!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Градоначалничките кандидати за Струга за проблемите со водата и во сообраќајот


Струга, 4 октомври, 2017 - 16:04 (META) 

Лавдрим Елмази од Беса, Васил Ашталкоски од СДСМ и Зијадин Села од Алијанса за Албанците на вчерашната дебата на дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и „Вистиномер“, порачаа дека имаат решенија за најгорливите проблеми на Струга. Понудија неколку решенија за кои ветуваат дека ќе ги реализираат ако граѓаните им ја дадат довербата и освојат градоначалнички мандат.

Во дебатата што ја водеше новинарката Јета Џара, за сообраќајниот хаос што се случува во текот на летната сезона, кога возила се паркираат насекаде, Зијадин Села вети подземно паркиралиште кај плажата Караорман, Васил Ашталкоски ветува катна гаража, а Лавдрим Елмази мисли да го реши проблемот со воведување плаќање за паркирање.

За проблемите со водата, Ашталкоски вели дека треба да се направи комплетна реконструкција на водоводниот систем, а Елмази вели дека проблемите со јавното претпријатие „Проаква“ ќе се решат ако се постави професионалец, а не партиски кадар за директор, а со пари од јапонски инвеститори би се направиле подобрувања на системот.

И двајцата нудат решенија за проблемите со струшката депонија, која е голем извор на загадување на воздухот, бидејќи на неа честопати се случуваат пожари.

Дебатите се организираат со поддршка од телевизијата „Арт“ и од „БИРН Македонија“.

Вечерва „Живот во Македонија“ одржува дебата во Сарај.

Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот.


Охрид и Струга oстанаа без вода поради неплатени сметки за струја


Охрид, 6 октомври, 2016 - 9:51 (META) 

Охрид и Струга синоќа останаа без вода зашто водоснабдувачкото претпријатие „Проаква“ не си ги платило сметите за електрична енергија. ЕВН го исклучи електричното напојување на главните пумпи од кои граѓаните се снабдуваат со вода.

Граѓаните бргу реагираа, нагласувајќи дека тие не се виновни за овој проблем и дека редовно и навреме ги намируваат сметките кон претпријатието „Проаква“ за потрошена вода.

Од „Проаква“ се обидоа да го забошотат проблемот, изјавувајќи дека ЕВН изведувала некакви работи, поради што дошло до прекин во водоснабдувањето.

Од ЕВН, пак, официјално соопштија дека струјата е исклучена поради неплатени долгови во износ од неколку милиони евра. Најавија судска разврска, но во интерес на граѓаните повторно го вклучија напојувањето.

Компанијата била принудена да ја исклучи „Проаква“ од електросистемот затоа што не бил постигнат договор за сервисирање на милионските долгови поради незаинтересираноста на другата страна за решавање на проблемот и за плаќање на електричната енергија.

За настанатиот проблем реагираа од опозицискиот СДСМ.

– Вечерва охриѓани и стружани го доживеаја најголемиот апсурд и срам, да живеат покрај вода, а да немаат вода за пиење, поради долгови на меѓуопштинското водоснабдително претпријатие „Проаква“. Единствен виновник за оваа катастрофална состојба е лошото, недомаќинско менаџирање на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Токму сегашниот директор на „Проаква“, Томе Паскалоски, е човекот кој го заглави до гуша во долгови ова претпријатие, во претходното негово директорување. Згора на сè, пред околу една година Паскалоски си ја зголеми платата за 10.000 денари, на грбот на охриѓани и на стружани – велат во СДСМ.

Ова не е првпат граѓаните на Охрид да бидат колатерална штета на војната помеѓу двете страни. Во 2008 година, ЕВН од истите причини ја исклучи струјата во управната зграда на „Проаква“ и во главниот резервоар на водоснабдувачкиот систем кај „Билјанини извори“.


Водата во Струшко повторно забранета за пиење


Струга, 17 ноември, 2015 - 9:21 (META) 

Центарот за јавно здравје од Охрид изврши нови анализи кои покажуваат дека водата во струшките села Октиси и Франгово е неисправна за пиење.

Раководителот на Центарот, Атанаско Михаилов, информираше дека водата од водоводите во селата Октиси, Франгово и Калишта не е хлорирана и оти не смее да се употребува за пиење.

– Земавме примероци од водоводите во селата Октиси, Франгово и Калишта, со кои се утврдува дека нема хлор, а за два дена ќе видиме дали е исправна. Но, штом не се хлорира, очекувано е да има бактерии – изјави Михаилов.

Тој појасни дека примероците земени пред неколку дена покажале оти во водата од водоводот во Октиси има патолошки бактерии, ешерихија коли и ентерококи, во Франгово имало само ешерихија коли, додека во Калишта водата немала патогени организми, но не била хлорирана.

Директорот на јавното претпријатие „Проаква“ во Струга, Ајрон Ачиф, вели дека проблемот со хлорирањето на водата од селските водоводи е поради тоа што овластувањата се на месните заедници.

– Ние не раководиме со таа вода. Водата од селските водоводи не е во наша надлежност. Ќе бараме од Општината да ни помогне да ги вклучиме резервоарите за вода од селата во наша надлежност и да најдеме решение за жителите да пијат почиста вода и да не се појавуваат бактерии – изјави Ачиф.

Недостиг од хлор и појава на патогени бактерии неодамна имаше и во градскиот водовод во Струга, по што надлежниот инспекторат донесе забрана за употреба, а по редовното хлорирање, анализите покажале отсуство на бактерии и забраната за користење беше укината.


Директорот на „Проаква“ осомничен за загадувањето на водата во Струга


Струга, 6 ноември, 2015 - 11:43 (META) 

Директорот на меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ од Струга е осомничен дека со своето однесување и со неизвршување на својата службена должност, директно придонел за загадувањето на водата од градскиот водовод, чија употреба надлежните ја забранија среде туристичката сезона.

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против директорот на „Проаква“ поради, како се наведува во службеното соопштение, постоење основи на сомневање дека сторил злоупотреба на службена положба и овластување.

Пријавениот, во периодот од јуни до септември оваа година, во својство на директор на „Проаква“ од Струга, неколкупати, со неизвршување на својата службена должност, не организирал благовремена набавка на хлор и на други заштитни хемиски препарати за тековното чистење на водите од изворите што се користат за градскиот водовод за Струга и за околните населби.

Покрај тоа, во текот на август годинава, во полициската станица во Струга примена е заверена изјава од правен субјект дека загадувањата на подрачјето на изворите за питка вода кај селото Шум го врши ресторан кој е бесправно изграден.

Според изјавата, покрај загадување на водите за пиење од изворите во селото Шум, загадување се случува и во водите на малата акумулација Езерце, која е во рамки на објектите на „Проаква“ и која е дадена со концесија за користење и за одгледување риби на правен субјект и на физичкото лице концесионер од селото Шум.

Во периодот од јуни до август, Агенцијата за храна и Центарот за јавно здравство од Охрид, зеле 18 примероци од изворите за питка вода кај селото Шум. Според нивните анализи, во шест случаи, земените примероци вода во периодот од 8 до 21 јули, од 19 до 25 август и од 15 до 21 септември, не одговарале на правилникот за користење изворски води како вода за пиење, односно било утврдено дека водата е загадена.


Штрајк на вработените во струшкото јавно претпријатие „Проаква“


Струга, 28 мај, 2015 - 11:32 (META) 

Поради неисплатените плати и придонеси, вработените во Јавното претпријатие „Проаква“ од Струга почнаа штрајк.

Вработените се жалат дека ваквиот проблем датира од поодамна. Со задоцнување ги земаат платите и придонесите, поради што немаат ниту лекување ниту, пак, можат да врзат крај со крај во месецот.

– Со ваков проблем ние вработените соочуваме со години. Здравствените картони ги земавме со доцнење од три-четири месеци, а еве веќе седми месец ги немаме и нив. Платата ја добиваме дел по дел, ама не стигнува за ништо – вели Блерим Ага, вработен во претпријатието, чија дејност е водоснабдување и одржување на колекторскиот систем за заштита на Охридско Езеро.

Протестот е спонтан и не се организира преку синдикатот.

– Чекавме долго време, но никако да се случи тоа, затоа решивме спонтано да се организираме ние вработените и да го изразиме напшиот револт поради неземањето плати и неисплаќањето придонеси – појаснува Ага.

Според најавите, штрајкот на вработените во струшкото претпријатие „Проаква“ ќе продолжи и во текот на наредните денови. Вработените велат дека ќе штрајкуваат сè додека не се исполнат нивните барања за исплата на заостанатите плати и придонеси.


Струга: Директор на „Проаква“ го оштетил претпријатието за повеќе од 200.000 денари


Струга, 20 февруари, 2015 - 13:50 (META) 

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 49-годишниот А.В. од струшкото село Радолишта, поради постоење основи за сомневање за злоупотреба на службена положба и овластување.

Пријавениот, во својство на директор на јавното претпријатие „Проаква“, во текот на 2011 година ја злоупотребил својата положба и овластување и оттуѓил целосно амортизирано возило „застава-поли“, возила „волга“ и „хундаи соната“, како и еден багер „радое дакиќ“.

Од купувачите не биле уплатени парични средства на сметка на претпријатието, при што за вредноста на овие основни средства го оштетил претпријатието. Продажната вредност во времето на оттуѓување била 242.000 денари од кои, по пат на компензација, за багерот се наплатени 123.000 денари, при што јавното претпријатие е оштетено за износ од 129.000 денари. При преглед на финансиските картички, констатирано е дека трите пикап-возила ги немало во книговодствената евиденција и дека со посебни машини, без документација туку само со усна наредба на пријавениот, биле подигнати од отпадот во Охрид.

Во книговодствената евиденција немало доказ за евентуална продажба и на возилото „хундаи соната“, кое подоцна било пронајдено кај автомеханичар во струшкото село Велешта.

Во врска со одлуката за формирање тричлена комисија која била овластена да формира продажна цена на основните средства по пат на наддавање – лицитација, констатирано е дека трите члена воопшто не биле информирани дека се избрани во таа комисија ниту, пак, од службата добиле решенија дека се назначени членови на таа комисија. Тоа значи дека не биле запознаени за продажбата на основните средства, а решението било подготвено само од формално-правен аспект.