Пензионерите кои имаат приходи само од ПИОМ, не треба да се регистрираат во УЈП


Скопје, 22 ноември, 2018 - 14:14 (META) 

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска информираше дека 300.000 граѓани се регистрирале преку системот е-регистрација, но и дека обврската за пензионерите се одложува до 2024 година, доколку нивните приходи се само од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Со новиот закон за личен доход се предвидува, во наредните седум години да се одложи обврската за доставување на годишна даночна пријава од страна на УЈП, до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018 до 2024 година пензионерите кои не оствариле друг приход освен пензија се ослободени од било каква обврска кон УЈП“, рече Лукаревска.

Таа очекува, до крајот на годината граѓаните без поголеми проблеми да ја завршат обврската со регистрација, иако остануваат уште 600.000 да се регистрираат.

За таа намена, како што кажа, се поставуваат мобилни даночни шалтери на УЈП по општините, а мобилни екипи на Управата ги посетуваат домовите на изнемоштените лица кои не се во состојба сами да се регистрираат и да го однесат документот.

Во Скопје за регистрација се достапни сите шалтери во Регионалната дирекција кои работат и после 16.30 часот, како и во сабота, има и даночни канцеларии во Аеродром, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров, а се очекува да се отворат и во другите скопски општини.


Новиот буџет е планиран на 3,7 милијарди евра, дефицитот на 2,5 проценти од БДП


Скопје, 12 ноември, 2018 - 14:44 (META) 

Предлог-буџетот за 2019 година тежи 3,7 милијарди евра, а главните контури на овој значаен документ денеска беа презентирани на јавна дискусија со синдикатите, коморите и невладиниот сектор во Министерство за финансии, пред тој да влезе во владина процедура неделава.

Буџетот за 2018 година изнесуваше 3,4 милијарди евра.

Вкупните приходи во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, (3,4 милијарди евра), а порастот 3,2 проценти на домашниот бруто-производ (БДП).

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека економскиот пораст ќе го придвижат солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и порастот на инвестициите.

Со буџетот за 2019 година се предвидува намалување на буџетскиот дефицит, кој за следната година е проектиран на 2,5 проценти од домашниот бруто-производ (БДП).

„Со постепено намалување на буџетскиот дефицит, се води дисциплинирана буџетска политика, што пак ќе придонесе за стабилизација на државниот и јавниот долг на среден рок“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Во предлoг-буџетот за 2019 година предвидена е реформа во Фондот за пензиско осигурување, односно намалување на вкупниот трансфер. Па така, ако тој трансфер годинава изнесувал 29,3 милијарди денари, за следната година се предвидува 28,1 милијарди денари од буџетот за ПИОМ.

Нови 10 проценти повисоки плати се предвидени за лекарите специјалисти од јануари 2019 година, а нови пет проценти повисоки плати од септември 2019 година за сите вработени во јавното здравство. Пораст на платите од пет проценти се предвдидени и за просветните работници,  вработените во градинките и за јавната администрација, која како што рече Тевдовски, треба да се реформира до септември 2019 година и ќе биде клучен носител на преговорите за пристапување кон ЕУ и НАТО.

Поради интензивирање на процесот за зачленување во НАТО, зголемен е буџетот и за Министерство за одбрана на 7,8 милијарди денари, со што ќе има и нови пет проценти пораст на платите за сите вработени во одбраната од септември 2019 година.

За земјоделски субвенции и рурален развој се предвидени 8,5 милијарди денари, што е пораст за 11 проценти во споредба со 2017 година.

За капиталните инвестици, кои секоја година се кратат со ребаланс, предвидени се 25,7 милијарди денари. За поголема искористеност на овие средства, Тевдовски рече дека се прави поголем притисок кон ресорните министерства.

„Проектната документација која беше кочничар на големиот број проекти и беше проблем е готова, и затоа очекуваме интензивирање на капиталните инвестиции“, потенцираше Тевдовски.

Согласно фискалната стратегија, јавниот долг за 2019 година ќе изнесува 54,2 проценти и ќе се финансира од домашниот и странскиот пазар на хартии од вредност, но не е планирано издавање на нова еврообврзница.

Се очекува, стапката на инфлација да е ниска и стабилна, а стапката на невработеност да се намали на околу 20 проценти.


Секое трето државно претпријатие лани ја завршило со загуба


Скопје, 13 јули, 2018 - 10:44 (META) 

Анализата на финансиските резултати на компаниите во државна сопственост што ја изработи Центарот за граѓански комуникации според податоците за 2017 година, преземени од Централниот регистар, покажува дека профит оствариле 86 државни фирми, додека загуба имало кај 36 државни претпријатија. Тоа значи дека секое трето државно претпријатие лани ја завршило со загуба.

Профитот изнесува 141 милиони евра додека загубите 30 милиони евра. Нето-ефектот е позитивен и изнесува 111 милиони евра.

„Компаниите во државна сопственост во текот на 2017 година инкасирале вкупно 791,4 милиони евра приходи од работењето, што е за 6,2 проценти повеќе во споредба со годината претходно, покажуваат податоците за вкупно 118 фирми од јавниот сектор анализирани во оваа база на податоци. Од нив, 66 работеле подобро од претходната година, односно ги зголемиле приходите, додека пак, 52 државни фирми ги намалиле приходите. Во исто време, овие 118 државни фирми направиле расходи во вредност од 686,6 милиони евра што е намалување за 3,8 отсто на годишно ниво“, се вели во истражувањето.

ЈП за државни патишта своите финансиски приходи за 2017 година ги зголемило за 78 пати поради позитивните курсни разлики од кинескиот кредит за изградба на автопатите. Инаку, приходите од редовното работење му се зголемиле за само 2,3 отсто. Во сите државни фирми на крајот од 2017 година работеле 27.981 луѓе, што е намалување на бројот на вработени за околу два проценти во споредба со 2016 година.

На врвот на ранг-листата на државни претпријатија според големината на приходите што ги оствариле во 2017 година веќе неколку години по ред е АД ЕЛЕМ со приходи од речиси 219 милиони евра, но во споредба со 2016 година тие се намалени за 3,4 проценти.

Второ според висината на приходите е рангирано ЈП за државни патишта со инкасирани 146,3 милиони евра, што е за 41,6 отсто  повеќе отколку во 2016 година.


Експерти од Светска банка прават анализи ќе понудат различни модели на оданочување


Скопје, 11 април, 2018 - 13:00 (META) 

Светска банка смета дека Владата оди во добра насока со заложбите за воведување на прогресивен данок, имајќи ги предвид податоците за приходната страна на буџетот.

При презентацијата на редовниот економски извештај за Западен Балкан, на новинарско прашање, дали Светска банка смета дека прагот од 1.000 евра за воведување на прогресивен данок е добар,  директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели, рече дека тој праг детално треба да се разгледа.

– Министерство за финанасии оди во правилна насока, имајќи ги предвид податоците за приходите денес, но прагот треба дополнително да се разгледа – изјави Мантованели.

Тој додаде дека вкупните приходи се со низок процент на учество во домашниот бруто-производ (БДП).

– Рамниот данок има предности и неповолности, и е поголемо оптоварување за сиромашните – додаде Мантованели.

Според Светска банка, резултатот од рамниот данок врз македонската економија е константно намалување на приходите и поради тоа сме таму каде што сме.

Во 2016 и 2017 година имало намалување на приходната страна, а исклучок бил данокот на добивка на данокот на капитал.

– Има можност за зглемување на оданочувањето на капиталот, данок кој би бил таргетиран, а не да се однесува на општата популација – изјави економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов.

Во однос на даночните реформи во државата, од Светска банка велат дека тим од експерти од Вашингтон ја разгледуваат даночната политика и ќе понудат различни модели, како и објаснување и како ќе влијаат врз различни групи даночни обврзници.

Студијата наскоро ќе биде објавена од Светска банка и ќе биде презентирана пред јавноста.


ММФ: Инфраструктурата е пречка за побрз економски развој на земјите од Западен Балкан


Вашингтон, 8 февруари, 2018 - 20:29 (META) 

Анализата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажува дека, недостатокот на основна јавна инфраструктура на земјите од Западен Балкан е значителна пречка за побрз економски развој.

„Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија имаат недоволно развиена транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа во однос на просекот на Европска унија. Западен Балкан заостанува зад европскиот просек кога се работи и за поддржување на економскиот развој со адекватна инфраструктура“, се наведува во соопштението.

Како што се оценува, подобрата транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа ќе им помогне на земјите од Западен Балкан да ја подобрат продуктивноста, да остварат подобра интеграција во светската трговија и да го направат регионот атрактивен за странски инвестиции.

„Регионално координираните интензивни активности на унапредување на јавната инфраструктура, во комбинација со подобро управување со проектите, може да го зголеми приходот по глава на жител“, се вели во соопштението на ММФ.

Како пречка за зголемување на јавните инвестиции се наведува високото ниво на јавен долг и високиот буџетски дефицит во најголем број од земјите на Западен Балкан, но и слабото управување со јавните инвестиции.

Од ММФ оценуваат дека, земјите од Западен Балкан треба да вложат во модернизација на клучните сообраќајници, енергетската и телекомуникациската инфраструктура.


Околу 70.000 работници од 80 компании во Германија штрајкуваат за повисоки плати


Берлин, 1 февруари, 2018 - 12:22 (META) 

Околу 70.000 работници во Германија од 80 компании, помеѓу кои и „Фолксваген“, „Форд“, „МАН“ штрајкуваат, а до утре, бројката на компании во кои работниците ќе прекинат со работа ќе се зголеми на 260, јавуваат германските медиуми.

Синдикатот на работниците „ИГ метал“ бара зголемување на платите од осум проценти за 3,9 милиони работници во металскиот и инженерскиот сектор.

Штрајковите, компаниите би можеле да ги чинат 62 милиони евра загуба во приходите, дневно. Работодавачите понудија зголемување на платите од 6,8 проценти, но го одбија барањето за намалување на бројот на работни часови.


Хотелите да се пријават на повикот за да примаат работници со ниски приходи


Скопје, 5 септември, 2017 - 15:01 (META) 

Министерството за економија ги повикува заинтересираните хотели во Македонија да се пријават на јавниот повик за организиран одмор на работници со ниски приходи.

„Право на учество имаат сите категоризирани угостителски објекти за сместување. Тие треба да достават пополнет образец на барање за пријавување“, се вели во повикот на Министерство за економија.

Во него се додава дека по реализација на организираниот одмор, угостителските објекти се обврзуваат до Министерство за економија да достават копија од потврдата за користење на организиран одмор за работници со ниски приходи, заедно со фактура за наплата на средствата, најдоцна до 18 декември.

Основна цел на оваа мерка е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор во туристичките центри во Македонија и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.

Образецот на барањето за пријавување интерес за користење средства за организиран одмор може да се подигне во архивата на Министерството за економија или преку веб-страницата на министерството www.economy.gov.mk.


СДСМ: 3.000 стечајни работници ќе добиваат месечен надоместок од 7.596 денари


Скопје, 18 август, 2017 - 10:21 (META) 

Отстранети се сите пречки и наскоро ќе биде донесен законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како законот за стечајци, се вели во утринското соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека „со оваа мерка ќе се реши проблемот со статусот на стечајните работници и ќе се исправи долгогодишната неправда кон оваа категорија на граѓани.“

„Со законското решение ќе бидат опфатени околу 3.000 стечајни работници кои ќе добиваат месечен надоместок од 7.596 денари за што се обезбедени пари преку ребалансот на буџетот“, се додава во соопштението.


2,3 милиони евра од ЕУ за подобрување на услугите на општините


Скопје, 27 јули, 2017 - 15:19 (META) 

Европската Унија ќе ѝ помогне на Македонија со 2,3 милиони евра за проектот „Унапредување на општинското владеење“.

Проектот ќе се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и општините во текот на наредните 30 месеци.

„Европската Унија континуирано ѝ помага на земјата во процесот на градење на подобра иднина за граѓаните. Овој проект ќе им помогне на локалните власти да испорачуваат јавни услуги со повисок квалитет за граѓаните, со што ќе се придонесе за продобрување на животите на граѓаните“, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Преку проектот, општините треба да ги подобрат постојните услуги, но и да понудат нови во согласност со инклузивните планови за развој. Тие ќе треба да ги развијат своите капацитети за да обезбедат доволно приходи за испорака на сите потребни јавни услуги.

Проектот, исто така, ќе обезбеди финансирање на најмногу 30 општини во висина до 25.000 евра, за да помогне во утврдувањето на приоритетните потреби, а особено на потребите на ранливите групи.

– Сметаме дека со овој проект имаме одлична нова можност да ги поддржиме нашите локални и национални партнери – за општините да имаат доволно средства, капацитети и законски овластувања во исполнувањето на обврските кон граѓаните кои произлегуваат од процесот на децентрализација – изјави постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.


Тевдовски: Целта на ребалансот на буџетот е да се намалат непотребните трошоци


Скопје, 17 јули, 2017 - 13:20 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешната расправа за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека основнa цел на ребалансот e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

– Ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет. Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања. Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, за кои, ако се раскинат, државата ќе треба да плаќа пенали – изјави Тевдовски.

Тој додаде дека кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.

Вкупните приходи на буџетот се ревидирани за 1,5 процент надолу, односно за 2,87 милијарди денари.

– Ова ревидирање на проекциите кај приходната страна на буџетот е резултат на намалување на приходите на основниот буџет во согласност со реализацијата во изминатите шест месеци и со очекувањата до крајот на годината. На расходната страна на буџетот, сериозно намалување е направено на расходите наменети за стоки и за услуги, кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот. Од оваа ставка се направени кратења на сите непродуктивни трошоци на владата и на институциите наменети за патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирања – појасни Тевдовски.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година. Во согласност со тоа, потребата за финансирање изнесува 36,92 милијарди денари.

Тевдовски рече дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбедат преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и од депозитот пренесен од минатата година.

Инаку, денеска на Комисијата за финансирање и буџет почна расправата за ребалансот на буџетот. До Комисијата пристигнале 840 амандмани, од кои најмногу, 706, поднела ВМРО-ДПМНЕ, а другите 134 амандмани се од партии од албанскиот политички блок.