Курц: Балканот ни е приоритет, ЕУ да ги прекине преговорите со Турција


Виена, 16 јули, 2018 - 10:05 (META) 

Договорот меѓу Скопје и Атина покажува дека упорните преговори и дипломатијата носат резултат, вели канцеларот на Австрија, Себастијан Курц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ и ја потенцира австриската поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Топло го поздравуваме договорот меѓу двете страни. Тој покажува дека упорните преговори и дипломатијата носат резултат. За Австрија, регионот на Западен Балкан е основен приоритет во нашата надворешна и европска политика, но и на нашето претседателство со ЕУ. Ја поддржуваме линијата на комесарот за проширување, Јоханес Хан. Обезбедувањето чесен и веродостоен пат кон ЕУ за земјите од Западен Балкан им служи на нашите интереси на безбедносно, политичко и економско ниво – вели Курц.

Австрискиот канцелар за „Катимерини“ коментира дека треба веднаш да запрат преговорите меѓу ЕУ и Турција, бидејќи „Турција во изминатите години се оддалечува од Европа и од европските вредности“.


Заев: Изградбата на новиот клинички центар е еден од приоритетите за оваа година


Скопје, 23 јануари, 2018 - 14:43 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска со министерот за здравство Венко Филипче, имале средба со делегација на Банката за развој на Советот на Европа (ЕЦБ), предводена од регионалниот менаџер на банката, Витомир Мајлс Рагуз, на кој тема бил „најновиот статус за изградбата на новиот клинички центар во Македонија“, за кој е обезбеден кредит од ЕЦБ.

На средбата, како што соопштија од Владата, биле презентирани фазите за реализација, односно локацијата на клиничкиот центар, изградбата, опремувањето на клиниките „соодветно на најновите достигнувања во медицинската технологија“, како и инфраструктурните проекти за поддршка на работењето на центарот и сообраќајните решенија.

„На состанокот со претставниците на банката беше искажана јасната определба на Владата на Република Македонија дека ова е еден од најважните приоритети во оваа година, и дека се очекува конечната одлука за најдобрите опции за изградба на Јавната здравствена установа клинички центар „Мајка Тереза“ да биде донесена на една од наредните седници на Владата“, стои во соопштението.

Последните измени на проект за новиот клинички центар, кои главно се однесуваат на инфраструктурните и сообраќајните решенија, ќе бидат презентирани и пред целиот состав на Владата на денешната седница.


Спасовски: Опремувањето на полицијата е врвен приоритет на МВР


Скопје, 19 јули, 2017 - 14:32 (META) 

Опремувањето на полицијата е врвен приоритет на Министерството за внатрешни работи, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој денеска во касарната во Ѓорче Петров во Скопје присуствуваше на промоцијата на 15 комбиња набавени за потребите на Единицата за брзо распоредување.

– Со ова се зголемува ефикасноста на единицата, а со тоа и безбедноста на граѓаните. Опремувањето на полицијата е наш врвен приоритет. Само со мотивирани и добро опремени полицајци ние можеме да имаме и безбедна држава. Предвидена е набавка и на друга опрема за да се зголеми опременоста на специјалните единици – рече Спасовски.

Тој додаде дека во тек е постапка за набавка на униформи и на обувки за полицијата, кои, како што рече, со години не биле набавени.

Инаку, новите возила за Единицата за брзо распоредување се со 145 коњски сили, имаат дизел-мотори, вкупно девет седишта, две лизгачки врати – што ќе придонесе за побрза реакција, голем багажен простор за опремата и безбедносни решетки на стаклените делови и на светлата.


Николовски и Жбогар разговарале за субвенциите и за средствата од ИПАРД


Скопје, 12 јуни, 2017 - 19:19 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство, Љупчо Николовски, попладнево се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар, информираат оттаму.

„Очекуваме соработката да биде продлабочена и во земјоделството каде што имаме многу проекти, за чија успешност ни е потребна соработка и поддршка од Министерството за земјоделство. Конкретно, за тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште и интегрираниот систем за административна контрола и идните планирани проекти: поддршка за земјоделски задруги и поддршка за реформите во водостопанството. Освен тековните, стоиме на располагање и за друг вид помош во претстојниот период“, истакнал Жбогар.

Тој во претстојниот период понудил техничка помош за анализа на субвенциите и за реструктурирање на Министерството, а укажал и на потребата од преземање чекори за поголема искористеност на средствата од ИПАРД-фондовите.

Министерот Николовски се согласил дека искористеноста на ИПАРД-фондовите е слаба, за што побарал и помош од ЕУ кога е во прашање надминувањето на овој проблем, што претставува еден од приоритетите на Владата.

Новата влада предвидува годишни субвенции за земјоделците од 160 милиони евра.

Министерот Николовски, за „Телевизија 24“ исто така изјави дека била формирана комисија која ќе истражува како било распределувано земјиштето и како се делеле субвенциите.


Враќањето на политичката стабилност мора да биде највисок приоритет, порача Заниер


Скопје, 9 март, 2017 - 18:52 (META) 

Надминување на политичката пат-позиција и враќањето на политичката стабилност мора да бидат највисок приоритет, се наведува во соопштението на Мисијата на ОБСЕ во Скопје по завршувањето на посетата на генералниот секретар на организацијата, Ламберто Заниер, и на средбите со државниот и со политичкиот врв на земјава.

Заниер, стои во соопштението, изразил загриженост за последните случувања во земјава и ги повикал политичките лидери да ѝ стават крај на продолжената политичка криза во интерес на сите граѓани.

– Надминувањето на политичката пат-позиција и враќањето на политичката стабилност мора да бидат највисок приоритет. Клучот за решението лежи во рацете на политичките актери, кои треба да се справат со предизвикот и да ја решат кризата за доброто на сите граѓани – вели Заниер, забележувајќи дека резултатите од декемвриските избори во 2016 година „овозможија солидна основа за формирање влада и го повика Собранието да почне со работа, согласно демократските принципи и владеењето на правото“.

Заниер ги осудил неодамнешните провокативни пораки и инциденти кои би можеле да доведат до влошување на меѓуетничките односи и нагласил дека Охридскиот рамковен договор е од клучна важност за заштитата и за унапредувањето на правата на заедниците.

– Ги охрабрувам сите релевантни страни од Охридскиот рамковен договор да останат посветени на неговата имплементација. ОБСЕ, нејзините институции и Мисијата во Скопје ќе продолжат да се залагаат за мултиетничко и за демократско општество и да обезбедуваат помош во областите како што се владеење на правото, избори, демократско владеење и реформа на полицијата. Ги охрабруваме сите актери целосно да ја искористат оваа експертиза – вели генералниот секретар на ОБСЕ.

Заниер истакнал дека враќањето на довербата во институциите е од особена важност.

На средбата со претставниците на граѓанските организации, тој ја нагласил нивната важна улога „во промовирањето на демократското општество“ и изразил загриженост поради извештаите за притисоци“.

Во текот на посетата на Македонија, Заниер имаше средби со претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, лидерите на политичките партии ВМРO-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Движење Беса, Алијансата за Албанците и ДПА, како и со претставниците на невладиниот сектор.


Активистите на „За нас се работи“ најавија радикализирање на протестите во Битола


Битола, 3 декември, 2016 - 16:58 (META) 

Здружението „За нас се работи“, на третиот ден од протестите за чист воздух, најави радикализирање на активностите, бидејќи, како што велат од здружението, надлежните не се заинтересирани за овој проблем во Битола.

Битолчани првите пораки за чист воздух ги упатија до политичарите и предложија потпишување на меморандум, но засега од политичките партии нема никаков одговор. Активистите на „За нас се работи“ на почетокот на денешниот протест најавија и директна блокада на РЕК Битола.

– За некој кој седи дома ова е радикализација, но оној кој има потреба од чист воздух, ќе му стане јасно што сакаме. Блокада на комбинатот веројано носи и кривична одговорност, не знаеме, но, исто така, во паника не знаеме што ќе направите, како ќе реагирате, бидејќи сè повеќе луѓе заминуваат на лекување во Скопје – рече Душко Груевски од здружението.

Активистите за чист воздух се разочарани од политичарите бидејќи во нивните програми за овие предвремени избори проблемот со аерозагадувањето воопшто не е приоритет.

– Ги повикуваме сите мудри луѓе во оваа држава да дојдат и заедно да се справиме со овој проблем бидејќи очигледно е дека политичарите не нè ставиле како приоритет во нивните програми – рече Душко Груевски.

Три дена битолчани го блокираат патот кој од градот води кон РЕК Битола, како и патот на влезот на градот, кој води од Прилеп.

Протестите за чист воздух се совпаднаа со митинзите на двете најголеми поллитички партии од македонскиот блок, односно со митингот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа во четвртокот, и со денешниот митинг на опозицискиот СДСМ.

Протест против енормното загадување на воздухот за понеделник е најавен и во Скопје. Протестот, кој е организиран од неколку еколошки организации, е закажан за 17 часот пред бараките на администрацијата на Град Скопје.


НВО Инфоцентар: Пописот на населението треба да биде приоритет на новата влада


Скопје, 29 ноември, 2016 - 13:20 (META) 

„Македонија е единствена земја во Европа без спроведен попис на населението веќе 14 години и оваа исклучително важна статистичка операција не зазема значајно место во изборните програми на партиите и на коалициите“, се вели во соопштението на граѓанската организација НВО Инфоцентар.

„Итен приоритет за новата влада формирана по изборите, меѓу другото, мора да биде подготовката и спроведувањето сеопфатен попис на населението, според сите меѓународни стандарди и со засилено меѓународно набљудување. Новата влада ќе треба да обезбеди политички консензус и волја да се реализира пописот, а тоа подразбира да се решат политичките прашања и да му се дозволи на Заводот за статистика, стручно и независно да ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција“, се вели во соопштението.

Во него, исто така, се додава дека во Македонија не постојат услови за спроведување попис базиран на регистри.

„Од клучно значење е да се спроведе релевантен и веродостоен попис преку традиционално теренско попишување на населението. Паралелно со ова треба да се спроведуваат активности за создавање и за поврзување на регистрите на граѓани“, се истакнува во соопштението.