!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Искршена врата и полиција во ССМ – Живко Митревски ја напушта функцијата


Скопје, 14 август, 2017 - 13:14 (META) 

Вистинска драма се случувала пред влезот на Сојузот на синдикатите (ССМ), кога новиот директор на ССМ, Дарко Димовски со своите соработници дошол да ја презеде новата функција од досегашниот лидер на синдикатите, Живко Митревски, јави Нова ТВ.

Иако го имал в рака решението, Димовски бил спречен да влезе во седиштето на ССМ.
Во настанатата турканица, биле искршени стаклата на влезната врата, по што интервенирирала полиција. По некое време пред вратата се појавил и  Митревски, кој побарла неколку часа да ги собере своите работи од канцеларијата по што најавил дека во 15 часот ќе ја предаде функцијата на Димовски.


Заев: Димитриев ми пренесе дека состојбата во државата не е сјајна, но не е ниту драматична


Скопје, 1 јуни, 2017 - 15:08 (META) 

Новиот премиер, Зоран Заев, денеска изјави дека примопредавањето на премиерскиот кабинет од досегашниот технички премиер, Емил Димитриев, поминало во пријателска атмосфера.

– Разговаравме со техничкиот премиер во заминување, господинот Емил Димитриев, и бев запознаен со сите неопходни детали што треба да ги знам уште денеска, во согласност со целиот протокол. Нормално, бев информиран за салите за состаноци, за помошните простории, за сè што значи работен амбиент на премиерот – рече Заев.

Тој истакна дека бил запознаен и со состојбата во државата.

– Секако, таа не е сјајна, но не е ниту драматична, така беше пренесено. Кога ние ќе направиме увид, веднаш ќе им соопштиме на граѓаните, но драго ми е што на еден ваков пријателски начин се направи примопредавањето, зашто тоа испраќа позитивна порака до граѓаните дека без разлика на политичките околности и на нашите некогаш и спротивставени политички позиции, сепак на сите им е јасно дека ќе си требаме еден со друг, заради граѓаните, заради државата, заради реформите. Така што уште еднаш честитки до цела Македонија за новата влада, Господ да ни дава памет нам, политичарите, за да водиме мудро и исклучиво во интерес на граѓаните и Господ да ни ја чува Македонија – рече Заев.


Заев се всели во премиерскиот кабинет


Скопје, 1 јуни, 2017 - 13:07 (META) 

Новиот премиер, Зоран Заев, во 12.30 часот влезе во кабинетот на премиерот во Владата на Република Македонија, каде беше пречекан од техничкиот премиер Емил Димитриев.

Димитриев срдечно го пречека Заев и му ја предаде функцијата.

Заев во Владата стаса во придружба на неколку членови на новиот владин кабинет.


Емануел Макрон застана на чело на Франција


Париз, 14 мај, 2017 - 18:18 (META) 

Новиот француски претседател, Емануел Макрон, со емотивен говор по преземањето на претседателската должност во Елисејската палата вети дека на „Французите ќе им ја врати верата во животот, бидејќи Франција долго беше ослабена“, и оти сака да ја ревитализира Европската Унија.

– Франција ги избра надежите и духот на победата, а јас нема да потклекнам ниту пред едно политичко ветување. Европа, каква што ни е потребна, ќе биде обновена на нови вредности и ревитализирана, бидејќи ни дава заштита. Французинките и Французите кои се чувствуваат заборавени во овој глобализиран свет ќе бидат подобро заштитени. Сакам да работам на помирувањето и на обединувањето – изјави центристот Емануел Макрон, кој е на 39-годишна возраст и најмладиот претседател на Франција досега.

Макрон и неговиот претходник, Франсоа Оланд, се ракуваа на црвениот тепих во претседателската резиденција пред неколку стотини гости и многубројни фотографи и новинари од светските медиуми, како и телевизиски екипи кои присуствуваа на примопредавањето на претседателската должност.

Првата активност на Макрон ќе биде неговата посета на Германија утре, што е уште една потврда за неговата намера да ја обнови француско-германската оска.


Вељаноски на „Фејсбук“: Немаше никакво примопредавање на функцијата на Џафери


Скопје, 5 мај, 2017 - 16:28 (META) 

Досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој беше и претседавач со конститутивната седница по изборите, на својата фејсбук-страница напиша дека немало примопредавање на функцијата помеѓу него и новоизбраниот претседател, Талат Џафери.

„Не, немаше никакво примопредавање на нелегитимно и неуставно избран претседател на Собранието“, напиша Вељаноски, како коментар на споделеното соопштение од Собранието за првиот работен ден на Џафери како претседател на законодавниот дом.

Вељаноски беше претседател на Собранието речиси осум години. Тој на функцијата стапи на 21 јуни 2008 година по одржаните парламентарни избори и како претседател на законодавниот дом се води сè до 30 декември 2016 година, кога се одржа првото продолжение на конститутивната седница.

Тој изминатите два месеци ја имаше улогата претседавач со Собранието, сè до изборот на Талат Џафери на 27 април, кога група граѓани насилно упаднаа во Собранието и повредија неколку пратеници и новинари.


Вучиќ и Николиќ договорија примопредавање на 31 мај


Белград, 25 април, 2017 - 12:35 (META) 

Претседателот во заминување и новоизбраниот претседател на Србија, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ, ќе го извршат примопредавањето на должноста на 31 мај, кога Вучиќ ќе ја положи и заклетвата, а инаугурацијата на новиот претседател ќе биде помеѓу 15 и 20 јуни.

Ова беше договорено вчера попладне, на состанок помеѓу Николиќ и Вучиќ, кој според пишувањата на српските медиуми, траел повеќе од два часа и на кој главна тема била безбедносната ситуација во регионот, во светло на изјавите на албанските лидери за можноста унија помеѓу Албанија и Косово.

Николиќ и Вучиќ разговараа и за тоа кој ќе го замени Вучиќ на местото шеф на безбедносните сили.

Претседателот во заминување изрази желба неговата последна посета како претседател на Србија да биде во Република Српска, заедно со Вучиќ.


Спасовски и официјално си замина од МВР, нов министер е Агим Нухиу


Скопје, 29 декември, 2016 - 13:34 (META) 

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, и официјално повеќе не е министер за внатрешни работи, откако претпладнево, како што потврдија за „Мета“ од МВР, му ја предал министерската функција на Агим Нухиу, кој досега беше заменик-министер во МВР.

Со ова Нухиу, кој е кадар на ДУИ, е првиот Албанец што доаѓа на позицијата министер за внатрешни работи.

Со објавувањето на конечните резултати од изборите од страна на Државната изборна комисија (ДИК), им заврши мандадот на министрите и на дополнителните заменици-министри во министерствата за внатрешни работи (Оливер Андонов), труд и социјална политика (Диме Спасов), земјоделство, шумарство и водостпанство (Љупчо Николовски), финансии (Кире Наумов) и за администрација и информатичко општество (Александар Кирацовски), во согласност со Договорот од 20 јули.

„Заради организирање на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата, со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон“, стои во став 1 од членот 1 од измените на Законот за Влада, донесен на 28 јули годинава, врз основа на Договорот од Пржино и на Договорот од 20 јули.

Засега нема официјална потврда дали било извршено примопредавање на министерската функција во Министерството за труд и социјална политика, но од денеска на официјалната интернет-страница на министерството во категоријата министер ја нема фотографијата и биографијата на техничката министерка Фросина Ташевска-Ременски. Инаку, на нејзино место, по прогласувањето на конечните резултати од изборите, доаѓа досегашниот заменик-министер во МТСП, Ибрахим Ибрахими.

Нухиу и Ибрахими со МВР, односно со Министерството за труд и социјална политика ќе раководат до изборот на новата Влада.

Оливер Спасовски и Фросина Ташесвка-Ременски на предвремените парламентарни избори освоија пратенички мандати, кои треба да им бидат верификувани утре, за кога е закажана конститутивната седница на Собранието.


Спасовски ја презеде полициската фотелја од Чавков


Скопје, 11 ноември, 2015 - 16:42 (META) 

Денеска во Министерството за внатрешни работи било извршено примопредавањето на должноста министер за внатрешни работи, соопштија попладнево од МВР.

„Новиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го презеде кабинетот од претходниот министер, Митко Чавков“, стои во соопштението.

Спасовски денеска со мнозинство гласови во Собранието беше избран за министер за внатрешни работи.


Јанкулоска и Котевски го чекаат Чавков на кафе


Скопје, 13 мај, 2015 - 13:58 (META) 

Ќе има ли официјална церемонија како своевиден протокол за примопредавање на функцијата меѓу досегашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и нејзиниот наследник, Митко Чавков, од МВР не можат со сигурност да потврдат.

Помошникот-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, за „Мета“ вели дека „се чека да заврши гласањето за предлог-министер за внатрешни работи во Собранието“, по што ќе се знаат деталите за примопредавањето.

Традиционалното кафе во опуштена атмосфера, како дел од неформалниот примопредавачки протокол, според Котевски, и да го има, нема да биде со толкава помпа, бидејќи извесниот нов министер Митко Чавков доаѓа од, до вчера, актуелната раководна гарнитура на МВР.

– Станува збор за човек однатре, кој и вчера и завчера и денови претходно пиел кафе со министерката – вели тој.

Инаку, Котевски, кој, исто така, беше многу експониран во прислушуваните разговори, вели дека за негова оставка не може да стане збор затоа што тој не избран функционер, туку е вработен во МВР.

Неговото понатамошно ангажирање, сепак, ќе зависи од новиот шеф на полицијата.