!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Предлози за името очекувам догодина, сега не разговараме за суштински прашања


Скопје, 24 септември, 2017 - 14:07 (META) 

Во моментов градиме пријателски односи со Грција и ја зајакнуваме довербата помеѓу двете страни за да бидеме пријателски настроени за моментот кога ќе треба да се решава сериозниот проблем за името, одговори на новинарско прашање премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која ги сподели впечатоците од учеството на 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

За спорот во врска со името, премиерот исто така рече дека нема да навлегува во тоа што шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас ги брифирал грчките новинари, само додаде дека со него разговарале дека двете земји се настроени пријателски.

– Во моментов двете држави ги градат мерките на доверба кои можат да бидат од помош кога ќе дојде моментот да се разговара. Не се разговара за суштински прашања, сега не сум подготвен да разговарам за прашања поврзани со идентитетот. Грција ја посетиле еден милион наши државјани, навистина е вредно да се дадат напори за Македонија да исчекори кон евроатлантските интеграции – додаде Заев.

Во однос на промената на името на аеродромот „Александар Велики“, Заев рече дека „коментарите се отидени предалеку“ и дека во овој момент нема да се дозволат провокации од македонска страна.

– Треба да бидеме подготвени за решавање на проблемот, бидејќи тоа ќе значи автоматска покана за членство во НАТО и почеток на преговорите со Европска Унија – рече Заев.

Тој информираше дека идната пролет ЕУ ќе дискутира за давање шанси на земјите од Западен Балкан да ги почнат преговорите.

– Сакам идната пролет Македонија да биде една од земјите што ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Дотогаш или до средината на 2018 година логично е да се очекуваат нови идеи за името од посредникот Метју Нимиц – рече Заев.

Прашан за законот за употреба на јазиците, тој уште еднаш повтори дека тој е во согласност со Уставот и дека треба да се донесе поради практична потреба на граѓаните, без да се поаѓа од нечија суета или каприц.

На новинарско прашање дали СДСМ ќе поддржи кандидати за градоначалници од ДУИ кои можеби имаат криминално досие, Заев рече дека ќе го поддржат секој добар кандидат кој работи во интерес на граѓаните.

За посетата на Њујорк рече дека евроатлантските интеграции биле во фокусот на сите 30 средби кои ги остварил со светски и лидери на делегации, високи претставници на меѓународни организации, бизнисмени и со претставници на дијаспората.

Заев најави вклучување на дијаспората во подобрување на животот во државата преку финансиска поддршка и човечки ресурси.

– Генералното собрание на Обединетите нации беше одлична шанса за државата да учествува во глобалните дискусии за заеднички теми кои нè засегаат сите. Ги искажавме позициите на државата дека сме против употребата на нуклеарно оружје, дека сме за мирно решавање на конфликти и за заштита на животната средина – рече Заев и додаде дека пораката што ја носи оттаму е „остварливи евроатлантски перспективи и можен подобар живот за граѓаните“.


Заев – Радев: Македонија и Бугарија делат иста визија за регионот


Софија, 20 јуни, 2017 - 18:28 (META) 

„Република Македонија и Република Бугарија делат иста визија за регионот, интеграција во европските и во евроатлантските структури и среќен сум што постои свесност и одговорност од двете страни за постигнување напредок“, истакнал премиерот на Македонија, Зоран Заев, на средбата со бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија.

Заев, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата ја нагласил цврстата определба на Македонија, низ реформски процеси и развивање на добрососедските односи, да го осигури патот на земјата кон стратешките цели – членството во Европската Унија и во НАТО.

„Во таа насока очекувам поддршка од нашиот сосед Бугарија за европските перспективи на Македонија, по преземањето на претседателството со ЕУ во јануари 2018“, рекол Заев.

Претседателот на Бугарија на средбата констатирал дека развојот и напредокот на Македонија се важни за балканскиот регион и за Европската Унија и, како и бугарскиот премиер Бојко Борисов претходно, ја потврдил поддршката на Бугарија за членство на земјава во ЕУ и во НАТО.

Заев и Радев се согласиле дека преку „искрена и реална заемна почит и доверба и зрели политики на меѓусебна отвореност се отвора простор за соработка на политичко ниво, но и во други важни области за граѓаните на двете земји, што дополнително ќе ги зближи и ќе ги развива добрососедските односи“.

Македонскиот премиер на средбата соопштил дека земјава има интерес за отворање нови гранични премини со Бугарија, кои треба да ја олеснат комуникацијата меѓу луѓето од двете држави. Посочени биле и можности за инфраструктурно поврзување, во областа на трговската размена и во културата.

Заев по средбата со Радев го посетил Археолошкиот музеј на Бугарија. Претходно тој и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, заеднички се поклонија пред споменикот на цар Самоил во Софија.


Груевски – Иваниќ: Односите помеѓу двете земји се пријателски и со заемно разбирање


Скопје, 19 април, 2017 - 20:41 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска придружуван од партиските соработници Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, се сретнал со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

Двајцата соговорници позитивно ги оцениле односите помеѓу двете, земји кои се карактеризираат со заемно пријателство и со разбирање.

Груевски, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, го запознал својот соговорник со аспектите на политичката криза наметната од опозицијата и со позициите и со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на клучните прашања и начините за надминување на предизвиците.

Разговарајќи за можните решенија, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, тие ја повториле оценката дека единствениот начин за излез од политичката криза и за постигнување стабилност е спроведување на брзи парламентарни избори, заедно со редовните локални избори, каде граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат „за тиранската платформа која ја прифати СДС“.


Иванов до Трамп: Високо ги почитуваме Вашите ставови и надворешно-политички цели


Скопје, 21 јануари, 2017 - 14:40 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска упати честитка до Доналд Трамп по повод стапувањето на должност претседател на Соединетите Американски Држави. Иванов во честитката изразува уверување дека лидерството на Трамп, освен за САД, е значајно и на глобален план, како и дека претставува надеж за интензивирање, продлабочување и за зацврстување на статешкото партнерство и пријателство меѓу Македонија и САД.

„Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да искажам надеж дека со заемен ангажман ќе дадеме личен придонес за интензивирање, продлабочување и за зацврстување на стратегиското партнерство и пријателство меѓу Република Македонија и Соединентите Американски Држави, за што потврдувам дека постои особен интерес и подготвеност од Република Македонија. Длабоко сум уверен дека со Вашето лидерство Соединетите Американски Држави ќе продолжат по патот на прогресот. Но, верувам дека Вашето лидерство e значајно и на глобален план, особено сега, кога светот се соочува со бројни предизвици и кога повеќе од кога било е неопходно единство, заемно почитување и искрена соработка. Високо ги почитуваме Вашите ставови и надворешно-политички цели. Глобалниот поредок има потреба од зајакнување на пријателството меѓу државите, без наметнување на интересите и со почитување на правото на избор на нациите во светот. Сакам да знаете дека во Република Македонија и во мене имате искрен пријател и поддржувач“, стои во честитката на Иванов до новиот американски претседател.