!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Војската ја презеде контролата во Зимбабве, Мугабе и семејството во притвор


Хараре, 15 ноември, 2017 - 10:51 (META) 

Владејачката партија во Зимбабве – Зану ПФ преку „Твитер“ соопшти дека Емерсон Мнангагва е именуван за привремен претседател на оваа африканска држава и дека досегашниот претседател Роберт Мугабе и членови на неговото семејство се приведени, јавуваат светските медиуми.

Мнангагва претходно беше сменет од функцијата потпретседател на земјата поради „нелојалност“. Медиумите потсетуваат дека тој тогаш бил сменет на иницијатива на сопругата на Мугабе, Грејс Мугабе, пренесува „Би-би-си“.

Војската на Зимбабве, пред објавата на владејачката партија, го зазеде седиштето на државната телевизија, а силни експлозии и пукотници одекнувале ноќеска во главниот град на земјата, Хараре.

Офицери на војската на Зимбабве соопштија дека ноќеска интервенирале за да ги елиминираат „криминалците“ од опкружувањето на претседателот Мугабе, но демантирале дека се обиделе да извршат воен удар против шефот на државата, кој владее со Зимбабве 37 години.

Интервенцијата на војската доаѓа по отворените несогласувања помеѓу Мугабе и начачникот на генералштабот на војската по смената на Мнангагва од функцијата потпретседател. Мнангагва важеше за можен наследник на Мугабе.

Мугабе, кој е роден во 1924 година и беше дел од ослободувањето на Зимбабве од колонијалното владеење, стана премиер во 1980 година, функција која ја извршуваше до 1987 година од кога е претседател на државата.

Поради авторитарниот начин на владеење и одговорноста за состојбите во Зимбабве, Мугабе од 2002 година беше цел на санкции од Европската Унија и од САД.


Косовец приведен во кругот на касарната Илинден


Скопје, 14 ноември, 2017 - 17:15 (META) 

Педесет и осумгодишен косовски државјанин со иницијали Х.Р. вчера бил приведен во полициската станица Карпош, откако бил затекнат во кругот на касарната „Илинден“ во Скопје.

Косовецот, како што информираат од МВР, бил приведен под сомнение за „неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства“.

Од МВР додаваат дека по „целосно расветлување и документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава и ќе се преземат понатамошни дејствија“.

Инаку, на почетокот на октомври годинава, во кругот на касарната „Илинден“ беше уапсен 30-годишен британски дражјанин, исто така, поради сомневање за сторено кривично дело „неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства“.


Митревски осомничен за продажба на општинско земјиште за едно евро за квадратен метар


Скопје, 1 ноември, 2017 - 11:23 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје потврди дека води постапка против повеќе лица осомничени за незаконско приватизирање на земјиште кое е сопственост на една општина.

Во соопштението на Обвинителството не е наведен идентитетот на осомничените лица ниту, пак, името на општината, но извесно е дека станува збор за поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како еден од осомничените лица.

Според Обвинителството, осомничените незаконски спровеле постапка за легализација на три објекти и приватизација на општинското земјиште по цена од едно евро за еден квадратен метар, иако пазарната била значително повисока.

„На приватизацијата ѝ претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка, извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето. Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од едно евро за еден квадратен метар, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока“, стои во соопштението на ОЈО Скопје, во кое се додава дека за повеќе детали во врска со текот на постапката, навремено ќе ја информираат јавноста.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како што потврдија за „Мета“ извори од истрагата, утрово бил приведен од полицијата и, според неофицијални информации, однесен во една од полициските станици во Скопје.


Српски уметник приведен поради маска со ликот на Вучиќ


Белград, 21 октомври, 2017 - 13:51 (META) 

Српскиот уметник Владан Јеремиќ синоќа биле приведен од полицијата пред Музејот на современа уметност во Белград по изведувањето на уметничката акција во рамките на настанот „Салон на неподмитливите“, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Посетителите на оваа акција биле поканети да станат „сендвич-човек“, односно да стават маска со ликот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и да делат сендвич-летоци на гостите кои приоѓаат на музејот.

– Полицаецот ми кажа дека мора да бидам приведен затоа што користам слика на која како колаж е прикажан ликот на претседателот на Србија. Јас бев збунет, реков дека тоа е уметничка работа и дека е дозволено да се користат слики во медиумите и во уметноста, и дека немам намера да навредувам никого со тоа. Но, сепак ме приведоа во полициска станица во Нов Белград на сослушување – вели Јеремиќ за РСЕ.

Тој вели дека имал покана за отворањето на Музејот на современа уметност и дека двајца кустоси ѝ го потврдиле тоа на полицијата и им рекле на полицајците дека треба да го пуштат бидејќи станува збор за перформанс.

Јеремиќ по час и половина бил пуштен од полициската станица, каде, како што вели, дал две изјави.


Приведен граѓанин кој се обидел да го испрска Груевски со солзавец на митингот во Центар


Скопје, 6 октомври, 2017 - 0:39 (META) 

Скопската полиција привела граѓанин кој испрскал спреј-солзавец кон бината на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар, за време на говорот на лидерот на партијата, Никола Груевски.

МВР го потврди инцидентот и оттаму велат дека околу 21.55 часот е приведен 36-годишен маж со иницијали Р.Р.

Дваесетина минути подоцна, во полициската станица Центар дошол 29-годишниот Д.Г., кој пријавил дека додека присуствувал на митингот бил испраскан со спреј од лицето Р.Р.


Потпретседателот на Еквадор уапсен поради корупција


Кито, 3 октомври, 2017 - 13:25 (META) 

Врховниот суд на Еквадор вчера одреди притвор за потпретседателот Хорхе Глас поради наводно земање мито од сопственикот на бразилска градежна компанија. Глас обвини дека одлуката е политички мотивирана и е дело на неговиот ривал, претседателот Ленин Морено.
Полицијата го приведе Глас во неговата резиденција во Гвајалкил и потоа со воен авион го транспортираше во главниот град Кито.

– Нема потреба да ме барате, јас сум таму каде што секогаш сум бил. Тие што се невини немаат причина да бегаат – изјави претходно Глас, откако ја слушнал одлуката на Врховниот суд.

Неколку поддржувачи и поранешни соработници отидоа во воената база во Гвајалкил за да му изразат поддршка.

Според обвинението, Глас и група политичари поврзани со него примиле 33 милиони долари мито за да ѝ одобрат зделки на градежната компанија „Одебрехт“ во период од 2013 до 2017 година.


Приведен рускиот опозициски лидер Алексеј Навални


Москва, 29 септември, 2017 - 18:09 (META) 

Руската полиција утрово во Москва од неговиот дом го привела рускиот опозициски лидер Алексеј Навални кратко пред да оди на митинг во градот Нижни Новгород, а ги привела и неговите соработници во тој град, јави Асошиејтед Прес, посочувајќи дека попладнево тој твитнал од полициска станица, каде, како што вели, го држат без обвинение или образложение зошто е приведен.

Тој требаше да го предводи митинготт собир во Нижни Новгород попладнево, а досега одржа шест собири во руски градови, како дел од неговата кампања за претседателските избори, за кои Навални рече дека ќе се кандидира.

Министерството за внатрешни работи на Русија соопшти денеска дека Алексеј Навални бил приведен поради повикот за недозволени митинзи. Но градската управа на Нижни Новгород го дозволила митингот.

Неговите соработници известиле дека опремата поставена на градскиот плоштад им била запленета, а двајца од оргаизаторите биле приведени.


Тројца ранети во инцидент во Кичево, меѓу кои и носител на советничка листа


Кичево, 27 септември, 2017 - 23:52 (META) 

Во вооружен инцидент што вечерва се случил во Кичево ранети се три лица, меѓу кои и носителот на независна листа за советници во општината, Алит Абази, пренесува „Телма“.

Напаѓачот, кратко по инцидентот бил приведен од полицијата, а како што потврдиле од МВР за телевизијата, било обезбедно и оружјето од кое било стрелано.

Четириесетгодишниот Абази бил застрелан во слабината, додека Дестан Абдиу, кој учествувал во неговата кампања како шеф на изборниот штаб, и Шабан Далипи, кој било заедно со нив, се ранети во бутот, односно во потколеницата. Абази и Абдиу биле пренесни на скопските клиники, а Далипи бил префрлен во кичевската болница.

Инцидентот се случил на булеварот Ослободување во Кичево, околу 18.50 часот. Полициски екипи вршат увид на местото и ги истражуваат мотивите за нападот.

Според првичните информации, се претпоставува дека нападот врз кандидатот за советник и врз другите две лица не е со политичка заднина, туку дека Абази и напаѓачот имале недоразбирања од претходно и воделе судска постапка.


Едмонд Темелко е во полициска станица во Скопје


Скопје, 26 септември, 2017 - 18:23 (META) 

Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности во 2013 година, е во полициска станица, велат од МВР, не појаснувајќи дали сам се пријавил или бил приведен од полицијата.

По распитот во полициска станица, Темелко, според решението на судот, треба да биде спроведен во 30-дневен притвор во истражниот затвор во Шутка. Мерката притвор беше определена откако СЈО утврдило дека обвинетиот Темелко не ги почитувал мерките за редовно јавување во судот, па била побарана построга мерка.

Според некои информации во медиумите, Темелко, иако бил под забрана да излегува од Македонија, неколкупати ја минал границата со албанска лична карта.


На дело фатен пироман кој потпалил шума во Кривопаланечко


Крива Паланка, 9 септември, 2017 - 14:02 (META) 

Полицијата вчера уапсила 29-годишен жител на кривопаланечкото село Габар, кого пожарникарите го пријавиле дека намерно предизвикувал пожар.

Како што соопшти полицијата, вчера во Габар, околу 14.30 часот, бил уапсен Ж.С. Него пожарникари од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, кои гаснеле пожар во тој предел, го виделе како потпалува оган, па пријавиле во Полициска станица Крива Паланка.

Против пријавениот, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, известува МВР.