!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Крадци оперираат во завеани возила на патот Битола – Прилеп


Битола, 9 јануари, 2017 - 13:02 (META) 

Крадци удрија по завеани и оставени возила на патиштата во Битолско. Неколку автомобили кои поради мали сообраќајни несреќи, лизгање или завеани од снегот биле оставени на патот Битола – Прилеп, во текот на ноќта биле мета на крадци кои ги оставиле без делови и опрема. Крадците ваделе гуми, бандажи, радија и дополнителна опрема.

Возачи кои утрово патуваа за Прилеп сведочат дека неколку возила кои биле покрај автопатот биле без гуми, со скршени стакла и ветробрани.

Портпаролот на битолската полиција, Сања Стаматова, вели дека досега немаат пријави од сопствениците за кражби во вакви случаи, но дека полицијата фатила крадец на автопатот Битола – Прилеп кој сакал да ограби еден автомобилот.

– Полицијата фати крадец додека од возило кое било оставено на автопатот по сообраќајна незгода, сакал да ги украде гумите и бандажите – вели Стаматова.


Прилепчанец пронајден мртов на Божиќ


Прилеп, 8 јануари, 2017 - 11:54 (META) 

Во објектот на поранешно инфективно одделение на болницата во Прилеп, вчера е пронајдено починато лице, соопшти полицијата.

Смртта била констатирана од страна на лекар од итната медицинска помош, а увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа на прилепската полиција. Констатирано е дека најверојатно се работи за лицето П.М. (26) од Прилеп.

По наредба на јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција.


Жбогар: Очекуваме новата влада да спроведе сериозни реформи


Прилеп, 21 ноември, 2016 - 16:40 (META) 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска во Прилеп изрази надеж дека претстојните избори, кои, како што рече, се многу значајни за земјата, ќе бидат спроведени на фер и веродостоен начин.

– Очекуваме добри избори и очекуваме новата влада да може сериозно да се ангажира во испорачување сериозни реформи. Очекуваме дека веднаш по изборите ќе се креира внатрешен моментум, но и моментум со ЕУ за да може заедно да го креираме европскиот пат – рече Жбогар, кој денеска со британскиот амбасадор Чарл Гарет беше во посета на Прилеп.

Тој рече дека изборите претставуваат можност земјата да ги стабилизира внатрешните односи и односите со Европската Унија.


Еден загинат во сообраќајка во Прилеп


Прилеп, 31 јули, 2016 - 13:30 (META) 

Едно лице почина во сообраќајна несреќа која нешто по полноќ се случила на прилепската улица Иво Лола Рибар.

Како што соопштија од МВР, сообраќајната незгода се случила помеѓу мотоцикл управуван од Д.Д. (25) од Прилеп и автобус со прилепски регистарски ознаки, управуван од А.Б. (31) и сопственост на приватно претпријатие од Прилеп.

Во незгодата, тешки телесни повреди добил возачот на мотоциклот, кој бил пренесен во медицински центар Прилеп, каде им подлегнал на повредите. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица во Прилеп.


Пиштол и накит украдени од куќа во Прилеп


Прилеп, 31 јули, 2016 - 12:58 (META) 

Непознат сторител синоќа, во периодот од 20.10 часот до 22.20 часот, ограбил куќа на прилепската улица Илија Компаниовски, сопственост на Б.Ј.

Крадецот влегол насилно во куќата и одзел разновиден златен накит и пиштол со калибар 7,65 милиметри.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на полициската станица во Прилеп и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


Tешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп – Битола


Прилеп, 28 јуни, 2016 - 18:08 (META) 

Едно лице загина, а уште едно е повредено во тешка сообраќајна несреќа при судир на возило марка „пасат“ и мотоцикл, на патниот правец Прилеп – Битола, кај селото Лагово.

СВР Битола соопшти дека во несреќата загинала жена на возраст од 66 години, додека повредениот маж е префрлен во Градската болница во Прилеп.

Загинатата била сопатничка на мотоциклистот, кој е хоспитализиран.

На местото на несреќата, која се случила околу 16 часот, во тек е увидот на полицијата и на јавен обвинител.


Градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ во одбрана на Владимир Талески


Битола, 18 јуни, 2016 - 13:50 (META) 

Градоначалниците на Охрид, Прилеп, Босилево, Кривогаштани, Ресен и на Новаци денеска застанаа во одбрана на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е осомничен во случајот „Транспортер“ за малверзации со превозот на ученици во Битола.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, тврди дека Талески е чесен и искрен градоначалник и, пред сè, многу добар човек, кој не би ги прекршил законите на Република Македонија.

– Верувам дека низ една регуларна судска постапка или правна процедура тој ќе го докаже тоа – рече Бакрачески, додавајќи дека има верба во правосудниот систем на РМ и во судските органи.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, е убеден и уверен во чесноста на постапките на Талески, додавајќи дека тој важи за еден од најуспешните градоначалници во Македонија.

– Господинот Талески пожртвувано три мандати се бори за развојот на Битола, на Пелагонискиот Регион, за промоција на Битола и на Македонија. Ова значи комплетно дискредитирање, обид за дискредитирање на господинот Талески и на локалната самоуправа во заложбите за попросперитетен развој на Битола и на Република Македонија – рече Ристески.

Според градоначалникот на Босилево, Љупчо Колев, Закон за јавни набавки е донесен под сугестии и директиви на Европската Унија, градоначалникот нема големо влијание врз набавките на стоки и на услуги во општините, а за она за што се товари Талески времето ќе покаже дека било во согласност со сите законски прописи.

Градоначалник на општина Кривогаштани, Тони Затковски, исто така, рече дека е убеден во чесноста на битолскиот градоначалник и додаде дека сите политички хајки што се одвиваат во овој период во Македонија се деструктивни.

– Со таквиот начин на дејствување, доаѓа секој во Македонија да претставува некој експерт, носи правда на своја рака и сметам дека треба да ги оставиме сите судски институции да си ја реализираат својата работа, а не да подлегнуваат под тие притисоци – рече Затковски.

Градоначалниците на општините Ресен и Новаци, Ѓоко Стрезовски и Лазар Котевски, денеска на прес-конференција оценија дека судството потклекнало под притисоците на СДСМ и на Зоран Заев.

– Македонскиот народ не го одобрува ова. Владимир Талески е чесен и искрен градоначалник. Тој беше и претседател на Советот на Пелагонискиот Регион и успешно ги спроведуваше програмите за развој на регионот. Не го оправдуваме ова насилство на СДСМ и на Зоран Заев. Талески не заслужува третман каков што го има во моментот – рече градоначалникот Котевски.


Парични казни за поддржувачи на „Шарена револуција“ од Прилеп


Прилеп, 18 јуни, 2016 - 13:16 (META) 

Четворица поддржувачи на „Шарената револуција“ од Прилеп деновиве добиле записници за констатиран прекршок и платни налози со кои, во согласност со Законот за јавна чистота, се казнети со 50 евра во денарска противвредност, јавува порталот „Револуционер“.

Во записникот, доставен од МВР, се наведува дека комуналниот инспектор при локалната самоуправа на Општина Прилеп констатирал дека лицата сториле прекршок според чл.19, ст.1 од Законот за јавна чистота.


Запален автомобилот на директорот на затворот во Прилеп


Скопје, 12 мај, 2016 - 13:28 (META) 

Синоќа, засега непознати сторители се обиделе да го запалат автомобилот „дачија логан“ на директорот на затворот во Прилеп.

Возилото, инаку, е сопственост на затворот.

Кога видел дека возилото гори, директорот успеал да го изгасне пожарот, а од пламенот се оштетени хаубата и левата гума.


Прилеп: Дом за стари лица како дом за казненици


Прилеп, 21 декември, 2015 - 11:11 (META) 

Замрзнатата и блокирана сметка ги остави без греење, без доволно храна и грижа 128 станари во Домот за стари лица во Прилеп.

На штитениците, кои и самите плаќаат за услугите, им се закануваат извршни решенија за наплата на долгови.

Анализите покажуваат дека, всушност, Домот за стари лица и последните две години трошел многу повеќе отколку што приходувал, а при тоа бројот на лица ангажирани и од самофинансирачки активности останал ист!

Штитениците, семејствата и граѓаните не знаат каде исчезнуваат народните пари што се влеваат на сметката на домот?