!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Народот треба да одлучи дали ќе одиме во опозиција, вели Димовски


Скопје, 25 април, 2017 - 14:37 (META) 

Осумнаесеттото продолжение на конститутивната седница на Собранието тече во реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на говорот на пратеникот Горан Манојловски и на негови контрареплики, кои најчесто се однесуваат на платформата на албанските политички партии, како и на животот и на соживотот помеѓу Македонците и Албанците во Тетово од каде што доаѓа Манојловски.

На почетокот на седницата за процедурална забелешка се јави пратеникот на СДСМ, Сашо Поцков, кој рече дека референдумот во Гевгелија испратил порака дека на граѓаните им е важно да им се решат реалните проблеми.

– Сведоци сме на 18-дневна дебата помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Сè тоа е на штета на нашите граѓани кои бараат решавање на нивните реални проблеми. Гевгеличани испратија две пораки: дека не сакаат отворање на рудници и дека сакаат решавање на реалните проблеми. Сите бевме сплотени во решавање на проблемот. Граѓаните бараат да се откочат овие процеси, да се избере претседател на Собранието и да се формира влада. Нема ништо страшно во тоа, колеги од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе бидете во опозиција по 10 години власт – рече Поцков.

Како одговор на ова, за процедурална забелешка се јави и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да оди во опозиција, но дека за тоа треба да одлучи народот.

– Народот треба да се праша како за Гевгелија, така и за албанската платформа. ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да оди во опозиција, но пак за тоа треба народот да одлучи, оној народ кој на изборите одлучи дека ние сме победници. Апелирам да се вразумите како втора партија, да прифатите дека граѓаните не одлучиле вие да бидете победници. Каква постизборна манипулација и да правите, нема да го добиете легитимитетот на граѓаните – рече Димовски.

Ејуп Алими од ДУИ рече дека главна причина за блокирање на процесите е стравот од правните последици што го имаат македонските политички партии.

– Сега целата држава и граѓаните се жртви на тој страв. Треба да се надминете себеси во име на државата и на граѓаните. Треба да гледаме за иднината на државата, и за македонскиот и за албанскиот народ – рече Алими.

Седницата продолжува по паузата за ручек во 15 часот.


Николовски: Намерно го блокирате Собранието, ја загрозувате исплатата на плати и на пензии


Скопје, 21 април, 2017 - 14:30 (META) 

На почетокот на 15. продолжение на конститутивната седница на Собранието, пратеникот Љупчо Николовски од СДСМ се јави за процедурална забелешка во која рече дека претседавачот Трајко Вељаноски го крши деловникот затоа што дозволува да се дебатира на други теми, а не на точката која е на дневен ред, а со тоа намерно се блокира Собранието.

Тој го обвини пратеникот Љупчо Димовски дека е криминалец. Токму на говорот на Димовски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реплицираа, а тој даваше контрареплики.

– Постојат сериозни индиции кои говорат дека токму во овој период, кога ја правите оваа блокадата, стопирате 100 милиони евра субвенции за земјоделците. Во овој период на блокада од релевантни извори се знае дека од следниот месец ќе биде загрозена исплатата на плати, пензии и на социјална помош. Љупчо Димовски незаконски дозволи исплата на стотици илјади евра за субвенции кои не отидоа кај вистинските земјоделци, туку кај ваши функционери – рече Николовски.

На ова со процедурални забелешки се јавија Антонијо Милошоски, Илија Димовски и Љупчо Димовски.

– Тука сите зборуваме во име на народот, а тоа најмалку може да го каже тој што го претрпе најголемиот пораз на овие избори, а тоа е Љупчо Николовски. Луѓето се изјаснија и кажаа дека повеќе му веруваат на Илија Димовски отколку на Љупчо Николовски. Зборувате за криминал, па претходно расчистете го во своите редови. Сакам да ви укажам, не заканувајте се на колегите пратеници, народот го има последниот збор – рече Милошоски.

Љупчо Димовски рече дека нема да одговара на „овие глупави обвинувања“, на што Вељаноски додаде дека „не мора на секоја глупост да се одговара“.

Според Весел Мемеди од Алијансата за Албанците, кризата ја креираат тие што имаат корист од неа.

– Од оваа голготата и криза во Македонија, придобивка имаат сите деструктивни струи што постојат во државните институции и, за жал, постојат и во верските институции. Тие комуницираат на перфектен начин едни со други, без оглед на нивниот етникум. Треба да му ставиме крај на групното размислување во Македонија. Мора да сфатиме дека Македонија е сопственост на сите и мораме идентично да се грижиме за неа – додаде Мемеди.

Собраниската седница ќе продолжи во 15 часот по паузата за ручек.


Собрание: Ново продолжение на седницата, малку надеж за разврска


Скопје, 19 април, 2017 - 11:12 (META) 

Денеска има ново продолжение на конститутивната седница на Собранието, на која пратениците треба да расправаат за изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања, како и за изборот на претседател на законодавниот дом.

Утринските партиски соопштенија не укажуваат дека ќе се смени вообичаеното сценарио на реплики и на процедурални забелешки.

Во оваа скусена поствелигденска недела, има малку надеж дека ќе дојде до разврска.

Од ВМРО-ДПМНЕ пред седницата порачаа дека „народот го прочита и му се спротивстави на СДС, излезе на улица и повеќе од 50 дена без престан му кажува дека националните и државни интереси не се на продажба“.

Од СДСМ, пак, повторно најавија дека „легитимното парламентарно мнозинство од 67 пратеници избрани од повеќе од 700.000 граѓани, многу бргу ќе избере нов претседател на Собранието, а потоа и нова влада, во согласност со Уставот, деловникот и со законите“.

Претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски, минатата недела одби да го стави на дневен ред предлогот на СДСМ да се премине на избор на нов собраниски спикер.

Главна тема на дискусија сите денови е платформата на албанските политички партии. ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори или откажување на СДСМ од платформата, додека СДСМ обвинува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го штитат криминалот на функционерите од редовите на партијата.


„Сценарио“ – клучен збор на денешното продолжение на конститутивната седница


Скопје, 11 април, 2017 - 14:32 (META) 

Единаесеттото продолжение на конститутивната седница тече во знакот на процедуралните забелешки на пратениците и во надмудрувања наместо расправа за точките на дневен ред – избор на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања и избор на претседател на Собранието.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците само сакаат да има легитимна дебата за, како што рече, постизбирниот инженеринг и дека тие имаат право да се изјаснат за клучните проекти во државата.

Пратеникот од НСДП, Горан Мисоски, рече дека во Собранието има сценарио налик на црниот понеделник од 2012 година, кое се одвива по налог на Никола Груевски и кое го реализира претседавачот Трајко Вељаноски.

– Очигледно е дека не можеме да се договориме. Нема никаква платформа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја штитат единствената платформа „лева рака, десен џеб“. Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ имаат право на дискусија, ама е срамно и понижувачки сами да си реплицираат. ВМРО-ДПМНЕ го допре дното во овие 10 години – рече Мисоски.

На ова Вељаноски му реплицираше дека тој се занимава само со сценариото што го подготвуваат службите од Собранието за тоа како да се води седницата која е во тек.

Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците нагласи дека во Собранието се случува класично силување на волјата на малцинството врз волјата на мнозинството преку прекршување на деловникот.

Според Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, Еди Рама со платформата направил поголема штета, предизвикал недоверба и се вмешал во суверенитетот на странска држава.

Седницата продолжува во 15 часот, по паузата за ручек.


Во Собранието натпревар кој е подобар правник, а кој поголем „криминалец“


Скопје, 10 април, 2017 - 18:19 (META) 

И денешното, десетто продолжение на конститутивната седница на Собранието, мина во аргументирање и во контрааргументирање дали треба или не да се стави на дневен ред на седницата предлогот од 10 пратеници на СДСМ поднесен во четвртокот, наместо за актуелната трета точка, да се оди на четвртата точка – избор на претседател на парламентот.

Претседавачот Трајко Вељаноски во 18 часот ја прекина седницата и нејзиното 11. продолжение го најави за утре во 11 часот.

Острите спротивставувања и дофрлувања од место не стивнаа и по двете паузи. Со куп процедурални забелешки и со неколку реплики, во сала во која отсуствуваа повеќето пратеници од албанските партии, седницата во најголемиот дел се сведе на толкувања на членовите 78, 80 и 65 од деловникот на Собранието, дали може или не да се побара измена на дневен ред додека уште трае претресот на третата точка.

Како и во претходните седници, противничките табори на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ си испраќаа обвинувања за „заштита на криминалци“ и за „заканување со СЈО“. Иако имаше неколку апели дискусијата да се води на ниво, сепак изобилуваа зборовите „криминал“ и „криминалци“.

Петре Шилегов и Стефан Богоев од СДСМ забележаа дека седницата трае предолго оти пратениците од противничкиот табор прават сè за да ја закочат работата на Собранието за да „ги спасат криминалците од врвот на партијата“.

На спротивставувањата од претседавачот на седницата, Трајко Вељаноски, дека седницата се води според деловникот и дека не може да се прекине претресот за да се смени дневниот ред, Шилегов цитираше записници од претходни седници, на кои, како што рече тој, токму тоа се случувало. Вељаноски порача дека не станува збор за исти случаи.

Шилегов нагласи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ прават правно насилство и терор на парламентарно малцинство врз парламентарно мнозинство, на што Вељаноски реплицираше дека СДСМ прави политички терор со процедурални забелешки веќе два дена.

Освен многуте споменувања на правниците на едната и на другата партија во многуте процедурални забелешки, изложувањата беа проследени со дофрлувања од место.


Деветто продолжение на конститутивната седница на Собранието


Скопје, 6 април, 2017 - 10:14 (META) 

Пратениците денеска во 11 часот по деветти пат ќе ја продолжат конститутивната седница на Собранието, која претседавачот Трајко Вељаноски ја прекина вчера во 18 часот иако пратениците од СДСМ бараа таа да продолжи цела ноќ.

Тие на вчерашната седница го обвинија Вељаноски дека го прекршува деловникот и побараа да го напушти столчето на што тој одговори дека „не е Дедо Мраз да исполнува желби“.

Вчера речиси сите пратеници на СДСМ и на коалицијата ја напуштија седницата затоа што, како што кажаа, таму се говори за сè освен за точките на дневен ред, односно за изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања.

Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, имаа средба во Собранието на која, како што велат од партиите, се разговарало за решение да се надмине блокадата во Собранието.

– Денешната средба беше во насока на наоѓање решение за да се надмине блокадата на Собранието, а тоа да биде на начин кој го бараат граѓаните од нас. Нема ништо чудно и тајно, туку нормални контакти помеѓу двајца лидери – изјави Артан Груби, шефот на кабинет на Али Ахмети во емисијата „Топ-тема“.

Пратеникот на СДСМ, Дамјан Манчевски, исто така потврди дека се разговарало за следните чекори во Собранието.

– Ние не бараме од Ахмети ништо. Ние бараме седницата во Собранието да се одвива во согласност со деловникот – изјави Манчевски.


Собранието по осми пат ја продолжува конститутивната седница


Скопје, 5 април, 2017 - 9:43 (META) 

Пратениците денеска со почеток во 11 часот по осми пат ќе расправаат на конститутивната седница на Собранието, на која на дневен ред е изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања и изборот на претседател на Собранието.

Изминатите седум продолженија на седницата поминаа во меѓусебни расправии и надмудрувања помеѓу пратениците за платформата на албанските партии, патриотизмот и за зачувување на унитарноста на државата, а многу малку се дискутираше за предложените членови на Комисијата за избори и за именувања.

За членови во Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ се предложени Илија Димоски, Антонијо Милошоски, Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стеванаџија и Благица Ласовска, од СДСМ – Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфегџиќ, од ДУИ – Џеват Адеми, а од Беса – Зеќирија Ибрахими.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.


Почна третото продолжение на конститутивната седница


Скопје, 29 март, 2017 - 11:36 (META) 

Со половина час доцнење, пратениците денеска го одржуваат третото продолжение на конститутивната седница на Собранието, на која на дневен ред е изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања и изборот на претседател на Собранието.

Наместо да дискутираат за избор на членовите и на претседателот на Комисијата за избори и именувања, пратениците изминатите два дена, дебатираа за платформата на албанските партии, како и за зачувување на унитарноста и на суверенитетот на државата, а најголем дел од пратениците што излегоа на собраниската говорницата беа од ВМРО-ДПМНЕ.

За да не се кочи изборот за претседател на Собранието, во понеделникот 20 пратеници поднесоа предлог за кандидат за претседател на законодавниот дом на Република Македонија да биде Талат Џафери.

Пратениците од СДСМ и од ДУИ вчера инсистираа да се избере претседател на Собранието, но Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не е правилно да се прескокне третата точка од дневниот ред на седницата, за избор на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања, и да се премине на која било друга.


ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си контрираат за законот за јазиците во Собранието


Скопје, 28 март, 2017 - 13:54 (META) 

Пратениците на денешното второ продожение на конститутвината седница, како и вчера, наместо да дискутираат по првата точка за избор на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања, најголемиот дел од дебата го поминаа во дискусија за палтформата на албанските партии и за употребата на законот за јазиците.

Артан Груби од ДУИ рече дека албанската платформа не задира во унитарниот карактер на државата, не предизвикува кантонизација и федерализација и дека ДУИ не се залага за поделба на Македонија.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека проблемот е што пратениците не се запознаени со содржината на законот за јазиците.

Пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми, пак, истакна дека проблемот во преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ било Специјалното јавно обвинителство, а не законот за јазиците.

– Проблемот беше продолжувањето на рокот на СЈО за поднесување обвиненија, а тоа го кажаа сите челници на ДУИ. Не беше проблемот ниту законот за јазиците, ниту претседателот на Собранието – рече Адеми, кој ги повика пратениците да изгласаат претседател на Собранието и да не го губат времето.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не е правилно да се прескокне третата точка од дневниот ред на седницата, за избор на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања, и да се премине на која било друга.

– Не може никој да ѝ оневозможи на Комисијата за избори и за именувања да предложи кандидат за претседател на Собранието. Поважни се дебатата и аргументите отколку брзањето – рече Милошоски.

Пратеникот Ферид Мухиќ од говорницата им се обрати на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и им рече дека немаат право да кажуваат дека тие го сакаат народот повеќе од другите и дека сите пратеници се избраници на народот.


Денеска нова седница со стари позиции и со деловнички блокади


Скопје, 28 март, 2017 - 9:40 (META) 

Конститутивната седница на Собранието, на која се расправа за избор на претседател, заменик-претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за избори и за именувања, ќе продолжи денеска напладне.

Вчера, 20 пратеници поднесоа предлог за кандидат за претседател на Собранието на Република Македонија да биде Талат Џафери.

Разврската останува неизвесна, како поради бројот на пријавените пратеници за дискусија, така и поради генералната атмосфера на конфронтации и на високи тонови и навреди. ВМРО-ДПМНЕ постојано бара дистанцирање од т.н. платформа на Албанците и нејзините пратеници тврдат дека изборот на Албанец за претсeдaтел на Собранието би бил доказ дека тој документ е на сила. СДСМ вели дека противниците само купуваат време и го блокираат процесот „за да не одат в затвор“. Дополнителна компликација внесува одлуката на Беса да не ја поддржи кандидатурата на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Вчера речиси целата седница помина во реплики и во контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за платформата на Албанците, како и „за зачувување на унитарноста и на суверентетот на државата“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за избори и за именувања, Илија Димовски, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ „го црпат правото за дебатирање од демократијата“.

– Легитимно е 20 пратеници да го предoлжат Џафери, но тие не смеат да го блокираат правото на Комисијата или на други 20 пратеници да предложат кандидат – рече Димовски.