ја задолжи Владата во рок од 15 ден да подготви и достави текст со нацрт амандмани и да ги земе предвид забелешките изнесени на седницата на Комисијата.

„За“ гласаа 10 пратеници од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, а воздржани немаше.

В понеделник предлогот на Владата ќе се најде на дневен ред на пленарна седница во Собранието каде после расправата од максимум десет дена треба да биде изгласан од двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници.


Вељаноски: Немате двотретинско мнозинство за промена на Уставот


Скопје, 10 октомври, 2018 - 13:22 (META) 

Собранието е институција, а пратениците се народни претставници кои ќе ја донесат одлуката и ќе ја спроведат волјата на граѓаните и порачувам да не потклекнат на каков било притисок, затоа што решаваме децениски спор за да ja извлечеме земјата од изолација, рече премиерот Зоран Заев за време на обраќањето на Комисијата за уставни прашања, каде што го образложува предлогот за уставни измени.

– Време е сите заедно да ја однесеме Македонија напред, пратениците имаат историска должност да го обезбедат патот на граѓаните кон стабилност, безбедност, економски развој, односно кон ЕУ и НАТО. Повикувам на обединување кон важните државни приоритети – рече Заев.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски рече дека ниту една пратеничка група и опозициска партија не биле поканети да дадат придонес во преговорите за решавање на спорот за името.

– Јас како пратеник изјавувам дека немам намера да гласам против волјата на мнозинството на граѓани кои одлучија да се спротивстават на овој Договор со бојкотирање на референдумот. Немате двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Тесен круг на политичари реши дека имаат мандат, визија и знаење дека може да го решат ова национално прашање и со тоа да ги извисат граѓаните. Се создава чувство дека решението е туѓо и наметнато и дека не извира од македонските инетереси, а Собранието и пратениците се доведени пред свршен чин  – рече Вељаноски.


Трнлив и долг е патот до промени на Уставот (инфографик)


Скопје, 8 октомври, 2018 - 16:41 (META) 

Промената на Уставот со уставни амандмани не е ни малку лесна и едноставна процедура. На предлагачот на измените, во овој случај на Владата, во два наврати и е потребно двотретинско мнозинство. Еднаш за да го отвори и еднаш за да го затвори Уставот, процедура која трае неколку месеци.

Според Уставот, одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Измената на Уставот ја прогласува Собранието.

Деловникот на Собранието е поконкретен и детално во 10 членови ја објаснува процедурата и чекорите кои треба да се поминат за да се измени Уставот со амандмани:

  • Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
  • Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на Собранието го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога тие не се подносители на предлогот.
  • По предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена.
  • Претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена.
  • Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
  • По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот.
  • Текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
  • Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози. Претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.
  • Претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавноправната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.
  • Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.
  • Нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија.
  • Собранието определува рок за спроведување на јавната дискусија, начинот на објавувањето на нацртот на амандманите и рок во кој предлагачот како носител на јавната дискусија до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.
  • На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.
  • Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена.
  • По текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена.
  • Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
  • Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги правда криминалот и промената на името, со лажни заложби за ЕУ


Скопје, 24 септември, 2018 - 10:04 (META) 

На власт се политичари и нивни ученици, кои во 90 -те не убедуваа дека само да ја  прифатиме привремената референца ФИРОМ и државата ќе тргне на подобро, па да го смениме знамето, па Уставот, па да го прифатиме Рамковниот, па територијалната поделба, се прифативме и не само што не тргна на подобро, туку е полошо, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „животите на генерации Mакедонци од 91 – та до денес поминаа во тага, безнадежност и безперспективност.“

„И додека штетните политики ги правдаат со декларативните заложби за ЕУ и НАТО интеграцијата на  земјата, во  реалноста прават невиден криминал, се делат  милионски тендери на партиски луѓе, ќерка директор дава тендер на татко бизнисмен и што ли уште не. Народот пати и не гледа како со ваков криминал државата може воопшто да функционира, а не пак да влезе во ЕУ“, се додава во соопштението.


Груевски: Власта води политичка хајка, нема да се појавам во суд


Скопје, 4 септември, 2018 - 15:45 (META) 

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска на прес-конференција во Собранието најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат под притисок.

– Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси – рече Груевски.

Тој додаде дека нему не му суди судот, туку политиката.

– Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев – додаде Груевски и се пожали и дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за настаните во Собранието на 27 април, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.

Во однос на документите објавени од „Викиликс“ во кои се тврди дека тој се согласил за промена на името во Република Северна Македонија, Груевски ги оцени како „јалови обиди на власта“ и „глупости“.

– Ова се јалови обиди на власта, и веројатно ќе има уште многу вакви. Тие се сега во кампања и ќе се изнаслушаме разни глупости. Јасно е зошто сум во суд и зошто ми се случува овој класичен политички прогон и тортура. Ако се согласев со Грците друга ќе беше песната, ја сум човек со принципи и достоинство – додаде Груевски.


ОМД: Бојкот е единствениот достоинствен одговор на референдумот


Вашингтон, 31 јули, 2018 - 10:15 (META) 

Ние сме против референдум за промена на уставното име и затоа ја поддржуваме и се приклучуваме кон кампањата на глобалното непартиско движење „Ние Сме Македонија” за бојкот на референдумот распишан за 30 септември, соопшти Обединетата македонска дијаспора.

„Вчера, на незаконски начин претседателот на Собранието Талат Џафери распиша консултативен референдум со 68 гласови „за“ и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“. Владејачкиот блок на СДСМ, ДУИ и БЕСА, без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДМПНЕ, усвои референдумско прашање кое гласи: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција? Вака поставеното прашање е неприфатливо поради својот манипулативен карактер кој го крие вистинскиот исход од договорот со Грција, кој подразбира промена на името на државата во Република Северна Македонија и бришење на македонската историја и посебност“, велат од ОМД.

Од таму додаваат дека отсуството на опозицијата и експертската јавност при усвојувањето на референдумското прашање, како и консултативната природа на референдумот кој овозможува политичко самоволие без разлика на јавното мислење, ги доведуваат во прашање законските и демократски стандарди на земјата.


Заев: Не може да се очекува уставна промена за било кое име


Скопје, 21 мај, 2018 - 13:31 (META) 

Среќен сум затоа што добив ослободителна пресуда и конечно ја докажав мојата невиност и дочекав правда, рече премиерот Зоран Заев по објавувањето на пресудата за случајот „Поткуп“.

Тој побара од институциите јавно да ја објават целата снимка од ПИ-мерките и рече ако му ја достават, тој самиот ќе ја објави за да се види дека не барал поткуп.

За спорот со името Заев рече дека не може да се очекува уставна промена за кое било решение за името. Тој вели дека Република Илинденска Македонија е име кое не го загрозува, туку напротив го зајакнува идентитетот на Македонија, а на Грција и дава сложено име со временска одредница.

– Во Македонија не отпадна овој предлог. Мислам дека не постои политичка партија, интелектуалец, нормален граѓанин кој е повреден со овој предлог. Верувам дека треба да продолжиме. Прво да го разгледаме ова решение до крај и апелирам до сите во Грција да го разгледаат, зошто е вредно – рече Заев.

Премиерот информираше дека утре ќе ја предложи реконструкцијата на владата.

– Поради пресудата не знаев дали ќе има цела Влада. Подготвен сум и имињата се утврдени, ќе ги процесираме до Собранието утре и ќе ја докомплетираме Владата – изјави Заев.


Мицотакис: Не е можно решение без соседите да го променат Уставот


Атина, 27 април, 2018 - 15:03 (META) 

Решение не може да постои без претходно соседната земја да го промени нејзиниот Устав и комплетно и неповратно да ги отстрани сите елементи на иредентизмот, рече Кирјакос Мицотакис, лидерот на најголемата грчка опозициска партија, говорејќи пред одговорните на различните сектори во Нова демократија.

Мицотакис смета дека начинот на кој владата управува со преговорите, предизвикува загриженост и уште еднаш го повтори неговиот став дека „нема да ги поделат Грците, за да ги обединат Скопјаните“.

– Особена загриженост предизвикува ситуацијата во скопското прашање. Таму каде што тајната дипломатија, со незнаење на никој, одеднаш донесе во прв план едно прашање, кое како што се чини, не беше зрело да се реши. И уште полошо, со скопското прашање, владата на крај успеа да ги обедини и да ги зајакне нашите соседи и се обиде да ги подели Грците – вели лидерот на опозициската Нова демократија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис упатил остри критики до владата на премиерот Алексис Ципрас дека е опасна за грчката надворешна политика.


Коѕијас: Грција не треба да се плаши од компромис со една мала држава


Атина, 28 март, 2018 - 14:03 (META) 

Името не треба да има иредентистички елементи, треба да биде сложено со географска одредница, со придавка и да разграничува дека не станува збор за грчката Македонија, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во обраќањето на промоцијата на книгата „Македонското прашање“ на Никос Мерѕос.

– Треба да најдеме сложено име што ќе ја изразува посебноста и географската позиција на оваа држава, а во исто време нема да навредува ниту една од двете страни – смета Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија рече и дека „патриотизам не е да го негираш правото на другата страна да е горда на нејзината историја, доколку е вистинска, а не фалсификувана“.

– Патриотизам за мене значи сложено име. Ова сложено име треба да важи за сите, бидејќи во преговорите во изминатите години имаше една забуна, дали треба да важи само за меѓународни организација, дали треба да важи за меѓудржавни односи, а ова многумина го нарекуваат ерга омнес. Но, вистинското ерга омнес е да важи за сите и за сите односи, односно и за внатрешноста. Да важи и да биде изразено со меѓународниот договор што ќе го потпишеме во ОН и со промените што треба да се направат во нивниот Устав – рече Коѕијас.

Говорејќи за промената на Уставот, рече дека е неопходна не само бидејќи тоа е грчко барање и гаранција за Атина, туку е неопходна и за внатрешни гаранции и за некоја идна влада, затоа што „следниот Груевски 2“ ќе излезе со обвинувања.

Во однос на ерга омнес и зошто е тоа потребно, Коѕијас објасни дека не треба да се остави простор во иднина да се родат нови проблеми и нови секојдневни препукувања меѓу двете страни.

Според шефот на грчката дипломатија, договорот треба да биде стабилен и издржлив и да ја развива довербата меѓу двете страни. Порача дека е потребно да се направи компромис, бидејќи Грција не треба да се плаши.

– Ние не може да се плашиме, силната Грција, Грција со долга историја, Грција на Александар Велики, Грција со големата историја, филозофија на Аристотел итн, да се плаши да направи компромис со една мала држава што се уште не си го има најдено нејзиниот идентитет – додаде Коѕијас и објасни дека „луѓето од соседната земја, прифаќаат дека зборовите Македонија и македонски јазик не се однесуваат на Александар Велики“.

Како што јави дописникот на МИА, Никос Коѕијас во долгото и опширно обраќање во преполниот амфитеатар во една од зградите на грчкото МНР, направил историска ретроспектива на проблемот со името.

– Не е правилно да велиме дека сега ќе го дадеме името „Македонија“. Не одиме на крштевка. Детето постои и се вика Македонија, самите си се нарекуваат така барем еден век. И како Македонија постојат како дел од политички ентитет во разни облици пред 70 години – рече Коѕијас, споменувајќи го фактот дека во 1977 година македонскиот јазик, без Грција да реагира, бил признат од ОН.

Шефот на грчката дипломатија потсети дека Македонија како поширок географски регион припаѓа на четири држави, а не само на Грција.

– Моите пријатели во Скопје, се или се обидуваат да станат најмлада европска држава, најмлада европска нација, ако го тргнеме Косово настрана, се обидуваат да најдат еден историски идентитет на еден, според нас, погрешен начин и наместо да се ограничат на тоа дека се народ составен од различни заедници, од кои мнозинството се Словени, со втора голема заедница Албанците, со Власи итн., се обидоа да го спојат, да го цементираат нивното постоење со националната историја што ја немаа и со споменување на македонизмот во историјата и идентитетот. И тука се роди иредентизмот. И очигледно е дека проблемот со името, го концентрира иредентизмот во историјата, во образованието, во симболите, се концентрира во нивната секојдневна свест – рече Коѕијас, а во истиот контекст како голем чекор ги спомена преименувањата на аеродромот и автопатот.


Ѕанакопулос: Промената на Уставот е цврста преговарачка позиција на грчката Влада


Атина, 26 февруари, 2018 - 16:24 (META) 

Промената на уставот на соседната земја е цврста преговарачка позиција на Атина, вели портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за радиото „Риал фм“.

Тој, како што јавува дописникот на МИА од Атина, уште еднаш ги повторил грчките позиции.

– Грчката позиција е сложено име, кое ќе биде за сите употреби и ќе важи за сите. Нешто што значи дека предуслов е промена на уставот од страна на нашите соседи, за да најдеме едно одржливо, стабилно и заемно политичко решение за кое сите ќе можат да се чувствуваат горди, и двата народи – вели Ѕанакопулос во интервјуто.