Интересот на граѓаните за да се приклучат на парно-греење се зголемил за 50 отсто


Скопје, 13 септември, 2018 - 12:38 (META) 

Пред стартот на грејната сезона, се поголем е интересот кај правните лица и домаќинствата во Скопје за бесплатно приклучување кон системот за централно греење, информираат од „БЕГ Снабдување“.

„Од почетокот на акцијата, во август годинава, до денеска пристигнати се вкупно 270 барања за приклучок. Споредено со истиот период лани, интересот за приклучување кон системот за централно греење е зголемен за над 50 отсто. Трендот за повторно приклучување се должи на високиот комфор што го добиваат потрошувачите, за најдобра цена, согласно сите еколошки стандарди. Како резултат на континуираната модернизација на системот за централно греење, квалитетот на услугата е значително подобрена. Повеќегодишното подобрување на квалитетот на услугата и намалувањето на цената, која во периодот од 2013 до 2018 година вкупно се намали од 33 до 66 проценти, во зависност од категоријата на потрошувачи, очекувано го зголеми интересот кај потрошувачите за приклучување“, се вели во соопштението на компанијата.

Акцијата за бесплатен приклучок трае до 15 септември 2018 година. Од 16 до 30 септември корисниците ќе плаќаат 50 отсто од предвидените трошоци за оваа услуга, а од 1 октомври приклучувањето ќе се наплаќа во целост, согласно важечкиот ценовник.


Продолжува акцијата за бесплатно приклучување на парно до крајот на месецов


Скопје, 3 октомври, 2016 - 17:05 (META) 

Компанијата за снабдување со топлинска енергија „Балкан eнерџи груп“ ја продолжи акцијата за бесплатно приклучување до крајот на месецов.

Освен за домаќинствата, акцијата за бесплатно приклучување во системот за греење се продолжува и за правните лица.

Во рамките на досегашната акција за бесплатно приклучување во системот за толинска енергија приклучени се околу 700 потрошувачи, а се јавиле 900 потрошувачи.

Од компанијата најавија дека поради пад на температурата, грејната сезона може да почне и пред 15 октомври.


Кучи: Македонија да биде приклучена на регионалната гасна мрежа


Софија, 9 јуни, 2016 - 14:32 (META) 

Секој можен приклучок на државата на гасната инфраструктура значи подобрување на стандардот на граѓаните, имајќи предвид дека гасот е најевтин енергент.

Oвa го истакна министерот за економија, Дритон Кучи, на 14. Годишна конференција за гасно поврзување, која се одржува во Софија.

– За обезбедување на предвидените количества природен гас во наредниот период, во тек се активности за доизградба на постојниот гасоводен систем во Македонија, неговата поврзаност со регионалните системи за гасоводот, како и отворање на преговорите за обезбедување на дополнителни количества на природен гас – изјави Кучи.

Тој истакна дека Македонија, во насока на унапредување на регионалната соработа, даде политичка поддршка и се вклучи во активностите во врска со гасоводниот проект „Тесла“, кој почнува од турската граница, има двонасочен тек на природниот гас и има цел да носи гас од правецот југ – север и север – југ, односно ќе носи природен гас од Каспискиот Регион и течен природен гас од Америка, Алжир и од Блискиот Исток, а во другата насока природен гас од Црното Море.