!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Британската премиерка Меј под притисок за ублажување на мерките за штедење


Лондон, 2 јули, 2017 - 18:32 (META) 

Водечки британски министри вршат притисок на премиерката Тереза Меј да ги ублажи мерките за штедење и да ги укине органичувањата за платите на вработените во државните служби, пишуваат британските медиуми.

Весникот „Обсервер“ денеска пишува дека министерот за здравство, Џереми Хант, лобира да се укине ограничувањето за зголемување на платата од еден отсто за вработените во националната здравствена служба. „Телеграф“, пак, наведува дека министерот за образование, Џастин Грининг, бара од владата да се откаже од плановите за намалување на трошоците по ученик.

Заменикот на Меј, Демијан Грин, како што пренесуваат медиумите, изјавил дека владата можеби би требало да ги преиспита универзитетските стипендии, за да биде попривлечна за младите гласачи.

Притисокот врз британската премиерка се јавува по катастрофалните изборни резултати минатиот месец, на кои конзервативците предводени од Меј го изгубија апсолутното мнозинство во парламентот.

Неколку илјади граѓани вчера протестираа низ улиците на Лондон против мерките за штедење на британската влада, со оценка дека премиерката Тереза Меј го изгубила легитимитетот по парламентарните избори одржани на 8 јуни.


Италија бара од европските партнери да ги отворат своите пристаништа за мигрантите


Париз, 2 јули, 2017 - 16:01 (META) 

Италијанското министерство за внатрешни работи денеска побара од европските земји да ги отворат своите пристаништа за прием на бродови со мигранти, со што би се ублажил притисокот што го трпи Италија.

Денеска во Париз се состанаа министрите за внатрешни работи на Италија, Франција и на Германија, Марко Минити, Жерар Коломб и Томас де Мезијер, кои ќе разговараат за приливот на мигранти и за начините за помош на Италија која е соочена со овој бегалски бран.

„Италија е под голем притисок“, изјавил Минити во пресрет на состанокот, додавајќи дека Италија би можела да го блокира влезот на странски бродови со мигранти спасени во Средоземното Море.

Италија повеќепати се жалеше дека сама се соочува со мигрантската криза и ги повика европските земји да покажат поголема солидарност и да ѝ помогнат.

Во Италија, од почетокот на оваа година пристигнале 83.000 мигранти, што е за 19 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

На состанокот во Париз ќе присуствува и еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.


ВМРО-ДПМНЕ ги повика институциите „да не приведуваат недолжни луѓе“


Скопје, 2 мај, 2017 - 10:06 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика институциите да не приведуваат, како што велат од партијата, „недолжни луѓе, брзајќи да покажат некаков резултат од настаните во четвртокот“.

„Во текот на вчерашниот ден до партијата допреа информации дека приведени се многу луѓе кои не сториле никакво насилство или кривично дело, а полицијата ги привела, ги држела со часови во полициска станица, а дел од нив добиле и притвор без елементарен доказ дека сториле кривично дело или насилство. Треба да се разграничи неколкучасовно влегување на граѓани во народниот парламент, заради насобран револт и гнев од предавничките, антидржавни и кукавички политики на СДС, од нанесувањето тешки телесни повреди. ОЈО и судовите да немаат различни аршини за овие настани од настаните при насилствата врз полицијата направени од шарените платени протестанти минатата година, кои за пари протестираа и вршеа насилство врз македонските полицајци“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ го предупредуваат министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, да не врши притисок на вработените во Министерството по секоја цена да апсат што повеќе луѓе без основа.

„Потсетуваме дека предизвикувач на овој народен бунт е токму СДС, кој не само што 60 дена ги игнорираше граѓаните кои масовно, упорно, мирно и демократски протестираа, туку и континуирано го провоцирааше со навреди, погрдни зборови, омаловажувања и конечно со незаконскиот и противиставен обид за избор на претседател на парламентот“, додаваат од партијата.


Москва: ЕУ, НАТО и САД продолжуваат бесрамно да вршат притисок врз Иванов


Москва, 3 март, 2017 - 17:27 (META) 

Надворешното мешање во внатрешните работи на Република Македонија добива екстремни форми, се вели во денешната изјава на министерството за надворешни работи на Русија, во кое се обвинуваат Европската Унија и НАТО дека вршат невиден притисок врз претседателот на Македонија.

– Еврокомесарот Јоханес Хан, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и други претставници на т.н. „просветлена Европа“, продолжуваат бесрамно да вршат невиден притисок врз македонскиот претседател Ѓорге Иванов, барајќи од него премиерскиот мандат да го даде на опозицијата, која ја прифати ултимативната „албанска платформа“ – велат од руското МНР.

Оттаму нагласуваат дека важно е да се „сфати дека мерките формулирани во Тирана подразбираат федерализација на Македонија, прераспределба на власта и на државните симболи и водат до подривање на уставниот поредок со крајна цел – дезинтеграција на државата“.

Кон поведението на европските претставиниците, како што оценува руското МНР, се приклучил и претседателот на „самопрогласената држава Косово, Хашим Тачи, кој недвосмислено ги повика македонските Албанци „да ги преземат работите во свои раце“ што води кон создавање „Голема Албанија“, која претендира на делови од неколку балкански земји, вклучувајќи ја и Македонија“.

– Ова е уште еден доказ дека вештачки создадениот косовски субјект е еден од главните извори на нестабилност и главен носител на конфликтен потенцијал на Балканот. Македонците треба сами, без мешање однадвор, да решаваат за својата судбина – велат од министерството за надворешни работи на Русија.

Инаку, со заострувањето на состојбата во Македонија и со протестите околу доделувањето на мандатот за состав на нова влада, зачестија реакциите на официјална Москва.


По новиот распоред на судиите СДСМ најавува реизбор, а ВМРО-ДПМНЕ обвинува за притисоци


Скопје, 21 февруари, 2017 - 17:26 (META) 

Во Македонија ќе има целосен реизбор на судии, кои ќе работат за заштита на граѓаните, а не по партиски директиви како досега, велат од СДСМ, по информациите дека Основниот суд Скопје 1 донел нов годишен распоред на судии, со кој извесен број судии, кои досега работеа на кривични предмети, се прераспоредени во одделот за прекршоци.

– Сите обиди на криминалците и надежи дека може да ја избегнат правдата се јалови. Порачуваме до институциите да не се вовлекуваат во заштита на криминалната власт во заминување, која не избира кого ќе повлече со себе, во паниката од промените што доаѓаат – стои во соопштението на СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека граѓаните еднаш веќе видоа „како СДСМ владее и како сака во целост да го окупира судството“.

– СДСМ е водена од аболиран криминалец и врши континуиран притисок врз судството. Македонија еднаш виде како изгледа кога СДСМ во еден ден менува 617 судии и обвинители со такви по свој терк. Судството не смее да потклекне пред заканите на СДСМ. Судиите мора да го задржат професионалниот кредибилитет и интегритет и да судат по закон без разлика на заканите за нивно разрешување ако не се покорат на волјата на Заев – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Се врши притисок врз администрацијата да оди на протест пред ДИК, тврди Кирацовски


Скопје, 15 декември, 2016 - 16:07 (META) 

„Од повеќе институции во Република Македонија имаме информации дека на вработените им се врши притисок од страна на раководителите, да дојдат пред ДИK и да протестираат за да извршат притисок врз нејзината работата и носењето на одлуки“, се огласи со соопштение, дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски.

– Сакаме да ја информираме јавноста дека извршување на партиски и изборни активности во текот на работното време во јавниот сектор е спротивно на член 38 од Законот за вработени во јавниот сектор, а вршењето закана, оневозможувањето и спречувањето на утврдување или објавување на резултатите од гласањето е казниво согласно член 158 од Кривичниот законик – се вели во соопштението.

Кирацовски наведува дека нема да биде дозволено кој било вработен во јавниот сектор да трпи притисоци и понижувања и да биде инструмент во рацете на режимските слуги во заминување!

Во насока на нивна заштита, поднесена е иницијатива до Државниот инспекторат за труд, Државниот управен инспекторат и до Министерството за внатрешни работи за вонреден надзор на работата на следниве институции: Општина Штип, Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Штип и РЕК Битола.


ВМРО-ДПМНЕ: Талески доби притвор под притисок на СДСМ


Скопје, 16 јуни, 2016 - 19:55 (META) 

Судот потклекна на бескрупулозниот и отворен притисок на СДСМ, кој нема никаква врска со правдата и со почитувањето на законите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуката на Кривичниот суд да му одреди куќен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е првоосоменичен во случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство.

„Само неколку часа откако СДСМ се закани и најави лични тужби против судиите, Кривичниот суд ја измени сопствената одлука и наместо обезбедување присуство, изрече мерка притвор“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата, од чии редови е и градоначалникот Талески, велат дека одлуката на судот не е базирана на закони и на факти, туку била донесена под жесток политички притисок и дека нема никаква врска со реалната состојба.

„Сето ова единствено е поврзано со политичките игри на СДСМ и додворувањата на судството кое отсекогаш е мета и посакувана цел на СДСМ, но кога не им успева додворувањето и партиското лобирање почнуваат со заканите и со притисоците. Илузорно е да се смета дека Владимир Талески ќе ја напушти државата и ќе се даде во бегство, нешто за што не постои никаква индиција ниту здраворазумски факт. Ваквата одлука на Кривичниот суд има политичка намена, за кокетирање во јавноста од страна на СДСМ во отсуство на реални резултати и вистински дебакл на нивните антидржавни политики. Целокупното работење на градоначалникот Талески е базирано врз дословно спроведување на законот за јавни набавки. Ова е уште една срамна епизода од работењето и од дејствувањето на СДСМ“, велат од владејачката партија.


Грчката влада планира да го затвори Идомени до 30 мај


Атина, 5 мај, 2016 - 10:47 (META) 

Грција планира релокација на бегалците, расчистување и целосно затворање на кампот во Идомени до крајот на мај. Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас, овој план го пренел во разговори со грчката полиција и со членови на различни невладини организации во Солун, со кои имал средби изминатите неколку дена.

Според весникот „Етнос“, Музалас објаснил дека се решени ова да се случи до 30 мај и тоа на ненасилен начин. Планот е доколку бегалците се противат да се преселат во организираните бегалски центри, властите да ги предупредат дека нема да им биде обновена шестмесечната дозвола за престој, која ја добиваат при влезот во државата во центрите за регистрација на островите.

Според информациите, доколку одбиваат да си заминат од Идомени, бегалците ќе бидат предупредени дека дозволата ќе може да ја обноват само ако се во официјален бегалски центар, а во спротивно, штом истече дозволата, ќе се најдат во опасност да бидат уапсени и затворени поради нелегален престој во државата.

Ова ќе биде првиот посилен притисок што грчките власти ќе го извршат врз бегалците, бидејќи досега обидот за релокација одеше само преку делење летоци со информации дека границата е затворена и дека луѓето ќе мора да се преселат во бегалските центри. Музалас, според информациите, побарал полицијата и невладините да помогнат и да соработуваат во насока на релокација на бегалците во организираните центри за целосно да се затвори импровизираниот камп кај Идомени, каде условите за живот се супстандардни.

Грчкиот министер имаше и средба со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис околу бегалското прашање, кому му бил пренесен оптимизам дека кампот ќе биде затворен бидејќи бегалците полека почнуваат и сами да разбираат дека нема поента да се остане во Идомени. Во интервју за радиото „Практорио ФМ“, Бутарис истакнал дека Грција, сепак, ќе треба полека да се навикне на идејата дека околу 30.000-40.000 бегалци веројатно ќе останат во земјата подолго време.

Додека грчките власти бараат начин и форма бегалците да се релоцираат од Идомени, бизнисмените, транспортерите и извозниците молат да се отвори железничката линија кон Скопје, која е затворена речиси 50 дена. Претседателот на Aсоцијацијата на бизнисмени на Солун „Нови хоризонти“, Јоргос Јоанидис, испрати писмо до министерот за транспорт, Христос Спириѕис, во кое посочи дека превозниците и извозниците се во загуба 4 милиони евра поради затворената железничка линија и побара линијата веднаш да се отвори.


Бакојани: Грција ќе се најде под голем притисок на Самитот на НАТО


Атина, 17 април, 2016 - 11:23 (META) 

Поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, предупреди дека Грција ја чекаат сериозни притисоци околу приемот на Македонија во НАТО на следниот Самит на Алијансата во Варшава.

Бакојани апелираше грчкото министерство за надворешни работи да почне сериозно да се подготвува, коментирајќи дека Македонија има засилена улога благодарение на бегалската криза, а актуелната грчка влада ја нема истата поддршка што ја имала владата на Костас Караманлис во 2008 година.

Бакојани истакна дека уште од октомври предупредува на опасноста дека членките на НАТО ќе сакаат да притиснат за Македонија да добие покана за членство на самитот во јули.

– Неопходно е огромно внимание за зајакнатата улога што ја има Скопје, како и притисокот што ќе се изврши на Грција. Тоа ќе биде важен притисок, а Грција денес ги нема сојузништвата што ние ги имавме тогаш. Ние имавме сојузништво со шест големи влади на Европа. Се наоѓаме во тешка позиција – предупреди Бакојани.

Таа остро го критикуваше министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, дека води пасивна надворешна политика, коментирајќи дека никаде во странство не ја гледа активноста на грчката дипломатија.

– Во оваа фаза е потребна многу сериозна подготовка од грчкото министерство за надворешни работи, која не ја гледам. Гледам еден непостоечки Коѕиас кој ни држи лекции во собранието што смее, а што не да зборува лидерот на опозицијата. Коѕиас во надворешната политика го нема никаде – истакна Бакојани, која е на чело на секторот за надворешна политика во Нова демократија, откако нејзиниот брат, Кирјакос Мицотакис, го презеде лидерството на најголемата опозициска партија во земјата.

 


ГРОМ утре во 18 часот на контрапротест во близина на Уставниот суд


Скопје, 14 март, 2016 - 17:23 (META) 

Утре во 18 часот ГРОМ на Стевчо Јакимовски ќе одржи „собир за поддршка на институциите“. Протестот ќе се одржи пред објектите на Агенцијата за електронски комуникации и Обвинителството во близина на Уставниот суд, каде што во исто време ќе протестираат граѓанските организации и СДСМ против одлуката на судот да расправа за иницијативата за уставноста на Законот за помилување.

Јакимовски денеска на прес-конференција рече дека институциите не смеат да работат под притисок, особено не под политички, и дека секој мора да сноси одговорност за својата работа.

– Се почесто сме соочени со непринципиелни напади врз институциите. Нападите се политички мотивирани врз зависност од тоа дали и одговара на една политичка гарнитура или не, така одат и атаците према истите. Видовме дека високи партиски функционери изјавуваат дека не ги признаваат судовите, не го признаваат обвинителството и одат дотаму што не покажуваат почитување ниту за највисоките судски инстанци, вклучувајќи го Врховниот и Уставниот суд – рече Јакимовски.

Александар Трајановски, претседател на градската организација на ГРОМ денеска ги повика граѓаните на мирен протест и рече дека „нема посрамен чин од нападот на суверенитетот на една држава, особено ако доаѓа одвнатре“.