!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Владата со 800.000 евра ќе финансира граѓански здруженија и фондации


Скопје, 30 март, 2017 - 16:43 (META) 

Владата на Република Македонија денеска објави оглас за финансиска поддршка, во вкупен износ од 50 милиони денари, односно околу 800.000 евра, на активности на здруженија на граѓани и на фондации.

Според огласот, објавен во весникот „Дневник“, грантовите се поделени во две категории.

Грантови во износ од 1.845.000 денари (30.000 евра) до 3.075.000 денари (50.000 евра) или вкупно 36,9 милиони денари или 600.000 евра ќе се доделат на проекти за борба против корупцијата, владеење на правото, демократија, човекови права, добро владеење, социјална кохезија и локална самоуправа. Освен за вакви, Владата ќе доделува грантови и за проекти од областа на здравството и здравиот начин на живот, економски развој, одржлив развој, рурален развој, култура и традиции, потоа проекти за млади, семејство и семејни вредности, како и за евроинтеграции, нови технологии, социјални медиуми, нови медиуми и информатички технологии.

Втората категорија, за која се предвидени помали грантови од 5.000 до 10.000 евра, или вкупно 213.000 евра, се проекти за зголемување на економскиот пораст и на вработеноста, за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, и за проекти за инвестирање во образованието, иновациите и во информатичката технологија.

Овој оглас практично пред три месеци го најави поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во „мегаинтервјуто“ за интернет-изданието на неделникот „Република“.

– Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа. Кај нас, потфрливме на тој план, и тоа е секако првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросиозација на општеството како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најдат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Не смее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади – изјави Груевски во интервјуто.

Огласот на Владата за финансирање на граѓански здруженија и фондации доаѓа и три и пол месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија, од каде го објави прогласот на партијата и најави „десоросоизација“ на невладиниот сектор во земјава.

– Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија и за зајакнување на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот – рече тогаш Груевски.

Инаку, огласот доаѓа и во време на влада чии овластувања се доведени под знакот на сомнеж, бидејќи е предводена од технички премиер, кој како и дел од министрите истовремено се и во извршната власт и се пратеници во Собранието на Република Македонија.


Иницијативата „За заедничка Македонија“ повика на протести под „Баханалиите“ на Станковски


Скопје, 27 февруари, 2017 - 16:41 (META) 

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска на прес-конференција објави проглас во кој бара политичките партии да го почитуваат Уставот и да не прифаќаат платформи создадени за туѓи интереси и ги повика граѓаните на мирен протест пред Владата, денеска во 17 часот.

protst

Зад членовите на Иницијативата е сликата на Александар Станковски, „Баханалии“. Прес-конференцијата е одржана во Младинскиот културен центар, кој е културна установа под јурисдикција на Градот Скопје.

– Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја потхранува и уважува дискриминаторската политика на одредени земји. Бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, во туѓи држави, без изборен легитимитет, чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме. Уставот на Република Македонија е јасен и прецизен во однос на многу прашања што се однесуваат на македонскиот идентитет и од него не отстапуваме. Бараме од сите наши политички партии да го почитуваат Уставот на Република Македонија и да се обврзат дека нема да работат на промена на името и на суштината на нашата држава. Македонија е над сите интереси – истакнаа од Иницијативата на прес-конференцијата.

Од Граѓанската иницијатива посочија дека Македонија има три Илиндени – 1903, 1944 и 1991 година и дека дошло време да го обзнанат четвртиот Илинден,

– Во сите три претходни, Македонците јасно и недвосмислено ја искажаа почитта кон сите што живеат под ова небо. Дојде ред и ние да ја покажеме таа заемна почит. Ние, современиците на овој миг имаме должност да ги споиме тие вредности од минатото за доблесно, сите заедно, да се насочиме кон иднината. Ниту еден патриот не е против националните права, култура и традиционални вредности на својот сограѓанин – изјавија од иницијативата, додавајќи дека Македонија е модерна граѓанска република, а Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Босанците, Турците, Власите и другите живеат во единствената матична држава на македонскиот народ, кој, слично како и други народи од регионот, сè уште и во 21 век е соочен со негирање и со дискриминација.


Груевски во фото-илегала – престана да се слика со странците и со дипломатите


Скопје, 24 февруари, 2017 - 15:07 (META) 

Ниту од последната средба на британскиот државен министер сер Ален Данкан, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во јавноста не се појавија фотографии. Груевски од неодамна воопшто не сака да се слика кога разговара со странците. Партијата само издава подолги и детални соопштенија – практика која почна од средбата со германската амбасадорка, Кристине Алтхаузер. По неа Груевски имаше средби со амбасадорите на Турција, Франција, Русија и на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, но ниту од една не се појавија фотографии.

Уште поиндикативно за ова однесување е тоа што средбата на поранешниот премиер со еврокомсарот Јоханес Хан, исто така, остана незаблежана со камери или фотоапарати. Камерманите и фоторепортерите беа замолени да си одат. Груевски влезе и излезе од гаражата на Собранието и низ „чиститот“ ходник влезе на средбата. Еден ден по средбата, наместо најавеното соопштение, на интернет-страницата на партијата беше објавен новинарски текст, со изјава на директорот на центарот за комунакции на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.

Gruevski-Han

Стара фотографија, од претходна средба на Груевски со Хан во просториите на партијата, снимена на 14 октомври 2016 година

Во прилог на текстот беше објавена стара фотографија, од претходна средба на Груевски со Хан во просториите на партијата.

Едноставно, по прогласот на партијата што Груевски го прочита пред ДИК и со кој ги искара странците, нема негови фотографии со нив, иако продолжија средбите со дипломатските претставници во земјава.

Интересно е да се види како во таа смисла ќе помине посетата на Федерика Могерини, висок комесар за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, која се очекува да пристигне во земјава на почетокот на идниот месец. Таа, инаку, не е омилена во партијата и кај приврзаниците на Груевски, кои во новинските текстови дури ја нарекоа „фашисоросоидна шмизла“ („Дневник“, 16 февруари 2017 г.) која „плапоти таму за неприкосновените индивидуални права кои биле светост во ЕУ, ама пошто е и соросоид, а по дифолт значи дека има испран мозок“ („Дневник“, 9 февруари 2017 г.),  а денес и отворено порача „на Могериниева, Иванов и Груевски (оти на Поповски ич не се мисли) конечно треба да и врачат шут карта со недвосмислена „недипломатска“ содржина: Се додека не ги уважите Република Македонија, македонскиот народ, македонскиот јазик и култура, не доаѓајте овде …


МАНУ подготвува проглас „Што е Македонија и што треба да биде“


Скопје, 10 февруари, 2017 - 11:27 (META) 

Во Македонската акедемија на науките и на уметностите (МАНУ) во моментов се подготвува текст, со кој Академијата би се појавила во овој клучен момент и во кој би се дала „некоја контура за тоа што е Македонија и што треба да биде“. Академик Митко Маџунков вели дека „кога државата е во прашање, како што сега гледаме дека е, тогаш навистина мора да се реагира“.

Маџунков ова го изјави на телевизијата „Нова“, на прашањето зошто МАНУ не е поактивна и често избегнува да реагира.

– МАНУ е една сериозна и традиционална организација која не може така да реагира. Меѓутоа, кога ќе дојде до заострување, како кога државата е во прашање, како што сега гледаме дека е, тогаш навистина мора да се реагира и јас мислам дека во МАНУ сега моментално се дискутира за еден текст, ајде, да го наречеме, некое „начртание“, кое ќе даде некоја контура за тоа што е Македонија и што треба да биде – вели Манџуков.

Академик Катица Ќулавкова за детали за ова нè упати на надлежните служби и раководството на МАНУ. Таа вели дека Академијата наскоро свечено ќе одбележи 50 години постоње, па во тој контекст ќе бидат промовирани повеќе публикации и документи и не ја исклучува можноста таков „проглас“ да е дел од таа серија.

Митко Маџунков е член на Друштвото на писателите на Македонија, а исто така, тој е член на Друштвото на независни писатели. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 постанал редовен член на МАНУ. Тој е раководител на проектот за изработка на „Македонската енциклопедија“, кој последниве години е во мирување.


ВМРО-ДПМНЕ: Нови избори се зрело решение за надминување на кризата


Скопје, 30 јануари, 2017 - 0:22 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата за подобра Македонија, како победник на последните избори, која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и на поставување на реформските приоритети во прв план, се вели во соопштението на партијата откако ДУИ вечерва не донесе одлука за коалиција со оваа партија.

Според нив, секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и на остварување на чии било програмски цели.

– Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17 декември 2016 година – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Писателите со проглас бараат поништување на „вулгарната политизација“ во издаваштвото


Скопје, 27 јануари, 2017 - 13:47 (META) 

Уривањето на писателското достоинство и деградирањето на книжевните вредности од страна на државата ја доживea својата највисока точка, порача 56 македонски писатели  во својот Проглас за заштита на достоинството на македонски писaтели и на македонската книжевност, со кој остро реагираат на годинашната програма за издавачка дејност на Министерството за култура.

Оваа програма, која треба да го изразува националниот интерес, според писателите, е само „неморален чин на деградирање и на писателот и на книжевните вредности на денешницата и најгруба, вулгарна политизација на книжевноста“. Меѓу основните приговори упатени до Министерството, како и до членовите на комисијата што ги избирала делата, се дека програмата на дела поддржани од државата е политичка, дека не се поддржани новите имиња во македонската проза што се многу популарни, но и дека отсуствуваат и веќе афирмирани книжевни имиња. Писателите сметаат дека нив ги нема во програмата оти се „автори што јавно изнеле критички став кон власта или, пак, не се во групациите на бизнис-писатели што имаат тесна соработка со неа“.

Писателите обвинуваат и за преголема поддршка дадена за просечна или неквалитетна преводна литература, која и онака на пазарот остварува добри приходи, а македонските писатели по вкупните суми се изедначени со преводната литература. Бараат да се се поништи Годишната програма за издавачка дејност за годинава, да се утврдат јасни критериуми за избор на членови на комисии што би подготвиле нова програма, но, исто така, и постудиозно проценување на делата, а пред сè, целосна департизација на државата политика во издаваштвото. Побунетите писатели ги повикаа своите колеги да се приклучат на прогласот и да побараат укинување на годишната издавачка програма.


САД: Политичките лидери да престанат со запалива реторика и напади на амбасадорите


Вашингтон, 20 декември, 2016 - 22:58 (META) 

Американскиот Стејт департмент денеска изрази загриженост поради тензичната состојба во Македонија по предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември и ги повика лидерите на политичките партии да престанат со негативната реторика.

„Загрижени сме поради зголемените политички тензии во Македонија по парламентарните избори на 11 декември и ја осудуваме запаливата реторика од некои политички лидери, која дава дозвола за напади на демократски институции и на амбасадори акредитирани во Македонија – изјави портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби.

Тој истакна дека политичките лидери треба да се фокусираат на формирање нова влада и на враќање на земјата на евроатлантскиот пат.

– Ги повикуваме политичките лидери да престанат со неосновани напади, да го почитуваат демократскиот процес и да дозволат формирање на веродостојна и стабилна влада посветена на владеење на правото, одговорност и на основните права. САД се подготвени да ѝ помогнат на таквата влада да ги оствари долготрајните цели на Mакедонија за евроатлантска интеграција – рече Кирби.

Изјавата на американскиот Стејт департмент доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во саботата преку партискиот проглас ги прозва амбасадорите дека се мешаат во внатрешните работи на Македонија. Еден ден по изјавата на Груевски, на протестот пред Државната изборна комисија, приврзаниците и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се појавија со транспарент на кој беше испишано „Бејли тргни ги рацете од Македонија“, а вчера на интернет се појавија и погребни фотографии од поранешни и од сегашни американски и европски амбасадори.

Вчера со слична реакција излезе и Европската комисија, која изрази загриженост поради случувањата во Македонија, негативната реторика на политичари и повика на одговорно однесување.


Груевски: ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на прегласување и на преговори со странци


Скопје, 17 декември, 2016 - 18:21 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва се обрати пред насобраните пред седиштето на Државната изборна комисија, соопштувајќи дека партијата вечерва имала состанок на извршниот комитет на кој е донесен проглас со кој, како што рече, „ги информираат сите оние чии очи се вперени во одбраната на Република Македонија“.

„ДИК донесе незаконски одлуки за изигрување на изборната волја на народот. Работата на ДИК се претвори во пародија. Имаме информации за вмешување на странски претставници заради вршење влијание на некои членови на ДИК, за да се вклучат во постизборната машинерија да ја сменат волјата на народот. Некои незаконски одлуки на ДИК може да ги коригира Управниот суд и затоа повикуваме да не се врши притисок врз Управниот суд. Доколку Управниот суд ги потврди одлуките на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на прегласување – рече Груевси.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „нема да дозволат аболираниот криминалец Зоран Заев да формира влада со украдение гласови“.

– Државата мора суверено да ги носи одлуките. Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за соработка и за комуникации со амбасадорите. Но, амбасадорите кои се мешаат, мора да престанат да го прават тоа. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на состаноци и на преговори во кои учествуваат амбасадори или други странски претставници, на кои се носат одлуки за кои одлучуваат претставниците избрани од народот – рече Груевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифаќа „нестандардни и хибридни решенија кои ги нема во земји членки на ЕУ“.

Според прогласот на партијата, како што рече Груевски, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи кантонизација и редефинирање на државата по какви било услови. Тој исто така најави дека ќе се борат за „десоросоизација на Македонија“ и за зајакнување на граѓанскиот сектор.

– Ќе се пристапи кон реформирање на финансирањето на фондациите, по теркот на најнапредните демократи во светот – рече Груевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ била и ќе биде прозападно ориентирана партија.

На крајот од своето обраќање, Груевски рече дека прогласот е за заштита на демократијата во Македонија и оти протестите пред ДИК се „крик за зачувување на демократијата, за никој да не може да ги фалсификува изборите“.