!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иванов побарал од Туск позитивна порака за деблокада на интеграцијата на Македонија


Брисел, 25 октомври, 2017 - 19:22 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во Брисел, побарал „нов импулс и испраќање позитивна порака“ за деблокирање на интеграцијата на Македонија во Европската Унија и почеток на пристапните преговори за членство.

Во фокусот на средбата на Иванов со Туск биле европската иднина на Македонија и сè она што го прави земјата за конечно да добие датум за почеток на преговорите. На средбата станало збор и за состојбата во регионот и во ЕУ, како и за мигрантската криза.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е можен обид за сместување на поголем број мигранти во Македонија на подолг период, Иванов изјави дека земјава во 2015 и во 2016 година излегла со став дека има капацитет само за прием на 2.000 бегалци и тоа транзитно.

– Нашиот капацитет е само за транзит, но, сепак, сега зависи како новата македонска влада ќе се постави, какви одлуки ќе донесе и какви обврски ќе преземе. Тоа е прашање што треба да се упати кон новата влада – рече Иванов.

Иванов, кој е во дводневна работна посета на Брисел, утре ќе има обраќање на форумот „Кран Монтана“ и ќе оствари средба со Дидие Рејндерс, вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Белгија.


Димитров: Ќе ја убедиме ЕУ дека Македонија заслужува да ги почне преговорите за членство


Будимпешта, 11 октомври, 2017 - 16:14 (META) 

Сакаме да ја искористиме оваа историска можност и ќе сториме сè за да ја убедиме секоја земја членка на ЕУ и Европската комисија дека Македонија заслужува да премине на следното ниво од нејзиниот европски пат и да почне пристапни преговори со ЕУ во јуни следната година. Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на состанокот со министрите за надворешни работи на земјите на Вишеградската група и на Западен Балкан, што се одржа во Будимпешта.

– Ние во Македонија ќе работиме најдобро што можеме и ќе предолжиме да се фокусираме на реформите дома, затоа што нашата цел е да ја направиме Македонија европска демократија. Ќе продолжиме да не се расправаме со соседите, иако има искушенија. Македонија, како што им кажав на колегите овде и на колегите во Европскиот парламент вчера, изминативе години имаше ветер в лице и сега навистина би ценеле ветер во грб за да можеме да испорачаме мирни води и плодна жетва – рече Димитров во своето обраќање на средбата.

Тој истакна дека регионот неколку години бил надвор од вниманието на Европската Унија, но, за среќа, од повеќе причини, вклучувајќи ја и мигрантската криза „сега широко е прифатен ставот дека Европа е помалку безбедна ако регионот на Западен Балкан не е дел од ЕУ“.


Димитров – Жбогар: Владата е подготвена за спроведување на клучните реформи


Скопје, 6 јуни, 2017 - 13:10 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска ја имал првата средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, соопшти МНР.

На средбата Димитров ја нагласил подготвеноста на Владата за целосен ангажман во имплементација на клучните реформи за да може на краток рок да се отвори патот за обновување на препораката за почеток на пристапните преговори.

„Во таа насока, беа разгледани претстојните поважни активности од европската агенда. Придвижувањето на евроинтеграциските процеси ќе овозможи отворање на дискусија за донесување одлука за почеток на пристапните преговори, како чекор кон остварување на стратешката цел на Македонија – членство во Европската Унија. Беше искажана заедничка подготвеност за динамична соработка во насока на остварување на овие цели“, стои во соопштението од МНР за средбата.


Ердоган ѝ се закани на ЕУ дека ќе ги отвори границите за бегалците


Истанбул, 25 ноември, 2016 - 11:53 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ги отвори границите за мигрантите кои сакаат да стигнат во западноевропските земји, јавуваат светските агенции. Ваквата реакција на Ердоган доаѓа еден ден откако Европскиот парламент гласаше за замрзнување на пристапните приговори на Турција со Европската Унија (ЕУ).

„Повикувавте на помош кога 50.000 мигранти навалија на граничниот премин Капикуле (на турско-бугарската граница). Почнавте да се прашувате што ќе правиме ако Турција ги отвори границите“, изјави Ердоган во Истанбул.

Тој рече дека Турција е таа што храни меѓу 3 милиони и 3,5 милиони бегалци, додека Европа ги погазува своите ветувања.

„Слушајте ме добро. Ако одите уште подалеку, границите ќе бидат отворени“, порача турскиот претседател.

Европскиот парламент вчера побара замрзнување на преговорите на Турција за членство во ЕУ поради репресијата на турските власти и апсењата во земјата по неуспешниот обид за воен удар во јули годинава.

Пратениците во Европскиот парламент со големо мнозинство ја усвоија резолуцијата, која, иако не е обврзувачка, може да влијае на зголемување на тензиите меѓу Турција и ЕУ.

Европската Унија и Турција кон крајот на март годинава постигнаа договор за враќање на бегалците во Турција, во согласно со кој на Анкара ѝ беше ветена финансиска помош за бегалците и забрзани преговори за членство во ЕУ.


Курц: ЕУ треба да ги прекине пристапните преговори со Турција


Виена, 6 август, 2016 - 17:37 (META) 

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц смета дека Европската Унија треба да ги прекине пристапните преговори со Турција за членство во унијата.

Шефот на австриската дипломатија, во интервју за државната телевизија „ОРФ“ рекол оти смета дека и договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција исто така „се наоѓа пред крај“, односно дека е неодржлив.

„Договорот со Турција нема да биде одржлив“, рекол Курц.

Тој изјавил дека ЕУ мора да си ги исполни своите задачи и да не зависи од Турција, потенцирајќи дека унијата не смее да се става во ситуација да биде уценувана од Анкара.

Курц посочил дека се залага за воспоставување на „вистински конктатки со Турција, надвор од можното членство на земјата во ЕУ“, како и зголемување на заштитата на надворешните граници на унијата.