НЛБ – Скопје наплатила повеќе од два милиони евра за кражбата


Скопје, 10 февруари, 2018 - 14:00 (META) 

НЛБ – Скопје од осигурителна компанија наплатила 80 отсто од штетата направена со кражбата во април 2017 година, се дознава од билансот на успех за 2017 година, што банката го објави.

Преостанатиот дел од штетата, во износ од 35,241 милиони денари, банката го евидентирала како трошок во билансот на успех заклучно со 31 декември 2017 година на позицијата останати расходи од дејноста.

Лани во април вработен во банката и уште неколку вработени украдоа околу три милиони евра од банкарскиот трезор. Тие беа обвинети и осудени на вкупна казна од 20 години затвор, но парите не беа вратени ниту осудените кажаа каде се наоѓат.

Во билансот се вели дека во текот на целата 2017 година, НЛБ Банка АД Скопје работела согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2017-та година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и пазарните услови во земјата.

И покрај големата кражба, билансот на банката се зголемил за  5,7% во однос на 2016 година, што главно се должи на порастот на депозитите од небанкарскиот сектор.

Во декември 2017 година, Банката потпиша договор за продажба на уделот во НЛБ Нов Пензиски Фонд којшто преставува 49 отсто од вкупниот капитал на НЛБ Нов Пензиски Фонд.

Нето добивката на банката во текот на 2017 година е повисока за 34,6% во однос на 2016 година.


Граѓанските организации бараат дефинирање за кои авторски договори ќе се плаќа ДДВ


Скопје, 29 јануари, 2018 - 16:12 (META) 

Центарот за економски анализи (ЦЕА), заедно со уште 12 други граѓански и невладини организации, сметаат дека оданочувањето на физичките лица со данок на додадена вредност (ДДВ) во постојната рамка е проблематично од неколку аспекти.

„Законот за ДДВ, ниту кој било друг закон, не дефинира што претставува самостојна стопанска дејност на физички лица. Авторските договори не може да подлежат на ДДВ, по дефиниција. Договорите за дело, авторските договори и останатите консултантски договори за физичкото лице немаат континуитет како кај правен субјект регистриран за објавување на одредена дејност со цел остварување на профит“, велат од ЦЕИ.

Од таму предлагаат со посебен подзаконски акт да се допрецизира самостојна стопанска дејност во Законот за ДДВ и да се усогласи со другите релевантни закони.

„Јасно да се разделат авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ (создавање авторски дела за „општо добро“ – по примерот на ЕУ), од оние авторски договори кои по природа се консултантски договори и кои може да бидат предмет на ДДВ цели“, препорачуваат од ЦЕИ.


Осум компании со грчки капитал се дел од листата на 200 најголеми фирми во Македонија


Скопје, 30 ноември, 2017 - 10:14 (META) 

Осум компании со грчки или мешовит удел се дел од листата на 200 најголеми бизниси во Македонија во 2016 година, објави финансискиот магазин „Капитал“, а пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.

На трето место на листата, како и претходната година, се наоѓа ОКТА, односно групацијата „Хеленик петролеум“, која најдолго време е најголем снабдувач на горива во Македонија со промет од 311 милиони евра, односно 5,6 отсто помалку од минатата година. „Усје – Титан“ со промет од 72,4 милиони евра, односно 0,2 отсто помалку од минатата година, е на 22. место, а на 24. место е „Верополус“ со промет од 70,7 милиони евра, што е за 0,5 отсто повеќе од претходната година.

Помеѓу 200 најголеми компании во Македонија се наоѓаат и „Пивара Скопје“, „Актор“, „Жито лукс“ и „Мермерен комбинат“.

Севкупно, прометот на грчките претпријатија е 7 отсто од прометот на 200 најголеми македонски компании.

Во однос на профитот „Усје – Титан“ се наоѓа на 6. место со остварен профит од 19,5 милиони евра, по што следуваат „Пивара Скопје“, која се наоѓа на 10. место со профит од 12,4 милиони евра, и „Веропулос“ на 14. место со профит од 8,9 милиони евра.

Значителен пораст на профитот е забележан кај ОКТА, од 408 отсто, и кај „Актор“ од 286,4 отсто.

Најголема фирма во Македонија според остварените приходи и годинава е „Џонсон Мети“ со вкупни приходи од 1,34 милијарди евра, која лани имала пораст на приходите од 11,9 отсто. „Џонсон Мети“ истовремено е и најпрофитабилна фирма во земјава, чиј профит ја надмина границата од 100 милиони евра.

Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-септември 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговска размена, најзначајни трговски партнери на Македонија се Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.


Блокадата кај Идомени го преполови профитот на грчката железница


Солун, 21 декември, 2016 - 14:11 (META) 

Бегалската блокада на железничкиот премин кај Идомени на македонско-грчката граница драстично го преполови профитот на грчката железница „Треносе“. Како што пренесува весникот „Прото тема“, загубите од неколкумесечната блокада на железничката линија поради протестите на бегалците се 2,5 пати повисоки од профитот на железницата, кој годинава се очекува да биде нешто повеќе од 2 милиони евра.

Според весникот, за 15 отсто се очекува да биде намален и целосниот обем на работа на железницата во товарниот транспорт. Поради блокадата на Идомени, а подоцна и поради штрајкот на солунското пристаниште, голем дел од странските компании, меѓу кои и македонски, чекаа со недели да им бидат испорачани производи и контејнери. Овој проблем доведе до тоа странските клиенти наместо да ја користат брзата железничка линија Солун – Скопје кон Западна Европа, да ги користат возовите од Солун кон Софија, кои патуваат еден и пол ден подолго, создавајќи дополнителна финансиска штета од околу 10.000 евра по воз.

За железницата да не дозволи повторно да дојде до проблеми како годинава, кога производите и контејнерите на голем број странски, домашни и македонски компании беа заглавени и во неможност да се извезат од Грција, „Треносе“ веќе имаат алтернативни идеи и планови. Во однос на Македонија, грчката железница е во преговори со нафтената компанија ЕКО за пренос на нафта и на горива кон нашата држава и Бугарија.

Грчката железница во процесот на приватизација ја купија италијанските железници, но сè уште не се знае кога ќе биде одобрено преземањето.


„Дојче банка“ оствари профит по загубите од шест милијарди евра


Франкфурт, 27 октомври, 2016 - 13:00 (META) 

„Дојче банка“ соопшти дека во третиот квартал остварила профит од 278 милиони евра, што претставува неочекуван пресврт по загубата од шест милијарди евра во истиот период лани.

Банката соопшти дека се чувствува влијанието на „неповолните каматни стапки“ и на преговорите со американските власти за плаќање на казната поради неправилности при тргување со хипотеки во САД.

На банката ѝ се заканува казна од 14 милијарди долари поради неправилности во работењето, непосредно пред избивање на финансиската криза во 2008 година.

Меѓународниот монетарен фонд ја опиша оваа ситуација како најголем ризик по глобалниот банкарски систем.

„Дојче банка“ почна да ги намалува трошоците и да продава одредени бизниси во обид да ги стабилизира и да ги смири инвеститорите.

 


МФ ја откажа денешната аукција на државни записи


Скопје, 13 септември, 2016 - 10:35 (META) 

Министерството за финансии нема да ја одржи аукцијата на државни записи предвидена за денеска, во согласност со календарот објавен на веб-страната на институцијата.

Од Министерството велат дека аукцијата е откажана во насока на сведување на домашното нето-задолжување врз основа на државни хартии од вредност кон нула, со што ќе се остават повеќе ликвидни средства во стопанството за кредитирање на бизнисот.

Ова е седма аукција што Министерството ја имаше предвидено, а не ја одржа. Во септември доспеваат за враќање осум аукции, а во согласност со календарот предвидени се две нови аукции.


Македонија и пол на одмор во Грција


Атина, 5 август, 2016 - 15:10 (META) 

Македонските и бугарските туристи се најбројни на грчките плажи. Според јулските бројки на Народната банка на Грција, во таа земја пристинале повеќе од 3 милиони македонски туристи, што се смета за голем пораст во споредба со 2013 година, кога имало 1,65 милиони посети од нашата земја. Сепак, македонските туристи, според анализата, остануваат кратко, неколку дена или викенд, и трошат многу помалку од другите – просечно по 82 евра на едно патување.

Лани имало повеќе од 6 милиони ноќевања од македонски туристи.

Грција во 2015 година заработила 14 милиони од странските туристи во државата. Целта е до 2021 година таа бројка да дојде до 19,6 милиони.

Грчките туристички работници ќе видат повеќе туристи годинава, но ќе имаат помал профит. Ова се проценките на Комората на грчки туристички работници СЕТЕ, од каде истакнуваат дека годината ќе биде веројатно полоша од 2015 година, главно поради новите поскапувања на даноците во туристичкиот и во угостителскиот сектор и покрај зголемениот број туристи.

Поскапувањето од 23 на 24 отсто ќе биде голем удар за туристичкиот сектор. Според анализата на комората, даночните давачки за туристичките работници на годишно ниво се 800 милиони евра, а откако во 2018 година ќе се зголеми и данокот за преноќување, тоа ќе биде дополнителни 150 милиони евра во даноци за секторот.


Голем пад на велигденскиот профит во Грција


Атина, 4 мај, 2016 - 12:31 (META) 

Грчките трговци годинава забележаа нов пад во велигденскиот профит. Претседателот на грчката конфедерација на трговци, Василис Коркидис, истакна дека годинешниот велигденскиот профит на грчките трговци е за 7 отсто понизок од лани. Во суштина, трговците бележат загуба од 180 милиони евра во споредба со 2015 година.

За велигденскиот профит не помогнаа ниту одлуката да нема поскапување на цените, ниту велигденското работно време со кое продавниците работеа подолго.

Процените се дека ова опаѓање на профитот покажува дека и понатаму е слаба куповната моќ на грчките граѓани. Трговците и во продавниците и на пазарите коментираат дека годинава е можеби најлоша досега и иако цените се релативно прифатливи, граѓаните не можеа да си дозволат да пазаруваат како порано.

За да се направи обид за ново заживување на пазарот, од денеска до 10 мај ќе има мали пролетни попусти, а продавниците ќе бидат отворени и в недела, 8 мај.


Грција пред Велигден: Полни продавници, празни џебови


Атина, 30 април, 2016 - 12:17 (META) 

Грчките семејства и годинава ќе имаат поскромна велигденска трпеза. Стегањето на финансискиот ремен, намалувањата на платите и на пензиите, како и предупредувањата за нови зголемувања на даноците и за нови намалувања на пензиите не им дозволуваат на грчките граѓани да се опуштат како порано при купувањето за Велигден. Подароците се поскромни, трпезата помала.

Сите трговски улици и пазари се преполни, но луѓето повеќе разгледуваат, а помалку купуваат. Цените се слични како и минатата година, поскапувањето е само 1 отсто, но и покрај тоа профитот на трговците е во опаѓање бидејќи куповната моќ е ограничена.

Според проценките на Грчката конфедерација на трговци, велигденската трпеза за шестчлено семејство годинава чини 104 евра. Јагнешкото месо, кое е омилено кај Грците, периодов се движи од 4,90 до 6 евра, а пакетот јајца е 1,30 евра. Велигденските свеќи, кои традиционално се купуваат како подароци за најмладите, се движат од 1 до 10 евра.

Никос Георгокостас, економски аналитичар, истакнува дека и покрај обидот на трговците да се воздржат од поголеми поскапувања, раздвиженоста на пазарот и профитите се мали. Главната причина, според него, е ослабената куповна моќ на потрошувачите.

– Овој велигденски период гледаме дека има обид од трговците да ги задржат цените на исто ниво, но ситуацијата на пазарот е слаба. Последниот период има значителни намалувања на приходите, поради што има намалување и на потрошувачката, но се надеваме дека како што ќе поминува времето, ќе се стимулира и ќе се подобри потрошувачката и се надеваме на воскреснување на економијата – коментира тој.

Граѓаните велат дека прво прават анализа на пазарот и на цените, па на крај одлучуваат што и од каде да се купи. Со кисела насмевка велат дека цените не се високи, дури се и нормални, но со мали плати, дури и четири-пет евра за килограм месо е скапо.

– Цените се добри, но од каде да најдеме пари? Целосно нè исцедија политичарите. Ги гледаат само своите интереси – вели еден пензионер додека си заминува од централниот пазар Варвакио.

Продавачите на пазарите и во продавниците оценуваат дека годинава можеби е најлоша досега. Ниту продолжените работни часови, ниту ниските цени не го воскреснуваат опаднатиот велигденски профит. Продавачите на пазарите велат, јасно е дека граѓаните немаат пари, купуваат многу помалку од порано. Иста е сликата и во голем број продавници за облека, освен големите комерцијални синџири.

Анастасија 18 години работи во продавница за облека во центарот на Атина и вели дека никогаш досега не седела со скрстени раце и во празна продавница за Велигден.

– Нема воопшто купувачи. Во споредба со лани, продажбата е 50 отсто помала. Луѓето доаѓаат, разгледнуваат и бараат нешто евтино. Цените се пониски од лани, имаме и попусти и пак ништо. За велигденска недела нема воопшто работа. Сите сакаат нешто за пет-десет евра, поскапо не купуваат – додава таа.

И граѓаните и трговците стравуваат дека работите дополнително ќе се влошат штом владата ги изгласа новите мерки со кои ќе се намалат пензиите, а ќе се зголемат даноците за голем број услуги и основни производи.

 


Банките лани заработиле 75,4 милиони евра


Скопје, 24 февруари, 2016 - 12:38 (META) 

Банките лани заработиле 75,4 милиони евра, што во однос на 2014 година има зголемување за 47,3 отсто, покажуваат најновите податоци на Народна банка.

Најголем дел од профитот во банкарскиот сектор лани, односно околу 80 отсто е направен во големите банки.

Средните банки заработиле 16 милиони евра, додека пак кај малите банки значително е намалена и загубата, од 1,5 милиони евра во 2014 година на околу 200 илјади евра.

Најголем дел од приходите на банките се од камати, од кои што инкасирале 233,4 милиони евра, што е за 9,7 отсто повеќе отколку во 2014 година. Зголемени се и приходите од провизии и надоместоци при што се наплатени 68,8 милиони евра.