Обновливите извори на енергија го победија јагленот во Германија


Берлин, 11 јули, 2018 - 13:56 (META) 

Во првото полугодие на годинава, Германија добила повеќе струја од обновливите извори на енергија, отколку од јагленот, соопшти германската Асоцијација за енергија и вода.

Со тоа Германија и официјално влегува во иднината. Иако досега производената струја од хидроелектрани, соларни електрани и ветроелектрани и од биогас го надминуваше производството од јаглен и лигнит, тоа се случуваше само во одредени денови или седмици, но ова е првпат обновливите извори да доминираат во толку долг период.

Од јануари до јуни, обновливите извори учествувале со 36,3 отсто од вкупното производство, а јагленот само 35,1 отсто. Остатокот отпаѓа на струјата произведена од природен гас и од нуклеарните електрани.

Пресметките велат дека „зелената“ струја изнесувала 118 милијарди киловат часови, а тоа е дури 10 отсто повеќе отколку во истиот период во 2017 година. Струјата произведена со согорување лигнит и јаглен изнесувала 114 милијарди киловатчасови, значително помалку од 127 милијарди киловатчасови во првата половина на 2017 година.

Опаднало и производството на струја од природен гас – од 44 милијарди киловатчасови во првата половина на 2017 година, на 40 милијарди киловатчасови во првото шестмесечје на годинава.  Нуклеарната енергија во првата половина на годинава придонела со 37 милијарди киловатчасови.


Град Скопје ќе основа ново претпријатие за енергетика


Скопје, 30 мај, 2018 - 14:41 (META) 

На денешната седница, Советот на Град Скопје основа ново акционерско друштво кое ќе се занимава со енергетски дејности.

„Со оваа одлука, Градот Скопје ја утврдува потребата од основање на акционерско друштво за вршење на овие дејности за подрачјето на Град Скопје за снабдување со природен гас и топлинска енергија, како дејности од јавен интерес од локално значење. Со цел брзо и ефикасно приклучување на системот на централно греење и започнување на процесот на гасификација на градот, граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото претпријатие за вршење на енергетски дејности“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека, друштвото, заради вршење на дејностите за снабдување со природен гас и топлинска енергија, ќе основа едно или повеќе трговски друштва на начин и во форма потребна за вршењето на дејностите во согласност со закон.

Управувањето на Друштвото се организира според двостепениот систем на управување, преку управен и надзорен одбор. Работите од надлежност на Собранието на Друштвото ќе ги врши Советот на Град Скопје, како единствен основач.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата не спроведе ниту една мерка за заштита на животната средина


Скопје, 24 септември, 2017 - 12:23 (META) 

Владата нема спроведено ниту една мерка за заштита на животната средина во изминатите три и пол месеци од нејзиното владеење, обвини денеска на прес-конференција, Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека Македонија се соочува со значајни проблеми во однос на здравјето на граѓаните поради загадувањето на амбиенталниот воздух и животната средина, а владата не презела ништо.

– Потребно е забрзување на процесот со гасификација на државата. Потребно е да се спроведат активните мерки кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги донесе, а тоа е замена на печките на дрва со печки на пелети, министрите и функционерите од Социјал-демократскиот сојуз малку повеќе да го популаризираат возењето на велосипеди. Потребно е и спроведување на мерката која што владата на ВМРО-ДПМНЕ ја донесе, а тоа е да се стимулира купувањето и употребата на електрични автомобили и инсталирање системи за возење на природен гас – додаде Чибишев.


Бектеши и Петкова потпишаа меморандум за соработка во секторот на природен гас


Скопје, 1 август, 2017 - 17:01 (META) 

Министрите за економија на Република Македонија и на Република Бугарија, Крешник Бектеши и Теменужка Петкова, денеска во Скопје потпишаа меморандум за соработка во енергетиката и за развој на билатерално стратешко партнерство во секторот на природниот гас, преку развивање на нова директна врска меѓу системите на природен гас на Македонија и на Бугарија, соопшти Министерството за економија.

„За реализација на предвиденото, планирано е создавање на меѓудржавна експертска работна група за гас, која во рок од шест месеци по стапувањето на сила на овој документ ќе треба да подготви технолошко-економски нацрт-елаборат за изградба на новото гасно поврзување. Овој елаборат треба да содржи анализи на техничките, пазарните, економските, финансиските и на регулаторните аспекти на проектот и да понуди решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави“, се вели во соопштението.

Бектеши и Петкова, по средбата на делегациите на владите на двете земји, имаа билатерална средба, на која разговарале за соработката во енергетскиот сектор и за енергетските проекти кои се од заемен интерес на двете земји.


СДСМ: РКЕ требаше да ја намали цената на парното за 30 отсто уште во декември лани


Скопје, 29 јули, 2016 - 16:23 (META) 

Регуларторната комисија за енергетика (РКЕ), чијшто прв човек е од редовите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кратово, одлучи да продолжи да ги штити интересите на компаниите блиски до фамилијата на власт, се вели во реакцијата на СДСМ, за одлуката на РКЕ за намалување на цените на парното греење од 1 август.

Од опозациската партија велат дека РКЕ неосновано одбила да ја намали цената на парното греење за 30 отсто за домаќинствата што се приклучени на системите за топлинска енергија на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и на „ЕЛЕМ енергетика“.

„Овие две компании цела година им наплаќаат на граѓаните поскапо парно греење. Во август 2015 година цената на природниот гас беше намалена во регионот за цели 30 проценти. Тоа значи дека цената на парното требало да се намали за 30 отсто уште во декември 2015 година за корисниците на парно греење од овие две компании, затоа што трошоците за набавка на горивото природен гас им биле помали од проектираните. Регулаторната комисија имала законска обврска да реагира и да ја намали цената за овие корисници уште во декември 2015 година!“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека со последната одлука штетите и понатаму ќе ги трпат повеќе од 60.000 домаќинства кои „благодарение на РКЕ ќе продолжат да ги богатат „ЕЛЕМ енергетика“ и БЕГ“.

„Порачуваме дека сите одлуки на Регулаторната комисија на штета на граѓаните ќе бидат предмет на ревизија“, велат од опозициската партија.

Претседателот на РКЕ, Димитар Петров, вчера на прес-конференција соопшти дека цените на парното греење за жителите на Скопје приклучени на системот на „Балкан енерџи груп“, од 1 август поевтинува за речиси 11 отсто, а за училиштата и за градинките за 40,62 отсто.

Кај „ЕЛЕМ енергетика“ за домаќинствата цената на парното се намалува за 11,59 отсто, кај училиштата за 1,49 отсто и кај деловните субјекти за 3 отсто.


Парното греење во Скопје поевтинува за 11 отсто од 1 август


Скопје, 28 јули, 2016 - 16:36 (META) 

Парното греење за жителите на Скопје приклучени на системот на „Балкан енерџи груп“, од 1 август поевтинува за речиси 11 отсто, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Димитар Петров.

Поголемо намалување на цената за парно греење има за училиштата и за градинките во Скопје.

– Крајните цени за сите потрошувачи што се снабдуваат со топлинска енергија од операторите „Балкан енерџи“, односно од „Производство“, „Дистрибуција“ и од „Снабдување“, ќе бидат намалени со оваа одлука. Цената на топлинската енергија за домаќинствата ќе се намали за 10,93 отсто, за потрошувачите од категоријата образование ќе се намали за 40,62 отсто, а кај категоријата останати потрошувачи ќе биде намалена за 28,74 отсто. Исто така, ќе се намали и надоместокот за фиксниот дел за домаќинствата. Сите овие симулации ги правиме за станови со просечна квадратура од 50 квадратни метри и фиксниот надоместок за домаќинствата се намалува за 2,67 отсто. Кај „Скопје Север“ намалувањето ќе биде за 4 отсто и кај едните и кај другите потрошувачи. Кај „ЕЛЕМ енергетика“ домаќинствата имаат намалување од 11,59 отсто, кај училиштата за 1,49 отсто и кај деловните субјекти за 3 отсто – рече Петров на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека намалувањето на цените на парното се должи на драстично намалената цена на природниот гас, како и на намалените трошоци на компаниите, кои работеле поефикасно и со намалени оперативни трошоци.

Новата цена на парното ќе важи од 1 август годинава до 1 август следната година.


Потрошени 642.279 мегават-часови електрична енергија во октомври


Скопје, 25 декември, 2015 - 14:10 (META) 

Во октомври годинава, потрошени се вкупно 642.279 мегават-часови електрична енергија, 9,629 милиони кубни метри природен гас, 433.055 тони јаглен и 90.171 тон нафтени продукти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

62,1 отсто од вкупно потрошената екелектрична енергија е од домашни извори, а 94,9 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на струја.


Иран: Со нови договори за експлоатација на нафта до инвестиции од 30 милијарди долари


Техеран, 29 ноември, 2015 - 17:43 (META) 

Иран ги менува условите и начинот на склучување договори со странските енергетски компании, заинтересирани за иранските нафта и гас, во обид да привлече нови инвестиции во висина од околу 30 милијарди американски долари, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, условите во новите договори за експлоатација на нафта ќе бидат многу поповолни за странските инвеститори на кои ќе им биде овозможен поголем удел во профитите на долг рок.

Иран е една од земјите со најголеми резерви на нафта и на природен гас во светот.

Новите договори, пишуваат медиумите, се резултат на укинувањето на долгогодишните санкции што му беа наметнати на Иран, што дојде по постигнувањето на договорот за нуклеарната програма меѓу земјата и шесте светски сили – САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина.

Новите договори биле објавени на конференција во Техеран, на која присуствувале претставници на водечките светски енергетски компании, вклучувајќи ги „Бритиш петролеум“, „Шел“, „Тотал“, „Статоил“ и „Синопек“.

На конференцијата не биле присутни компаниите од САД.