!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анкара забрани јавно спомнување на ЛГБТ-проблеми


Анкара, 19 ноември, 2017 - 15:30 (META) 

Во Анкара се забранети сите јавни прикажувања на филмови и изложби кои се однесуваат на проблемите на ЛГБТ-популацијата.

Ова го соопшти канцеларијата на гувернерот на турската престолнина, објаснувајќи дека одлуката е донесена поради јавна безбедност.

„Почнувајќи од 18 ноември 2017 година, кината, театрите, панелите, интервјуата и изложбите во кои се спомнуваат ЛГБТ-проблеми се во иднина забранети во нашата провинција поради мир и безбедност“, соопшти канцеларијата на гувернерот.

Во соопштението се наведува дека јавното истакнување и прикажување на проблемите на ЛГБТ-заедницата може да предизвикаат различни друштвени групи јавно да изразат омраза и непријателство.


По полноќ ќе почне зимското сметање на времето


Скопје, 28 октомври, 2017 - 11:04 (META) 

Во 3 часот по полноќ ќе почне зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час наназад што значи дека времето во три часот, ќе се смета како два часот.

Зимското сметање на времето почнува последниот викенд од октомври и трае до последниот викенд во март, кога почнува летното сметање на времето.

Промената на времето секогаш се врши ноќта помеѓу сабота и недела, за да не предизвика проблеми во работните обврски на граѓаните.


Анѓушев: Проблемите во „Колска“ се влечат со години, треба трајно решение


Велес, 11 септември, 2017 - 11:16 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, се сретна со претставниците на синдикатот на вработените во фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, кои подолг период не зеле плати.

„Проблемите се со подолг рок и се влечат веќе со години. Владата ќе го реши проблемот и вработените ќе добијат плата. Но, во исто време, целта е да се најде трајно и системско решение, со кое фабриката ќе има работа, а вработените навремено ќе ги добиваат своите примања, како и социјално и здравствено осигурување“, нагласи вицепремиерот.


Голема сончева бура може да ја погоди Земјата утре и задутре


Вашингтон, 7 септември, 2017 - 16:06 (META) 

Од утре попладне до сабота околу пладне, голем дел од светот би можел да ги почувствува последици од големата соларна ерупција што се случила вчера, алармираше Центарот за вселенска метеоролошка прогноза при американската Национална администрација за океаните и атмосферата.

Русија, балтичките републики, Јужна Шведска, Данска, Обединотото Кралство и голем дел од северните држави на САД ќе бидат земјите кои веројатно ќе ги почувствуваат најсилно последиците од сончевата бура, предизвикана од ерупцијата на Сонцето со сила Х 9,3, која е најсилниот „факел“ исфрлен од Сонцето во последните 10 години.

Три часа претходно имало ерупција, односно „факел“, со сила Х 2,2, која избила од голема дамка на површината на Сонцето, а потоа уследила и гигантската ерупција од Х 9,3б, за која се очекува да предизвика магнетни бури и други последици на Земјата од утре попладне до задутре до пладне.

Последната толку силна ерупција, која имала сила Х 9, се случила во 2006 година, кога на осончаната површина на Земјата предизвикала прекин на радиосигналите во период од еден час и ги нарушила фрекфенциите. Научниците сметаат дека новата ерупција може да предизвика штети на сателити, комуникациски апарати и системи, па дури и на електропреносната мрежа.

Новата силна ерупција се случила во сончевата дамка во активниот регион 2673, помалата од двете масивни дамки на Сонцето. Оваа дамка е седумпати поширока од Земјината топка а висока колку девет Земји, објаснува астрофизичарот Карл Батамс.


Нема реална слика колку администрација имаме, регистарот не работи


Скопје, 13 август, 2017 - 14:41 (META) 

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) нема официјална и веродостојна бројка на вработени во јавната администрација бидејќи регистарот за вработените не функционира, односно во него нема податоци од сите државни институции, а и оние што ги има, постојат сомневања дека голем број од нив не се уредно пополнети.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој истакна дека дополнителен проблем е и тоа што Министерството, согласно Изборниот законик, мора да достави податок до Државната изборна комисија за бројот на вработени во јавната администрација.

Како што изјави министерот, во Македонија има 1.302 институции, од кои 197 не побарале согласност за систематизација со МИОА и за нив нема никакви податоци.

Според Манчевски, 150 институции имале одобрена систематизација, но таа не била активна, односно овие инстутиции никогаш не внеле податоци.

Поради овие недостатоци, потенцираше министерот, министерството до Државната изборна комисија вчера доставило податоци добиени со вкрстување на базите на податоци од повеќе различни институции и се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор.

– Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика. Согласно тоа, МИОА не може да гарантира за целосна веродостојност на податоците, но сметаме дека доставените податоци ќе одговорат на потребите на Државната изборна комисија за распишување на локалните избори – рече Манчевски.

 


Автопатот Миладиновци – Штип ќе „изеде“ уште 20 милиони евра


Скопје, 27 јули, 2017 - 14:14 (META) 

Завршувањето на автопатот Миладиновци – Штип ќе значи трошок од уште 20 милиони евра, поради проблемите во изградбата. Претходниот министер за транспорт и врски, неколку дена пред заминувањето од власт на владата на ВМРО-ДПМНЕ, доставил информација до владата за тоа, но, како што рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, тоа досега се криело од јавноста.

Сугарески изјави дека тоа го утврдиле новите анализи на документацијата, кои покажале дека Владимир Мисајловски, во последните денови од мандатот, во април годинава, до владата доставил информација за склучување анекс на договорот за изградба на автопатот, со кој би продолжила изградбата.

Како што рече министерот за транспорт и врски, оваа влада ќе ги реши проблемите и автопатиштата што се почнати мора да бидат завршени.

– Покрај 206 милиони евра, колку што би требало да чини изградбата на овој автопат, проценките сега се дека ќе бидат потребни уште 20 милиони евра за негово завршување. Сепак, и овој и проблемите со автопатот Кичево – Охрид, каде 32 отсто од работите се незавршени, оваа Влада ќе ги реши – рече Сугарески.

Во однос на автопатот Кичево – Охрид, за чие завршување ќе бидат потребни дополнителни 100 милиони евра, министерот за транспорт и врски посочи дека компанијата што ги гради, кинеската „Синохидро“, побарала продолжување на рокот за уште една година, односно наместо на 1 мај годинава, да го заврши на 1 мај следната година.

– Се сомневам и дека на 1 мај 2018 година овој автопат ќе биде готов. Сепак, ќе продолжиме со нивната изградба, иако за тоа, бидејќи се градат според посебни закони, ќе мора да се направат посебни анекси – рече Сугарески на прес-конференцијата во Владата.

Во однос на изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, Сугарески посочи дека може да се очекува тој да биде пуштен во употреба до крајот на годинава.


Заев најави решение за проблемот со колекторот за прочистување на Охридско Езеро


Скопје, 21 јули, 2017 - 11:40 (META) 

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, доцна вчера попладнето имал одделни средби со в.д. градоначалникот на Општина Струга, Мустафа Забзун, и со градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, на кои било разговарано за финансиските и за проблемите со колекторот за прочистување на Охридско Езеро.

„Еден од заедничките проблеми за кои стана збор на оваа средба се проблемите во финансиското работење на двете единици на локална самоуправа, кои се соочуваат со хронично блокирање на сметките на општините поради долгови кои се создадени од повеќе причини. Во најголема мера, долговите на Охрид и на Струга произлегуваат од кумулираните обврски поради ненавременото намирување на кредитот од Европската банка за обнова и развој, кој во 1998 година го договори тогашното Министерство за трговија, за изградбата на колекторот за прочистување на водата во Охридско Езеро, а кое потоа отплатата на кредитот им го префрли на општините“, стои во соопштението на Владата за средбите.

Премиерот Заев истакнал дека е детално запознаен со овој проблем и изразил подготвеност за негово решавање наскоро.

Тој најавил дека Владата е подготвена да најде решение за управувањето со колекторот за прочистување на Охридско Езеро да биде изземено од надлежноста на општините, бидејќи едно такво решение ќе го олесни работењето на општините Охрид и Струга. Заев истовремено најавил дека ќе биде „подготвен детален проект за реконструкција и за доградба на колекторот за трајна заштита на водите на Охридско Езеро“.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, изразил благодарност за поддршката и побарал помош од Владата и за решавање на проблемот со регионалната депонија.

На средбите премиерот прифатил Владата и надлежните министерства во најкус можен рок да ги разгледаат и информациите за другите важни прашања за функционирањето на двете општини.


Мисајловски: Власта да продолжи веднаш со изградбата на патиштата


Скопје, 7 јули, 2017 - 15:51 (META) 

Проектите од сферата на инфраструктурата почнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ се од витално значење за Република Македонија и не смеат да трпат застои или одложувања, a окрај тоа сите тие пред да почнат со градба се добро подготвени со претходни анализи и мислења, порача Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ, поранешен министер за транспорт и врски.

Тој го обвини СДСМ дека „си игра со големите инфраструктурни проекти од значење за државата“ и дека единствениот проблем со кој се соочуваат изградбата на автопатот Кичево – Охрид и експресниот пат Прилеп – Градско е „неспособноста на СДС“.

– Големите инфраструктурни проекти се проекти кај кои секаде во светот се јавуваат одредени пречки во текот на градбата, но напоменуваме дека решенијата за истите  се решаваат со работа и не се предизвици поради кои треба да запре изградбата – рече Мисајловски.


Заев ја информирал амбасадорката Лисјен за проблемите со изградбата на автопатиштата


Скопје, 19 јуни, 2017 - 14:10 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со кинеската амбасадорка во земјава, Лин Лисјен, и ја информирал за проблемите во изградбата на двата автопатишта Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, во чијашто изградба учествува Кина.

Тој изјавил дека повеќемесечниот застој на изградбата на автопатиштата е предизвикан од грешки во проектирањето, ненавремено решавање на имотно-правни односи на автопатот кон Штип и од изместување на трасата кон Охрид.

За таа цел, Заев најавил средба во најскоро време со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите, заради наоѓање брзо решение.

Кинеската амбасадорка Лисјен му врачила писмо на Заев од премиерот на НР Кина, Ли Кечијанг, во кое се порачува дека Кина во новата Влада гледа добар партнер и голем потенцијал за продлабочување на соработката помеѓу двете држави.


Кула: ДУИ не коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ поради медиумите на Сорос


Тирана, 8 февруари, 2017 - 18:57 (META) 

Албанскиот експерт за регионални прашања, Илир Кула, во емисијата „Комитети“ зборувал за влијанието на фондациите на Џорџ Сорос во Албанија и во Македонија, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Во однос на Македонија, тој истакнал дека поради влијанието на Сорос, ДУИ не можела да постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ.

Кула изјавил дека „Сорос преку медиумите ја предупредил ДУИ дека ќе си изврши политичко самоубиство во случај да коалицира со Груевски“.

За Албанија, пак, Кула го споменал влијанието на Сорос врз судските реформи.

Кула во емисијата потсетил и на случајот со разрешувањето на Или Мањани од функцијата министер за правда, кој пред две недели на телевизија кажал дека предлогот за судските реформи бил на Сорос.

Тој ги истакнал и проблемите што, според него, ги создале американските амбасадори во врска со присуството и со влијанието на Сорос во двете балкански земји.