Дачиќ: Србија нема да го признае Косово поради „европскиот морков“


Белград, 26 октомври, 2018 - 16:43 (META) 

Реагирајќи на изјавата на германскиот пратеник Петер Бајер дека „Србија не може да биде дел од ЕУ додека не ја признае ,де јуре‘ независноста на Косово“, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска порача дека „Србија нема да ги згази својот Устав и образ признавајќи ја лажната држава Косово поради некаков европски морков“.

– Изјавата на германскиот пратеник секако треба да се сфати сериозно бидејќи тој е функционер на ЦДУ, партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, но зошто тогаш треба дијалог во Брисел, зошто треба исцрпувачки и многу фрустрирачки процес, ако однапред се знае крајот – вели Дачиќ.

Тој во изјавата за весникот „Вечерње новости“ потенцира дека дипломатска битка за Косово допрва претстои и дека сигналите од некои клучни западни држави, а пред се САД „кои досега цврсто стоеја на позицијата дека за нив независноста на Косово е завршена работа“ на Србија и даваат право да се бори „почитувајќи ја реалноста на терен и темелите на меѓународното право“.


Вучиќ: Спогодба со Приштина мора да се постигне кога-тогаш


Белград, 13 септември, 2018 - 16:35 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска порача дека дијалогот со Приштина ќе биде продолжен но и дека се мали шансите да се сретне со претседателот на Косово, Хашим Тачи, во Њујорк, во текот на Генералното собрание (ГС) на Обединетите Нации (ОК), како што денеска најави приштинска „Коха диторе“.

– Уште не сум сосема сигурен, но веројатно во Њујорк ќе оди премиерката Ана Брнабиќ, а не јас, бидејќи, просто сакам да бидам повеќе во земјава – рече Вучиќ одговарајќи на новинарски прашања по посетата на болницата во Земун.

Тој порача дека Белград ќе ги продолжи разговорите со Приштина и дека спогодба кога-тогаш мора да се постигне, бидејќи „без долгорочно градење мир нема да бидеме во ситуација да продолжиме со олку успешни економски резултати.

Последната рунда на дијалогот меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво беше закажана за 7 септември во Брисел, но Вучиќ и Тачи не се сретнаа, поради најавите од Приштина дека во рамките на претстоечката посета на српските средини на Косово на српскиот претседател нема да му се дозволи посета на хидроакумулацијата и браната „Газиводе“. Тогаш високата претставничка на ЕУ, Федерика Могеринни, порача дека повторно ќе ги повика двајцата претседатели на средба во Брисел пред последната седмица на септември.

Вучиќ денеска на новинарите им изјави дека „многумина во регионот не сакаат стабилност и мир, туку продолжување на постојаниот политички суди на Србите и Албанците“.

– Тие би сакале Србите и Албанците никогаш да не се договорат и сите да напредуваат, а Србите и Албанците не. На некои не им е мило што Србија, која што заостануваше, има најбрзо растечка економија, што го намалува долгот и невработеноста и привлекува инвестиции. Затоа им е потребна Србија која би војувала. И затоа смислуваат дека сум рекол нешто за што на сите им е јасно дека не била таа смислата – рече Вучиќ.

Српскиот претседател денеска негираше дека во говорот во Косовска Митровица минатиот викенд пофално зборувал за поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, порачувајќи дека било спротивното и дека поставил „во суштинска смисла, линија на дисконтинуитет со политиката на Милошевиќ, но без лична омраза и презир.

– Да, имаше ретка харизма, можеше да собере најмногу луѓе и гласови, но резултатите за Србија и за народот беа лоши – додаде Вучиќ.


Успешен референдум ќе значи мир и за Косово, вели Тачи


Скопје, 12 септември, 2018 - 12:22 (META) 

Претседателот на Косово, Хашим Тачи по средбата со премиерот Зоран Заев ги повика граѓаните на Македонија да гласаат „за“ на референдумот и додаде дека успешен референдум ќе значи мир и за Косово.

-Иднината на Косово и Македонија е да се стремат кон ЕУ и НАТО. Косово дава поддршка да се движите напред кон НАТО за европска иднина. Ги повикувам граѓаните да учествуваат на референдумот и да гласаат за Македонија во НАТО. Овој е историски момент, кој треба да се искористи – рече Тачи.

Косовскиот претседател се осврна и на односите помеѓу Белград и Приштина, посочувајќи дека нема да биде лесен процесот да се донесе конечна историска одлука и да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот.

– Вие ја завршивте спогодбата со Грција, сега следува Косово и Србија да го завршат дијалогот. Знаете дека ова нема да биде лесен процес да се донесе конечна историска одлука да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот. Ние имаме многу бариери, но јас сум оптимист, бидејќи подобро сега да се постигне договор отколку по три децении. Јас ќе направам огромни напори за да се постигне договор со Србија што значи реципрочно признавање – додава Тачи, кој вели дека го осигурил Заев дека евентуалната спогодба меѓу Косово и Србија нема да биде со минирање на соседните земји.

Премиерот Зоран Заев најави интензивирање на економската соработка преку воспоставување на мешовит комитет, како и градење на стратегии за интеракција меѓу бизнис заедниците со Косово.

Тој изрази уверување дека новиот граничен премин и инфраструктурната поврзаност со патот Блаце – Скопје ќе има позитивно влијание врз обемот на трговијата.

– Косовскиот лигнит за македонските компании е од особено значење. Ние пак ќе ја поддржиме изградбата на гасовод кон Косово – рече Заев кој најави дека сите овие прашања ќе бидат разгледувани и на заедничка владина седница која треба да се одржи наскоро.

Тој додаде дека Македонија го поддржува позитивното решение за Косово кое ќе ја подобри благосостојбата во регионот и за сите засегнати страни.

-Македонија го поздравува дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој го сметаме за клучен за стабилноста. Тоа ќе биде решение за зајакнување на мирот во Србија и Косово – додаде Заев.


DOCU.TECH ќе ги собере на едно место младите иноватори и ентузијасти за технологија


Скопје, 17 мај, 2018 - 16:50 (META) 

На 9 и 10 јуни во Креативниот центар „Термокис“ во Приштина неколку десетици ентузијасти за технологија и млади иноватори ќе имаат можност да разменуваат идеи, да дискутираат и да добијат совети на DOCU.TECH 2018 еден од најголемите технолошки настани на Балканот.

Организатори на овој настан се Фондот за Западен Балкан, кој обезбедува и дел од финансиите, како и Фондацијата Шеар од Србија и ДОКУФЕСТ од Косово.  Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“  во соработка со Фондацијата ИПКО од Косово, оваа година овозможува покривање на сите трошоци за одреден број на млади учесници од Македонија.

„Метаморфозис“ на 23 мај со почеток во 13 часот во училницата 101 на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ќе организира Инфо-ден. Потоа веднаш ќе почне и пријавувањето, со испраќање на мотивациско писмо на англиски јазик и биографија на docutech@metamorphosis.org.mk.

ДОКУ.ТЕК е одлична можност за студентите и младите да дознаат за новите технолошки трендови, како и да сретнат еминентни говорници од целиот свет, односно познати имиња од областа на технологиите и бизнисот. Повеќе за овој настан може да прочитате на следниот линк.


Базата „Бондстил“ доби командант со српско потекло


Приштина, 21 март, 2018 - 10:33 (META) 

Полковникот Ник Дучиќ, Американец со српско потекло, е новиот командант на американската база „Бондстил“ на Косово.

– Јас сум прв американски офицер со српско потекло кој ќе командува со мултинационалната борбена група Исток стационирана во “Бондстил“ – вели овој рече овој висок офицер од САД.

Тој во Косово доаѓа од позицијата командант на 79-та пешадиска бригада на Националната гарда на Калифорнија. На преземањето на должноста од досегашниот Командант, полковник Михаел Спрагинс, Дучиќ вети дека улогата на КФОР останува непроменета во обезбедувањето сигурна средина и слобода на движење.

Дучиќ завршил воен колеџ во 2014 година, а магистрирал на Универзитет Мериленд како нуклеарен инженер.


Тачи: Иванов не може да го запре официјализирањето на албанскиот јазик


Приштина, 23 јануари, 2018 - 22:04 (META) 

Во интервју за „Дојче веле“, косовскиот претседател Хашим Тачи ја критикува одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпише законот за јазиците.

– Што се однесува до одлуката на претседателот Иванов, тоа е за жалење. Таа одлука е производ на надминат менталитет, но и тоа прашање ќе биде затворено еднаш и засекогаш, без оглед на неговото мислење – вели Тачи во интервјуто.

Косовскиот претседател е убеден дека законот ќе биде донесен и тоа, според него, никој не може да го сопре.


Првите резултати од истрагата за убиството на Ивановиќ се очекуваат денеска


Приштина, 22 јануари, 2018 - 11:42 (META) 

Приштина најави дека денеска ќе ги објави првите резултати од истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби.

Косовскиот обвинител кој ја води истрагата за убиството на Ивановиќ, Шухри Суља, во петокот изјави дека во резултатите се вклучени снимки од безбедносни камери, детали за запалениот автомобил како и форензички докази.


Заев предлага заеднички компании со Косово за струјата, железницата и авиосообраќајот


Приштина, 12 декември, 2017 - 17:01 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев на денешната средба во Приштина со бизнисмените од Косово, потсетил дека Македонија и Косово покренале иницијатива за формирање на заедничка економска зона, царинска унија и олеснување на граничните процедури и порачал дека двете земји имаат заеднички интерес за формирање заеднички компании и оператори за менаџирање на енергетската мрежа, железничкиот и авио-сообраќајот, се вели во официјалното соопштение од македонската влада.

Заев рекол и дека двете влади треба да изградат заеднички царински терминал со кој царинската постапка би се поедноставила и повикал на зголемување на трговската размена.

– Искрено ги повикуваме сите да го инвестираат својот капитал во Македонија,  за што ќе добијат еднакви шанси и можности од државата.  Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, трговската размена се одвива слободно, без царини и во истата Македонија остварува суфицит – рекол Заев.

Заев рекол дека се настојува да се следи динамиката на работите од косовска страна за автопатот Скопје – Приштина, кој беше предложен пред повеќе од една деценија, а чиј прв дел, од Приштина до Урошевац беше пуштен во употреба на самиот крај на минатата година, а на македонска страна не е направено ништо.

– Се надеваме наскоро да го завршиме автопатот Скопје – Приштина. Настојуваме делницата Скопје – Блаце, во должина од 12,5 км, да ја следи динамиката на работите на делницата од Приштина до границата. Новиот автопат ќе ја олесни комуникацијата меѓу Скопје и Приштина, ќе го зголеми транспортот и трговијата, и ќе ја унапреди економската соработка – рекол Заев.


Дачиќ смета дека треба да има меѓународна конференција за Косово


Белград, 5 ноември, 2017 - 10:15 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, смета дека е потребно да се организира нова меѓународна конференција за да се најде решение за Косово, што би спречило евентуална војна во иднина.

На конференцијата, според Дачиќ, би учествувале ЕУ, САД и Русија.

– Србија, која Косово и Метохија исторски ги смета за нејзин нераскинлив дел, треба да побара меѓународна конференција за наоѓање решение, кое ќе спречи можни војни за многу векови – изјавил Дачиќ.

Ваквиот предлог на Дачиќ го отфрли вицепремиерот на косовската влада и поранешен министер за надворешни работи, Енвер Хоџај, нарекувајќи го „непотребно нешто“.

„Нема потреба од друга меѓународна конференција. Дијалогот со посредство на ЕУ треба да заврши со договор за целосна нормализација на односите и за реципрочно признавање. Србија историски никогаш не била за мировни договори и никогаш не ги признавала договорите со меѓународни преговори“, напиша Хоџај на „Твитер“.


Истепан главниот и одговорен уредник на косовскиот портал „Инсајдери“


Приштина, 13 октомври, 2017 - 19:03 (META) 

Главниот и одговорен уредник на косовскиот портал „Инсајдери“, Вехби Кајтази, бил нападнат денеска во центарот на Приштина. Тој добил тупаници в лице и по нападот побарал лекарска помош.

Кајтази вели дека знае кој го нападнал и дека мотивот е тоа што го пишувал, но поради полициската истрага не смее да го открива идентитетот.

– Знам кој ме нападна и овој случај е поврзан со мојата работа, односно со моите текстови. Очекувам Обвинителството и полицијата да го расчистат случајот – вели Кајтази.

Според косовската полиција, нападот на Кајтази го извршиле повеќе лица денеска во 14.30 часот, на улицата Укшин Хоти во Приштина.

Порталот „Инсајдер“ е познат по истражувачките текстови и по откривање многубројни афери во косовските институции.

Пред два месеца во Приштина бил нападнат и директорот на „Инсајдери“, Парим Олури.