!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Четири луѓе вчера биле пријавени за исчезнати


Скопје, 10 август, 2017 - 15:31 (META) 

Во текот на вчерашниот ден, во полиција четири лица биле прогласени за исчезнати. Како што се дознава од полицискиот билтен, исчезнатите се од скопското село Црешево, Тетово, кавадаречкото село Сопот и од Скопје.

Б.П. (73) од скопското село Црешево во полициската станица Гази Баба вчера пријавил дека во петокот од дома излегол неговиот 35-годишен син С.П. и оттогаш не се вратил.

Во полициската станица во Тетово, С.Р. (74) од Тетово пријавил дека во четвртокот од дома излегла неговата сопруга М.Р. (50) и се упатила на пазарот во Тетово, но оттогаш не се вратила и не била достапна на мобилниот телефон.

К.Н. (38) од тиквешкото село Сопот во полициската станица во Кавадарци пријавил дека завчера неговиот брат С.Н.(36) излегол од дома и рекол дека со автобус ќе оди во Кавадарци, но не се вратил.

Последниот случај на исчезнување е во Скопје, а се трага по 28-годишната Р.А. Како што во полициската станица Чаир кажал нејзиниот 50-годишен татко, таа излегла од дома завчера претпладне и не се вратила.

МВР информира дека по сите исчезнати се трага.


Секој втор работник е пријавен на плата пониска од таа што реално ја добива


Скопје, 26 октомври, 2016 - 10:22 (META) 

Речиси секој втор работник е пријавен на плата која е пониска од таа што реално ја добива, односно на секој втор работник му се исплаќаат придонеси за здравствено и за социјално осигурување на плата која е пониска од реалната.

Ова го покажала анкетата спроведена од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП), во текот на мај и на јуни годинава.

– Еден од десет работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавец, со што, покрај социјалните придонеси, се избегнува и плаќањето данок на приход. Последиците можат да бидат слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, необјективна процена на големината на домашниот бруто-производ, нереален број на невработени, односно вработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што претставува предизвик и за фискалната политика на државата – се вели во истражувањето на ЦИКП.

Оттаму велат дека одговорноста за нецелосното исплаќање придонеси најмногу лежи кај работодавците, но дел од вината носат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови.

– Резултатите покажуваат дека околу 22,1 отсто од испитаниците би прифатиле да работат непријавени доколку поради тоа би примале повисока плата. Покрај тоа, фактот дека 62,7 проценти од испитаниците (во споредба со 56,4 проценти во 2014 година) изјавуваат дека задолжителното здравствено и социјално осигурување не им обезбедуваат доволно чувство на сигурност, може да се смета за дополнителна причина за прифаќањето на непријавена работа – се додава во истражувањето.

Целта на оваа анкета била да се утврдат различните форми на скриени економски активности денес и да се споредат со резултатите од истата анкета направена во октомври 2014 година.


Досега пријавени 540 граѓани од дијаспората за гласање на изборите


Скопје, 24 октомври, 2016 - 15:17 (META) 

До денеска, до 14 часот, во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, за гласање на претстојните предвремени парламентарни избори се пријавиле 540 граѓани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство.

Како што информираат од ДИК, од пријавите 217 биле прифатени, 19 се одбиени, додека 340 се во фаза на обработка.

„ДИК ги повикува сите граѓани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, да се пријават за гласање за претстојните предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија. Пријавувањето може да се врши преку електронската апликација поставена на веб-страницата на комисијата“, соопштуваат од ДИК.


МВР ги сумираше штетите од серијата земјотреси


Скопје, 14 септември, 2016 - 14:21 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска излезе со збирна информација за штетите што ги предзвикаа серијата земјотреси што го погодија Скопје на 11 септември, од кои најсилниот беше со магнитуда од 5,3 степени според Рохтеровата скала, пријавени во Единицата за команда и известување во СВР Скопје.

Според податоците на МВР, земјотресот предзвикал штети во станбени објекти, пукање на цевки од парно греење, оштетени се покриви и поплавени се простории во повеќе општини во Скопје.

  • Општина Центар – паднати кабли од бандера врз куќа, пуканти цевки од топловодната мрежа и поплавени простории во Македонската радиотелевизија (МРТ), прекин на електрична енергија во Полициската станица Центар, оштетени две возила;
  • Бит-пазар (општина Чаир) – оштетени два автомобили, пукнати sидови и тавани во куќа, оштетен покрив и таван од куќа;
  • Драчево (општина Кисела Вода) – целосно урнат покрив од куќа;
  •  Чаир – пожар во куќа;
  • Аеродром – поплавени простории од пукнати цевки за парно греење во три стана;
  • Кисела Вода – за време на земјотресот, од покрив паднале неколку керамиди и повредиле жена. Кај неа биле констатирани телесни повреди на главата, рамото и на ногата, и по укажаната лекарска помош во градската општа болница „Св. Наум Охридски“ била пуштена на домашно лекување.

Од земјотресите, според МВР, оштетувања имало и во објекти на СВР Скопје.

„Утврдено е дека има оштетувања на службени простории кои се во состав на СВР Скопје, односно на полициската станица од општа надлежност Бит-пазар, полициската станица за безбедност во патниот сообраќај (Пролет), полициската станица Карпош, полицискиот оддел Арачиново, објектот каде се сместени комисиите на одделението за увиди за сообраќајни незгоди и на едницата „Алфа“ и просториите во МРТ, каде е сместена Единицата за криминалистичко разузнавање и аналитика“, информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека за констатираните оштетувања се подготвуваат службени белешки и ќе бидат пријавени на телефонскиот број 195.

„Не е побарано дополнително или засилено присуство на полицијата на терен, со исклучок на превентивно обезбедување (со редовна смена) на влезовите од медицинските установи, ургентни центри, за непречено донесување на евентуално повредени лица“, велат од МВР.


ДИК едногласно го усвои извештајот за пријавените спорни гласачи


Скопје, 23 август, 2016 - 18:55 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) денеска едногласно го усвои извештајот за пријавените гласачи со спорни записи и заклучи дека во периодот за пријавување, односно од 26 јули до 19 август, пристигнале 8.922 пријави, од кои 3.620 пријави биле лично доставени до Комисијата, а 5.302 се поднесени преку веб-апликација.

Од ДИК соопштија дека само 21 пријава биле одбиени, од кои една поради нечитлив документ, девет поради несовпаѓање на документ, девет поради неважечки личен документ и две поради некомплетен личен документ.

Според извештајот на ДИК, вкупно 30.467 лица не поднеле пријава за решавање на своето избирачко право. Лицата што не се пријавиле во законскиот рок од 25 дена, ќе имаат дополнителна можност да се пријават до ДИК кога ќе се врпи јавниот увид пред предвремените парламентарни избори.


Во ДИК до денеска се пријавиле 6.984 спорни гласачи


Скопје, 18 август, 2016 - 14:15 (META) 

Вкупно 6.984 граѓани, чии записи во избирачкиот список, по спроведени вкрстени и теренски проверки, се спорни, до денеска напладне се пријавиле во Државната изборни комисија (ДИК), соопштија од таму.

Од нив, 3.015 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии, како и во дополнителните канцеларии на ДИК, додека 3.969 за пријавување ја искористиле веб-апликацијата на интернет-страницата на Државната изборна комисија.

Најмногу граѓани со спорни записи во избирачкиот список се пријавиле во општините Чаир, Тетово, Сарај и Куманово.


Во ДИК до денеска се пријавиле 6.181 спорни гласачи


Скопје, 17 август, 2016 - 13:40 (META) 

Вкупно 6.181 граѓани, чии записи во избирачкиот список, по спроведени вкрстени и теренски проверки, се спорни, до денеска напладне се пријавиле во Државната изборни комисија (ДИК), соопштија од таму.

Од нив, 2.743 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии, како и во дополнителните канцеларии на ДИК, додека 3.438 за пријавување ја искористиле веб-апликацијата на интернет-страницата на Државната изборна комисија.

Најмногу граѓани со спорни записи во избирачкиот список се пријавиле во општините Чаир, Тетово, Сарај и Куманово.


Во ДИК до денеска се пријавиле 5.022 спорни гласачи


Скопје, 15 август, 2016 - 12:27 (META) 

Вкупно 5.022 граѓани, чии записи во избирачкиот список, по спроведени вкрстени и теренски проверки, се спорни, до денеска напладне се пријавиле во Државната изборни комисија (ДИК), соопштија оттаму.

Од нив, 2.236 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии, како и во дополнителните канцеларии на ДИК, додека 2.786 за пријавување ја искористиле веб-апликацијата на интернет-страницата на Државната изборна комисија.

Најмногу граѓани со спорни записи во избирачкиот список се пријавиле во општините Чаир, Тетово, Сарај и Куманово.


Вчера регистрирани над 60 пријави за поплавени куќи, ниви и возила


Скопје, 11 август, 2016 - 13:25 (META) 

Вчера по барање на Единицата за информации и команда (ЕИК) на Секторот за внатрешни работи Скопје било извршено фотографирање на 69 моторни возила на подрачјето на Гази Баба кои биле оштетени во поплавите, инфомираат од МВР.

„На 10.08.2016 година во Единица за информации и команда на подрачје на СВР Скопје регистрирани се над 60 пријави од граѓани кои пријавиле поплавени простории, површини, возила и ниви како и штети предизвикани од невремето“, велат од МВР.

Според МВР, продожува и преземањето на мерки и активности, со обезбедува просторот и се регулира сообраќајот и во Тетовско, на патот од селото Шипковица кон селото Бродец, кој исто така беше погоден и настрада во невремето во саботата.


Пронајдено тело на 12-годишно дете, а се трага по исчезнато 16-месечно девојче


Скопје, 9 август, 2016 - 10:18 (META) 

Расте бројот на загинати лица во големото невреме што во саботата доцна вечерта го погоди Скопје и околината. Вчеравечер, како што информираат од МВР за „Мета“, во населбата Ченто било пронајдено телото на 12-годишно момче, кое настрадало додека со неговиот дедо се движеле со трактор по обиколницата. Од МВР велат дека се трага и по 16-месечно девојче, кое вчера било пријавено за исчезнато.

Детето за исчезнато вчера околу 17 часот го пријавил таткото му. Според пријавата, момчето и неговиот дедо, кои се од селото Стајковци, во саботата околу 22 часот со трактор се движеле по обиколницата, кога на нив наишол голем воден бран, кој го превртел тракторот и го однел детето.

Неговиот дедо, успеал да се спаси, а мртвото тело на момченцето вчера околу 20.40 часот го нашол неговиот татко, во населбата Ченто, во близина на автобуската станица, последна 65-ка.

Вчера, околу 18 часот 18-годишниот Џ.Ф. пријавил дека во саботата вечерта додека со возило се движеле по обиколницата, што го управувал сега загинатиот Фуркан Фејзулаху, на нив наишол воден бран. Во возилото со нив била и 16-месечната ќерка на загинатиот Фејзулаху, на која и се губи секаква трага и надлежните трагаат по неа.

Како што информираат од МВР, по идентификувањето на 12-годишното дете, неговото тело по наредба на јавен обвинител било дадено на семејството за погреб. Обдукцијата на телото, според информациите, не била извршена.

Со последната регистрирана жртва досега бројот на загинати во невремето изнесува 22 лица, а по едно сè уште се трага.