Нимиц, Димитров и Коѕиас денеска се среќаваат во Виена


Скопје, 25 април, 2018 - 9:36 (META) 

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас денеска во Виена ќе се сретнат со Метју Нимиц, посредникот во преговорите за името под покровителство на ОН.

Како што соопштија од седиштето на ОН во Њујорк, Нимиц ќе им „асистира на двете страни во изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето со името“.

Иако вчера еврокомесарот Јоханес Хан изрази оптимизам дека во следните две седмици може да се реши проблемот со името, премиерот Зоран Заев рече дека посакува, но не верува дека спорот со Грција ќе биде решен за две недели.

По изјавата на Хан реагираше и официјална Атина. Грчкото министерство за надворешни работи преку соопштение го повика еврокомесарот да престане да дава погрешна слика за преговорите, оти не ги разбира, а со такви изјави и ги поткопува.


Димитров, Коѕиас и Нимиц за пет дена на нова средба во Виена?


Атина, 20 април, 2018 - 9:48 (META) 

Медијаторот Метју Нимиц и министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, наредната недела на 25 април ќе одржат нова средба во Виена, објавија грчките медиуми, пренесува МИА.

На оваа средба, според грчките медиуми, ќе се направат напори да се надминат разликите од средбата во Охрид. За десетина дена по оваа, најверојатно ќе следува уште една средба, како што најави Коѕиас од Охрид, на 4 и 5 мај во Солун.


Темелни промени во отворена политичка атмосфера, видел Брисел во Македонија


Брисел, 17 април, 2018 - 16:58 (META) 

Во извештајот на Европската Комисија (ЕК) објавен денеска во Брисел, заедно со неусловената препорака Европскиот Совет да почне преговори за зачленување со Македонија, се вели дека земјата конечно ја надмина најсилната политичка криза од 2001 година, со чекорите што од мај лани ги презема новата реформски ориентирана влада за справување со заробувањето на државата, преку постигнувањето баланси, зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото.

„Земјата искусува темелни промени во поинклузивна и отворена политичка атмосфера. Локалните избори во октомври 2017 година ја потврдија поддршката на граѓаните за политиките на новата владина коалиција ориентирани кон ЕУ. Парламентот продолжи да функционира, при што опозициските партии претседаваат со главните комисии. Парламентот треба да ги засили своите надгледувачки и законодавни функции, вклучувајќи го тука и ограничувањето на обемного користење на скратените процедури“, се вели во Извештајот.

Во поглед на реформата на јавната администрација, се вели дека земјата е умерено подготвена, а е усвоена реформската стратегија за јавната администрација и реформската програма за управувањето со јавните финансии.

„Правосудниот систем постигна одредено ниво на подготвеност и добар напредок, посебно во последниот период на набљудување. Назадувањето од години наназад полека се „покрива“ со одлучни потези во последните месеци, посебно во поглед на враќање на независноста на судството. Земјата усвои кредибилна реформска стратегија која ги поставува основите за понатамошни реформи на ова поле. СЈО се соочува со помалку отпор од судовите, со што може да работи поефикасно“, се вели во извештајот за Македонија.

Според ЕК, во поглед на регионалната соработка, земјата одржувала добри односи со другите земји од Западен Балкан што се аспиранти за ЕУ и активно учествувала во регионалните иницијативи.

„Преземени беа одлучни чекори за подобрување на добрососедските односи, вклучувајќи го тука и стапување на сила на билатералната спогодба со Бугарија. Прашањето за името мора да се разреши во најитен рок. Преговорите за прашањето за името се интензивираа под покровителство на ОН.  Конструктивните дискусии на ниво на премиери и министри за надворешни работи позитивно го индицираат напредокот во спроведувањето на мерките за градење доверба“, се вели во извештајот на Европската Комисија.

Што се однесува до економските критериуми на ЕК, се вели дека ПЈРМ направила одреден напредок и е на солидно ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија, но сепак опстојуваат клучните слабости на економијата.

„Тие вклучуваат пропусти во бизнис сферата, како слабото спроведување на договорите и големата неформална економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се одразуваат во слаба активност и висока стапка на невработеност. Макроекономската средина опадна во првата половина на 2017 година и долгата политичка криза го зеде својот данок од инвестициите“, се вели во извештајот.


Димитров и Коѕиас имале „разговор без надмудрување“ и дефинирале временска рамка


Охрид, 12 април, 2018 - 13:10 (META) 

Разговаравме за првпат за временската рамка и за чекорите кои ќе следат, доколку се постигне решение, односно како тоа ќе изгледа и ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот. Нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди.

Тоа го порача македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на прес-конференцијата со неговиот грчки колега Никос Коѕиас во владината вила во Охрид, истакнувајќи дека за дел од прашањата има напредок и работите се созреани, а за дел уште нема усогласеност. И грчкиот министер за надворешни работи рече дека е постигнат напредок.

На денешните средби на работните групи е веќе усогласен текстот за идната соработка, порача Димитров.

– Имавме отворени и искрени разговори, разговаравме за сите прашања коишто ја составуваат разликата од прашањето на името. За дел од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани, а за дел сè уште постојат разлики. Додека ние разговаравме, средба имаа работните групи составени од високи дипломати, кои врз основа на напредокот што го направија во Виена пред десетина дена, практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области. Тие исто така работеа и на текст за спречување на иредентизмот од двете страни и исто така работеа на преамбуларните параграфи од идниот договор за меѓусебна соработка – рече шефот на македонската дипломатија.

Според Никос Коѕиас, двете страни во преговорите се обидуваат да решаваат проблеми што се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но, како што рече, тоа е работата на дипломатијата.

– Го направивме тој чекор што можевме денеска, позитивен чекор, и секогаш се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Секако бевме соочени со големите и тешките проблеми, бидејќи секогаш кога се среќаваме дискутираме за тешки прашања но освен темите што ги решаваме, постои и меѓусебно разбирање. Сакам да изразам благодарноста и на дипломатите на двете земји. За предметот што го имаат забележуваме напредок, посебно оваа рамка на заедничка соработка, но и за тоа тешко прашање што се однесува на иредентизмот – рече шефот на грчката дипломатија.

Двајцата министри рекоа дека средбите продолжуваат и во наредниот период, на 3 и 4 мај во Солун, но и на 11 и 12 мај.

– Како што сфаќате, колку што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат и помалку теми за решавање, но сепак се најтешките. Ќе ги информираме за овие разговори нашите премиери – рече Димитров.


Коѕиас по средбата со Дачиќ: Направен е чекор напред во преговорите на Грција и Македонија


Белград, 11 април, 2018 - 14:14 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по денешната средба со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Белград изјави дека во преговорите на Грција и Македонија за спорот за името е направен чекор напред, како и дека клучот за решавање на проблемот се „реализмот, прагматизмот и сфаќањето дека треба да се направат компромиси“, пренесуваат српските медиуми.

– Треба да направиме компромиси, но не „гнили“ компромиси, туку такви од коишто ќе добијат двете страни. Компромис значи дека обете страни треба да сфатат дека не може да добијат сè, но дека треба да имаат придобивка – рече шефот на грчката дипломатија.

Коѕиас додава оти се надева дека двете страни во преговорите ќе го сфатат тоа и оти ќе има позитивни резултати.

Српскиот министер за надворешни работи, пак, рече дека најделотворно и најкорисно би било тие разговори да се водат директно и да се мисли на заедничкиот интерес во целиот регион. Дачиќ истакна дека Србија има разбирање за ставот на Грција и го повтори својот повеќепати изнсен став дека било грешка тоа што поранешна Сојузна Република Југославија ја признала Македонија под нејзиното уставно име, нагласувајќи дека тоа било „непромислен и погрешен чекор“.

– Однесувањето на Скопје кон Србија и српскиот национален и државен интерес не беше адекватно. Тие признаа еднострани акти – рече тој, мислејќи на признавањето на Косово од страна на Република Македонија.

Според Дачиќ, Србија сака прашањето за името да се реши, но дека не може многу да помогне, освен да понуди двете страни понекогаш да се состануваат во Србија.


Жбогар: Се интензивираат разговорите за спорот за името


Прилеп, 28 март, 2018 - 14:43 (META) 

Постои посветеност и дискусиите се интензивираат, што е добро. Со нетрпение ги очекуваме состаноците оваа недела, изјави амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар при денешниот престој во Прилеп, одговарајќи на прашањето како ги оценува последните разговори и средби меѓу Македонија и Грција за решавање на прашањето за името.

– Добро е што дискусиите продолжуваат и дека се интензивираат. Гледаме дека од двете страни постои посветеност за изнаоѓање решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Ние со нетрпение ги очекуваме состаноците кои ќе бидат оваа недела. Како Европска Унија одблиску го следиме ова прашање и, се разбира, процесот го поддржуваме од страна – изјави Жбогар.

Што се однесува до најновата ситуација околу настаните во Собранието од 27 април, Жбогар рече дека не ги коментира судските процедури и остава судовите да си ја завршат работата. Тој рече дека нема ништо повеќе да додаде од она што порано го кажал околу прашањето за Законот за употребата на јазиците.


МАНУ: Апсурдни, неодржливи, невозможни и неостварливи се предлозите за името


Скопје, 20 март, 2018 - 17:21 (META) 

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити во своето експозе на годишното собрание на академијата апелираше за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и ги охрабри властите на Македонија и на Грција да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето.

Tој порача и дека решение за име за сеопшта употреба е неостварливо и дека не смее да се преговара за идентитетот.

Дефинирајќи ги ставовите на МАНУ во своето обраќање, Фити рече и дека спорот е всушност билатерален, а не интернационален и дека се преговара само за името, а не за идентитетските прашања, кои влегуваат во сферата на елементарни човекови права, за кои не се преговара. Тој се изјасни и против име на македонски јазик кое нема да биде преведено.

– Предлозите името Република Македонија, или евентуално име со географска одредница да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот, македонски, исто така да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа се прави во нашата земја, се апсурдни и неодржливи. Прифаќањето на ерга омнес решение, едно име за севкупна, значи едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба  би значло промена на уставот на Републима Македонија, промена на имињата на нашите институции, ревизија на сите меѓународни договори, билатерални и мултилатерални во кои се користи уставното име на земјата, и тн. Според тоа ваквото решение е фактички невозможно и неостварливо – рече Фити.


Коѕиас неделава во Скопје со предлогот од седум точки


Атина, 27 февруари, 2018 - 16:44 (META) 

Нацрт-предлогот за решавање на спорот за името со седум точки, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас ќе го донесе неделава во Скопје, слетувајќи на меѓународниот аеродром „Скопје“, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Според весникот, името, опсегот на неговата употреба, јазикот, идентитетот, трговските марки, кратенките и акронимите се седумте точки што ги содржи нацрт спогодбата. Според „Катимерини“, предлогот за решение е комплетен, содржи одговори на сите поединечни прашања што се однесуваат на односите на двете земји, но и за перспективата на Македонија во меѓународните организации.


Владиката Агатангел нема да го предводи денешниот протест за одбрана на државата


Скопје, 27 февруари, 2018 - 12:37 (META) 

Владиката Агатангел, кој беше најавен како предводник на вечерашниот протест за одбрана на државата и идентитетот на нацијата, негира дека тоа ќе се случи. Во изјава за „Макфакс“ владиката вели дека ќе биде само учесник, а не предводник. Тој за агенцијата рекол и дека секој треба да си ја гледа својата работа.

Протестот е организиран од повеќе здруженија кои се декларираат како патриотски организации, кои бараат да се стави крај на преговорите за името со Грција, повлекување на законот за јазиците, поништување на договорот со Бугарија, како и ослободување на притворените за инцидентите во Собранието на 27 април.

Протестот го поддржа и Антонијо Милошоски, поранешниот министер за надворешни работи, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија. Тој во видео обраќање преку Фејсбук, со бебето во „кенгур“ вчера порача дека протестот доколку биде достоинствен и мирен може да ѝ биде и од помош на државата, без разлика кој раководи со неа.

„Дали некој сака да присуствува или не сака, може или не може, тоа е лична работа, но мислам дека како граѓани, како нација, како народ, добро е да покажеме дека имаме став. Борбата ниту ќе почне утре, почнала многу одамна, ниту ќе заврши тука“, порача Милошоски.

Маршот попладнево ќе почне пред Мисијата на Европската Унија, а ќе заврши пред Собранието.

Се бара безусловен прекин на разговорите за името и продолжување на членството во Обединетите нации и во меѓународните организации под државното име Македонија, повлекување на Законот за употреба на јазиците, на Договорот со Бугарија и итно ослободување на притворените и осудените за собраниските настани од 27 април лани. Барањата ќе бидат доставени до претседателот, до Собранието, до Владата и до странските амбасади во Македонија.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие не се организатори, но дека го поддржуваат уставното право на мирен протест.


Коѕиас: Доаѓам во Скопје со план 20 страници, првиот дел за името е готов


Атина, 16 февруари, 2018 - 12:28 (META) 

Јас претпочитам име што во меѓународни рамки ќе зборува дека тој дел на Македонија е сега делот на ФИРОМ, Скопје, со Албанци и Словени и дека тој дел нема ништо заедничко со грчка Македонија – не сакам да се случуваат забуни, вели Никос Коѕиас, грчкиот министер за надворешни работи во интервју за грчката телевизија „Алфа“.

Коѕиас објаснувајќи дека месецов ќе дојде во Скопје со план на 20 страници, вели дека првиот дел е готов, а се однесува на името и на изведенките од името.

Се очекува Коѕиас да биде првиот грчки висок функционер што ќе слета на скопскиот аеродром, како гест на добра волја по неговото преименување од „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје.

Шефот на грчката дипломатија упатува и внатрешна порака, до политичките сили во Грција, посочувајќи дека нерешавањето на спорот ќе остави големи можности за мешање на Турција во регионот.

– Оние што сакаат уставот да се смени сега и тука, знаат дека тоа нема да се случи. И тоа се тие што не сакаат договор. Но, сакам да појаснам дека несогласувањето со северниот сосед ќе значи продолжување на проблемот. Тоа ќе значи дека во регионот ќе имаме постојан извор на нестабилност, поради што Турција ќе се обидува да интервенира. Заев беше во Турција, како што знаете, војската на северниот сосед е обучувана од Турција. Сметам дека е добро да ги развиеме нашите односи, за тие работи да се одвиваат во добра соработка – вели Коѕиас.

Зборувајќи за предлозите што биле изнесени на маса за новото име, тој вели дека ставовите на раководството на ФИРОМ и неговите се разликуваат.

– Или Горна Македонија, или Северна Македонија или Вардарска Македонија или Македонија – Вардар. Има дебата. Името да биде на латиница, да биде на англиски, од каде ќе се преведува на сите јазици. Тоа е она што мислам дека Скопје би го сакало. Мојата желба е малку покомплексна. Би сакал да биде тоа име кое ќе кажува дека тоа е една друга Македонија, географски ентитет, а не историско наследство на грчка Македонија – вели шефот на грчката дипиломатија во интервјуто.

Тој гледа позитивно на македонскиот премиер и објаснува дека планот ќе биде „пакет“.

– Мислам дека господинот Заев изразува оптимизам, што е добро за преговорите. Ние зборувавме точка по точка. И кога така преговарате, не може секаде да се согласите, оти за сè имате свое мислење, а другиот негово. Тогаш се обидувате различните точки да ги ставите во пакет. Она што се обидувате да го ставите во пакет се другите точки. Како што велиме академски, тоа е пакет решенија, што значи дека јас ќе ви попуштам на една точка што за мене не е битна, но за вас е многу битна. А вие ќе ми попуштите за точка што за мене е многу важна, а за вас помалку важна. Оти, во спротивно, нема спогодба. Мислам, ако се сеќаваме, дека господинот Заев рече дека сме согласни за општите принципи. Да решиме некои проблеми, јас размислувам за неговото многу практично решение. Во смисла дека ако за мене некои прашања се решени, за нив не се – вели Коѕиас.

За планот на 20 страници, тој објаснува дека првиот дел е готов, а се однесува на името и на изведенките од името.

– Односно, како ќе се користи името – ние сме и за внатрешни и за надворешна употреба, и во меѓународните односи и во билатералните односи. Значи, има име и тоа се користи, но доаѓаат и изведенките. Идентитетот, единството, јазикот. Потоа, се зборува и за трговските марки – има многу производи со името Македонија на двете страни, и, се разбира, тоа мора да престане. Но за тоа нема да зборуваме во овие преговори – вели грчкиот министер за надворешни работи.

За менувањето на македонскиот Устав, тој вели дека сега другата страна на тоа се противи, но е неопходно за долгорочна стабилност.

– Моите пријатели од Скопје веруваат дека нема потреба од промена на уставот. Тоа не може да го направат сега, немаат мнозинство. Сепак, ние веруваме дека за договорот да донесе долгорочна стабилност и консолидација на оваа земја, потребни се уставни измени, инаку се остава простор за спорови во иднина – вели Коѕиас.