Грчкиот парламент треба да го ратификува Протоколот за влез на Македонија во НАТО


Атина, 8 февруари, 2019 - 9:27 (META) 

Во грчкиот парламент денеска треба да се одржи гласањето за ратификација на Протоколот за пристап на Македонија во НАТО, откако вчера доби „дозвола“ на Комитетот за надворешна политика и одбрана со мнозински број на гласови.

Протоколот беше потпишан во средата во Брисел од постојаните претставници на сите 29-земји членки на НАТО, а со Грција денеска почнува последната фаза од полноправниот влез на Македонија во Северноатлантската алијанса, односно ратификација на Протоколот во сите членки на НАТО

Се очекува грчките пратеници што го поддржаа Договорот од Преспа, исто така да гласаат „за“ Протоколот, односно се очекува да се постигне потребното мнозинство  – 151 пратеник.


Македонија во февруари првпат „на столче во НАТО“


Скопје, 28 јануари, 2019 - 17:40 (META) 

Состанокот на министрите на земјите-членки на НАТО за одбрана, што ќе се одржи во Брисел на 13 и 14 февруари, е првиот состанок на кој Македонија „ќе седне на столчето во НАТО“, односно на кој ќе учествува како земја-пристапничка на Алијансата, но сè уште без право на глас. Оваа или следната недела НАТО и Македонија треба да го потпишат Протоколот за пристапување на земјата кон Вашингтонскиот договор, практично анекс на оригиналниот основачки документ од 1949 година, со кој Македонија ќе стане 30. членка на Северноатлантската алијанса.

– Оваа недела или на почетокот на идната треба да се потпише Протоколот за НАТО. Потоа тој треба да се врати во грчкиот Парламент на ратификација. Штом се ратификува во грчкиот Парламент, ќе го добиеме столчето во Алијансата. И тогаш стапуваат во сила уставните измени и другите одредби од Преспанскиот договор – изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров по денешната средба со својот литвански колега Линас Линкевичиус.

Линкевичиус, пак, најави дека неговата земја ќе биде меѓу првите кои што ќе го ратификуваат протоколот.

– Литванија ќе биде меѓу првите земји што ќе го потпише Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, со што ќе се овозможи и заокружување на Спогодбата од Вилнус од 2000 година како Декларација за меѓусебна поддршка и солидарност во евроатлантските интеграции, бидејќи Македонија е последната држава од таа група која сега влегува во Алијансата – изјави Линкевичиус.

Минатата недела чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек најави дека неговата влада денеска „ќе предложи Република Северна Македонија да го потпише пристапниот протокол за НАТО“, а забрзување на процедурата најави и Словенија.

Протоколот за пристапување треба да го ратификуваат сите 29 членки на НАТО, што би требало да заврши до крајот на годината. Целата процедура за прием, која завршува кога одлуката за пристапување ќе му се предаде на американскиот Стејт департмент, „чуварот“ на Вашингтонскиот договор, се очекува да заврши најдоцна до средината на следната година.


Столтенберг му одговори на Димитров, Пристапниот протокол за НАТО се подготвува


Скопје, 28 јануари, 2019 - 16:28 (META) 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска испратил возвратно писмо до министерот за надворешни работи Никола Димитров, со кое го потврдува приемот на писмото што шефот на македонската дипломатија го упати до Столтенберг на 21 јануари. Во тоа писмо Димитров искажува подготвеност „земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на Република Македонија во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, формално изразувајќи интерес за добивање покана за пристапување кон НАТО“.

Во писмото од Генералниот секретар на НАТО, се истакнува дека во подготовка е Пристапниот протокол кој треба наскоро да биде потпишан од постојаните претставници на земјите членки на НАТО, а на церемонијата ќе биде поканет и министерот за надворешни работи Димитров.

Со потпишувањето на Пристапниот протокол, започнува следната фаза од пристапниот процес, по што следи ратификација на Протоколот во националните парламенти на земјите членки на Алијансата.