!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тевдовски: Целта на ребалансот на буџетот е да се намалат непотребните трошоци


Скопје, 17 јули, 2017 - 13:20 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешната расправа за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека основнa цел на ребалансот e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

– Ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет. Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања. Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, за кои, ако се раскинат, државата ќе треба да плаќа пенали – изјави Тевдовски.

Тој додаде дека кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.

Вкупните приходи на буџетот се ревидирани за 1,5 процент надолу, односно за 2,87 милијарди денари.

– Ова ревидирање на проекциите кај приходната страна на буџетот е резултат на намалување на приходите на основниот буџет во согласност со реализацијата во изминатите шест месеци и со очекувањата до крајот на годината. На расходната страна на буџетот, сериозно намалување е направено на расходите наменети за стоки и за услуги, кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот. Од оваа ставка се направени кратења на сите непродуктивни трошоци на владата и на институциите наменети за патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирања – појасни Тевдовски.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година. Во согласност со тоа, потребата за финансирање изнесува 36,92 милијарди денари.

Тевдовски рече дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбедат преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и од депозитот пренесен од минатата година.

Инаку, денеска на Комисијата за финансирање и буџет почна расправата за ребалансот на буџетот. До Комисијата пристигнале 840 амандмани, од кои најмногу, 706, поднела ВМРО-ДПМНЕ, а другите 134 амандмани се од партии од албанскиот политички блок.


НБРМ ја намали проекцијата за пораст на БДП од 3,5 на 2,5 отсто


Скопје, 25 мај, 2017 - 13:16 (META) 

Наспроти октомвриската проекција на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за 2017 година од 3,5 отсто, во априлската проекција на Народна банка, порастот на БДП е намален за еден отсто, односно на 2,5 отсто.

Оваа корекција, според објаснувањето на НБРМ, е направена поради политичката криза, која што продолжи и на почетокот на 2017 година, иако при октомвриската прогноза се сметаше дека таа набргу ќе заврши.

– До крајот на годината очекуваме постепено разрешување на кризата, стабилизирање на амбиентот и исцрпување на неповолните ефекти – изјави гувернерот на Народна банка, Димитар Богов.

Гувернерот додаде дека последните три години иако имавме политичка влада, немавме политичка стабилност.

– Потребна ни е политичка стабилност и намалување на неизвесноста за поголем економски пораст – додаде Богов.

Во однос на формирањето на новата влада, тој додаде дека Народна банка секогаш имала конструктивен однос и монетарната политика ќе ја прилагоди на фискалната политика на новата влада, откако ќе биде објавена новата економска програма.

Главни фактори кои ќе влијаат на економскиот пораст во 2017 година ќе бидат извозот и личната потрошувачка, како и продолжување на циклусот на јавните капитални инвестиции и пораст на странските директни инвестиции.


Проекциите на СДСМ покажуваат дека ќе имаат ист број мандати како ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 11 декември, 2016 - 23:51 (META) 

Според резултатите што ги прикажува СДСМ во својот прес-центар, гласовите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се изедначени.

Според 90 отсто од преброените гласови, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по 51 мандат.

Проекцијата на СДСМ за мандатите кои ги добиле по изборни единици, покажува дека
СДСМ имаат повеќе мандати во првата изборна единица, а ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица. Партиите се изедначени во втората, четвртата, петата и во шестата изборна единица.

 

ВМРО-ДПМНЕ СДСМ
ИЕ1 8 10
ИЕ2 9 9
ИЕ3 11 9
ИЕ4 10 10
ИЕ5 9 9
ИЕ6 4 4

 


Депозитите во јули под очекуваниот пораст од 7,4 проценти


Скопје, 26 септември, 2016 - 10:54 (META) 

Вкупните депозити во јули забележаа пораст по намалувањето во претходните три месеци, се вели во најновиот извештај на Народна банка.

„Повисокото ниво на вкупната депозитна база на банките претставува сигнал за понатамошно видливо стабилизирање на очекувањата на економските субјекти. Анализирано по сектори, порастот речиси во целост произлегува од зголемувањето на депозитите на домаќинствата, при мал пораст и на депозитите на корпоративниот сектор, додека кај депозитите на другите финансиски институции се забележува умерено намалување“, се додава во извештајот на банката.

Годишната стапка на пораст на вкупните депозити во јули изнесува 3,4 проценти и е понизок од порастот од 7,4 проценти што Народната банка го проектираше за третиот квартал на 2016 година.

„Во јули се зголеми придонесот на денарските депозити во годишниот пораст на вкупните депозити. Депозитите на домаќинствата во јули и понатаму се зголемуваат, речиси двојно посилно во однос на претходниот месец,“ се додава во извештајот.


Светска банка ја намали прогнозата за пораст на глобалната економија


Скопје, 8 јуни, 2016 - 11:16 (META) 

Светска банка ја намали прогнозата за пораст на светската економија за оваа година од 2,9 проценти, колку што прогнозираше во јануари, на 2,4 проценти.

Во земјите на еврозоната се очекува пораст од 1,6 проценти, што е на исто ниво како и минатата година.

Светска банка ја намали проекцијата за порастот на американската економија од 2,4 на 1,9 проценти.

Како еден од главните проблеми на светската економија, оваа институција ја наведува ниската цена на суровините, од кои се зависни земјите извознички.

Во априлските проекции, Светска банка предвиде пораст на македонската економија од 3,7 проценти.


НБРМ: Побавен пораст на економијата во втората половина од годината


Скопје, 10 ноември, 2015 - 11:10 (META) 

Од април досега, ризиците од домашна и од надворешна природа за економијата се зголемија, но последните макроекономски показатели и оцени покажуваат дека засега нивните ефекти се ограничени, а амбиентот на спроведување на монетарната политика не е значително променет.

Ова се вели во најновиот извештај на Народна банка за најновите макроекономски податоци (јули–септември 2015 година).

Од аспект на БДП, објавените податоци за вториот квартал се совпаѓаат со очекуваниот пораст на економијата, во согласност со априлскиот циклус проекции. Остварениот пораст е распределен помеѓу повеќе економски сектори, додека од аспект на побарувачката, структурата на порастот покажува дека извозот и домашната потрошувачка се клучни носители на економскиот пораст.

– И покрај солидниот пораст, ризиците од одложени ефекти од домашните случувања, како и од промените во глобалниот амбиент, создаваат можност за побавен пораст на економијата во втората половина од годината, во споредба со очекувањата. Во однос на инфлацијата, во септември е остварен мал пад на потрошувачките цени, при пад на цените на енергијата и на храната. Ваквата промена, слично како и во последните неколку месеци, претставува мало отстапување на остварената стапка на инфлација надолу, во споредба со априлската проекција – се вели во извештајот на НБРМ.

Во однос на инфлацијата, податоците за септември покажуваат мал пад на потрошувачките цени, при што ризиците за динамиката на инфлацијата до крајот на 2015 година се оценуваат како надолни.

Ризикот за послаби остварувања во реалниот сектор во втората половина од годината, во споредба со очекувањата, и понатаму е присутен.

– Во секој случај, неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното опкружување е присутна и упатува на зголемени ризици поврзани со динамиката на девизните резерви во следниот период, во споредба со априлските проекции. Ваквите состојби наметнуваат потреба од постојано следење на остварувањата и од редовно преоценување на ризиците и на нивното значење во контекст на остварувањето на монетарните цели – се вели во извештајот на НБРМ.


НБРМ: Понизок пораст на цените, 0,5 отсто наместо 1 отсто


Скопје, 2 јуни, 2015 - 14:01 (META) 

Последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции, со оцени за солиден економски и кредитен пораст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција, која обезбедува понатамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво, се вели во кварталниот извештај на Народната банка.

Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и понатаму главно се од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски пораст (а особено порастот во ЕУ) и со движењата на цените на примарните производи на светските берзи.

Надворешните ризици се, сепак, поурамнотежени во однос на октомвриската проекција. Од друга страна, основната априлска макроекономска проекција е проследена со ризици поврзани со домашни неекономски фактори (неизвесност околу политичките случувања), кои може неповолно да се одразат врз домашната економија.

Се очекува дефицитот во тековните трансакции дополнително да се прошири и во 2016 година и да достигне 3,1 проценти од БДП (4,6 отсто од БДП во октомвриските проекции). Ваквата проекција ги одразува очекувањата за понатамошно активно користење на постојните капацитети и за влез на нови странски инвестиции во извозно ориентираниот сектор, што би се одразило преку зголемување на инвестицискиот увоз.

Во 2015 година се очекува понизок пораст на цените во споредба со октомвриската проекција (0,5 отсто наместо 1 процент). Се очекува пораст на домашната економија од 4,1 отсто во 2015 година и дополнително забрзување на порастот на 4,5 проценти во 2016 година, односно се задржуваат претпоставките за порастот од октомвриската проекција.